Ќелавата пејачка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ќелавата пејачка
Сцена од пиесата
Сцена од пиесата
АвторЕжен Јонеско
Изворен насловLa Cantatrice Chauve
ПреведувачНаташа Ѓондева
Земја Франција
ЈазикФранцуски јазик
ЖанрТеатарска пиеса
МедиумПечатено издание

Ќелавата пејачка (француски: La Cantatrice Chauve) е првата пиеса напишана од Ежен Јонеско. Премиерата била изведена на 1 мај 1950 година во Театар де Ноктамбил во режија на Никола Батај. Од 1957 година, пиесата е постојано на програмата на Театар де ла Ишет. Изведбата била целосен неуспех и поминала незабележано сѐ додека неколку успешни критичари и писатели, меѓу кои Жан Ануј и Ремон Кено, не ја пофалиле претставата. Денес пиесата е најизведуваната претстава во Франција.

Како настанала пиесата[уреди | уреди извор]

Како и Семуел Бекет, Јонеско доцна се појавил во театарот. Пиесата ја напишал дури во 1948 година, а премиерно била изведена во 1950 година. На свои 40 години, Јонеско решил да учи англиски јазик со помош на методата Асимил заснована на принципот на автоматско повторање на цели реченици со цел да бидат запаметени. Изненаден од содржината на дијалозите, кои се стегнати но и чудно поврзани во реченици без врска, тој решава да напише апсурдна пиеса првобитно насловена Англиски без мака. Но насловот не му се допаднал на режисерот и сакал да го смени зашто бил многу сличен со Англиски така како што се говори од Тристан Цара. И по една проба, даден е конечниот наслов на пиесата: глумецот кој го играл пожарникарот во текот на пробата ги претворил зборовите од текстот „русата учителка“ (француски: institutrice blonde) во „ќелавата пејачка“ (француски: cantatrice chauve). На Јонеско му се допаднало тоа и решил да го смени насловот, објаснувајќи дополнително дека се решил за тој наслов затоа што во текстот не се појавува никаква пејачка, ни ќелава, ни влакнеста. За Јонеско, клишеата и вистинските факти од воведниот разговор на пиесата преминуваат во дива карикатура и пародија каде што и самиот јазик се сведува на одломки од зборови. Тоа искуство Јонеско го преточува во оваа пиеса.

Дејство[уреди | уреди извор]

Дејството се случува околу девет часот навечер, во типичен англиски дом со типично англиско семејство - семејството на Господин и Госпоѓа Смит. Од ѕидниот часовник се слушаат „десет англиски отчукувања“. По вечерата, Господин Смит чита весник и дознава за смртта на Боби Вотсон. Од едно бесмислено име и од смртта на едно лице, Смитови ги запознаваат читателите со семејството Вотсон во кое сите (и ќерките и синовите и бабите и дедовците) имаат име Боби, а презиме Вотсон.

Тогаш на сцена стапува слугинката Мери која на Смитови им го опишува својот ден и воедно им се претставува како нивна слугинка. Како одговор на нејзиниот краток монолог, Смитови повторуваат сѐ што рекла таа и се надеваат дека го минала денот токму како што кажала.

Доаѓа и брачниот пар Мартинови и седнуваат на маса. Јонеско тогаш почнува да иронизира за нивниот брачен однос. Мартинови, иако се во венчани, почнуваат да се запознаваат со изнесување на сопственото минато. Откако заклучуваат дека се од исто место, дека во иста година дошле во Лондон, дека живеат во ист стан и дека имаат исти деца, сфаќаат дека се брачен пар.

Повторно на сцена доаѓа Мери и негира сѐ што рекле Мартинови, тврдејќи дека тоа не е точно, дека сѐ што рекле не е вистина. Тогаш, конечно се појавуваат и Смитови и почнуваат да разговараат со Мартинови, но сред разговор го слушаат ѕвончето од вратата. Откако ѕвончето ќе се огласи неколкупати, а на вратата нема никого, Госпоѓа Смит се откажува од отворањето на вратата. Но кога ќе се слушне ѕвончето уште еднаш, Господин Смит оди да отвори, а пред вратата стои капетнот на пожарникарите.

Откако заклучуваат дека пожарникарот не ѕвонел, тој самиот почнува да раскажува за своите доживеалици но има на ум дека мора да појде ако го повикаат. неговите прикани се бесмислени , апссурдни и невистинити, но забавни за Мартинови и за Смитови кои секогаш имаат некакви коментари и постојано го молат капетанот да продолжи да раскажува. Но, повторно доаѓа Мери, и се открива дека има симпатија меѓу неа и пожарникарот. Потоа, капетнот заминува, сите го испраќаат и се враќаат на своето место.

И тогаш почнува уништувањето на обичниот разговор, а подоцна се разбиваат речениците и зборовите, за на крајот да се дојде до бесмислено извикување на буквите без никаков ред. И драмата завршува како „театар на апсурдот“, а овој дел ѝ дава особено место во тоа движење. Ова онеспособување на јазикот, преку неговото уништување, како средство на нормална конверзција е одлика со која се служат и други автори од „театарот на апсурдот“, но кај Јонеску е мошне честа појава.

И на крајот, кога по уништувањето на јазикот се гаси осветлувањето и кога сите замолчуваат, драмата почнува од почеток, но овојпат почнува со Мартинови, а не со Смитови. Тогаш, почнува да се спушта завесата.

Ќелавата пејачка[уреди | уреди извор]

Иако пиесата го носи тој наслов, ликот на ќелавата пејачка не се појавува ни еднаш. Авторот не го ставил тој лик ни во пописот на ликови. Иако тој лик треба да биде меѓу главните, ликот на ќелавата пејачка само еднаш се спомнува во пиесата, и тоа патем, кога заминува пожарникарот:

ПОЖАРНИКАРОТ(Се упатува кон излезот, потоа застанува.)

А ќелавата пејачка? (Општа тишина и непријатност.)

ГОСПОЃА СМИТ

Секогаш се чешла на ист начин!

ПОЖАРНИКАРОТ

Аха. Тогаш, до гледање, господа, дами.

ГОСПОДИН МАРТИН

Со среќа и добар оган!

ПОЖАРНИКАРОТ

Да се надеваме. (Пожарникарот си оди. Сите го испраќаат до вратата и потоа се враќаат на своите места.)