Прејди на содржината

Авантура

Од Википедија — слободната енциклопедија
Њуел Конверс Вајет, „Авантурата на џиновската лигна“ (ок. 1939)

Авантура или приклучение[1][2] — возбудливо доживување или потфат што е вообичаено смел, а понекогаш и ризичен.[3][4] Авантурите можат да бидат активности со опасност, како што се патување, истражување, скокање со падобран, планинско качување, нуркање, сплаварење на река или други екстремни спортови. Авантурите често се преземаат за да се предизвика психолошка возбуда или со намера да се постигне поголема цел, како што е потрага по знаење што може да се добие само преку такви активности.

Хероите на авантуристичките книги се секогаш смели, силни, неуморни, стремејќи се да откријат нешто ново и да го променат животот; тие нѐ воодушевуваат со својот пример; ни се јавува желба да ги подражаваме, да бараме и да најдеме.

Цел и мотивација

[уреди | уреди извор]

Авантуристичките доживувања создаваат психолошка возбуда, која може да се толкува како негативна (на пр., страв) или позитивна (на пр., тек — состојба на целосно потопување во активноста).[5] За некои луѓе, приклучението станува главна цел сама по себе. Според авантуристот Андре Малро во неговото дело „Човечката судбина“ (1933), „Ако човекот не е подготвен да го ризикува својот живот, каде е неговото достоинство?“ Слично на тоа, Хелен Келер изјавила дека „Животот е или смела авантура или ништо“.[6]

Авантуристичките дејности на отворено најчесто се преземаат за цели на рекреација или возбуда; примери се авантуристички трки и авантуристички туризам. Авантуристичките дејности исто така можат да доведат до стекнување знаење, како оние што ги преземаат истражувачите и пионерите — на пример, британскиот авантурист Џејсон Луис ги користи авантурите за да извлече поуки за светска одржливост од живеењето во конечни еколошки ограничувања на експедициите, и тие поуки да ги сподели со учениците. Авантуристичкото образование намерно користи предизвикувачки искуства за учење.

Авторот Џон Леви претполага дека едно доживување треба да исполни неколку критериуми за да се смета за авантура:

  • Да биде значајно — односно, вредно за раскажување.
  • Да вклучува неволја или согледан ризик.
  • Да донесе личен развој.
  1. „приклучение“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. „приклучение“Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
  3. „авантура“Дигитален речник на македонскиот јазик
  4. „авантура“Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
  5. Gomà-i-Freixanet, M (2004). „Sensation Seeking and Participation in Physical Risk Sports“. On the psychobiology of personality. Elsevier. стр. 187. ISBN 978-0-08-044209-9.
  6. Keller, Helen (1957). The Open Door. Garden City, N.Y. Doubleday.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]