Александар Мартулков
| Александар Мартулков | |
|---|---|
| Мартулков во 1951 г. | |
| Пратеник во Народното собрание на Бугарија | |
| На должноста 20 август 1931 – 12 април 1933 | |
| Монарх | Борис III |
| Премиер | Александар Малинов Никола Мушанов |
| Пратеник во Президиумот на Народното Собрание на Македонија | |
| На должноста 15 април 1945 – 26 јуни 1946 | |
| Претседател | Методија Андонов - Ченто |
| Премиер | Лазар Колишевски |
| На должноста 1 јануари 1947 – 1952 | |
| Претседател | Благоја Фотев |
| Премиер | Лазар Колишевски |
| Член на Уставотворното собрание на Македонија | |
| На должноста 27 јуни 1946 – 31 декември 1946 | |
| Претседател | Димитар Несторов |
| Премиер | Лазар Колишевски |
| Лични податоци | |
| Роден(а) | Александар Ончев Мартулков 23 октомври 1878 Велес, Солунски Вилает, Отоманска Империја |
| Починал(а) | 19 декември 1962 (возр. 84) Софија, НР Бугарија |
| Родители | Пано Мартулков и Сава Мартулкова |
| Образование | Скопско педагошко училиште |
| Награди | Орден „За заслуга“ Илинденска споменица Орден на заслуги за народот |
| Дела | Моето учество во револуционерните борби на Македонија (други) |
| Потпис | |
| Прекар | Бизмарк |
Александар Ончев Мартулков,[белешка 1] познат по псевдонимот Бизмарк[1] (Велес, 23 октомври 1878 — Софија, 19 декември 1962) — македонски револуционер и политичар. Меѓу првите пропагатори на социјализмот во Македонија. Деец на Македонската револуционерна организација и учесник во Илинденското востание. Член и раководител на ВМРО (Обединета) во 1930-тите.
Роден во сиромашно работничко семејство, стекнал више образование во Скопското педагошко училиште. Во 1894 година се приклучил во социјалистичкото движење со поттик од Васил Главинов. Како член на Македонската социјалистичка група, учествувал во првото празнување на ден на трудот во Бугарија. Во 1900-тите соработувал со Велешкиот револуционерен реон и Иван Аљабакот. Во 1906 година се преселил во Софија каде се приклучил во Бугарската комунистичка партија. Учествувал во политичкото управување на Македонија по Младотурската револуција.
За време на Првата светска војна, го основал Комитетот на дезертери каде префрлил македонски борци од српската војска во Царството Бугарија. Во текот на војната бил секретар на Општина Оморани и подоцна чиновник во Косово и Метохија. По војната се приклучил во Емигрантскиот комунистички сојуз и Велешкото благотворително братство „Рајко Жинзифов“. Во 1931 година бил одбран за пратеник во народното собрание на Бугарија, заедно со Христо Трајков. Во 1932 година почнал со издавањето на весникот Македонско знаме, следната година доживеал неуспешен обид на атентат од Михајловистите. На 8 јули 1936 година, го осудиле Мартуков заедно со останатите членови на ЦК на ВМРО (Обединета).
Учествувал во Народноослободителната борба. Во 1944 година се приклучил во Президиумот на АСНОМ и подоцна во народното собрание на НР Македонија. Помогнал со спроведување на Илинденската пензија и подоцна доделување на Илинденската споменица. Во 1954 година ги објавил неговите спомени насловени Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Во текот на 1960-тите, Лазар Колишевски го изолирал Мартулков од секојдневните политички функции. Незадоволен со режимот, се преселил во Народна Република Бугарија каде починал.
Животопис
[уреди | уреди извор]Потекло и рани години (1894 — 1901)
[уреди | уреди извор]Александар Мартулков е роден на 23 октомври 1878 година во градот Велес, тогаш дел од Отоманското Царство. Потекнува од сиромашно работничко семејство.[2] Неговиот татко Пано (Онче) Мартулков бил воденичар и деец на македонското национално движење. Поради тоа во 1867 година бил прогонет во Дијарбекир. Неговата мајка Сава Мартулкова била работник. Неговиот постар брат Петар Мартулков учителствувал во Софија со неговата жена.
Во есента 1894 година Мартулков се запознал со Васил Главинов, кој го радикализирал со брошурата Студенство и социјализам од Никола Габровски.[3] Под наредба од Димитар Благоев,[4] Главинов основал социјалистичка група со седум члена, меѓу кои биле: Мартулков, Ризо Ризов и Илија Плавев.[5] Во 1895 година Мартулков се запишал во Велешката прогимназија. Следната година се приклучил во Македонската социјалистичка група. Таму се запознал со Атанас Раздолов, Димитар Мирасчиев, Андон Шулев и Стојан Попов.[6][7] За првото празнување на ден на трудот во Бугарија, групата обработиле знаме со геслото „Ослободувањето на Македонија е дело на Македонците — Македонија на Македонците“. Бугарската полиција го забраниле знамето но Мартулков тајно го однесол.[8] Во Борисовата градина, Андон Шулев говорел за главните цели на нивната организација.[9]
По настанот, Мартулков се вратил во неговиот мајчин град каде почнал да го шири социјализмот. Во 1898 година, се запишал во Скопското педагошко училиште, таму продолжил со неговата политичка агитација. Под влијание на Петар Манџуков, организирал штрајк против училиштето во мај 1899 година.[10] По настанот бил прогонет од сите училишта под делокруг на Бугарската егзархија.[11] Неколку месеци живеел со Васил Главинов на булевар „Марија Луиза“, Софија.[12] Во втората половина на 1899 година се вратил во Велес за да собере средства за весникот Политичка слобода.[13] Патувал низ југоисточна Македонија каде го спречил влијанието на Врховистите.[14] Ги употребил тајните патишта на Македонската револуционерна организација без нивно одобрување.[12][15] На 9 декември се вратил во Велес. Во 1900 година, за време на Велигден, Мартулков заедно со Никола Русински, Јордан Малезанов и Илија Раштанов го ограбиле Јован Весов за 160 турски лири.[16][17] По нападот, Русински се иселил во Куманово додека Мартулков бил затворен во Куршумли ан за пет месеци. Во меѓувреме, Јордан Малезанов избегал со парите во Софија.[18]
Учество во Илинденско востание и Младотурската револуција (1901 — 1912)
[уреди | уреди извор]
Во 1901 година се приклучил во Македонската револуционерна организација под наредба од Македонската социјалистичка група.[19] Како дел од Скопскиот револуционерен округ, помогнал со организирање на Илинденското востание во Кумановскиот револуционерен реон.[20] Ги обновил револуционерните мрежи со останатите региони. Собрал околу 650 турски лири од градските трговци. Со нив купил 60 пушки и 20 револвери.[20] За време на востанието, се обидол да се приклучи во четата на Никола Дечев. Но, под наредба од Задграничното претставништво, се сместил во Софија со Никола Пушкаров.[21] По востанието, Пушкаров му дадол наредба да изврши терористички напад во Скопје со цел да го привлече вниманието на Западна Европа. Преку Врање влегол во Вардарска Македонија но околиските аскери го уапсиле во Челопек. Лежел три месеци во затвор. Откако бил ослободен, Кирил Стојанов го известил дека терористичкиот напад бил откажан поради Мирцштешките реформи.[22]
Во пролетта 1904 година, влијанието на странските пропаганди во Македонија се засили. Јован Бабунски, Стефан Димитров,[23][24] Иван Наумов Аљабакот[25] и Глигор Соколовиќ се сместиле во градот.[26][25] Мартулков се приклучил во четата на Аљабакот и учествувал во борбата против чифлигарот Етим Мустафа во Јасеново.[27] Во 1905 година се вратил во Велес. Неколку месеци подоцна се преселил во Софија. По патот се запознал со Даме Груев во Кнежје.[28] Во Софија страдал од туберкулоза и неговиот состанар Александар Антонов се самоубил. Во 1906 година се приклучил во Бугарската комунистичка партија и ги поткрепил тесните социјалисти, предводени од Димитар Благоев. Во 1907 година се запознал со Георги Димитров при штрајк на железничките работници.[29] Истата година Мартулков се обидол да се врати во Вардарска Македонија преку Ќустендил со четата на Крсто Б'лгаријата, но по патот врховиститите ги нападнале.[30]
По Младотурската револуција, Мартулков бил амнестиран и се вратил во Велес. Заедно со прогресивната струја на ВМОРО учествувал во управувањето на Македонија. Во септември 1908 година, заедно со Васил Главинов, го основале просветното друштво Класно единство со 20 члена.[31][32] Истата година биле спроведени локални избори каде Ризо Ризов бил назначен за градоначалник на Велес а Мартулков за чиновник.[33] Во 1909 година Мартулков бил назначен за селски учител во Нежилово. Таму одржал говор каде ја критикувал Бугарската егзархија.[34] Истата година, околу Велигден, Абдул Хамид II организирал контра државен удар во Истанбул. Младотурците побарале помош од Јане Сандански и неговата чета. Мартулков учествувал во Цариградскиот поход.[35] По борбата, Димитар Мирасчиев го пречекал во Солун каде се запознал со Димитар Влахов. Во 1910 година бил меѓу делегатите во првата балканска социјалнодемократска конференција во Белград заедно со Душан Цекиќ. За претседател на седницата бил изгласан Васил Главинов. Околу 1911-1912 година военополитичките односи меѓу Балканскиот сојуз и Отоманското Царство се влошиле.[36]
Балканските војни и Првата светска војна (1912 — 1918)
[уреди | уреди извор]
Со почетокот на Првата балканска војна, српската војска влегла во Велес на 23 октомври.[38] Новата српска администрација, предводена од Давид Димитријевиќ, го назначиле Мартулков за градоначалник.[39] Мартулков учествувал во средби со претставници од Црна рака како генералот Поповиќ и Стаиќ.[40] Во ноември поднесол отставка и се преселил во Штип каде се запознал со Ефрем Чучков и Ефтим Спространов. Петко Пенчев се обидол да формира бугарска општина во Велес но Мартулков се спротивставил со одлуката.[41] Во 1913 година, Димитрија Чуповски организирал Општамакедонска конференција. Меѓу делегатите биле: Петар Поп Арсов, Крум Зографов, Иван Поп Јорданов и Мартулков.[42][43] Пратиле апел до Лондонската конференција за автономна Македонија во склоп на Отоманското Царство. За време на Втората балканска војна, Мартулков помогнал со пандемијата на колера во Штип.[44] По војните се запишал за педагошки курс во Белград.[45]
Со почетокот на Првата светска војна, Мартулков се вратил во Скопје. Таму заедно со Јордан Шурков, Мишо Николов и Георги Богданов го основале Комитетот на дезертери. Главен цел на комитетот било да префрлат македонски дезертери од српската војска во Царството Бугарија. Во текот на 1914 година, комитетот се проширил низ Источна Македонија. Главни центри биле во Делчево, Радовиш, Штип и Пехчево.[46] Успешно префрлиле околу 2.500 војници.[47] Комитетот дејствувал сѐ до Божиќ 1915 година, кога поголем дел од раководството биле уапсани.[48] Неколку месеци подоцна Бугарија најавила војна против Србија и за кратко време ја окупирале Вардарска Македонија. Шурков и Мартулков биле интернирани во Струга но подоцна биле ослободени од бугарската администрација. Во 1916 година,[49] со поттик од Орце Андов, Мартулков се вработил како секретар на Општина Оморани.[50] Следната година се вработил како чиновник во Приштина заедно со Ризо Ризов и Димитар Влахов. По поразот на Бугарската војска во Македонскиот фронт, државните чиновници во Косово и Метохија евакуира во Софија. Мартулков бил назначен за градоначалник на Урошевац, но тој никогаш не ја прифатил функцијата. Заедно со Петар Ацев и Ѓорче Петров преку Гнилане, Ниш и Пирот се преселиле во Бугарија.[51]
Меѓувоен период (1918 — 1941)
[уреди | уреди извор]

Во 1918 година бил одликуван со бронзов орден „За заслуга“, поради неговото учество во Илинденското востание.[52] Во Царството Бугарија почнала внатрешна борба меѓу македонската емиграција. Во 1919 година, Мартулков и Христо Калајџиев се приклучиле во Емигрантскиот комунистички сојуз — огранок на Бугарската комунистичка партија.[53] Следната година, Мартулков го претставил Велешкото благотворително братство во Вториот велики собор на Сојуз на македонските емигрантски организации.[54] Истата година, комунистичкиот сојуз ја отфрлиле доктрината за автономија на Македонија и Одринско и го прифатиле ставот за основање на независна македонска држава како идна членка во Балканската федерација.[55] Во 1922 година, Бугарската комунистичка партија го пратиле Мартулков во Пиринска Македонија за да остварил контакт меѓу македонските социјалисти и дејци од ВМРО (Автономисти), предводена од Тодор Александров.
Во 1924 година, со Мајскиот манифест, односите меѓу БКП и ВМРО (Автономисти) се подобриле.[56] Според договорот Мартулков имал должност да се врати во поранешниот Скопски револуционерен округ но Александар Цанков им забранил. Неколку месеци подоцна Александров бил ликвидиран и Иван Михајлов бил назначен за претседател на ВМРО (Автономисти).[57] Истата година е основана ВМРО (Обединета) под раководство на Владимир Поп Томов, Симеон Кавракиров, Димитар Влахов, Ризо Ризов и други.[58][59] Во 1931 година биле спроведени парламентарни избори во Бугарија каде Мартулков и Христо Трајков биле изгласани за пратеници од Петричко.[60][61]
Во новата влада на Никола Мушанов, Мартулков и Трајков биле претставници од Работничката партија.[белешка 2] Во Народното собрание, Мартулков редовно барал решение за македонското прашање. Во 1932 година михајловистите го киднапирале Кавракиров, поради тоа Мартулков почнал со издавањето на весникот Македонско знаме. Во весникот го критикувал Михајлов. На 12 јануари 1933 година доживеал неуспешен обид на атентат од Михајловистите.[62] Според весникот „Класовна борба“ — ВМРО (Автономисти) сакале да го убијат Мартулков како резултат на неговите промакедонски став.[63] По неуспехот на атентатот, на 24 јануари, михајловистите го ликвидирале Христо Трајков.[64]
Мушанов најавил строги мерки против ВМРО (Автономисти). Следниот месец го уапсиле Петар Шанданов. Поради тоа, организацијата отстапила од Софија и се сместиле во Пиринска Македонија. На 13 април 1933 година Мартулков е отстранет од неговата функција како пратеник, веројатно како резултат на неговите промакедонски ставови и критики спрема бугарската влада.[65] По државниот удар на Кимон Георгиев, ВМРО (Автономисти) била укината и го забраниле издавањето на весникот Македонско знаме, врз основа на законот на заштита на државата. На 8 јули 1936 година, бил спроведен значаен судски процес против дејци од централниот комитет на ВМРО (Обединета).[66] За време на судскиот процес Мартулков јавно се декларирал како Македонец.[белешка 3] Поради тоа бил казнет 5 години. Со промени во администрацијата, следната година бил амнестиран и му помогнал на Венко Марковски со издавањето на Огинот.[67]
Втората светска војна и последни години (1941 — 1962)
[уреди | уреди извор]
Мартулков бил против фашистичкиот режим на Бугарија, поради тоа учествувал во Народноослободителната борба. На 22 декември 1941 година, заедно со Павел Шатев, се обидол да се врати во Прилеп каде биле Македонските партизани, но бугарската војска го уапсиле во Скеча. Таму го задржиле до 24 март 1942 година. Според еден полициски извештај за Мартулков и Шатев: „оделе во гр. Прилеп, каде што ги организирале акциите кои неодамна се спроведоа во градот“.[68][69] Го вратиле Мартулков во Софија. Учествувал во Народноослободителното движење во Пиринска Македонија и бил во контакт со Никола Вапцаров и Антон Попов пред нивното стрелање. Во 1943 година бил уапсан поради неговото членство во Бугарската комунистичка партија. Заедно со Тодор Павлов, Христо Калајџиев и Ангел Динев бил интерниран во логорот „Крсто Поле“, Западна Тракија.[70] Останал во логорот сѐ до септември 1944 година, кога Татковинскиот фронт организирале државен удар против владата на Александар Цанков.
По државниот удар, Президиумот на АСНОМ ги пратиле Светозар Вукмановиќ и Лазар Колишевски во Софија каде се консултирале со македонската емиграција. Истовремено, 29 потписници меѓу кои биле Мартулков, Шатев, Калајџиев, Туше Делииванов и Михаил Герџиков — објавиле апел насочен кон македонскиот народ, Комунистичката партија на Југославија и АСНОМ.[71] За префрлување на македонските социјалисти од Софија во Македонија помогнала Илинденската организација. На 26 октомври 1944 година, Мартулков се сместил во Горно Врановци каде следниот ден бил кооптиран за член на АСНОМ.[72] По ослободувањето на Скопје, Мартулков учествувал во Второто заседание на АСНОМ. За време на седницата, Мартулков побарал Густав Влахов да биде кооптиран за член на АСНОМ.[73] По настаните, во 1951 година Мартулков истакнал: „Кога се вратив во 1945 година и го погледнав Скопје — за мене тоа беше нов град кој на незамислив начин толку брзо се надуе.“[74]
По ослободувањето на Македонија, Мартулков бил кооптиран за член на Народното собрание на НР Македонија. Истовремено се приклучил во Македонскиот научен институт и учествувал во културната автономија на Пиринска Македонија.[75] На 2 јануари 1945 година повторно се вратил во Софија каде се консултирал со останатите претставници на македонската емиграција.[76] Следниот месец морал да го води првиот слободен конгрес на македонската емиграција во Бугарија но поради неговото здравје Павел Шатев го заменил.[77] Кон крајот на годината, Васил Ивановски се пожалил кај Георги Димитров дека Мартулков бил злонамерно изолиран и предвремено пензиониран.[78] На 17 февруари 1946 година Мартулков учествувал во основачката седница на Здружението на новинари на Македонија.[79] По повод на 43-годишната од смртта на Гоце Делчев, Мартулков оддржал говор во Скопје кон 20.000 гости, меѓу кои бил сестрата на Гоце Делчев.[80] Следните месеци се приклучил во Уставотворното собрание и бил назначен за претседател на Комисијата за Илинденска пензија.[81] На 8 октомври 1946 година помогнал со преносот на моштите на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“.[82]

На 26 декември 1946 година, Мартулков протестирал пред останатите пратеници на собранието. Побарал новиот македонски устав да ја припои Пиринска Македонија со НР Македонија. Во неговиот говор истакнал: „Не знам каква територија имаат на ум нашите другари во Бугарија. Ако зборуваме за Пиринска Македонија, Вардарска Македонија и Егејска Македонија во нивните географски граници — тоа е територијата на македонскиот народ! Македонското прашање и прашањето за Македонија е дело само за македонскиот народ!“.[83] За говорот, Шатев го известил Георги Димитров при неговиот престој во Белград. Откако открил, Димитров се пожалил кај Јосип Броз Тито. Поради тоа на 10 јануари 1947 година Колишевски го забранил нејзиното објавување во весникот Нова Македонија.[84] На 5 јуни 1950 година, за време на седмото редовно заседание на Народното собрание, Мартулков поднесол барање за орден за залуги во Илинденското востание.[85] На 20 јули 1951 година, Мартулков бил награден со Илинденската споменица, број 438 како дел од градскиот народноослободителен одбор Скопје.[86]
Во 1954 година, со помош од Ѓорѓи Абаџиев, Институтот за национална историја ги објавиле спомените на Мартулков насловени Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Книгата е дел од серијалот Материјали за македонската национал-револуционерна историја.[87] За време на периодот на Информбирото, претставници на промакедонската струја во Југославија постепено биле изолирани и подоцна отстранети од нивната политичка функција. Мартулков бил безволно пензиониран и сместен во Скопје. Во текот на 1950-тите редовно патувал во Софија. Во 1957 година Мартулков бил на интервју со старозагорското списание Участие за активностите на Богдан Баров во Македонската револуционерна организација.[88] Незадоволен со режимот, во 1959 година се преселил во Народна Република Бугарија каде почнал да прими државна пензија.[89] Ги поминал последните години изолиран во Софија каде починал на 19 декември 1962 година.
Книжевни дела
[уреди | уреди извор]
По Втората светска војна, Мартулков се вратил во Вардарска Македонија каде се приклучил во Президиумот на АСНОМ. Во 1945 година се преселил во Скопје по нејзиното ослободување. Меѓу 1940-тите и 1950-тите Мартулков напишал повеќе статии и брошури посветени на социјалистичкото движење во Македонија. Во 1946 година ја објавил статијата Развитокот на социјалистичката мисла пред Илинденското востание во весникот „Трудбеник“, година II, број 35.[90] Истата година ја објавил брошурата Врховизмот и борбата на Внатрешната револуционерна организација против него, каде го разгледал развојот на врхивизмот и нејзинот однос со Македонската револуционерна организација.[91] Во весникот „Нова Македонија“ објавил статија насловена За Гоцета Делчев. Христо Андонов-Полјански објавил исечок од статијата во неговата книга за Делчевологија.[92] Подоцна ја објавил брошурата За положбата по Илинденското востание каде ги разгледал грешките при организирање на Илинденското востание.[93] Според Мартулков, основањето на Задграничното претставништво било меѓу првите грешка на организацијата.

Во 1954 година, Институтот за национална историја ја објавиле автобиографијата на Мартулков насловена Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Делото претставува првата оригинална мемоарска литература во Народна Република Македонија.[25] Претходните дела биле на Љубомир Милетиќ преведени во македонски јазик.[94] Неговата автобиографија го опфаќа периодот од 1894 година до 1 септември 1939 година. Нема податоци кога Мартулков ја напишал книгата. Ѓорѓи Абаџиев објавил исечок од неговите спомени во 1952 година.[95] Додека во 1950 година, Данчо Зографски забележал дека во Државниот архив на Македонија имало необјавен ракопис од Мартулков без датум.[96] Според историчарот Јусуф Хамза, во скопските архиви имало необјавено дело на Мартулков насловено Спомени од втората половина на XIX век до 1912, кое најверојатно било припоено со неговиот мемоар при редакција.[97] Во неговата книга, Мартулков го разгледува македонското национално движење во перспектива на македонските социјалисти. Претежно се занимава со социјалистичките дејства во Вардарска Македонија и Велес. Дискутира за неговиот активизам за правата на македонската емиграција во Бугарија.[25]
За автобиографијата, Абаџиев истакнал: „Напишани со жив и увлекателен јазик, мемоарите на Алексо Мартулков не се само објект за историкот, но претставуваат интересно четиво и за поширок круг читатели.“ Александар Каровски ја критикувал нејзината слаба хронологија: „Очигледно има проблем да се сети на настаните, па некои ги прекинува или ги поврзува со други“.[25] Одредени податоци наведени во автобиографијата се целосно бесмислени. Мартулков го згрешил датумот на раѓање, смрт и професија на неговиот постар брат Петар. Татко му го именувал како Онче покрај тоа што се викал Пано. Згрешил со хронолошкото датирање на првиот устав на Македонската револуционерна организација. Покрај тоа, во неговите спомени Мартулков гордо го истакнува неговиот македонски идентитет и како Македонците се ниту Грци, Бугари или Срби.
Забелешки
[уреди | уреди извор]- ↑ Познат и како Александар Панов/Иванов Мартулков во Бугарската историографија.
- ↑ За да ги надминат тогашните забрани, Бугарската комунистичка партија го употребиле името „Работничка партија“.
- ↑ Во неговите спомени (Мартулков 1954, стр. 380), за судскиот процес истакнал: „Бевме уапсани поголемиот дел од раководството на „Обединатата“. На судењето 1936 г. сите се изјавивме пред судот дека по народност сме Македонци.“ Според Бугарската историографија, Мартулков се декларирал како Бугарин.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Мирчев, Бојан (1981). Псевдоними на дейци в Македоно-одринското освободително движение със сведения за революционната им дейност (PDF). Софија: Освободителните борби на българското население в Македония и Одринска Тракия след Берлинския конгрес. стр. 237.
- ↑ Апостолски, Михајло (1970). Извори за ослободителната војна и револуција во Македонија 1941-1945: Документи на Комунистичката партија на Југославија и Комунистичката партија на Македонија 1941-1945. Институт за национална историја. стр. 474.
- ↑ Станковиќ 2020, стр. 55.
- ↑ Мадолев, Георги (1968). Васил Главинов - пионер на социјалистическото движение в Македониа и Одринско (PDF). Исторически преглед. стр. 68.
- ↑ Печков, Петар (12 септември 2015). „Главинов, жесток пропагатор на социјалистичките идеи“. ТиРековМиРече.
- ↑ Станковиќ, Далибор (1 мај 2023). „Кога Македонците за првпат го одбележаа 1 Мај“. Нова Македонија.
- ↑ Станковиќ 2020, стр. 56.
- ↑ Андонов Полјански 1973, стр. 82.
- ↑ Андонов Полјански 1973, стр. 84.
- ↑ Мартулков 1954, стр. 27
- ↑ Мартулков 1954, стр. 30-31
- 1 2 Станковиќ 2020, стр. 92.
- ↑ Мартулков 1954, стр. 39
- ↑ Мартулков 1954, стр. 41-43
- ↑ Ѓорѓиев, Бранко (2016). Тајната патна мрежа на Македонската револуционерна организација во Струмица и Струмичко (PDF). Битола: Национална установа завод за заштита на спомениците на културата и музеј. стр. 95. Архивирано од изворникот (PDF) на 2023-04-02. Посетено на 2026-05-25.
- ↑ Георгиев, Величко (1995). Македония и Тракия в борба за свобода: Краят на ХIХ - началото на ХХ в Нови док. Софија: Македонски научен институт. стр. 197. ISBN 9789548187244.
- ↑ Станковиќ 2020, стр. 93.
- ↑ Мартулков 1954, стр. 55-57
- ↑ Станковиќ 2020, стр. 95.
- 1 2 Саздовски, Ненад (2022). Дејноста на Македонската револуционерна организација во Кумановско (1895-1903) (PDF). Скопје: Здружение на историчари на Република Македонија. стр. 144.
- ↑ Мартулков 1954, стр. 79
- ↑ Мартулков 1954, стр. 79-82
- ↑ Аврамов 1929, стр. 28.
- ↑ Аврамов 1929, стр. 40.
- 1 2 3 4 5 Каровски 2013, стр. 91.
- ↑ Аврамов 1929, стр. 54-56.
- ↑ Александрова, Елена (2017). ВМОРО и надзора над стопанския живот в Македония и Одринско (до навечерието на Балканските войни). Историческо бъдеще. стр. 170.
- ↑ Мартулков 1954, стр. 129-132
- ↑ Мартулков 1954, стр. 141-144
- ↑ Миноски, Михајло (2013). Пере Наумов Тошев. Скопје: Македонска литера. стр. 208–209. ISBN 978-9989-622-98-4.
- ↑ Зографски, Данчо (1950). За работничкото движење во Македонија до Балканската војна. Скопје: Институт за национална историја. стр. 219.
- ↑ ПА II 2009, стр. 1240.
- ↑ Мартулков 1954, стр. 186-187
- ↑ Аврамов 1929, стр. 171.
- ↑ Влахов 1947, стр. 113.
- ↑ Мартулков 1954, стр. 231-232, 234-235
- ↑ Ѓоргиевска 2019, стр. 154.
- ↑ Малковски 2023, стр. 78.
- ↑ Малковски 2023, стр. 79-80.
- ↑ Малковски 2023, стр. 82-84.
- ↑ Малковски 2023, стр. 85-86.
- ↑ ПА II 2009, стр. 848.
- ↑ ПА II 2009, стр. 1079-1080.
- ↑ Ѓоргиевска 2019, стр. 111.
- ↑ Катарџиев, Иван (1991). Македонија во војните 1912-1918, прилози од научниот собир одржан во МАНУ на 16 и 17 ноембри 1988 година. Скопје: МАНУ. стр. 347.
- ↑ Малковски 2023, стр. 108.
- ↑ Ѓоргиевска 2019, стр. 100.
- ↑ Малковски 2023, стр. 110.
- ↑ Мартулков 1954, стр. 307-310
- ↑ Минов, Никола (2017). Зошто и како беа интернирани крушевските Власи за време на Првата светска војна?. УКИМ. стр. 133.
- ↑ Мартулков 1954, стр. 327-337
- ↑ ДВИА, ф. 40, оп. 1, а.е. 335, л. 108
- ↑ Димовски-Цолев, Ѓорги (1979). Илинден и Илинденските традиции. Развиток. стр. 158.
- ↑ „Братствата осѫждатъ отцѣпницитѣ“. Македония. 9 декември 1920.
- ↑ Мартулков 1954, стр. 345-348
- ↑ Поповски, Владо (1999). Македонското прашање во документите на Коминтерната, ч.1. 1923-1925 г. Гурга. стр. 256.
- ↑ Мартулков 1954, стр. 363-368
- ↑ НМ (14 јуни 2023). „Симеон Кавракиров, револуционерот кој загина за обединување на Македонците“. Нова Македонија.
- ↑ Влахов 1947, стр. 40.
- ↑ Катарџиев, Иван (1977). Време за зреење, македонското национално прашање меѓу двете светски војни (1919-1930). Култура. стр. 118.
- ↑ Влахов 1947, стр. 12.
- ↑ Зографски, Данчо (1986). Одбрани дела во шест книги: Македонското национално движење. Наша книга. стр. 276.
- ↑ „Македонскитѣ убийства“. Класовна борба. 20 јануари 1933.
- ↑ Мартулков 1954, стр. 377
- ↑ Министерство за правосудство (13 април 1933). „Решение за отнемане мандата на народнитѣ представители отъ парламентарната група на Работническата партия в България“. Държавен вестник.
- ↑ Мичев, Добрин (1996). Националноосвободителното движение на македонските българи (19 май 1934 - 1941 г.). Македонски преглед. стр. 59.
- ↑ Марковска, Филимена (2007). Спомени за Павел Шатев. Македонски преглед. стр. 103.
- ↑ Тодоровски 2013, стр. 254.
- ↑ Тодоровски 2013, стр. 256.
- ↑ Картов, Владимир (1981). Македонската патриотска дејност на Ангел Динев во интернација и концентрационите логори на Фашистичка Бугарија (1940-1944) (PDF). Здружение на историчари на Македонија. стр. 70.
- ↑ Гребенаров, Александар (2013). БКП и македонският въпрос след Втората световна война. Разпадане на бежанските организации. Епохи. стр. 125.
- ↑ Тодоровски, Миле (1984). АСНОМ, документи од Првото и Второто заседание на АСНОМ. Скопје: Архив на Македонија. стр. 326–327.
- ↑ Христов, Александар (1984). Документи, Том 1, Книга 6. Архив на Македонија. стр. 131–132.
- ↑ Скопске слике и Контрасти (1951) в. „Борба“, бр. 250
- ↑ Мичев, Добрин (1947). Списък на членовете на Македонския научен институт (1923-1947). Софија: Македонски преглед. стр. 178.
- ↑ Симоновски, Александар (2021). Документи за сојузната и за македонската служба за државна безбедност (PDF). Скопје: Институт за национална историја. стр. 35.
- ↑ Тодоровски 2013, стр. 87.
- ↑ Ангелов, Веселин (1998). Как се изгражда и утвърждава свободната Македонска република в Югославската федерация (1944-1948). Македонски преглед. стр. 68.
- ↑ Станковиќ, Далибор (19 февруари 2025). „Новинарот ги брани принципите на слободата“ (PDF). Нова Македонија.
- ↑ Петреска, Даниела (2006). Политиката, идеалогијата и македонската историографија 1944-1953 г. (PDF). Институт за национална историја. стр. 203.
- ↑ Дамјановска, Јасминка (2016). Илинденски сведоштва. 1. Државен архив на Република Македонија. стр. 10.
- ↑ ЦДА, фонд КМФ 23-01, инв. № 830/146, лист 156-157
- ↑ Миноски, Михајло (2000). Авнојска Југославија и Македонското национално прашање (1943-1946). Скопје: Менора. стр. . ISBN 9989632707.
- ↑ Миноски, Михајло (2000). Авнојска Југославија и Македонското национално прашање (1943-1946). Скопје: Менора. стр. . ISBN 9989632707.
- ↑ Топузовски, Кочо (2023). Илинденската споменица. Скопје: Панили. стр. 67–68. ISBN 9786082540795.
- ↑ ДАРМ, Ф. 159, К. 42
- ↑ Институт за национална историја. Турски документи за македонската историја. Научен Институт за национална историја на македонскиот народ. стр. 191.
- ↑ Периодично издание на писателите от Стара Загора. (1996). Участие. Стара Загора: ИПК „Ариел". стр. 50.
- ↑ №1890/1959
- ↑ Лапе, Љубен (1953). Илинденски зборник, 1903-1953. Институт за национална историја. стр. 302.
- ↑ Пандевски, Манол (1983). Внатрешната македонска револуционерна организација и неоврховизмот, 1904-1908. Култура. стр. 22.
- ↑ Андонов Полјански, Христо (1963). Гоце Делчев во спомените на современиците. Култура. стр. 298.
- ↑ Поп Лазаров, Ристо (1973). Грчката политика спрема Македонија во втората лоловина на XIX век и почетокот на XX век, вооружени, пропаганди, дипломатски и други антимакедонски акции и борбата против нив на теренот. Институт за национална историја. стр. 301.
- ↑ Каровски 2013, стр. 18.
- ↑ Абаџиев, Ѓорѓи (1952). Материјали за македонската национал-револуциона историја. Институт за национална историја. стр. 1–5.
- ↑ Зографски, Данчо (1950). За работничкото движење во Македонија до Балканската војна. Институт за национална историја на македонскиот народ. стр. 327.
- ↑ Хамза, Јусуф (1995). Младотурската Револуција Во Османската Империја. Скопје: Логос-А. стр. 407. ISBN 9789989601217.
Библиографија
[уреди | уреди извор]- Станковиќ, Далибор (2020). Социјалистите во македонското револуционерно движење, 1893-1912 (PDF). Скопје: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“.
- Андонов Полјански, Христо (1973). Околу учеството на Македонските социјалисти на Првомајските демонстрации во Софија во 1896 година (PDF). Скопје: Здружение на историчари на Република Македонија.
- Аврамов, Стефан (1929). Революционни борби въ Азоть (Велешко) и Порѣчието. Софија: Македонски Наученъ Институтъ.
- Мартулков, Алексо (1954). Абаџиев, Ѓорѓи (уред.). Моето учество во револуционерните борби на Македонија (PDF). Материјали за македонската национал-револуционерна историја. Скопје: Институт за национална историја.
- Каровски, Александар (2013). Мемоарската литература како извор за историјата на Македонската Револуционерна Организација. Скопје: УКИМ.
- Повеќе автори (2009). Македонска енциклопедија, том I (PDF). Скопје: МАНУ.
- Повеќе автори (2009). Македонска енциклопедија, том II (PDF). Скопје: МАНУ.
- Влахов, Димитар (1947). Говори и статии, 1945-1947. Скопје: Државно книгоиздателство на Македонија.
- Малковски, Ѓорѓи (2023). Велес за време на Балканските и Првата светска војна: (1912-1918). Институт за национална историја. ISBN 978-608-4981-10-7.
- Ѓорѓиев, Ванчо (1995). Петар Поп Арсов (1868-1941): Прилог кон проучувањето на македонското националноослободително движење. Скопје: УКИМ.
- Тодоровски, Зоран (2013). Павел Шатев, документи Проверете ја вредноста
|url=(help) (PDF). Скопје: Македоника.[мртва врска] - Ѓоргиевска, Марија (2019). Вардарскиот дел од Македонија под српска власт (1912–1915). Скопје: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“.
| Статијата „Александар Мартулков“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |