Александар Амфитеатров

Од Википедија — слободната енциклопедија
Александар Амфитеатров
Роден/адекември 26, 1862(1862-12-26)
Калуга, Русија
Починат/афевруари 26, 1938(1938-02-26) (возр. 75)
Леванто, Италија

Александар Валентинович Амфитеатров (26 декември 1862 - 28 февруари 1938) — руски писател, романописец и историчар, чие Книжевно творештво е големо и по обем и по разновидност.

Животопис[уреди | уреди извор]

Александар Амфитеатров е роден во Калуга, Русија, во 1862 г. Го завршил Правниот факултет во Москва, но никогаш не работел како правник, туку целиот живот го минал во патување и пишување. Автор е на бројни дела, од различен вид и на различна тема. Пишувал романи и патописи, исто како и извештаи за весниците.

Амфитеатров бил близок со врвната интелигенција на Царство Русија. Другарувал и бил личен пријател со Максим Горки, Иван Алексеевич Бунин , Антон Павлович Чехов . Неговите либерални ставови, кои биле неприфатливи за цврстиот политички режим во Русија, често му носеле и непријатности. По објавувањето на сатиричниот роман „Господата Обманови“, во кој го прикажува царското семејство, во 1902 година заработил неколкугодишно прогонство во Сибир.

По Октомвриската револуција не ги прифатил ниту новонастанатите општествени односи поради кое во 1920 година ја напуштил Русија засекогаш. Емигрирал во Италија, каде што имал често престојувано и порано, а таму го дочекал и крајот на животот. Починал во 1938 г. во Леванто.

Дела[уреди | уреди извор]

Уште за време на животот, од страна на недобронамерните критичари бил омаловажуван како автор кој пишува многу, но без висок квалитет на неговите дела. Сепак, Амфитеатров има оставено бројни дела со несомнено висока литературна вредност, какви што се романите „Осумдесетгодишници„, „Деведесетгодишници“, „Залез на стариот век“ и други. Во 1911 год. се обидел сите свои дела да ги собере во едно издание од 37 томови. До 1916 год. излегле 34 тома, без одреден ред, а од непознати причини, недостигаат три тома: 21, 32 и 36. Поради неприфаќањето на советскиот режим, неговото име во татковината во времето на Советскиот Сојуз било непожелно и паднало во заборав. Неговите дела се реткост, како во библиотеките така и во сеќавањето на руската читателска публика.

А.В. Амфитеатров за Македонија и Македонците[уреди | уреди извор]

Амфитеатров престојувал и на Балканот. Тука доаѓал четири пати, и секој пат испраќал написи за руските весници. Подоцна, своите извештаи ги објавил и во посебни книги.

Во 1903 год. објавил две книги во кои зборува за личности и настани од Балканот. Во книгата „Земја на раздорот“, објавена две години по неговиот прв престој во Македонија, Амфитеатров дава свој поглед на настаните во Македонија, како и за Македонците:

„Србите ја сметаат оваа народност за српска, Бугарите за бугарска. Претензиите и на едните и на другите се еднакво без основа во смисла на национални претензии и еднакво имаат основа по силата на културното и политичкото влијание...“

По неговиот втор престој во Македонија, Амфитеатров ќе запише:

'„За да стане Македонија бугарска, требало да се побугарат Македонците. И ете, по Бугарско-српската војна од 1885 г., најтешки сили и значителни жртви на бугарскиот државен организам се насочени кон бугаризација на Македонските Словени. Бугарскиот агент - свештеникот, учителот, комитата, четникот - станува тајна влада на земјата и некаква нејзина душа“.

Амфитеатров на своите патувања по Балканот се среќавал со секакви луѓе, од најпростиот селанец до врвните државници на балканските земји. Ослободен од секакво еднострано влијание и без предрасуди, тој имал можност да дојде до сознанија за проблемите во и околу Македонија:

„Оние што ја читале мојата „Земја на раздорот“ го знаат мојот поглед врз Македонците. Тоа не се ни Срби, ни Бугари, туку првобитен словенски народ, со прост основен јазик кој во поголем степен е способен да се потчини на каква-годе форма што ќе му ја предложи друга, повлијателна и поразвиена словенска култура. Македонци - Бугари има таму каде што се зацврстила бугарската школа и црква, и Срби има таму каде што писменоста е во рацете на Србите. Со исто удопство тие би можеле да се претворат, под образовно-религиозно и трговско влијание, во Малоруси, Великоруси, Полјаци. Нивниот јазик е растопен метал, кој лесно се прелева во секаква роднинска форма. Но -роднинска. И ете, токму во тоа - во племенското родство - е главниот услов што ја врти сега Македонија во борбата меѓу Словените и што го уништи во неа влијанието на Грците.“

Ваквите отворени ставови, според кои Македонците се самостоен народ, колку близок толку подеднакво оддалечен и од Србите и од Бугарите, придонеле Амфитетаров да ги загуби своите српски и бугарски пријатели.

Извори[уреди | уреди извор]

Амфтеатров за Македонија Амфитеатров за македонскиот народ

Надворешни врски[уреди | уреди извор]