Авторско право и сродни права

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај


Терминот авторско право потекнува од латинскиот збор auctor, што во класичниот латински јазик значел создавач, множител, творец, основач, втемелувач, зачетник и др. Авторското право се однесува на уметничките креации, односно на делата кои, по правило, се оригинални интелектуални креации во литературата, науката и уметноста. Всушност, сите национални закони за авторско право обезбедуваат заштита на: литературни творби; музички творби; уметнички творби; карти и технички цртежи; фотографски дела; кинематографски дела и компјутерски програми. Како, сродни права се сметаат правата на уметниците-изведувачи над своите изведби и правата на фонограмските, филмските и сценските продуценти, на РТВ организациите и на издавачите на нивните фонограми, видеограми, сценски дела, емисии или изданија и сл. Поимот «авторско право» има повеќе значења: авторско право во објективна смисла; авторско право во субјективна смисла; како правна наука и како правна практика. Во објективна смисла авторското право може да се дефинира како збир на правни правила коишто ги нормираат општествените односи во поглед на интелектуалните творби во областа на книжевноста, науката и уметноста. Авторското право во субјективна смисла може да се дефинира како право на авторот (творецот) на конкретно авторско дело во областа на науката, книжевноста и уметноста, во однос на неговата творба призната со објективното право.

Видови на авторски дела[уреди | уреди извор]

Тргнувајќи од категоризацијата на авторски дела од член 2 став 1 од Бернската конвенција, македонскиот законодавец во член 3 став 2 од ЗАПСП направил соодветна категоризација на авторските дела. ЗАПСП како авторски дела ги смета особено:
  • пишано дело, како книжевно дело, напис, статија, прирачник, брошура, научен труд, расправа и слично;
  • компјутерска програма, како книжевно дело;
  • говорно дело, како говор, беседа, предавање и слично;
  • музичко дело, со или без текст;
  • драмско, драмско-музичко и куклено дело;
  • кореографско и пантомимичарско дело, фиксирано на материјална подлога;
  • форографско дело и дело создадено во постапка слична на фотографската;
  • кинематографско и друго аудиовизуелно дело;
  • ликовно дело, како слика, графика, скулптура и слично;
  • архитектонско дело;
  • дело од применетата уметност и дизајнот и
  • картографско дело, план, скица, технички цртеж, проект, табела, пластично дело и друго дело со ист или сличен карактер од областа на географијата, топографијата, архитектурата или друга научна, образовна, техничка или уметничка природа.
Истовремено како самостојно авторско дело заштитени се и преработките на авторските дела и на делата од народното творештво, збирките на авторски дела и дела од народното творештво и базите на податоци.

Сродни права на авторското право[уреди | уреди извор]

Сродните права на авторското право се појавиле на крајот од 19-от век, како резултат на новите пронајдоци (фонограф, грамофон, кинематографски апарат). Овој тренд продолжи и кон крајот на 20-от век, како резултат на развојот на дигиталната технологија и Интернет. Тие влијаат на појавата и признавањето на нови права кои се сродни на правото на авторот (правото на уметниците-изведувачи, правото на производителите на фонограми и правото на РТВ организациите). Секое од наведените сродни права има свој посебен предмет на заштита кој е сврзан, главно, со авторското дело. Сродните права се разликуваат од авторското право особено во поглед на носителот, предметот и траењето на правото.