Змеј

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Аждер)
Змеј, од Виктор Васнетсов

Змеј, ламја, аждер, ала или дракон (англиски: Dragon) — фантастично, митолошко суштество, кое според својот изглед е близок до змијата[1], човекот, птицата, метеорите. Змејовите биле прикажувани најразлично: со крилја, тело покриено со стргунки, со метални плочки, понекогаш златни, со големи глави и опасни заби, со оган кој излегувал од усните, ноздрите, со испакнати очи кои можеле да имаат и хипнотичка моќ, можеле да имаат повеќе глави, најчесто имале две нозе, опашка и биле различни по големина и боја.

Змејот во европската митологија[уреди | уреди извор]

Во Европа, змејот (грчки: δράκων) се претставува како суштетво со два чифта нозе и со крилја како на лилјак, кои му растат од грбот. Обично, тој заштитува некоја пештера или замок, полн со богатство и често се поврзува со некој јунак кој настојува да го убие. Така, во старогрчката митологија, златното руно, по кое тргнал Јасон, го чувал еден змеј, кој никогаш не спиел. Кога Јасон сакал да го земе златното руно, нему му се приближил змејот, но Медеја му распрскала волшебна напивка и змејот заспал, така што Јасон го зел златното руно од дрвото на кое тоа било обесено.

Змејот секогаш се поврзува со злото. Европскиот змеј вообичаено е со црвена, златна, сина, портокалова или зелена боја, а според хиерархијата, златниот змеј е над сите други змејови. Должината на змејовите достигнува до 25 метри, а крилјата им се двапати поголеми од нивната должина. Се хранат со овци, крави, коњи и други поголеми животни. Притоа, тие се многу интелигентни и често разбираат повеќе јазици, а некои дури и читаат и зборуваат. Европските змејови често зборуваат во загатки и кога некој човек ќе ја реши загатката, тој постанува доживотен пријател на змејот. Најпосле, нивната старост може да достигне дури 1.000 години.[2]

Змејот во народните верувања[уреди | уреди извор]

Според народното верување змејовите настанувале од змија постара од четириесет или сто години, од рибата крап која наполнила четириесет години. Змејот според некои верувања настанувал од птица, петелот и мисирот можеле да се претворат во змеј; змејот можел да биде роден и како човек (со специфични обележја како новороденче: ципа под мошниците, опашка, заби, шест прсти и др.), се верувало дека таквите деца настанале од врската меѓу змеј и жена, некаде се верувало дека децата родени по смртта на родителот, или вонбрачните деца можат да се претворат во змеј или им се припишувале натприродни способности својствени за митолошкото сфаќање за одликите на змејот[3]. Но, за одржување на ваквото дете во животот според старите верувања морале да се спроведат многу обредни правила; првата ноќ го варделе ‘чистите жени/ девојки ’ (вирго), некаде тоа го правеле девет стари жени, некаде дванаесет девојки кои во таа една ноќ подготвувале облека за новороденчето на кое му се припишувале својствата на заштитникот на селото. Во Македонија се верувало дека змејски одлики стекнува детето родено во глуво доба и тоа се нарекувало змејко.

Змејот во најголем број на народни преданија му припаѓа на машки пол, (во наративното творештво ретко се сретнува мома-змејовица, но со никаков опис не ѝ се даваат одлики на змејот, туку таа е опишана како прекрасна девојка), како негово живеалиште се наведувале планините, пештерите, карпите, реките и изворите, кај светите дрвја, најчесто околу дабовите, под земјата.

Иако според преданијата змејовите чинеле зло меѓу луѓето, ним им се припишувале и добри дела, заштита на сопствената територија (значи и на народот во неа), борба со алите, аждаите и невремето. Нивните стругунки се сметале за силна амајлија.

На змејовите им се припишувале антропоморфните одлики, неговиот живот се одвивал мошне слично како животот на луѓето. Имал способност на трансформација, долг живот, но во принцип на патријархалната мисла неговиот живот се одвивал во неговиот дом, со обезбедување на храна и останатите потребштини за живот. Чест антропоморфен народен мотив е вљубувањето на змејот во девојка; таа љубов понекогаш трае од времето кога тој ја видел девојката како дете и ја варди за себе, често се вљубувал во девојка која е родена или зачната во ист ден како и тој, некогаш се вљубувал во ќерка на истакнатите луѓе, девојките морале да почитуваат посебни правила за да не ја предизвикаат неговата љубов, да не одат навечер доцна и рано наутро на извор сами, да се кријат во куќата кога грми, да не пијат и не се мијат со водата која непокриена стоела во садовите и др.

При посета на одбраната девојка или жена змејот во нејзиниот дом влегувал низ оџакот како силен оган, како искра, влетувал како птица, како змија, како облак, магла, но во нејзино присуство се преобразувал во убав маж, но невидлив за околината. Неговото присуство го откривале доколку слушнеле разговор меѓу него и девојката. Во народното творештво се забележани и примери дека тој граба девојка и ја носи во својот дом. Љубовницата на змејот се разликувала од обичните жени по бледило, молчеливост, насолзени очи, недружељубивост. Се верувало дека тие немале долг век, бидејќи самата љубов на змејовите се сметала за болест, таа се манифестирала со халуцинации, со нервни растројства и неретко завршувала со самоубиство. Според други народни сведоштва љубовницата на змејот добивала натприродни исцелителски моќи и знаења.[4]

Змејот како тема во уметноста и во популарната култура[уреди | уреди извор]

  • „Цане и ламјата“ — македонска народна приказна.[5]
  • „Царева ќерка — ламја“ — македонска народна приказна.[6]
  • „Приказна за Хасиб Каримадини и змејскиот султан“ – приказна на африканското племе Свахили.[7]
  • „Двата змеја и двете момчиња“ - унгарска народна приказна.[8]
  • „Ламјата и царевиот син“ (српски: Аждаја и царев син) - српска народна приказна.[9][10]
  • Змеј“ - расказ на јапонскиот писател Рјуносуке Акутагава.[11]
  • „Добриот змеј“ — кус расказ за деца на ангискиот писател Доналд Басет од 1967 година.[12]
  • „Огнената ламја“ - расказ на рускиот писател Михаил Булгаков (расказот не е сочуван).[13]
  • „Од дувлото на змејовите“ - песна на рускиот поет Николај Гумиљов од 1911 година.[14]
  • „Невестата на змејот“ - книга на македонскиот писател Влада Урошевиќ.[15]
  • „Ламјата на господинот Когито“ - песна на полскиот поет Збигњев Херберт.[16]
  • „Змеј горјанин“ - песна на македонската група Баклава од 2008 година.[17]
  • „Дамата-змеј“ (англиски: Dragon Lady) — песна на американската хард-кор група Џермс (The Germs).[18]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Этимологический русскоязычный словарь Фасмера
  2. Александра Филиповска, Митски суштетства, Топер, Скопје, 2013, стр. 10-11.
  3. Танас Вражиновски, Македонска народна митологија, Матица Македонска, Скопје,2002, стр.180
  4. Гордана Стојковска, Речник на јужнословенска митологија, Издавачки центар Три, Скопје, 2004, стр.131 - 132, (ISBN 9989-918-97-X).
  5. Волшебни сказни на балканските народи. Скопје: Просветно дело, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 14-18.
  6. Томе Саздов (избор), Македонски народни приказни. Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2004, стр. 62-67.
  7. Бајке са југа Африке. Београд: Народна књига, 1964, стр. 14-29.
  8. Мађарске бајке. Београд: Народња књига, 1974, стр. 25-32.
  9. Народне приповетке. Београд: Просвета, 1963, стр. 54-58.
  10. Вук Караџић, Српске народне приповијетке. Београд: Лагуна и Вукова задужбина, 2017, стр. 92-99.
  11. „Zmaj“, во: Riunosuke Akutagava, Rašomon. Beograd: Plavi krug; Zemun: Neven, 2003, стр. 187-201.
  12. Доналд Бисет, Разговори со еден тигар. Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга и Детска радост, Скопје, 1993, стр. 50-51.
  13. „Mihail Bulgakov 1891 - 1940. Hronologija“, во: Mihail Bulgakov, Pseće srce. Beograd: LOM, 2008, стр. 122.
  14. Антологија руске лирике – X-XXI век. Књига II: Прва четвртина – средина XX века (авангарда и социјалистички реализам). Београд: Paidea, 2007, стр. 21-22.
  15. Магор, Каталог 2015. Скопје, 2015, стр. 22.
  16. Zbignjev Herbert, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg – Čigoja štampa, стр. 169-172.
  17. Baklava, Kalemar, SJF Records 124, 2008.
  18. Discogs, Germs – (GI) (пристапено на 8.5.2022)