Прејди на содржината

Џубе

Од Википедија — слободната енциклопедија
Џубе во Музеј на Југославија.
Џубе одКосово и Метохија:
детал на златовез.

Џубе е дел од женска граѓанска носија, од ориентален тип, со скапоцена занатлиска изработка со вез од златни и сребрени нишки. Припаѓа на централнобалкански тип на носија за која се карактеристични елегантни издолжени форми. Го облекувале жени од сите етнички заедници. Основна разлика помеѓу селските и градските носии на Балканот лежи во тоа што жените од село до почетокот на 20-ти век рачно ја изработувале облеката, додека во градот постоеле занатлии специјализирани за изработка на различни предмети за облекување. По градовите џубето е изработувано од разнобојна чоја, со срма или со златни жици везено, а по селата од сукно со малку вез. На Балканот се носело околу Тимок, во Пирот, Пеќ, Скадар, Призрен, Скопска Црна Гора и многу други места.

Џубето во македонската народна носија

[уреди | уреди извор]

Џубето претставува најсоодветен пример за динамичноста и промените што ѝ се случиле на македонската народна носија. Се менувал материјалот од кој се шиело, а со тоа се менувале и кројот, обликот и украсувањето. На почетокот, џубето претставувало скромна домашна рачна изработка од волнена клашна и волнени или памучни гајтани. Подоцна, џубето преминало низ фазата на занаетчиско-терзиска, односно срмаџиска изработка од чоја, кадифе, клашна, срма и слично, а завршило како модерен елемент на урбаната мода со едноставен европски крој (шиено кај френк-терзии). Неговите развојни варијанти и способноста за прилагодување на локалните традиции и материјални можности најубаво ги претставуваат културните, економските и стилските промени што ги доживеала македонската традиција низ вековите. Неговата еволуција не само што ја илустрира креативноста на народниот творец, туку и неговата способност да ги усогласи традициите со новите влијанија.

Џубето во Македонија се изработувало од различни материјали, како што се волнена клашна, чоја, кадифе и сатен. Клашнените џубиња, особено оние во бела или црна боја, претставувале постар, традиционален тип, бидејќи целосно се произведувале во домашни услови – од ткаењето и бојадисувањето на ткаенината до рачното украсување со гајтани. Овие облеки биле карактеристични и за машката и за женската носија, а нивната употреба траела сè до 1950-тите и 1960-тите години на 20-тиот век.

Во Кумановско-скопскиот регион, џубето било претежно машка облека, скроена од бела клашна, без ракави и отворено по целата должина. Украсувањето вклучувало црни волнени гајтани, а кројот бил проширен со клинови за поголема подвижност. Во Скопска Блатија, оваа облека ја носеле младоженците и младите мажи, додека во Скопска Црна Гора постепено почнале да го носат и постарите жени.

Во Струшко-охридскиот регион, џубето било исклучиво женска облека, со различни стилови зависни од возраста и статусот на носителот. Невестинските џубиња биле бели, богато украсени со вез и гајтани, додека постарите жени носеле поскромни, црни варијанти. Во Охридско Поле постоело и невестинското морно џубе, направено од црна клашна. Омажените жени носеле бело џубе, и тоа само за празници или кога биле во жалост. Во случај на длабока жалост, го носеле превртено наопаку или отпашано. Во науката се претпоставува дека белото џубе функционирало и како невестинска облека што се носела до раѓањето на првото дете, по што се бојадисувало во црвена боја. Ваквото црвено џубе се носело од страна на леунките – родилки, против зарек, а и како траурен белег.

Со доаѓањето на новите материјали во 19-ти век, како чоја, кадифе и срма, џубето добило поразновидни форми. Некои од џубињата одвнатре биле поставени со шарена памучна басма, а околу вратот биле украсени со крзно од самур - куна, лисица или јазовец. Во градските средини, како Скопје, Тетово и Битола, се појавиле богато украсени џубиња со срмени гајтани и везови, под влијание на ориенталната мода. Тука џубето се носело исклучиво во составот на градската ала турка облека. Тоа се изработувало од страна на специјализирани занаетчии и често било дел од посложените градски носии.

Во 20-ти век, со сè поголемото присуство на индустриски материјали и влијанието на облекувањето од европски тип – ала франга, џубето повторно се трансформирало, овојпат добивајќи облик на модерни капути или палта. Оваа нова варијанта била популарна како во градовите, така и во руралните средини, каде што постепено ја заменувала народната носија.[1]

  1. Видиниќ, Горданче (2016). Џубе – облека помеѓу традицијата, Истокот и Западот. Скопје: НУ Музеј на Македонија. ISBN 978-9989-917-64-6.

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Менковић, Мирјана (2009): Скадарско џубе: прича о једном предмету и три културе, Етнографски музеј, Београд.
  • Станојевић, Станоје (1928): Народна енциклопедија српско-хрватско-словеначка. IV књига, С – Ш, Библиографски завод Д. Д. Загреб