Абдул Рахман (покрстеник)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Абдул Рахман (персиски عبدالرحمن) е Авганистанец, роден во 1965 година. Во февруари 2006 година беше уапсен и му се закануваa со смртна казна затоа што преминал во христијанската вера. На 26 март 2006 година, под силен притисок од страна на странските Влади, судот го врати случајот кај обвинителите повикувајќи се на „дупки во истрагата“. Ноќта на 27 март тој се врати кај своето семејство откако беше ослободен од затвор. На 29 март, Абдул Рахман пристигна во Италија откако италијанската Влада му понуди азил.

Апсењето и судењето на Абдул Рахман го сврте меѓународното внимание врз очигледната контрадикција во Уставот на Авганистан, којшто ја признава како ограничената форма на слобода на вероисповед така и ханефискиот мезхеб за исламската јуриспруденција којшто ја дозволува смртната казна во случај на вероотстапништво од исламот. Случајот предизвика општоприфатено меѓународно осудување, особено од Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави коишто беа двете земји коишто во 2001 година ја предводеа кампањата за отстранување на фундаменталистичкиот талибански режим и земји кои се најголеми донатори во Авганистан.

Млади години[уреди | уреди извор]

Абдул Рахман е роден во 1965 година во Кабул, Авганистан од татко Абдул Манан и мајка Гул Бегум коишто се етнички Таџикистанци од Панџшир. Oженет и татко на две ќерки, Маријам и Марија.

Во 1990 година, додека бил член на персоналот на една католичка невладина група за помош којашто обезбедувала медицинска помош за бегалците од Авганистан во Пешавар, Пакистан, Рахман дошол во допир со христијанството и подоцна бил покрстен во римокатоличката црква. По промената на верата тој го зел библиското име Јоил.

Во 1993 година тој се преселил во Германија и подоцна во 2002 година пред да биде депортиран во Авганистан, по падот на талибанската Влада, Абдул барал азил во Белгија, но безуспешно.

Жената на Абдул Рахман се развела од него затоа што тој преминал во католицизмот. Во претстојната битка за старателство врз двете ќерки на брачната двојка коишто ги одгледале родителите на Абдул Рахман додека тој бил отсутен, семејството на мајката го отворила прашањето за неговата религија како причина да му се ускрати правото на старателство.

Кога тој се вратил во Авганистан неговите родители се одрекле од него, велејќи:

‒ Тој премина од исламска во друга религија и затоа не го сакаме повеќе во нашиот дом. Абдул Рахман сакаше да ја промени етиката на моите деца и семејство. Тој оди во погрешен правец. Го избркав од мојот дом. - Од друга страна, неговите ќерки кажале:

‒ Тој се однесува лошо со нас и ние се чувствуваме загрозено и посрамотено од него. Тој нема работа и никогаш ми нема дадено едно парталче облека или пак парче леб. Единствено нешто што ми го дал е неговото име како татко. Ми велеше дека ми е татко, но не се однесуваше така откако се врати во Авганистан. Тој ни се заканува и сите се плашиме од него. Тој не верува во исламската религија. -

Апсењето и судењето[уреди | уреди извор]

Во февруари 2006 година, членови од неговото семејство го пријавиле во полиција. Абдул бил уапсен откако полицијата открила дека поседува Библија. По апсењето, тој во Кабул, не можел да најде адвокат којшто ќе сака да го застапува. Властите ги спречиле обидите на новинската агенција „Асошиејтед Прес“ (Associated Press) да го видат Абдул Рахман.

Правните експерти велат дека случајот на Абдул Рахман постои поради контрадикторните закони во авганистанскиот Устав според кои и слободата на вероисповед и ханефиската школа за шеријатскиот закон се признаени. Според членот 130 од Уставот на Авганистан обвинителите можат да го обвинат за вероотстапништво „во согласност со ханефиската јуриспруденција“. Текстот на членот гласи:

„Судовите ќе ги применуваат одредбите од овој Устав како и други закони за случаи коишто се разгледуваат. Доколку за одреден случај нема одредба во Уставот, тогаш судот во согласност со ханефиското право и во рамките на границите утврдени со овој Устав ќе пресуди така што ќе постигне правда на најдобар можен начин. “

Обвинителите побараа смртна казна за Абдул Рахман нарекувајќи го „микроб“. Обвинителот Абдул Васи бараше негово покајание и го нараче предавник:

‒ Тој треба да биде отсечен и отфрлен од муслиманското општество и треба да биде убиен. - Авганистанскиот Врховен обвинител беше цитиран како вели дека Абдул Рахман треба да биде обесен.

Судската постапка против Абдул Рахман којашто започна на 16 март, а веќе на 19 март стана широко позната во меѓународниот печат беше надгледувана од тројца судии во трибуналот за јавна безбедност во Основниот суд во Кабул. Ансарула Мавлавизада, судијата претседавач во случајот рече дека од Абдул Рахман ќе биде побарано да ја преиспита неговата промена на вера:

‒ Ние ќе го поканиме повторно да се врати на исламот бидејќи исламската религија е толерантна. Ќе го прашаме дали го променил своето мислење. Ако го променил тогаш ќе му простиме. -

Исто така, Ансарула Мавлавизада рече:

‒ Пророкот Мухамед неколкупати рекол дека оние кои преминале од исламот во друга вера треба да бидат убиени ако одбијат да се покајат, исламот е религија на мирот, толеранцијата, милоста и интегритетот. Токму затоа му рековме дека ако се покае за она што го сторил ќе му простиме. -

Судијата уште додаде:

‒Ако не се покае, сите вие ќе бидете сведоци на казната што ќе го очекува. -

Иако соочен со можна смртна казна, Абдул Рахман се држеше цврсто до своите верувања:

‒ Тие сакаат да ме осудат на смрт и јас го прифаќам тоа... Јас сум христијанин што значи дека верувам во Светата Троица... Јас верувам во Исус Христос. -

Обидите на авганистанските христијани[уреди | уреди извор]

За време на судењето на Абдул Рахман, одреден број авганистански христијани работеа на тоа да го свртат вниманието на меѓународните медиуми кон страдањето на авганистанските христијани, а особено кон страдањето на Абдул Рахман.

Дали е ментално здрав за да му се суди?[уреди | уреди извор]

На 22 март авганистанскта амбасада во Вашингтон соопшти дека судскиот систем на земјата го оценува менталното здравје на Абдул Рахман. Моајудин Балуч, религиозниот советник на претседателот Хамид Карзаи, потврди дека Абдул Рахман ќе биде подложен на психолошки преглед. Судијата Мавлавизада изјави дека психичката состојба на Рахман се испитува затоа што тој одбил да се покае. Ако се докаже дека тој е ментално неспособен тогаш случајот ќе се отфрли. Некои луѓе го гледаа преминувањето на Абдул Рахман во христијанството како доказ за тоа дека тој е ментално неспособен бидејќи го направил тоа знаејќи дека е казниво со смрт.

На 22 март 2006 година, авганистанскиот државен обвинител Саринвал Замари во интервју за „Асошиејтед Прес“ (Associated Press) изјави:

‒ Мислиме дека е тој, можеби, луд. Тој не е нормална личност. Тој не зборува како нормална личност. Докторите мора да го прегледаат. Ако е навистина ментално неспособен тогаш исламот навистина нема право да го казни. Нему мора да му се прости. Случајот мора да се отфрли. Други извори велат дека Рахман „постојано е невработен и е ментално неурамнотежен.“

Обвинителот Абдул Васеи вели дека се сомнева во тврдењата дека Абдул Рахман е ментално нестабилен. Тој рече:

‒ Јас не видов никаков психички проблем во овој случај. -

Васеи вели дека кога ќе го прашале Рахман за неговото ментално здравје тој инсистирал дека е во ред:

‒ Во ред сум, можете да ме тужите, можам да ви одговорам на прашањата. ‒ беа зборовите на Рахман што му ги кажа на Васеи. Дипломатите рекоа дека авганистанската Влада „очајно бара начин како да го отфрли случајот“, а тоа ќе го направи така што ќе го прогласи Абдул Рахман за ментално неспособен за да му се суди.

Судот исто така ги отвори прашањата и за неговата национална припадност. Рахман живеел во странство во: Германија, Грција и Белгија. Се расправаше дека ако тој се стекнал со двојно државјанство, тогаш статусот на неговиот случај би можел да се промени.

Постоеја разни мислења за тоа дали Абдул Рахман треба да биде прогласен за неспособен за судење. Критичарите велеа дека ако го прогласат за луд тоа нема да го реши она што тие го сметаа за мана во Уставот којшто дозволува судско гонење според исламскиот закон. Во една воведна статија во „Вашингтон Тајмс“ пишуваше дека прогласувањето на Абдул Рахман за ментално неспособен е „измислена дупка во законот“ којашто би ù овозможила на авганистанската Влада „ да се повлече за да избегне катастрофална внатрешна и дипломатска криза. Ова решение, такво какво што е, нема да ги реши скриените контрадикторности во авганистанскиот Устав.“ Овие мислења се повторуваа и во една воведна статија во „Њујорк Тајмс“, во којашто се велеше дека прогласувањето на Абдул Рахман за ментално неспособен е начин за да може авганистанската Влада „да ја избегне збрката“ и „дека тоа е евтин трик затоа што законот ќе остане на сила.“

Во Франција, во списанието „Мариан“ беше напишано дека критичарите од Западот може да не бидат задоволни од случајот, доколку судот во Кабул ја избегне смртната казна така што ќе го прогласи за луд и неспособен да му се суди:

‒ Ако нему не му се суди тогаш тој најверојатно ќе заврши во психијатриска болница, нешто што за еден човек со здрав ум понекогаш е полошо отколку самата смрт. -

Ослободување[уреди | уреди извор]

На 24 март 2006 година, авганистанските власти соопштија дека размислувале наскоро да го ослободат Абдул Рахман. Веќе наредниот ден беше одржана специјална владина седница на којашто претседателот Хамид Карзаи разговараше со неколку министри од Кабинетот за тоа како да го ослободат, а без притоа да ги разбеснат моќните конзервативни муслимански духовници во земјата коишто барале погубување на Абдул Рахман. По седницата, еден анонимен висок владин службеник, изјави дека постои „голема веројатност“ Абдул Рахман да биде ослободен на 26-ти во недела. Меѓутоа, обвинителот ги отфрли сите тврдења дека Абдул Рахман треба да биде ослободен. Подоцна, во неделата судијата ја даде следната изјава:

‒ Поради некои технички како и правни недостатоци и мани случајот е вратен кај обвинителот. -

Духовниците го доведоа во прашање овластувањето на претседателот Карзаи да нареди ослободување на Абдул Рахман. Оџата Кхоја Ахмад Седики којшто е член на Врховниот суд во Авганистан предупреди за мешање во судовите велејќи:

- Коранот е многу јасен како што и зборовите на нашиот пророк се многу јасни. Можно е само едно решение, а тоа е смрт. Ако Карзаи го ослободи, тоа ќе биде во полза на нашиот непријател и тогаш е можно да има востание. -

На 28 март 2006 година, „Асошиејтед Прес“ (Associated Press) соопшти дека Абдул Рахман е ослободен. Ова соопштение дојде откако Обединетите нации кажаа дека тој аплицирал за азил надвор од Авганистан.

На 29 март 2006 година, премиерот на Италија, Силвио Берлускони соопшти дека неговиот Кабинет ја одобрил молбата за азил на Рахман и дека тој веќе пристигнал во Италија.

Реакции во Авганистан[уреди | уреди извор]

Владини службеници[уреди | уреди извор]

Агенцијата „Франс Прес“ цитираше еден неидентификуван авганистански службеник којшто рекол дека претседателот Хамид Карзаи лично се вмешал во случајот на Абдул Рахман за да го обезбеди ослободувањето на овој покрстеник:

‒ Претседателот лично работи на тоа, случајот да се реши по мирен пат. И постои начин како да се направи тоа. ‒ рече службеникот. ‒ Верувам дека тоа ќе се случи по ден или два. -

За време на една прес-конференција со американскиот потсекретар за политички прашања, Р. Николас Брнс, поранешниот авганистански министер за надворешни работи д-р Абдула изјави:

‒ Јас знам дека ова е многу чувствително прашање, но исто така, ги знам и грижите на американскиот народ. Ние всушност во нашата амбасада примивме стотици такви пораки. Колку што јас знам, природата на случајот е таква што жената на господинот покренала судска постапка против својот сопруг така што авганистанската Влада нема ништо со тоа. Тоа е правен и судски случај. Меѓутоа, се надевам дека преку нашиот уставен процес, овој процес ќе даде задоволителен резултат. Тој, исто така, рече:

‒ Секој судски предмет за нас претставува аларм. Овие контрадикции, помеѓу слободата на религија и шеријатот, нема да исчезнат само со еден или два случаи. -

Ансарула Мавлавизада соопшти дека меѓународниот притисок нема да влијае врз неговите одлуки во случајот, велејќи:

‒ До сега нема директен притисок врз нашиот суд, но доколку тоа се случи тогаш тоа ќе го сметаме како мешање. Ние овде имаме и Устав и закон. Никој нема право да врши притисок врз нас. -

Во интервју за агенцијата „Франс Прес“ Мавлавизада го потврди својот став:

‒Ние немаме никаква врска со дипломатските прашања. Ние сами ќе ја завршиме нашата работа. - Тој вели дека следните неколку дена очекува пресуда.

Муслимански духовници[уреди | уреди извор]

По апсењето на Абдул Рахман и по подоцнежните навреди и критики на авганистанската Влада, видни авганистански духовници го кренаа својот глас против можното ослободување на Абдул Рахман. Авганистанските духовници го осудуваат она што тие тврдат дека е мешање на други земји како и на претседателот Хамид Карзаи во автономијата на авганистанските судови. Маулави Хабибула на повеќе од сто духовници и млади луѓе коишто беа собрани во Кабул им рече:

‒ Според меѓународните закони Авганистан нема никакви обврски. Пророкот вели дека кога некој ќе ја смени својата религија, тогаш тој мора да биде убиен. - Многу духовници јавно проговорија до медиумите велејќи дека Абдул Рахман треба да добие смртна казна поради вероотстапништво.

Оџата Енајатула Балиг зборувајќи во една од главните џамии во Кабул рече:

‒ Ние ги почитуваме сите религии, но не одиме во британската или американската амбасада за да видиме кој на која религија е приврзаник. Нема да дозволиме никому да се меша во нашата религија и тој треба да биде казнет. -

Ахмед Шах Ахмаџаи истакнат муџахедин, лидер и водач на Хизб-и-Иктадар-и-Ислами во Авганистан, како и ведепремиерот во Владата на Бурханудин Рабани, пред доаѓањето на власт на Талибанците во 1996 година рече:

‒ Независно од судската одлука, дали тој ќе биде обесен или не, постои едногласна согласност од страна на сите религиозни учители од северот до југот, од истокот до западот на Авганистан дека Абдул Рахман треба да биде погубен. Помеѓу народот е присутно општоприфатено несогласување за активностите на христијанските мисионери. Овие мисии ја искористуваат сиромаштијата на авганистанскиот народ така што им плаќаат да ја променат својата вера. Овие дејствија ќе се претворат во жестока реакција бидејќи Авганистанците не толерираат ништо што е против нивната религија. Бидејќи Абдул Рахман е од Панџшир, луѓето од таа област доаѓаат во Кабул за да го искажат своето несогласување и за да бараат од судот да го погуби. -

Муслиманскиот имам Абдул Рауф, член на главната исламска организација во Авганистан, авганистанскиот Улема совет рече:

‒ Ако го отфрлаш исламот значи го навредуваш Бога. Ние нема да дозволиме Бог да биде понижен. Овој човек мора да умре. -

Рауф којшто „Асошиејтед Прес“ го опишува како „умерен човек“ вели:

‒ Отсечете му ја главата, а ние ќе ги повикаме луѓето да го растргнат на парчиња за да не остане ништо од него! -

Рауф рече дека Абдул Рахман ќе преживее само ако добие егзил. На 24 март во 2006 година, за време на неговото проповедање во Хератската џамија, Рауф на околу 150 верници им рече дека Абдул Рахман заслужува смрт бидејќи тој „го извршил најголемиот грев. Патот Господов е вистинскиот пат и овој човек чие име е Абдул Рахман е вероотстапник.“

Мирхосаин Насри, имамот во Хосаиниската џамија рече:

‒ Ако нему му се дозволи да живее на Запад, тогаш и други ќе тврдат дека се христијани за да можат и тие да одат. Ние мора да дадеме пример...Тој мора да биде обесен. -

Муслиманскиот духовник Мохамед Касим кој живее во северниот град Мазари Шариф рече:

‒ Ние не се грижиме за тоа ако Западот прекине да нè поддржува. Господ ќе се грижи за Авганистан. -

Авганистанската јавност[уреди | уреди извор]

Би-Би-Си проценува дека многу членови на авганистанската јавност отворено го поддржуваат погубувањето на Абдул Рахман, иако не е проценето дали има мнозинство од овие луѓе.

‒ Судовите треба да го казнат и тој треба да биде погубен, ‒ рече Абдул Захид Пајмен жител на Кабул.

Мохамед Кадир се согласува дека тој мора да биде погубен:

‒ Според исламскиот закон тој треба да биде осуден на смртна казна затоа што христијанството е забрането во нашата земја. -

Еден сосед на Абдул Рахман забележа:

‒ Во никој случај нема да му дозволиме на еден Авганистанец да нè навреди така што ќе стане христијанин. -

Религиозниот интелектуалец Шахнаваз Фаруки говорејќи за промената на вера на Абдул Рахман рече:

‒ Тој ќе мора да биде погубен...Ако некој во одреден момент ја потврдува вистината, а потоа ја отфрла или ја негира, тогаш тоа ќе ја загрози целата парадигма на вистината. Ова е толку голема навреда што казната може да биде само смрт. Не повеќе од неколкумина учени луѓе велат дека треба да му се даде време за повторно да размисли и доколку тој повторно го прифати исламот нему ќе му биде простено. –

Меѓународни реакции[уреди | уреди извор]

Повици за ослободување на Абдул Рахман[уреди | уреди извор]

Неколку земји од Западот и невладини организации го осудија неговото судење како прекршување на човековите права и побараа ослободување на авганистанскиот покрстеник.

Соединетите Американски Држави

На 22 март 2006 година, конгресменот Том Лантос му пиша писмо на Хамид Карзаи во коешто тој велеше:

‒ Во земја во којашто војници од сите религии, вклучувајќи ја и христијанската, умираат во одбрана на Вашата Влада сметам дека е страшно тоа што г. Рахман судски е гонет и е соочен со смртна казна бидејќи преминал во христијанството. -

Следејќи го примерот на Лантос неколку владини службеници се побунија за апсењето на Абдул Рахман. Имено, претседателот Џорџ В. Буш го крена гласот против апсењето на Рахман велејќи:

‒ Многу е загрижувачки тоа што една земја на која ѝ помогнавме да се ослободи, верува дека некој е виновен ако одбере една религија наместо друга. –

Портпаролот на Белата куќа, Скот Мекклелан рече дека апсењето и судењето на Абдул Рахман „ без сомнение ги прекршуваат универзалните слободи коишто им се драги на демократиите низ светот.“

Државната секретарка, Кондолиза Рајс, бараше „поволна одлука“ директно од претседателот Хамид Карзаи, а сепак, не побара да се повлече обвинението. Државниот потсекретар за политички прашања, Р. Николас Брнс побара судењето да биде „транспарентно“ и го потсети Авганистан дека „луѓето треба сами да си ја одберат својата религија.“

Американската група што го заговара исламот, Советот за американско-исламски односи побара итно ослободување на Абдул Рахман.

Христијанската адвентистичка црква (Црквата на адвентистите на седмиот ден ) ги советуваше да го ослободат Абдул Рахман и да му дозволат слободно да ја практикува својата религија. На 22 март 2006 година, во писмото адресирано до Претседателот на САД, Џорџ В. Буш од американската Комисија за меѓународни верски слободи (УСЦИРФ) беше напишано:

‒ Неколкупати претходно, Комисијата ја искажа својата загриженост во однос на тоа дека неуспехот во авганистанскиот Устав да бидат опфатени соодветни гаранции за слободата на вероисповед и изразувањето на членовите на муслиманската заедница којашто е во мнозинство во земјата, би можело да доведе до неправедни кривични обвинувања за вероотстапништво и богохулење. Без никаква гаранција на правото на верска слобода на сите личности, заедно со еден судски систем на којшто му е наложено да ги спроведува исламските принципи и исламскиот закон отворена е вратата за официјално да биде наметнато едно сурово, неправедно, па дури и навредливо толкување на религиозната ортодоксност...-

Австралија

Австралискиот премиер, Џон Хауард, рече дека случајот на Абдул Рахман е „ужасен“ и дека кога го видел извештајот во врска со тоа нему буквално му се слошило. Идејата дека човек може да биде казнет поради неговите религиозни верувања, како и идејата дека може да биде погубен е просто неверојатна.

Германија

Германската канцеларка Ангела Меркел изјавила за новинарите дека Карзаи во телефонски разговор ѝ дал ветување дека Абдул Рахман нема да биде осуден на смрт.

Европа

Австриската министерка за надворешни работи Урсула Пласник, зборувајќи во име на Европската унија рече: ‒ Ние ќе се обидеме на секој можен начин да ги заштитиме основните права на Абдул Рахман и да му го спасиме животот. - (Австрија претседаваше со Европската унија во тоа време.)

Канада

Канадската Влада ја изрази својата загриженост, особено бидејќи неодамна канадските вооружени сили ја преземаа командата врз коалициските сили во провинцијата Кандахар и Владата е соочена со притисок да обезбеди мисијата да доведе до отворен и демократски Авганистан. Канадскиот премиер Стефан Харпер му телефонираше на Хамид Карзаи, а исто така и на писмено се изјасни:

‒ Вчера му телефонирав на претседателот Карзаи за да ја искажам нашата загриженост. Тој ми пренесе дека не треба да се грижиме за таков евентуален резултат. -

Исто така, муслиманско-канадскиот конгрес даде изјави со кои бара ослободување.

Ватикан

Папата Бенедикт XVI го убедуваше Претседателот на Авганистан да го помилуваат Абдул Рахман, барајќи „да се почитуваат човековите права коишто се потврдени во преамбулата на новиот авганистанскиот Устав.“

Обединетото Кралство

Советот на Црковното друштво, којшто е највисокото евангелско тело на Црквата на Англија го осуди судењето и ги повика сите христијани да го искажат својот бес против оваа неправда и да направат сè што можат за да ја спречат смртта на Абдул Рахман. Исто така, Црковното општество побара од британската Влада да го искористи сето свое влијание во Авганистан.

Амнести интернешенел (Amnesty International) бараше ослободување на Абдул Рахман, велејќи дека е можно тој да е „затвореник на совеста“ и дека „обвиненијата против него треба да се повлечат и доколку е потребно тој треба да биде заштитен од какви било малтретирања во рамките на неговата заедница.“

Можно повлекување на помошта[уреди | уреди извор]

Германија којашто е вклучена во Меѓународни сили за безбедносна поддршка (ИСАФ) под мандат на Обединетите нации во Авганистан и којашто исто така, предводи меѓународни напори за подобрување на полициските сили на Авганистан, напомна дека е возможно Авганистан да ја изгуби помошта или техничката поддршка во напорите за реконструкција, во зависност од тоа каков ќе биде исходот од случајот на Абдул Рахман. Германскиот министер за внатрешни работи Волфганг Шојбле изјави:

‒ Јас силно ја поддржувам идејата да му дадеме јасно до знаење на Авганистан, на секој можен начин дека во почитувањето и заштитата на човековите права кон кои Авганистан е обврзан, спаѓа и заштитата на слободата на вероисповед. - Исто така, Шојбле рече:

‒ Ние придонесуваме многу во обновувањето на Авганистан и во неговата стабилност, така што јас искрено верувам дека Авганистан мора да сфати дека ние инсистираме на слободата на вероисповед. Не можете да ги казнувате луѓето само затоа што ја промениле својата религија. -

Како одговор на изјавите на Шојбле, авганистанскиот министер за економија Амин Фарханг рече дека Владата во Кабул не може да ги спречи земјите-донаторки да ја повлечат помошта или техничката поддршка, но последиците од тоа би биле полоши за земјите од Западот отколку за Авганистан.

Фарханг изјави: ‒ Јас мислам дека политичарите од Западот, вклучувајќи ги и оние од Германија реагираат многу емотивно. Тоа не треба да биде така. Постои недостаток на информации. Освен тоа, сè додека ситуацијата не се реши и сè додека не се донесе конечната одлука, тие не можат да се закануваат со повлекување на безбедносните сили или на странската помош. Тоа претставува уцена. -

Исто така, Фарханг рече дека Кабул се обидува да изгради демократија откако, во 2001 година Талибанците беа соборени од власт од страна на вооружените сили на САД, но сепак, правото да преминат од ислам во христијанство е премногу екстремно за едно традиционално муслиманско општество како што е авганистанското, коешто ја поддржува исламската казна за вероотстапништво.

Тој исто така изјави: ‒ Авганистан не може одеднаш да премине од една крајност во друга. -