Албанска преродба
Албанското национално будење го опфаќа периодот од започнувањето на востание за ослободување на земјата во 19 век до 29 јули 1913 година кога била формирана Албанија како независна држава.
Во мај 1877 година бил формиран Албански комитет во Јанина а следната година бил формиран Централен комитет за заштита на правата на албанскиот народ.
Истата година во градот Призрен била формирана Призренска лига, а по нејзиното распуштање во 1899 година била формирана Пеќска лига.
Позадина (1830-1878)
[уреди | уреди извор]Подем на албанскиот национализам
[уреди | уреди извор]Главно поради верските врски на Албанците со Османлиите, национализмот кај Албанците се развил многу подоцна за разлика од останатите балкански народи. Периодот на подемот на албанскиот национализам започнал во 1870-тите посебно по Руско-турската војна (1877-1878). Албанците започнале да стравуваат дека нивните земји ќе бидат поделени меѓу Црна Гора, Србија и Бугарија. Овој страв посебно се видел по Санстефанскиот мировен договор по кое дел од албанската интелигенција во пролетта на 1878 година го формирале комитетот за одбрана на албанските права.
Во 1878 година била основана Призренската лига чија цел била автономија на Албанија и поништување на договорот од Сан Стефано.
Призренска лига
[уреди | уреди извор]Самата лига се засновала на идејата за Голема Албанија. Во историјата постојат спротивставености околу главната улога за основањето на оваа лига. Од една страна Албанија смета дека била основана како општ национален покрет, а од друга страна се смета дека била основана како облика на манипулација со албанскиот народ бидејќи била инструмент на османлиската политика на Балканот.
На основачкото собрание било побарано автономија на Албанија и соединување на Албанците во еден вилает на империјата. Призренската лига се борела против Санстефанскиот и Берлинскиот конгрес па поради ова се смета дека нејзиното основање имала друга намена. Освен тоа се смета дека османлиските власти ги платиле сите трошоци на албанските делегати за конгресот во Призрен како и оружје и муниција. Албанското население било населено во четири османлиски вилаети: Косовски, Скадарски, Јанински и Манастирски вилает. На Берлинскиот конгрес лигата учествувала во име на албанскиот народ, а централна фигура имал Али Паша Гусински кој стекнал голем углед во битките против Црногорците во 1855, 1879 и 1880 година.
На Берлинскиот конгрес биле испратени три меморандуми:
- Првиот од Призренската лига која барала признавање на националниот идентитет на Албанците и автономија во составот на Османлиското Царство.
- Скадарски меморандум кој барал основање на независна албанска држава под протекторат на Велика Британија
- Меморандум Мирдита кој бил поднесен до конзулатите на Франција, Австроунгарија и Италија во јули 1878 година во Скадар со кој се барало признавање на католичкото население во овие места до степен на автономија.
Во исто време Призренската лига испратила свои делегати во Виена, Берлин, Париз, Лондон и Рим чија цел била објаснување на целта на меморандумите. Но Берлинскиот конгрес ги игнорирал овие барања на Призренската лига а самиот Ото фон Бизмарк изјавил дека албанска нација дури и не постои. На албанските делегати не им било дозволено да учествуваат на Берлинскиот конгрес.
Призренската лига со оружје се спротивставила на овие одлуки од Берлин кој конгрес доделил територии на Грција и Црна Гора. Борбите биле поддржани од страна на османлиските власти. Проосманлискиот карактер на лигата бил присутен од нивните основачи бидејќи нивните членови биле со муслиманска вероисповед. По крајот на борбите, лигата станала товар на самите османлиски власти.
Пеќска лига
[уреди | уреди извор]Пеќската лига била политичка организација која била основана во градот Пеќ, тогаш територија на Косовскиот вилает во Османлиското Царство. Лигата била основана на 29 јануари 1899 година[1]. и како главен водач бил Хаџи Зека, еден од припадниците на Призренската лига.
Призренската лига која била основана со помош на османлиските власти престанала да постои во април 1881 година. Дел од членовите на лигата незадоволни од Берлинскиот конгрес започнале востание во 1879 година. Хаџи Зека во 1886 година заминал во Цариград за да добие поддршка од властите во земјата. Таму тој добил поддршка од Портата да организира нова лига за обединување на Албанците во рамките на империјата. Во рамките на Косовскиот вилает биле организирани неколку акции против христијанското население. Во 1899 година заедно со своите истомисленици ја основал Пеќската лига. По формирањето на лигата водачите испратиле договор на султанот Абдул Хамид II за заштита на верата, нацијата и земјата. Овој допис бил потпишан од страна на 40 делегати. Од потписниците по 8 имало од Пеќ и Роговиште, 7 од Тетово, 6 од Ѓаковица, 4 од Призрен итн.
Пеќската лига имала слични амбиции како Призренската лига односно обединување на сите вилаети каде живее албанско население во еден поголем вилает со поголема автономија. Освен Косовскиот, Скадарскиот, Битолскиот и Јанинскиот вилает, Пеќската лига се залагала за вклучување во својот состав и на Солунскиот вилает.
Во својот допис до Абдул Хамид II делегатите додале дека:
- се спремни да ја бранаат својата земја до последен дух
- се загрижени што во Македонија разни банди го загрозуваат јавниот ред и безбедност
- 15.000 се спремни да војуваат против напаѓачите на албанските домови
- во секоја каза постои централен комитет кои заедно со исламските комитети се спремни за мобилизација на силите
- комитетите се спремни да соработуваат со османлиските власти
- нема да се мешаат во државните работи на империјата
- конфликтот може да се прошири во останатите вилаети каде живее албанско население.
Лигата својата дејност ја завршила во 1900 година по вооружениот судир со османлиските сили. Зека бил убиен од страна на српски агент во 1902 година[2].
Конфликти во 20 век
[уреди | уреди извор]Во првите години од 20 век започнале побуните на албанското население за добивање на автономија. Помеѓу македонските и албанските востаници дошло до соработка бидејќи и двата народи се стремиле кон автономија.
Во јули 1908 година во Урошевац се собрале околу 20.000 луѓе барајќи автономија, но во исто време започнала Младотурската револуција. Оваа револуција добила значајна поддршка од албанското население во Косовскиот и Битолскиот вилает. Младотурците им обеќале на албанското население намалување на даноците, демократизација и подобрување на животниот стандард. Но кога ја зазеле власта Младотурците не ги исполниле желбите на Албанците за автономија, туку воспоставиле строга централизирана власт кој се засновал не на исламот туку на припадноста на османлиската земја, воведувајќи го турскиот како единствен јазик во администрациите.
Овие настани довеле до дополнително зголемување на незадоволството во Косовскиот и Скадарскиот вилаетво јуни 1909 година кога започнале првите конфликти во околината на Ѓаковица. За да го ублажат незадоволството, османлиските власти основале конгрес во Дебар на 23 јули 1909 година кој требало да ги насочи незадоволните Албанци против соседните земји. Но конгресот уште повеќе го истакнал барањето за автономија. Во август 1909 во Елбасан бил одржан собор каде било решено да се започне со соработка со ВМРО. До востание дошло во Косово во 1910 година кое било поддржано од албанската емиграција и бугарската влада која сметала дека со албанската автономија ќе се добие автономија и на Македонија. Согледувајќи дека востанието се шири, Младотурците организирале казнена експедиција од Скопје на чело со Шефкет Тургут Паша по кое следувала победа на Османлиите и голема одмазда врз населението. Но во есента дошло до други бунтови поради регрутација на албанското население во армијата.
Кон почетокот на 1911 година сите албански комитети започнале подготовка за востание со поголем карактер. На островот Крф бил основан Централен албански комитет. Востанието избувнало со Скадар, а голема помош пристигнувала од Црна Гора каде црногорскиот крал Никола сметал дека на овој начин ќе се искористи за слабеење на балканските позиции на империјата. Во Подгорица била формиран меморандум наречен Црвена книга каде во дванаесет точки биле изложени целите на востаниците. И ова востание завршило со неуспех.
Албанско востание (1912)
[уреди | уреди извор]Востанието избувнало во јануари 1912 година и истото било поддржано од Србија и Црна Гора. Италија од друга страна исто така го поддржала востанието бидејќи во исто време војувала со Османлиите. Нивната помош се должела на дополнителна дестабилизација на Османлиското Царство. Претходно албанските претставници се состаниле со османлиските власти но не добиле позитивен одговор во нивните барања. Исмаил Кемал бил одговорен за испорака на 15.000 пушки во Косово преку Црна Гора. Претходно бил низ европските земји каде добил оружје и средства и меѓународна поддршка за востанието. Во исто време тој кординирал со раководството на востаниците преку Британската амбасада во Скопје. Хасан Приштина направил обид да ја привлече Бугарија како сојузник, нудејќи создавање на независна албанско-македонска држава во Македонија, поддржан од британскиот конзул во Скопје. Биртанският конзул ветувал силна поддршка на востанатото на Албанците.
Востанието започнало во западниот дел на Косовскиот вилает, на чело на кое застанале Хасан Приштина, Некџиб Драга, Бајрам Цури, Риза Беј и други. Есад Паша Топтан се обврзал да организира востание во централна Албанија и во округот Мирдита. Албанските војници и офицери се повлекле од отоманската армија и се вклучиле во востанието. До август 1912 година востаниците ја зазеле целата територија на Косовскиот вилает (Нови Пазар, Приштина, Скопје и Сиеница), делови од Скадарскиот и Јанинскиот вилает (Елбасан, Лесковик и Коница) и Дебар, дел од Битолскиот вилает.
За успехот на востанието помагнала и турско-италијанската војна. Отомански сили се противеле на заповедите да се борат со албанските муслимани револуционери, бидејќи ги сметале за браќа по вера. Албанските востаници упатиле со голем број на барања до Младотурската влада. Тие биле објавени во албанските емигрантски весници во Царството Бугарија во март 1912 година. Дел од барањата се именувањата на албански офицери во владината администрација, интегрирање на албанскиот јазик во локалните училишта и ограничување на регрутацијата на Албанци во Османлиската армија за Косовскиот вилает. Самите Албанци биле поделени, некои од нив биле наклонети кон Младотурскиот Комитет за единство и напредок, други на либералната партија, а трети биле за обновување на автократија на Абдул Хамид II. На 9 август 1912 година албанските востаници поднеле нов список на барања за реформи и создавање на автономен албански вилает. Меѓу барањата биле економски развој на албанските територии, целосна амнестија на бунтовниците и судски процеси за османлиските офицери кои учествувале во задушувањето на востанието.
На 4 септември 1912 година Високата порта го прекратила албанското востание, откако се согласила со сите барањата на револуционерите. Успехот на албанското востание дало сигнал на балканските држави дека Отоманското Царство слабее. Создавањето на автономен албански вилает, опфаќајќи територии населени со христијанско население се третирале како закана за националните интереси на останатите христијански земји од Балканот. Хасан Приштина започнал подготовка на ново востание за по три до четири месеци, но неговите планови пропаднале по почетокот на Балканската војна.
Балкански војни
[уреди | уреди извор]Во Првата балканска војна, Србија, Црна Гора и Грција заеднички го нападнале Османлиското царство и во следните неколку месеци ги поделиле сите територии од царството, кои биле населени со Албанци.[3] Кралството Србија го окупирало поголемиот дел од територијата на Албанија, заземајќи поголем дел од јадранскиот брег на Албанија.
За време на окупацијата биле извршени многу злосторства против албанското население со цел целосно да се промени етничкиот карактер на населението коешто живеело на тие простори.[3] Според Коста Новаковиќ, вкупниот број на жртви за време на окупацијата во сите албански области под српска окупација е проценет на околу 120.000 Албанци од двата пола и на сите возрасти.[4] Српската влада, официјално ги негирала поголемиот дел од извештаите за воени злосторства.[5]
Под силен меѓународен притисок, балкански соседи, во средината на 1913 биле принудени да се повлечат од територијата на меѓународно признатата држава Албанија.
Декларација за независност
[уреди | уреди извор]Декларацијата за независност на Албанија претставува изјава која била издадена на 28 ноември 1912 година според која била прогласена независноста на Албанија од Османлиското Царство. Независноста се прогласила од Големото народно собрание во Валона, а била потврдена со Лондонскиот договор со којшто била завршена Првата балканска војна во 1913 година.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ [1] -{The crescent and the eagle: Ottoman rule, Islam and the Albanians, 1874-1913}-, страна 125, Аутор: -{George Walter Gawrych}-
- ↑ Bep Jubani et al., Historia e popullit shqiptar: për shkollat e mesme (Libri Shkollor: Pristina, 2002) 182-185.
- ↑ 3,0 3,1 Report of the International Commission to Inquire into the Causes and Conduct of the Balkan War
- ↑ „Kosta Novaković, Srbizacija i kolonizacija Kosova“. Архивирано од изворникот на 2013-12-25. Посетено на 2013-04-09.
- ↑ „Leo Freundlich: Albania's Golgotha“. Архивирано од изворникот на 2012-05-31. Посетено на 2013-04-09.