Адмирал

Адмирал (арапски: أمير البحر = „господар на морето или командант на флота“, кинески: 上將) — општ назив за највисоките чинови на офицери во воената морнарица и речната флотила. Во копнената војска и военото воздухопловство, овој чин одговара на чинот генерал.
Во Европа, Сицилијанците почнале да го употребуваат називот адмирал во XII век. Во XIII век, тој бил прифатен од многу европски морнарици. Во хрватските документи од XIV век, адмиралот се споменува под латинизираниот назив admiratus.
Етимологија
[уреди | уреди извор]Зборот адмирал на средноанглиски потекнува од англо-францускиот amiral, што значи „командант“, од средновековниот латински admiralis или admirallus. Тие се развиле од арапскиот Amīral (أمير الـ) — Amīr (أمير), што значи „крал, принц, поглавица, водач, благородник, господар, гувернер, командант или личност што владее со одреден број луѓе“. На арапски јазик, адмирал е исто така претставен како Amīr al-Baḥr (أمير البحر) или (البحر أمير), каде што al-Baḥr (البحر) значи „море“.
Изданието на „Речникот на англискиот јазик“ на Семјуел Џонсон од 1818 г., уредено и ревидирано од Хенри Џон Тод, наведува дека поимот „ја следел арапската логика“: Емир или амир, „господар или командант“, и грчкиот ἄλιος, „море“, или „принц на морето“. Зборот се пишувал со и без „д“ на други јазици, на пример, варварскиот латински admīrallus и amīralius. Францускиот admiral и amiral, данскиот исто, германскиот ammiral, холандскиот admirael или ammirael, италијанскиот ammiraglio, шпанскиот almirante. Миншеу во својот Шпански речник наведува дека ‘almiralle е „крал на арапскиот јазик“. Роберт од Глостер го користи Amrayl во смисла на принц или гувернер.
Цитатот од Речникот на шпански и англиски јазик на Џон Миншеу (1599), даден во Џонсоновиот речник, е потврден како точен. Покрај тоа, определбата за Amīr (أمير), како што е дадена во Арапско-англискиот лексикон на Едвард Вилијам Лејн, делумно се совпаѓа со определбата на Миншеу, наведувајќи дека тој израз значи „Оној што има, држи или поседува команда; командант; гувернер; господар; принц или крал“.
Додека другите грчки зборови од тој период укажувале на „припадност на морето“ или „од морето“, сега застарениот грчки збор ἄλιος спомнат во Џонсоновиот речник е јасно определен како „од морето, лат. marinus, епитет на морските богови, нимфи итн.“ Иако постојат повеќе значења за арапскиот Amīr (أمير), дословното значење на фразата Amīr al-Baḥr (أمير البحر) е „Принц на морето“.
Оваа положба, наспроти „командант на морето“, е демонстрирана со правната пракса што преовладувала во Отоманското Царство. Единствено Фанариотите можеле да се квалификуваат за да ги постигнат четирите кнежевски положби, од кои биле големиот драгоман, драгоманот на флотата и војводите на Молдавија и Влашка. Оние Фанариоти што го достигнале кнежевската положба драгоман на флотата, служеле под османлискиот адмирал што управувал со егејските острови и анадолскиот брег.
Современото признавање на фразата Amīr al-Baḥr (أمير البحر) со значење „Принц на морето“ вклучува говор одржан на официјална американска воена церемонија во арапско пристаниште и новински напис објавен во арапски весник. На 24 мај 2012 г., на церемонијата за промена на командата на бродот носач на авиони УСС „Ентерпрајз“ (CVN 65), додека бил закотвен во пристаништето Калифа бин Салман, Бахреин, генералот на Маринскиот корпус на Соединетите Држави, Џејмс Матис, командант на Централната команда на САД, го претставил вицеадмиралот Марк И. Фокс како „Адмирал Фокс, Принц на морето, Емир на морето — да го преведам ‘адмирал’ од арапски на англиски“.[1] На 4 февруари 2021 г., во најавата за неговата смрт поврзана со коронавирусот, арапската веб-страница Saudi 24 News го нарекла адмиралот Едмонд Чагоури со титулата „Принц на морето“.[2]
Историја
[уреди | уреди извор]Арапите ги користеле тие изрази и ги имале тие чинови во нивните воени и трговски флоти уште во IX, односно X век, и со нив ги нарекувале водачите и командантите на поголемите бродски состави. Во тоа време, дури и трговските бродови биле вооружени и пловеле како воени, во заеднички состави и под заедничка команда, со цел подобро да се заштитат од пиратски напади и потфати. Подоцна, тој израз бил латинизиран и претворен во „адмиратус“; во тој облик се среќава во XI век во Сицилијанската морнарица, каде што така се нарекувал командантот на воената флота. Џеновјаните во XIII век го користеле називот „алмиранте“ за нивните команданти на флоти, и тој чин се наоѓа во разни средоземни флоти што превезувале крстоносни походи и војски во Светата Земја. Венецијанците, иако познати и славни морепловци, сепак останале на својот првичен назив „capitano generale del mare“ и така ги нарекувале командантите на венецијанските флоти и ескадри.
Англичаните, Холанѓаните, а нешто подоцна и Французите, ги нарекувале своите врховни команданти на море адмирали, почнувајќи од средината на XIII век. Во големите и моќни флоти на овие народи, адмиралскиот чин постепено добивал и свои градации во облик на контраадмирал, вицеадмирал и адмирал. Адмирал обично се нарекувал поморски офицер на положба главен командант на флотата (ескадрата); вицеадмиралот бил втор по ранг по него и во борбениот, односно маршевскиот поредок командувал со челната дивизија. Контраадмиралот бил трет по ранг и командувал со бродовите во заднината. Самиот назив „контраадмирал“ (англиски: „rear admiral“ или во поранешната италијанска терминологија: „retro ammi-raglio“) е поврзан со тој поредок. Холанѓаните, кои имаат една од најславните поморски традиции, и денес го нарекуваат офицерот со чин контраадмирал „schout-bij-nacht“, а тој стар израз целосно одговара на претходно споменатата положба во борбената линија и поредок. Англичаните, почнувајќи од 1546 г., го имале и чинот „lord high admiral“, кој бил главен командант на целокупната британска морнарица. На почетокот на XIX век, овој чин бил укинат.
Споменатите три традиционални и основни адмиралски чина одговараат на генералските чинови во копнената војска: контраадмирал на бригаден генерал, вицеадмирал на дивизиски генерал, а адмирал на армиски генерал. Меѓутоа, покрај оваа градација на адмиралски чинови, постојат и други повисоки адмиралски чинови, особено во некои поголеми морнарици. Така, во Руската морнарица порано постоел чинот „генерал-адмирал“ за најстариот и највисокиот командант. Германците порано го имале чинот веле-адмирал (Großadmiral), а денес го имаат и чинот генерал-адмирал. Чинот Großadmiral е највисок и одговара на фелдмаршал. Овој чин се добивал само за исклучителни заслуги. Во Обединетото Кралство, чинот што одговара на велеадмирал е „admiral of the fleet“, кој го имале познатите адмирали Џелико и Бејти.
Сите адмиралски чинови порано им биле доделувани само на поморските офицери, но во поново време такви чинови им се даваат и на стручни офицери (морнарички лекари, инженери, интенданти итн.), со додаток на соодветната струка. Сличен е случајот и со генералските чинови во војската. Пристаништен адмирал се нарекува главниот командант на една воена порта, односно упориште, база итн.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Vice Adm. Miller Takes Helm of U.S. Navy in Middle East and Combined Maritime Forces“. Combined Maritime Forces (CMF). 24 May 2012. Архивирано од изворникот 27 септември 2020. Посетено на 25 февруари 2021.
- ↑ „Corona kidnaps the Prince of the Sea, Admiral Shaguri, in the protection of God – Al-Bina newspaper“. Saudi 24 News. 4 февруари 2021. Архивирано од изворникот на 24. 02. 2021. Посетено на 25 февруари 2021. Проверете ги датумските вредности во:
|archive-date=(help)
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]| „Адмирал“ на Ризницата ? |
. Encyclopædia Britannica (11. изд.). 1911.
. Нова меѓународна енциклопедија. 1905.