Џема Скулме
| Џема Скулме | |
|---|---|
Џема Скулме ја добива наградата на Кабинетот на министри во 2009 година | |
| Роден(а) | Џема Чија Скулме 20 септември 1925 Рига, Латвија |
| Починал(а) | 9 ноември 2019 (возр. 94) Рига, Латвија |
| Алма матер | Институт „Репин“ во Ленинград |
| Познат(а) по | Сликарство |
| Движење | Модернизам |
Џема Лија Скулме (20 септември 1925 - 9 ноември 2019 година) — латвиски уметник и модернистички сликар. Таа одиграла голема улога во развојот на латвиската уметност и општествениот живот на Латвија во втората половина на 20 век.[1]
Биографија
[уреди | уреди извор]Џема Лија Скулме потекнува од семејството уметници Скулме. Таа била ќерка на латвискиот сликар Ото Скулме (1889-1967) и првата жена скулпторка во Латвија, Марта Лиепиња - Скулме (1890–1962). Ото, Марта и чичкото на Џема, Уга Скулме, биле членови на Ришката група уметници кои го одредиле развојот на уметноста во Латвија во 1930-тите години.[2]
Во 1949 година, Џема Скулме дипломирала на Латвиската академија за уметност и на Институтот за уметност Репин во 1955 година. Од 1956 година била членка на Сојузот на уметници на Латвија и била негов претседател од 1982 до 1992 година. Во 1976 година ја добила почесната титула Народен уметник на Латвиската ССР. Од 1993 година била претседател на фондацијата „Јаунрадес". Во 1992 година таа била избрана за почесен член на Латвиската академија на науките, а во 1998 година добила почесен докторат од Академијата за уметност на Латвија. Како признание за нејзината работа, Здружението на високообразовни установи за уметност на Латвија ја почестило со степенот Dr. honoris causa за нејзиниот придонес во латвиската култура.[3]
Уметност
[уреди | уреди извор]Џема Скулме работела со масло, акрил и акварел. Почнувајќи од 1970-тите години, таа ја развила темата за каријатидата, во која се стремела да ја открие етичката и духовната сила на жената („Жените од Ника", 1968; „Каријатида", 1979 и други). Таа, исто така, се свртела кон темата на стрелецот, латвиската етнографија и принципите на народната уметност. Во нејзините слики од втората половина на 1960-тите, нејзиниот поглед на светот станал подраматичен и таа ја зголемила експресивноста на својата работа користејќи голема четка или дури и нож за палета за нанесување боја. Во дела како „Марта во маска“ (1973), „Валентинс Скулме како Ричард III“ (1974) и „Дијалог“ (1975), уметницата со спонтана леснотија прикажувала драматични или херојски слики полни со живот и дух. Во средината на 1950-тите, таа станала препознаена и по своите илустрации за книги и списанија.[4]
Во текот на 1960-тите, уметницата се свртила кон авторската техника - комбинација од акрилна и маслена боја, со што создала интересни текстури. Нејзиното сликарство во овој период станало поконцептуално. Во последните децении, Џема ја користила наивната стилистика на детските цртежи за да создаде живописни и сликарски виртуозни уметнички дела. Работела како асистент декоратер во театарот „Даиле" и куклениот театар на Латвија (1945-1947).[5]
Латвиската историчарка на уметност Лаима Слава ја нагласила линијата како откритие на 1960-тите години во творештвото на Џема Скулме: „На почетокот е мазна и конструктивна и го дефинира обликот на ликот, потоа станува полесна и потранспарентна."[6]
Избрани дела
[уреди | уреди извор]- Лето, 1959 година, Латвиски национален музеј на уметност;
- Народна песна, 1969 година, Латвиски национален музеј на уметност;
- Мотив „Македонија", 1974 година, Латвиски национален музеј на уметност.
Изложби
[уреди | уреди извор]Самостојни изложби
[уреди | уреди извор]Џема Скулме учествува на самостојни изложби од 1949 година, и тоа во голем број градови вклучувајќи ги: Рига (1968, 1985, 1992, 1994, 1995), Москва (1969, 1984), Женева (Швајцарија), Милано (Италија, 1971), Вилнус (1976), Кале (Франција), Фредрикштат (Норвешка, 1994, 1995), Цезис (1996), Киев (Украина, 1997), изложба на семејството Скулмес во Западен Берлин (1981), Питсбург (САД, 1986), Бергамо (Италија, 1987), Рига (1998 – 1999).
Семејни изложби на Скулмес
[уреди | уреди извор]Организирала семејни изложби во Западен Берлин (1981); Питсбург (САД, 1986); Бергамо (Италија, 1987) и Рига (1998-1999).
Групни изложби
[уреди | уреди извор]Нејзините дела биле претставени на изложбите во Њујорк (1989), Минхен, Бон, Питсбург (САД, „Жените меѓу времињата: Нови нации; Нова уметност“, 1993).
Дела
[уреди | уреди извор]Нејзините дела можат да се видат во Латвискиот национален музеј на уметност, Музејот на уметност „Цимерли" на Универзитетот Рутгерс (САД), и Третјаковата галерија (Русија).
Нејзините дела се наоѓаат и во приватни колекции на поединци, вклучувајќи го претседателот на Русија и кралицата на Данска.[7]
Посвета на уметникот
[уреди | уреди извор]Во 1986 година, документарниот филм „Џема“ била посветен на уметникот во Филмското студио во Рига. Режисерка на филмот била Лаима Жургина.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Биографија и уметнички дела Архивирано на 2 ноември 2018 г.
- Džemma Skulme pret varu ar brīvas mākslas garu Архивирано на 29 јуни 2018 г.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Manss.lv. „The great summer exhibition 2010“.
- ↑ Apinis.lv. „The Hundred Great Latvians“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2018-03-26. Посетено на 2018-03-24.
- ↑ Gerharde-Upeniece, Ginta (2013). 50 Latvian Painting Masterpieces of the 20th century. Riga: Jumava. стр. 69. ISBN 978-9934-11-397-0.
- ↑ Жажеровна Нефедова, Инара (1982). Джемма Скулме: Живопись. Мастера советского искусства (руски). Moscow: Советский художник. стр. 106.
- ↑ Ņefedova, Ināra (1995). Māksla un arhitektūra biogrāfijās (латвиски). Riga: Latvijas enciklopēdija. стр. 61. ISBN 5-89960-057-8.
- ↑ Slava, Laima (2015). Džemma Skulme. Riga: Neputns. ISBN 978-9934-512-63-6.
- ↑ „Dzemma Skulme“. www.gallery.lv. Архивирано од изворникот на 2018-11-02. Посетено на 2018-05-09.