Албанска мафија

Од Википедија — слободната енциклопедија


Албанска мафија (АМ) или Албански организиран криминал (AOК) се општите термини кои се користат за разни криминални организации сместени во Албанија или составени од етнички Албанци. Албанските криминалци се значително активни во САД и во земјите на Европската Унија (ЕУ), но и разни други делови на светот, вклучувајќи го Блискиот Исток и Азија. Албанската мафија учествува во разновиден опсег на криминални „претпријатија“ кои вклучуваат трговија со дроги, оружје, луѓе и човечки органи. Во Албанија има повеќе од 15 мафијашки семејства кои го контролираат организираниот криминал. Според одредени извештаи на Викиликс, албанската мафија поставила монопол на многу активности од Израел до Јужна Америка. Овие извештаи првично индицираат силна поврзаност помеѓу политичари и одредени мафијашки семејства. Според Истражувачкиот институт за европски и американски студии (RIEAS), албанските мафијашки групи се всушност хибридни организации (различни општествени сектори), често вклучени во криминални и политички активности.[1]

Структура[уреди | уреди извор]

Хиерархија на кланот[уреди | уреди извор]

Вообичаената структура на албанската мафија е хиерархиска. Семејствата имаат извршен комитет познат како „бајрак“ и избираат високорангиран член за секоја единица. Единицата е предводена од „шеф“ кој одбира свои заменици кои ќе се во подредена функција. Тие пак одбираат „пријател“ кој фигурира како посредник помеѓу членовите и е одговорен за координација на активностите во единицата.[2]

Членство[уреди | уреди извор]

Длабоко потпирајќи се на лојалноста, честа и семејството - преку крвните односи и бракот како особено важни - повеќето од албанските мрежи се чини дека се „старомодни“. Албанските мафијашки семејства или кланови обично се составени од групи кои имаат илјадници членови ширум светот, кои претставуваат пошироко семејство, живеејќи низ целиот Балкански пат од Источна Турција, Западна Европа и Северна Америка. Типично за припадниците на албанската мафија е да го носат двоглавиот албански орел на своето тело во форма на тетоважа, приврзок или облека. Ова е симбол на нивната лојалност и чест кон мафијата.

Според Јоанис Михалетос, семејната структура се одликува со силна внатрешна дисциплина, која се постигнува со казнена акција за секое отстапување од внатрешните правила. Казната обезбедува страв, а стравот гарантира безусловна лојалност кон семејството. Одредбите во рамките на семејната структура дозволуваат официјалните закони да се сметаат за секундарни, неважни и необврзувачки. Бидејќи мафијашките семејства се засноваат на крвни односи, бројот на членовите на кланот е ограничен, а врските меѓу нив имаат тенденција да бидат многу силни. Како резултат на тоа, инфилтрирањето во мафијата е речиси невозможно. Припадниците на другите етнички групи можат да бидат прифатени само како извршители за една употреба или на секундарни позиции. Албанските мафијашки семејства се организирани на 4-6 или повеќе нивоа; таквата структура им овозможува да ја зачуваат организациската способност, дури и ако некои од членовите или групите се во затвор.

Кланови по региони во Албанија[уреди | уреди извор]

Албанската мафија има кланови низ целиот свет. Во Албанија, постојат кланови кои делуваат во одредени места и градови. Секој регион е контролиран од различни мафијашки семејства кои ги надгледуваат меѓународните операции. Во Скадар, кланот Џаќа е моќен и има долга историја на криминални членови.[3] Други значајни семејства на албанската мафија кои оперираат во и околу Албанија се; семејството Брегу, предводено од Армир Брегу, кој отслужува затворска казна во Велика Британија, семејството Османи, и "Бандата од Лушње" чиј шеф "Алдо Баре" е уапсен и осуден. Кланот Алуши е сместен во регионот на Курцај, Албанија.[4]

Ритуали и кодекс на однесување[уреди | уреди извор]

Беса[уреди | уреди извор]

Албанската мафија го употребува поимот „Беса“, што означува доверба, како име за нивниот „кодекс на честа“.[5] За време на процесот на регрутирање, членот кој е воведен во албанската мафија е обврзан да положи заклетва. Заклетвата потоа се смета за света работа бидејќи се дефинира како беса. Бесата е мошне важна во албанската култура и се смета за вербален договор или симбол на доверба. Особено во северна Албанија, кога некој ви дава беса, тој ви го дал својот живот и ќе ве заштитува со неговиот живот.

Меѓународна активност[уреди | уреди извор]

Европа[уреди | уреди извор]

Белгија[уреди | уреди извор]

Според белгиската полиција, одделот специјализиран за албанскиот организирани криминал, албанската мафија има монопол врз одредени активности како „наркотици и трговија со оружје“.[6] Албански банди се проширени низ цела Европа, соопшти полицијата, додавајќи дека албанската бруталност и мрежи на проституција ги направија нив познати и доминантни во трговијата со луѓе на Запад. Тие се познати како многу насилни и не знаат да запрат по никаква цена. Белгија се смета за една од најважните земји за трговците со луѓе, што е последната порта пред влегување во Велика Британија, според некои „Ел Дорадо на нелегалната имиграција“.

Франција[уреди | уреди извор]

Албанската мафија има силно упориште во Франција, која е стратешко место бидејќи други примарни трансакции кои се одвиваат во соседните земји од различни мафијашки семејства и кланови се набљудувани оттука. Според француските медиуми „во многу градови во Франција, има мрежа на албанската мафија која е вклучена во трговија со наркотици и проституција. Тоа е високоорганизирана мрежа и е многу тешко да се откријат нејзините корени и да се навлезе внатре“.[7]

Скандинавија[уреди | уреди извор]

Албанските мафијашки кланови во Норвешка, Шведска и Данска се осомничени за вмешаност во шверцот со оружје, проституција, хероин и вооружени грабежи, каков што бил грабежот на 10 милиони долари во т.н. „грабеж NOKAS“ во 2004 година. "Етничката албанска мафија е многу моќна и исклучително насилна ", рекол Ким Кливер, главен инспектор за организирани криминал во данската национална полиција. „Ако ги споредиме со италијанската мафија, Албанците се посилни и не се плашат од убивање“. Извршните органи проценуваат дека дури и мала албанска банда може да прошверцува 220 килограми хероин за една година во Скандинавија.

Италија[уреди | уреди извор]

Географската блискост, пристапноста до Европската Унија низ Италија и врските со калабриските и апулиските криминални структури придонеле за експанзија на албанскиот криминал на италијанско тло. Дополнителни фактори, поврзани со економијата направиле албанскиот криминал да стане уште повеќе конкурентен. Впрочем, одредени организации кои дошле до Италија во 1990-те години, се инфилтрирале во ломбардската мрежа на трговија со наркотици водена од Ндрангета. Водачите на албанската мафија постигнале стабилни договори со италијанските криминални организации, како и со мафијата, на тој начин добивајќи легитимност во многу илегални кругови, приспособувајќи ги своите активности за да избегнат причини за конфликт со слични домашни структури. Така, албанска трговија со дрога се појавила во Апулија, Сицилија, Калабрија и Кампанија.[8]

Велика Британија[уреди | уреди извор]

Се верува дека бандите на албанската мафија стојат во позадина на проституцијата, криумчарењето емигранти, како и соработката со турските банди во Саутенд на Море, кои ја контролираат трговијата со хероин во Обединетото Кралство.[9]

Службеници на одделот за борба против пороци предвидуваат дека „Албанците во моментот контролираат повеќе од 75 проценти од борделите во земјата и нивните операции само во лондонски Сохо вредат повеќе од 13 милиони фунти годишно.“ Се вели дека се присутни во секој поголем град во Британија како и во многу помали, вклучувајќи ги Телфорд и Ланкастер, откако успеале да ги истиснат соперничките криминалци во меѓусебните пресметки. Соработничките структури во рамките на овие организации ги кријат своите криминални активности преку ресторани, барови и клубови во обид да останат скриени.

Албанските гангстери биле инволвирани во најголемиот грабеж на готовина во британската криминална историја, „грабежот Securitas“ во 2006 година, кога биле украдени 53 милиони фунти.[10]

Германија[уреди | уреди извор]

„Етничките Албанци“ (како што германската полиција официјално ги нарекува), мигрирале од Албанија, Македонија и Косово, заради војната во Косово. И покрај нивниот релативно мал број, тие мошне брзо ги презеле криминалните мрежи за хероин и проституција, побрзо од било која етничка група пред нив. Во 1999, имало многу лажни „албански“ банки кои префрлале огромни суми пари надвор од Германија со цел финансирање на герилската ОВК на Косово. Оваа мафија употребува толкаво насилство што германската полиција има проблем да пронајде сведоци кои би сведочеле против нив; сите потенцијални сведоци стравуваат за сопствената безбедност и безбедноста на своите семејства.[11]

Според извештаи на германските тајни служби активностите на албанската мафија се темелно распоредени низ цела Германија. Едно мафијашко семејство во Хамбург, на пример, според извештаите на тајната служба, има преку „300 милиони евра во недвижнини“. Понатаму, кланот имал значајни врски со полицијата, судии и обвинители во Хамбург.

САД[уреди | уреди извор]

Се претпоставува дела албанската мафија в САД значително ја зголемила својата доминантна моќ и е една од најнасилните криминални организации кои оперираат, особено заради нивните врски во Европската Унија.[12]

Во САД, албанските банди почнале да се активни во 1980-те години, најчесто учествувајќи во ситен криминал, како провали и грабежи. Подоцна, тие се поврзале со Коза Ностра криминалните семејства за да понатаму станат доволно силни да оперираат сопствени организации под семејното име Илијази.[13]

Една од најпознатите албански криминални организации била Организацијата Рудај (наречена „Корпорација“ од страна на нејзините членови). Во октомври 2004 година, Федералното истражно биро уапсило 22 членови кои работеле за оваа криминална организација. Меѓу нив бил и водачот, Алекс Рудај, со чие апсење се ставил делотворен крај на дејствата на Организацијата Рудај. Тој бил осуден на затворска казна во траење од 27 години.

Австралија[уреди | уреди извор]

Кумот на еднo од семејствата на мафијата - Даут Кадриовски - го привлекол вниманието на австалиските власти откако направил цевковод за дрога низ албанските и хрватските заедници во Сиднеј и Бризбејн.

Кина[уреди | уреди извор]

Албанската мафија ги проширила своите активности и до Кина. Ова дошло откако кинеските власти откриле активности на албанската мафија како трговија со дрога и мрежи на проституција. Извештаите велат дека мафијата е инволвирана во транспорт на дрога во различни градови низ Кина. Дополнително, откако ќе ја прокриумчарат дрогата, се вклучени и во пренесување кинески државјани до Европа.[14]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Tip Of The Iceberg: French Police Arrest Albanian Heroin Traffickers, But Balkan Criminal Gangs Tighten Grip Across Europe“. International Business Times. 2012-10-16. Посетено на 2017-10-22.
  2. „Albanian Criminal Activity“. www.kosovo.net. Архивирано од изворникот на 2018-11-11. Посетено на 2017-10-23.
  3. „Google Translate“. translate.google.com. Посетено на 2017-10-22.
  4. „Albanian Times: Albania confronts its Hatfields and McCoys“. archive.is. 2013-02-15. Архивирано од изворникот на 2013-02-15. Посетено на 2017-10-22.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  5. Hopkins, Nick; Correspondent, Crime (1999-09-07). „Albanian mafia targets Britain“. The Guardian (англиски). ISSN 0261-3077. Посетено на 2017-10-23.
  6. „Albania and Albanians around the world » Blog Archive » ALBANIAN MAFIA HAS DEEP ROOTS IN BELGIUM“. 2012-04-02. Архивирано од изворникот на 2012-04-02. Посетено на 2017-10-23.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  7. „Oranews.tv - Franca në alarm nga "mafia shqiptare", autoritetet: Vështirë t'i zbulohen rrënjët“. Oranews (англиски). Посетено на 2017-10-23.
  8. „The growing Albanian Mafia: from the risk of area to the great alliaces - GNOSIS - Rivista italiana di intelligence“. 2014-10-26. Архивирано од изворникот на 2014-10-26. Посетено на 2017-10-23.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  9. Thompson, Tony (2005). Gangs : a journey into the heart of the British underworld. London: Hodder. ISBN 0340830530. OCLC 61301470.
  10. Shaw, Adrian (2008-01-29). „Securitas heist: Five found guilty of Britain's biggest robbery“. mirror. Посетено на 2017-10-23.
  11. „[CTRL] Spiegel: Spider's net of the Albanian Mafia in Germany“. www.mail-archive.com (англиски). Посетено на 2017-10-23.
  12. „Albanian Mafia fueling Al Qaeda terrorist activity in US: Kosovo schools and orphanages open“. www.fivefamiliesnyc.com (англиски). Посетено на 2017-10-23.
  13. „Federal Bureau of Investigation - Organized Crime - Balkan Organized Crime“. 2008-04-24. Архивирано од изворникот на 2008-04-24. Посетено на 2017-10-23.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  14. „Zeri.info | Mafia shqiptare e shtrirë edhe në Kinë“. 2014-03-07. Архивирано од изворникот на 2014-03-07. Посетено на 2017-10-23.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]