Автопат А1 (Македонија)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Автопат А1 shield

Пријателство
Информации за правецот
Дел од E75
Должина:173 км
Поважни клучки
Северен крај:Куманово, српска граница
Јужен крај:Гевгелија, грчка граница
Местоположба
Поважни градови:Куманово, Скопје, Велес, Гевгелија
Патна мрежа
Патишта во Македонија

„Пријателство“ (ознака: А1, по старо: M1), порано „Александар Велики“ — автопат во Македонија, кој се протега во меридијански правец север–југ, од границата со Србија, кај граничниот премин Табановце, сè до границата со Грција, кај граничниот премин БогородицаМачуково (Евзони), близу Гевгелија. Автопатот е дел од паневропскиот меѓународен коридор 10, т.е. меѓународната рута Е-75.

Правец на протегање[уреди | уреди извор]

Делницата на автопатот „Пријателство“ кај ’Ржаничино.

Автопатот „Пријателство“ започнува од граничниот премин Табановце, северно од градот Куманово, и во две двонасочни ленти продолжува низ Кумановското Поле, минувајќи непосредно западно крај Куманово, каде се наоѓа крстосницата со магистралниот пат кон Крива Паланка и граничниот премин „Деве Баир“ на границата со Бугарија. Близу рафинеријата за нафта „ОКТА“ кај селото Миладиновци навлегува во Скопската Котлина и долината на реката Вардар, по која продолжува да се протега сè до македонско-грчката државна граница. Кај селото Миладиновци се наоѓа клучката, т.е. раскрсницата со делницата од автопатот кој води кон главниот град Скопје и продолжува кон запад како дел од меѓународниот паневропски коридор 8, а во овој предел автопатот непосредно минува и се поврзува Меѓународниот аеродром Скопје.

Глетка од Делницата Велес - Градско, кај селото Ногаевци.

Автопатот продолжува кон југ, навлегувајќи во Прнарската Клисура на реката Пчиња и Таорската Клисура на реката Вардар продолжувајќи низ повеќе тунели кон Велес. Делницата од автопатот Катланово - Велес се состои од двенасочни одделни коловозни ленти кои се меѓусебно раздалечени по неколку километри поради ридско-планинскиот, карпест и клисурест терен и во овој предел не постојат клучки за излез од едната и приклучување кон другата насока. Непосредно пред Велес се наоѓа крстосницата на магистралниот пат кон Штип, Кочани и Делчево сè до македонско-бугарската граница. По Велес автопатот минувајќи преку реката Вардар, продолжува кон југ со две одделни непосредно блиски двонасочни коловозни ленти сè до Градско каде се наоѓа крстосницата со магистралниот пат кој води кон Кавадарци, Прилеп и Битола.

Автопатот во Демиркаписката Клисура.

Минувајќи непосредно крај античкиот град Стоби, автопатот продолжува низ Тиквешката котлина кон Неготино, каде се наоѓа крстосницата со патниот правец кон Радовиш и Струмица. Во две одделни двонасочни коловозни ленти автопатот продолжува сè до Демир Капија, каде тие се спојуваат во една двонасочна лента и навлегуваат Демиркаписката Клисура и двата препознатливи тунели. На овој потег се наоѓа единствената делница која има една двонасочна лента, а која треба до 2017 година да се изгради уште една одделна лента.

Кај селото Удово автопатот навлегува во Гевгелиско-валандовската клисураи тука се наоѓа излезот за патниот правец кон Валандово и Дојран. Сè до селото Смоквица на десниот брег на реката Вардар патот продолжува во единствена двонасочна лента, а потоа повторно се раздвојува во две одделни коловозни ленти сè до градот Гевгелија каде се наоѓа клучката на локалниот патен правец кон Богданци. На само 3 километри по Гевгелија патот завршува кај граничниот премин „Богородица“ на македонско-грчката државна граница.

Историја[уреди | уреди извор]

Поради поволноста и стратешката важност на Вардарската долина, таа секогаш била сообраќајно важна артерија и оска на Македонија и Балканскиот Полуостров. Најверојатно по оваа траса уште во античко време, најславниот македонски владетел и војсководец Александар III Македонски заминал во поход против Трибалите на север. Потоа овој географски предел бил многу важен патен правец кон Егејското Море, а во 1873 била изградена и првата железничка пруга од Солун до Скопје.

Во втората половина на XX век, овој патен правец бил дел од југословенскиот Автопат „Братство и единство“, кој минувал низ четири југословенски републики, поврзувајќи ги крајната северна и крајната јужна граница. Сепак условите и инфраструктурата на патот, не биле целосно на нивото на денешните меѓународни стандарди за автопатишта, бидејќи само делот од Куманово до Велес бил со две разделени сообраќајни ленти.

По осамостојувањето на Македонија во 1991 година, овој пат етапно почнува да се доградува и подобрува, со изградба на одделни сообраќајни коловозни ленти во две насоки. Доградбата и обновата на автопатот во најголем дел се одвивала со средства на Македонија и финансиска помош од фондовите на ЕУ. Така во периодот од доцните деведесетти до 2000 година е завршена делниците до Градско и Смоквица - Гевгелија, потоа во периодот 2001-2002 делницата до Неготино, во периодот до 2004 е завршена делницата до Демир Капија, а на 8.9.2011 е завршена седумкилометарската делница Куманово - Табановце. Во моментот се работи на изградба на втора одделна сообраќајна коловозна лента на делницата Смоквица - Демир Капија, со што до 2016 година целосно ќе се заврши и изградбата на целиот автопат по сите меѓународни стандарди со две одделни коловозни сообраќајни ленти[1].

Со одлука на Владата на Македонија, од 2008 година, овој автопат го носи името Александар Македонски. Сепак, истиот бил именуван во „Пријателство“ во 2018 година, во знак на пријателство помеѓу Македонија и Грција.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]