Џуџеста коза
Џуџеста коза или камерунска коза — раса домашни кози со значајно помал раст. Се чуваат претежно како миленици, но и заради млекото во сточарски услови. Ова е мошне издржливо животно, приспособливо на најразлични климатски и околински услови.[1] Единките со родовник се натпреваруваат на изложби.
Животното може да се види во Зоолошката градина во Скопје.[2]
Изглед
[уреди | уреди извор]Женките тежат 24-34 кг, а мажјаците 27-39 кг. Високи се од 41-58 см. Шарата на крзното значајно се разликува меѓу единките, и може да се категоризира како карамелна, агутска и црна, а како поткласи се јавуваат карамелата со црни белези, карамелата со кафеави белези, кафеава агутска, сива агутска, црна агутска, црна со бели белези и сосем црна.[3][4]
Размножување
[уреди | уреди извор]Џуџестата коза се размножува по повеќепати годишно и раѓа 1-4 јариња за во текот на годината. Бременоста трае 5 месеци. Сопствениците ги парат женките на возраст од 18 месеци, иако самата коза може да зачне на возраст од само два месеци ако не се одвојат од машките јариња. Новородените јарења веднаш почнуваат да цицаат, почнуваат да јадат жито и растителен материјал во рок од една недела, а престануваат со цицање веќе на десет недели.
Потекло
[уреди | уреди извор]Расата води потекло од Камерун, Западна Африка, од каде е пренесена во зоолошките градини во Европа, а потоа и во САД за приказни и истражни цели. Подоцна стекнала популарност како домашен миленик, на посетителските фарми и изложбено животно поради кроткоста и физичката издржливост.[5]
Живеалиште и нега
[уреди | уреди извор]Овие животни се прилагодуваат на речиси секоја клима и јадат треви, зеленило и жито. Сакаат да скокаат преку предмети и да се качуваат на нив. Имаат потреба од постојан пристап до засолниште и отворен простор, како и животно за друштво, кое не мора да биде од нивниот вид. Пијат исклучиво свежа вода. Покажуваат љубов и приврзаност ако со нив се постапува убаво. Можат да се дресираат, со повеќе труд. Зиме им е неопходна топлина и удобно легло.[6] Водата и храната треба да им бидат млаки и живеалиштето да нема провев.[7]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Colby, Brian, et al. Dairy goats-breeding/feeding/management. American Goat Society. 1972.
- ↑ „Џуџеста коза“. Зоо Скопје. Архивирано од изворникот на 2015-05-16. Посетено на 24 септември 2015.
- ↑ National Pygmy Goat Association. Best of Memo I. 1982.
- ↑ National Pygmy Goat Association. "Color Choices for Registration" Архивирано на 5 август 2015 г.. 2013.
- ↑ National Pygmy Goat Association "Pygmies For All Reasons". 2003.
- ↑ David Watts. „Pet Pygmy Goats: Henry and Joey“. henryandjoey.co.uk. Посетено на 11 December 2014.
- ↑ Kinne, Maxine. Pygmy goat care and management. 1987.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Џуџеста коза“ на Ризницата ? |
- Анатомија на џуџестата коза (англиски)