Прејди на содржината

Австриска економска школа

Од Википедија — слободната енциклопедија

Австриската економска школа е гранка на неокласичната економска теорија.

Настанување и развој

[уреди | уреди извор]

Австриската школа се појавила како гранка на маргинализмот во 1870 година, а нејзин основач е Карл Менгер кој, заедно со Леон Валрас и Стенли Џевонс, е еден од основачите на маргинализмот. Основните столбови на Австриската школа се: новата теорија на вредноста, позната како теорија на полезноста, субјективниот избор на поединците, анализата на размената, нагласок на улогата на неизвесноста, субјективноста, времето, знаењето и координацијата итн. Покрај Менгер, најпознати претставници на Австриската школа се Фридрих фон Визер и Ојген фон Бем-Баверк. Визер ја развил теоријата на трошоците на пропуштените можности и ја започнал критиката на социјалистичкото планирање, додека Бем-Баверк е автор на новата теорија на капиталот. Најзначајните претставници од третата генерација на Австриската школа се Лудвиг фон Мизес и Фридрих фон Хајек, кои го бранеле либерализмот, а четвртата генерација ја сочинуваат: Хаберлер, Махлуп, Кирцнер, Лакман, Ротбард итн. Приврзаниците на Австриската школа кои работеле во САД се нарекуваат „австриски економисти“ или „американски Австријци“. Субјективната теорија на вредноста на Менгер е основа на модерните теории на вредноста, теоријата на Бем-Баверк извршила големо влијание врз творештвото на Кнут Виксел и Ирвинг Фишер, додека методолошките изучувања на фон Мизес се одразиле врз творештвото на Лајонел Робинс. Паралелно со ова главна струја, во развојот на Австриската школа се појавиле и странични правци, како: творештвото на учениците на фон Мизес (Хајек, Махлуп, Хаберлер, Моргенштерн, Крицнер итн.), а покрај нив, значајни имиња на Австриската школа се и Јозеф Шумпетер и Лудвиг Лакман.[1]

Ставовите на Австриската школа за либерализмот и за капитализмот биле посебно актуелни во 1970-тите, кога извршиле пресудно влијание врз новата класична економија, на теоријата на јавниот избор итн. Во 1980 година се појавиле све списанија кои се посветени на изучувањето на Австриската школа: „Преглед на Австриската економија“ (The Review of Austrian Economics) и „Пазарниот процес“ (Market Process). Во Франција се објавени неколку статии посветени на Австриската школа во „Списанието за економисти и за хуманистички истражувања“ (Journal des Economistes et des Edutes Humanites). Според фон Хајек, најважното откритие на Австриската школа е сознанието дека економските настани не можат да се објаснат со претходните настани кои би биле означени како причини и тоа што нејзините претставници ја оформиле економската теорија како кохерентен систем. Во праксата, идеите на Австриската школа биле применети во средината на 1970-тите во борбата против инфлацијата.[2]

Основни карактеристики

[уреди | уреди извор]

Основните одлики на Австриската школа се: радикалниот субјективизам, методолошкиот индивидуализам, целесообразност на човечкото дејствување, каузално-генетското значење итн. Така, приврзаниците на оваа школа сметаат дека сите економски одлуки се субјективни и зависат од знаењето, толкувањата, очекувањата и внимателноста. Според нив, економијата е наука за изборот и затоа таа треба да ги проучува економските односи на ниво на поединците. Понатаму, тие сметаат дека поединците дејствуваат за остварување на определени цели поради што зад секоја акција стојат очекувањата. каузално-генетскиот карактер произлегува оттаму што тие го ставаат нагласокот врз суштината наместо на функционализмот. Тие се противеле на математизацијата на економската теорија и го отфрлаат сциентизмот, сметајќи го за механички и некритички обид за примена на принципите на природните науки во економијата.[3]

  1. Методија Стојков, Фридрих фон Хајек. Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Економски факултет, Скопје 2025, стр. 18-21.
  2. Методија Стојков, Фридрих фон Хајек. Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Економски факултет, Скопје 2025, стр. 21-23.
  3. Методија Стојков, Фридрих фон Хајек. Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Економски факултет, Скопје 2025, стр. 23-25.