Алберто Моравија
Алберто Моравија | |
---|---|
![]() Моравија и Моранте во 1940-тите | |
Име | Alberto Moravia |
Роден/а | Алберто Пинкерле 28 ноември 1907 Рим, Италија |
Починат/а | 26 септември 1990 Рим, Италија | (возр. 82)
Почивалиште | Кампо Верано, Рим |
Псевдоним | Алберто Мораивја |
Занимање | романописец, новинар, драматург, есеист, филмски критичар |
Националност | Италијанец |
Значајни дела | Рамнодушни луѓе (1929) Конформист (1947) Римски раскази (1954) Чочара (1957) |
Значајни награди | „Стрега“ (1952) „Марѕото“ (1957) „Вијареџо“ (1961) „Мондело“ (1982) |
Сопруг/а | Елза Моранте (1941–1962) Карлемн Лјера (1984–смрт) |
Партнер | Дача Маријани (1962–1978) |
![]() |
Алберто Моравија (италијански: Alberto Moravia) (Рим, 22 јуни 1907 - Рим, 26 септември 1990) — италијански писател, есеист, сценарист и критичар, чии дела проникнуваат во разни аспекти од совремието како сексуалноста, отуѓувањето и егзистенцијализмот.
Животопис[уреди | уреди извор]
Моравија е роден во Рим, во 1907 година. Тој потекнувал од богато семејство, со што бил осуден да го помине детството во затворениот круг на богатите деца. Во младоста тешко се разболил и бил принуден времето да го поминува во креветот, а тоа му овозможило многу да чита и да размислува.[1]
Алберто Моравија умрел во Рим, на 26 септември 1990 година.
Творештво[уреди | уреди извор]
Моравија стекнал светска слава со романите во кои го обработува моралното раслојување на италијанската буржоазија. Во своите дела, Моравија ги разгледува егзистенцијалните и моралните дилеми на неговата епоха. Притоа, преку поединечните доживувања на неговите ликови тој зборува за пустошот на цивилизацијата, која е оптоварена со конвенции, формалности и конструкции. Во своите дела, тој вообичаено обработува два вида ликови: од една страна, имотните луѓе, чии животи се уништени од материјалната преокупација, па се претвориле во морални конформисти со заспани страсти и јалов дух. Од друга страна, неговиот книжевен свет ги опфаќа децата и луѓето од обичниот народ, кои се чисти, неконструирани суштества, способни да ги ослободат своите природни нагони.[2].
На книжевната сцена, Моравија се појавил во 1929 година со неговиот прв роман Рамнодушни луѓе, напишан во раната младост. Подоцна, работел на многу книжевни родови, вклучувајќи и театарски дела, кратки раскази и есеи, а се занимавал и со филмска и театарска критика. Негови најпознати дела се:[3]
- Рамнодушни луѓе, (Gli indifferenti), 1929
- Промашени амбиции, (Le ambizioni sbagliate), 1935
- Маскарада (La mascherata), 1941
- Агостино (Agostino), 1944
- Римјанка (La romana), 1947
- Непослушност (La disubbidienza), 1948
- Брачна љубов (L'amore coniugale), 1949
- Римски раскази (Racconti romani), 1954
- Чочара (La ciociara), 1957
- Здодевност (la noia), 1961
- Автомат (Il automata)
- Конформист,
- Презир,
- Нови римски раскази итн.
Стилот на Моравија[уреди | уреди извор]
Вешт сликар на портрети, на обичаите и на општествената средина, Моравија, во прв ред, е писател на идеи. Ликовите од неговите дела се луѓе од крв и од месо, но истовремено тие се симболи, т.е. претставници на неговиот систем во чија основа се наоѓаат одбивноста кон шаблоните и стремежот за нивното кршење, за интензификација на животот и за соживување со стварноста. Во тие рамки, Моравија ја дели материјата што ја обработува во своите дела на два антагонистички дела: Првиот дел го сочинуваат имотните граѓани со тесна материјална преокупација, како писателот Силвио од „Брачна љубов“, сликарот Дино од „Здодевност“, генералот Терезо од „Маскарада“, мајка му на Лука од „Непослушност“ и конформистот Пјетро од „Неостварени амбиции“. Вториот дел го сочинуваат обичните луѓе, способни да ги ослободат своите природни нагони, кои се жртви на практицизмот на современиот свет, како: проститутката Адријана од „Римјанка“, селанката Чезира од „Чочара“ и сиромашните граѓани од „Римски приказни“.[4]
Видиците што ги носи уметноста на Моравија и нејзините многубројни димензии носат во себе огромен филозофски потенцијал. Но, мисловните и емотивните ефекти во неговите дела секогаш се постигнуваат преку индуктивниот пат. Инстинктивната одбивност кон симетријата неизбежно се одразиле не само врз предметот на разработка, туку и врз неговата техника на изразување. Притоа, тој се воздржува од давање дефиниции и дидактички коментари, а во неговиот начин на изразување преовладуваат рефлексот над истражувањето на појавите, сетилноста над еротските двосмислености, описите на уживањето над медитирањето, живоста на експозицијата над конструирањето и стилизмот. Токму поради неприфаќањето на секакво конструирање, делото на Моравија го носи печатот на природноста, а едноставноста и објективноста на неговиот стил може да се сфатат како доследен израз на неговиот поглед на светот. Неговиот објективизам не е налик на непристрасноста на натуралистите, а неговиот начин на раскажување не е ниту толку реалистичен како што се чини на прв поглед. На рационалната еднообразноста на реалистите тој им ги спротивставува различноста и сложеноста, кои се изразуваат во обилноста на избраниот материјал и разновидниот колорит. За разлика од реалистите, ставот на Моравија кон предметот на обработка е вознемирен, нелогичен, изнијансиран.[5]
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ Jugana Stojanović, „Alberto Moravija“ во: A. Moravija, Rimske priče. Beograd: Rad, 1964, стр. 110.
- ↑ Jugana Stojanović, "Alberto Moravija", во: A. Moravija, Rimske priče. Beograd: Rad, 1964, стр. 107-110.
- ↑ Jugana Stojanović, „Alberto Moravija“ во: A. Moravija, Rimske priče. Beograd: Rad, 1964, стр. 107-110.
- ↑ Jugana Stojanović, „Alberto Moravija“ во: A. Moravija, Rimske priče. Beograd: Rad, 1964, стр. 107-108.
- ↑ Jugana Stojanović, „Alberto Moravija“ во: A. Moravija, Rimske priče. Beograd: Rad, 1964, стр. 109-110.
Надворешни врски[уреди | уреди извор]
Алберто Моравија на Ризницата ?