Агенција за кредитен рејтинг

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Агенција за кредитен рејтинг (англиски: Credit rating agency) е финансиска институција што се занимава со оценување на кредитната способност на должниците (држави, финансиски институции, претпријатија). Притоа, оцената што агенцијата им ја доделува на должниците и на финансиските инструменти се нарекува „кредитен рејтинг“ и вообичаено се означува со букви или со комбинација на букви, броеви и други знаци (на пример, со „плус“ и „минус“). Кредитниот рејтинг претставува независна оцена на кредитната способност, заснована врз анализата на бројни фактори.[1]

Видови агенции за кредитен рејтинг[уреди | уреди извор]

Агенциите за кредитен рејтинг може да бидат национални и меѓународни. На пример, во САД т.н. „Национално регистрирани статистички рејтинг-организации“ (Nationally Registered Statistical Rating Organizations, NRSRO) кои за да добијат дозвола за работење мора да ги исполнат условите пропишани од Комисијата за хартии од вредност (Securities and Exchange Commission), која е нивен регулатор. Повеќето од нив наплаќаат провизии од издавачите на хартии од вредност кои бараат рејтинг и тоа се нарекува „модел каде плаќа издавачот“ (issuer-pays model). Меѓутоа, некои агенции наплаќаат провизии од инвеститорите кои ги користат нивните информации и тоа се нарекува „модел каде плаќа инвеститорот“ (investor-pays model). Во 2008 година, во САД постоеле следниве национално регистрирани агенции:[2]

  • A. M. Best Company
  • Egan-Jones Rating Company
  • Japan Credit Rating Agency, Ltd.
  • Moddy's Investor Service
  • Realpoint LLC
  • Dominion Bond Rating Service, Ltd.
  • Fitch Rating
  • LACE Financial
  • R & I, Inc.
  • Standard & Poor's

Покрај кредитниот рејтинг, овие агенции почнале да издаваат и т.н. „рејтинг за наплата“ (recovery rating) на финансиските инструменти издадени од фирмите со низок кредитен рејтинг кои имаат висока веројатност за неплаќање на својот долг. На тој начин, агенциите за кредитен рејтинг прават обид за разграничување на вредноста што би можела да се наплати од должникот (recovery) од веројатноста за неплаќање на долгот (default).[3]

Улогата на агенциите за кредитен рејтинг во Светската финансиска криза од 2007 година[уреди | уреди извор]

За време на Светската финансиска криза од 2007 година, многу агенции за кредитен рејтинг биле критикувани поради тоа што не ги приспособиле нивните рејтинзи на брзите промени во кредитната способност на издавачите на хартии од вредност. Тие биле обвинети за крупни грешки при оценувањето на квалитетот на финансиските инструменти, како и за судир на интереси во нивното работење. Критиката кон нив произлегувала оттаму што голем број сложени финансиски инструменти поседувале првокласен кредитен рејтинг (на пример, „ААА“), иако за брзо време станале ненаплатливи. На тој начин, агенциите за кредитен рејтинг биле посочувани како едни од виновниците за настанувањето и за продлабочувањето на финансиската криза.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 83.
  2. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 84.
  3. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 85.