Аголна брусилка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Аголна брусилка
Батериска аголна брусилка

Аголна брусилка, разговорно шлајферица – машинска преносна (рачна) алатка која се користи за сечење (режење), брусење и полирање.[1]

Аголните брусилки може да бидат изведени со електромотор, мотор со внатрешно согорување или на компримиран воздух. Моторот движи глава со запченик поставена под прав агол на која е поставена брусна (абразивна) плоча или потенок резен диск, кои можат да се заменат кога ќе се изабат. Вообичаено аголните брусилки имаат заштитен дел кој се дотерува и странична дршка за ракување со две раце. Некои аголни брусилки, во зависност од нивната брзина, може да се користат како уреди за шмирглање користејќи плоча за шмирглање.

Користење на аголна брусилка


Употреба[уреди | уреди извор]

Аголните брусилки може да се користат за отстранување на вишокот материјал од некој дел. Постојат голем број различни видови на плочи кои се користат за различни материјали и намени, како резни плочи (дијамантска острица), абразивни брусни плочи, плочи за шмирглање, кружни жични четки и полирачки перничиња. Аголните брусилки имаат големи лежишта (лагери) за да им се спротивстават на страничните сили кои се генерираат за време на сечењето. За разлика од нив, кај дупчалките силите се аксијални.

Аголните брусилки имаат широка употреба во обработката на метали и во градежништвото, како и при итни случаи за спасување. Вообичаено се наоѓаат во работилници, автомобилски сервиси и автолимарски работилници. Постои голема разноликост на аголни брусилки, па при изборот треба да се внимава за нивната соодветност за намената. Најбитните фактори при избор на соодветна брусилка се големината на плочата и моќноста на моторот. Други фактори се енергетскиот извор, пневматски или електричен, бројот на вртежи во минута и големината на оската. Големината на плочата и моќноста растат истовремено. Големината на плочите вообичаено се мери во милиметри или инчи. Плочите за пневматските брусилки се помали. Овие брусилки вообичаено се користат за полесни работи каде се бара поголема прецизност. Ова е заради тоа што пневматските брусилки може да бидат помали и полесни а сепак остануваат моќни бидејќи не содржат тешки бакарни намотки на моторот, додека за електричните брусилки е потешко да се постигне поголема моќност со помали димензии. Електричните брусилки почесто се користат за поголеми и потешки работи. Сепак постојат и мали електрични и големи пневматски брусилки.

Безбедност[уреди | уреди извор]

Видео за истражувањето на вибрациите на пневматските брусилки

Според студија на Националниот институт за безбедност и здравје на работа на САД, нивото на бука и вибрации на брусилките при работа без оптоварување е во опсегот од 91 до 103 dBA. [2] Исто така при сечење на метали со аголните брусилки се јавуваат искри. При сечење на други материјали се јавуваат отпадни парчиња. Самите сечила исто така може да се скршат. Ова е голема опасност за лицето и особено за очите, но и за другите делови на телото, заради што мора да се користи целосен штитник за лице (визир) како и друга заштитна облека. Аголните брусилки не смеат никогаш да се користат без нивниот заштитен дел и без прицврстена дршка. Тие се потребни како неопходна мерка на претпазливост за безбедноста. Сите делови на кои се работи треба да бидат добро прицврстени или да се држат во менгеме.

Историја[уреди | уреди извор]

Аголните брусилки биле пронајдени во 1954 година од германската компанија „Акерман и Шмит Електроверкцојге“ во Штајнхајм ан дер Мур.[3]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. KA Tools FAQ
  2. National Institute for Occupational Safety and Health (NIOSH) Division of Applied Research and Technology (DART), Hand-held Power Tools Sound Pressure and Vibrations Database, 2009
  3. Henke, Michael (January 2009), "Nachgefragt: Warum heißen Winkelschleifer "Flex"" (PDF), Fliesen und Platten (Köln: Verlagsgesellschaft Rudolf Müller): 45, конс. 2016-11-29