Аделберт фон Шамисо

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Аделберт фон Шамисо (Adelbert von Chamisso) (30 јанаури 1781 - 21 август 1838) - бил германски писател со француско потекло.

Биографија[уреди | уреди извор]

Во 1790 година, во екот на Француската револуција, старото благородничко семејство Аделаиде го напуштило својот дворец Бонкур во Шампања и се преселило во Германија. Меѓу членовите на семејството се наоѓало и деветгодишното момче Луј Шарл, кое дури многу подоцна го зел името Аделберт фон Шамисо. Малиот Луј Шарл со љубов го учел германскиот јазик, иако целиот живот подобро го зборувал својот мајчин јазик. Така, според едно сведоштво, во последните денови пред смртта, додека бладал во бесознание, сите зборови му биле на француски јазик. По доаѓањето во Германија, кога малку пораснал, станал паж на прускиот двор, а подоцна и офицер во пруската армија, иако воопшто не ја сакал војничката служба. Инаку, како офицер на пруската армија тој учествувал во војната против Наполеон, во 1806 година.[1]

Шамисо остварил разновидна активност – тој бил поет, филозоф и научник, а бил и војники морепловец. Покрај со книжевноста, во текот на целиот живот се занимавал со ботаника и зоологија, а студирал и медицина. Во желбата за стекнување широки знаења, Шамисо учел грчки, латински и шпански јазик. Во 1815 година учествувал во едно поморско патување околу светот, а се вратил во 1818 година со огромна ботаничка и зоолошка збирка. Во 1819 година станал доктор по филозофија, како и член на Друштвото на пријателите-испитувачи на природата. Пред крајот на животот работел на граматиката и на речникот на јазиците од Хаваите при што своите дела ѝ ги подарил на академијата на науките во Берлин. Умрел на 21 август 1838 година.[2]

Творештво[уреди | уреди извор]

Шамисо станал славен со својата единствена новела „Чудните доживувања на Петер Шлемил“ од 1814 година. Покрај ова дело, тој е автор и на поголем број песни, од кои најпозната е „Песната на старата перачка“.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Аделберг фон Шамисо, Чудните доживувања на Петер Шлемил. Скопје: Наша книга, 1974, стр. 59-60.
  2. Аделберг фон Шамисо, Чудните доживувања на Петер Шлемил. Скопје: Наша книга, 1974, стр. 60-61.
  3. Аделберг фон Шамисо, Чудните доживувања на Петер Шлемил. Скопје: Наша книга, 1974, стр. 59.