Прејди на содржината

Љубомир Милетиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Љубомир Милетиќ
Роден14 јануари 1863
Штип Уреди на Википодатоците
Починал1 јуни 1937 Уреди на Википодатоците (возр. 74)
Софија Уреди на Википодатоците
Образованиедоктор на науки Уреди на Википодатоците
ЗанимањеУниверзитетски професор, филолог, етнограф уреди на википодатоците
Работодавач
  • Загрепски универзитет Уреди на Википодатоците
Наградиhonorary doctor of Comenius University Уреди на Википодатоците

Љубомир Милетиќ или Милетич (бугарски: Любомир Милетич; Штип, 1 јануари 1863 - Софија 2 јуни 1937 ) — истакнат бугарски филолог, основоположник на славистичката наука во Бугарија, еден од основачите на Софискиот универзитет „Климент Охридски“ и професор и титулар на Катедрата по словенска филологија (1892-1934), основач и прв претседател на Македонскиот научен институт во Софија, редовен член на Бугарската академија на науките (БАН) и долгогодишен нејзин претседател (1926-1937) и член на повеќе странски академии на науките.

Биографија

[уреди | уреди извор]

Ран живот и образование

[уреди | уреди извор]

Роден е во 1863 година во Штип. Татко му, Георги Милетиќ бил учител во градот. Тој имал српско потекло, од Банат, Хабсбуршката Монархија, а негов брат и чичко на Љубомир е еден од највлијателните лидери на Србите во Војводина за време на Австроунгарија, Светозар Милетиќ. Подалечното потекло му е од Одринска Тракија. Мајка му Евка Попдаова е од Велес.[1] Родителите му останале во Штип до 1864 година, по што се вратиле во Велес, но набргу заминале за Видин, каде што неговиот татко работел како учител. Во овој бугарски град дошол во судир со видинскиот митрополит, па затоа морал да го напушти градот и заминал за Цариград, а оттаму за Кукуш, каде што повторно бил учител сè до 1868 година. Меѓутоа, и во овој град таткото на Љубомир не останал подолг временски период. Тој заминал за Ваташа, каде што повторно бил учител. Тука, Георги влегол во отворен конфликт со патријаршиските црковни власти. Струмичкиот патријаршиски митрополит Јеротеј, кој бил близок со солунскиот валија Акиф-паша го обвинил Георги за некакви врски со бунтовничките чети. Тоа било доволно тој да се најде во пранги. Малиот Љубомир, како што забележал Христо Поп Антов во своите спомени, доживеал да го види својот татко окован во пранги за да биде пратен на заточение во Анадолија.

По интервенција на влијателни велешани, Георги бил ослободен и заминал за Велес. Поради компромитираност, повеќе не можел да работи како учител, но во моментите кога тој имал проблеми со властите, во османлиската држава започнала изградба на железницата. Токму изградбата на железничката линија Солун–Скопје, која започнала во 1871 година, му отворила можност на Георги за преживување. Подоцна заминале за Софија, каде што Георги, исто така, работел на железничката линија Софија–Ќустендил. Преселувањето на семејството Милетич во Софија се случило во еден интересен момент, кој бил пресвртница во балканската историја. Во 1875 година прво во Херцеговина, а многу брзо и во Босна, започнало востание кое ќе предизвика голема криза, позната како Големата источна криза.

Доаѓањето на семејството Милетич во Софија го одредило понатамошниот тек на животот на малиот Љубомир. Во овој град тој го завршил основното и класното училиште, пред да започне Руско-османлиската војна во април 1877 година, која довела до создавање на модерната бугарска држава. Неговиот татко, кон крајот на летото во 1875 година, го однел Љубомир во Нови Сад кај својот брат Светозар. Потребата на младата бугарска држава од образовен кадар се покажала како решавачка за понатамошното образование на Љубомир Милетич. Откако го завршил гимназиското образование во Загреб, Љубомир добил државна стипендија да студира словенска филологија во истиот град. Милетич останал во најголемиот хрватски град и студирал на катедрата на којашто предавал тогаш врвниот чешки филолог Леополд Гајтлер. Ова било мошне важно за младиот Љубомир. Како дел од неговото високо образование, Љубомир престојувал и во Прага, каде што на Карловиот универзитет ги слушал предавањата на врвниот славист Јан Гебауер. Во овој голем чешки град, младиот Милетич не бил единствениот студент од Бугарија. Тој заедно со Александар Теодоров и Бењо Цонев ги слушал предавањата на големиот славист посветени на текстовите на старословенскиот јазик. Додека е во Прага, тој за периодичното списание на Бугарското книжевно друштво напишал една критика на старобугарската граматика од Никола П. Попов. Оваа остра критика на младиот Љубомир говори дека науката во Бугарија добива полека еден славист од голем формат. Оваа храброст на талентираниот Милетич не била случајна. Таа се должела на добрата подготовка кај професорот. Така, на пример, тој барал од своите студенти сами да прават научни изводи кога го разгледувале Зографското четвороевангелие, издадено од познатиот хрватски славист Ватрослав Јагиќ. Престојот на Милетич во Загреб бил решавачки за неговиот приватен живот. Тој во хрватската престолнина ја запознал својата животна придружничка Марија, со која се венчал на 27 декември 1885 година и со која го продолжил својот живот во Софија.

Први научни и професорски чекори

[уреди | уреди извор]

Бугарија, како млада држава, сè уште не располагала со високообразовна институција. Милетич активно бил вклучен во формирањето на Високата школа во Софија, имајќи го предвид фактот дека тој бил еден од малиот број луѓе со универзитетска диплома во Бугарија. Високата школа во Софија, која подоцна прераснала во универзитет, својата работа ја почнала на 1 октомври 1888 година. Во првата година од постоењето на Софиската школа, Милетич бил ангажиран на предметот старобугарска фонетика. Истата година, се појавила и првата негова книга, Старобугарска граматика, наменета за средните училишта во Бугарија. Љубомир во 1889 година, во Загреб, ја одбранил својата докторска дисертација на тема „За членот во бугарскиот јазик“. Неговата докторска дисертација побудила голем интерес меѓу славистите. Така, во 1890 година во славистичкото списание Archiv für Slavische Philologie (Архив за словенска филологија), словенечки славист Ватрослав Облак објавил рецензија за докторатот на Милетич, во која со пофални зборови го оценил трудот на младиот бугарски научник. Тоа бил поттик за Љубомир да продолжи со науката и да објавува книги и статии посветени на филологијата. Токму во Archiv für Slavische Philologie, тој објавил повеќе статии кои предизвикале интерес кај славистите. Неговиот интерес бил насочен, меѓу другото, и кон јазикот кој го говореле трансилванските и банатските Бугари, што се должи и од неговото потекло. Преку списанието Архив за словенска филологија се родило едно пријателство помеѓу уредникот на списанието, Ватрослав Јагиќ, и младиот бугарски научник. Тие започнале да водат меѓусебна кореспонденција во која покрај науката, имало и политика и приватност. Таа кореспонденција траела сè до смртта на Јагиќ во 1923 година.

Милетич во годината кога докторирал, имал и висока позиција во Софиската висока школа. Имено, тој бил заменик ректор. Љубомир покажал голема активност како проректор. Така, во еден извештај од 30 август 1889 година, Милетич предложил одредени промени на школата поврзани со распоредот на предавалните. Имено, во зградата учеле ученици од софиската гимназија и од Високата школа. Младиот научник многу брзо започнал со своите научни истражувања надвор од границите на Бугарија. Милетич заедно со својот колега Димитар Агура во септември 1892 година заминал за Романија, за да извршат одредени истражувања на словенските ракописи кои се наоѓале во тамошните архиви и библиотеки. Министерот за народна пресвета Живков лично ја поддржал оваа научна мисија. Двајцата научници првин го посетиле Букурешт, која порано бил центар на влашкото кнежество. Двајцата добиле препораки од романските власти што им овозможило да вршат истражувања во архивите во Букурешт и во Јаши, како и во универзитетските библиотеки во двата града. За нивна среќа, бидејќи со соочувале со проблеми кои имале технички карактер, на услуга им се нашол професорот Хасдеу, романски славист. По враќањето во Бугарија, заеднички објавиле една поголема статија која се однесувала на нивното истражување во Романија. На планот на наставата во оваа 1892 година, Милетич се стекнал со највисокото наставно-научно звање на една високообразовна институција, кога бил избран за редовен професор на Софиската виша школа. Во 1893 година, бил еден од основачите на списанието Бугарски преглед кое, како енциклопедиско издание, орган глас на новата Виша школа во Софија. Исто така Милетич бил активен и во бугарското списание Зборник за народни умотворенија, наука и книжнина, основано од познатиот бугарски научник Иван Шишманов. Милетич се ангажирал и во создавањето на првиот Алманах на Софиската висока школа. Тој на Заседанието на Академскиот совет на школата, одржано на 7 март 1897 година, со еден извештај, побарал издавање на еден алманах на школата, во кој би се нашле сведоштва за академскиот персонал, предавањата, научната дејност на предавачите, теми за студентите, годишен отчет, состојбите на институтите и др. По разгледувањето на извештајот на Милетич, Академскиот совет решил Високата школа да започне со издавање Годишник на оваа високообразовна установа.

Предложената реформа на бугарскиот правопис од страна на Милетич, објавена во Бъгарски преглед, Софија, 1893.

Во моментите кога во Македонија се поставувале основите на револуционерната и ослободителната борба во Бугарија, се отворило прашањето за реформа на правописот. Милетич, како човек од науката, се вклучил во обидот за реформа. Во август 1892 година, министерот за народна просвета Георги Живков назначил комисија за реформа на бугарскиот правопис, во состав: Иван Шишманов, Александар Теодоров, Љубомир Милетич, Иван Георгов, Бењо Цонев, Димитар Матов и Стојан Аргиров. Тој во списанието Български преглед објавил една статија која се однесувала на правописната реформа, а била отпечатена на новиот правопис „со цел да влијае пред пошироката јавност за негово прифаќање“. Всушност, поголемиот дел од статијата на Милетич е извештајот и решенијата на Комисијата во однос на нејзините предлози за реформа на бугарскиот правопис. Статијата на Милетич била во насока на реформата не само на бугарскиот правопис, туку и на азбуката. Меѓутоа, отпорот кон прифаќањето на предложената реформа бил многу голем, се вмешала и политиката, а во земјата биле одржани и митинзи против неа. Самиот проект за правописна реформа пропаднал, па така и самото списание започнало да излегува со еден поумерен правопис.

Македонскиот комитет

[уреди | уреди извор]

Во 1895 година, во Софија бил формиран Македонски комитет, во чии активности Милетич веднаш се вклучил. На 30 април 1895 година, во салонот на Славјанска беседа во бугарската престолнина по покана на Македонскиот комитет било одржано општо собрание на сите македонски друштва во Софија, кое било отворено од страна на претседателот на комитетот, Трајко Китанчев. Целта била да се усвои устав изработен за обединетото македонско друштво во Софија и истовремено да се изберат негови повереници. Претседател на поверенството станал Никола Иванов, а потпретседателското место го добил Љубомир Милетич. Истовремено, тој останува активен на Високата школа. Во 1895 година, заедно со уште двајца претставници на факултетите, бил ангажиран во подготовката на Правилникот за примена на Законот за Високата школа. Во истиот период патува во Банат (Австроунгарија) со цел да се истражи историјата, навиките, културата, книжевноста и литературата на тамошните Бугари. Како резултат на оваа посета и истражувањата кои таму ги направил, во 1896 година објавил две статии со наслов На гости кај банатските Бугари. Една година подоцна, Љубомир објавил еден од своите позначајни трудови – Населувањето на католичките Бугари во Трансилванија и Банат. Како дел од истражувањата кои ги направил во Банат, тој во 1900 година ја објавил обемната студија Книжевноста и јазикот на банатските Бугари. Ова истражување на Милетич заедно со резултатите од него кои ги објавил, претставувале значаен придонес околу потеклото, традицијата, културата и јазикот на банатските Бугари.

Неколку години бил член на Врховниот комитет, кој тогаш бил раководен од страна на Данаил Николаев и на Јосиф Ковачев. На 3 ноември 1896 година во Софија започнал со работа Третиот конгрес на ВМК. Милетич, заедно со Никола Червениванов, бил ополномоштен претставник на Македонското друштво од Софија. Говорот на Милетич предизвикал општо одобрување од страна на присутните. Тој повикал на единство на делегатите за доброто на Комитетот. Милетич ќе учествува во работата на комитетот во иднина, како дел од македонските емигрантски групи во Бугарија. Така тој требало да учествува на Шестиот конгрес на ВМК, кој се одржувал од 1 до 5 мај 1899 година, овојпат како делегат од Свиштовското македонско здружение. Во протоколот бр. 2 од 2 мај може да се забележи дека Милетич бил еден од кандидатите за потпретседател на конгресот на ВМК, но добил само еден глас. Како и да е, тој продолжил и понатаму со својата активност во рамките на ВМК.

Книжевното друштво и теренските истражувања

[уреди | уреди извор]

Во кнежеството постоело познатото Бугарско книжевно друштво, кое на некој начин ја имало улогата што би требало да биде наменета за една академија на науките. Меѓутоа, ова Друштво во периодот од 1884 до 1897 година било во сериозна криза, поради што професорите на Високата школа во Софија решиле да преземат иницијатива за повторно оживување и активирање на Здружението. На Високата школа бил одржан состанок на Академскиот совет, кој на 7 март 1897 година избрал Комисија во состав: Љ. Милетич, М. Бечваров и А. Каблешков, со цел таа да подготви писмо до министерот за народна просвета со молба да помогне во надминувањето на кризата во која се нашло Здружението. Кон крајот на следната година, на 25 декември 1898 година, било одржано Генерално собрание на Книжевното друштво, на кое биле избрани нови членови, нов Управен одбор и на тој начин бил ставен крај на кризата. Така, патот кон создавањето на Бугарската академија на науките бил поплочен, а улогата на Милетич во тоа била голема. Во 1899 година тој објавил еден труд со наслов Кон Самуиловиот натпис од 993 година, во која го застапувал мислењето дека Симеон повлијаел за наложување на кирилицата во источните делови на Бугарија, додека неговиот современик Климент бил заслужен за ширењето на кирилицата во западните делови.

Во 1897 година, првпат обиколил некои области на бугарската држава за да собере материјали за своите научни иследувања. Милетич го обиколил источниот дел на Бугарија. Финансирањето на ова истражување било дел од експедицијата која била организирана од Комисијата за балканистика при Царската академија на науките во Виена, со цел да се проучуваат словенските говори во Босна, Далмација, Бугарија и Црна Гора. Обиколките продолжиле и следната 1898 и во 1900 година. Покрај на северот на Бугарија, тој во 1902 и во 1903 година вршел теренски истражувања на Родопите со цел да ги заврши источнобугарските наречја. Неговата намера била во иднина овие региони да ги стави на дијалектолошката карта. Во овие истражувања ја изоставил Македонија. Во едно негово писмо до познатиот славист Ватрослав Јагиќ, меѓу другото, напишал дека Османлиската власт не дозволувала слобода и постојано вршела надзор, населението немало доверба и се плашело да разговара со истражувачи, особено со туѓинци што запишуваат, а за пример го дава словенечкиот филолог Облак кој успеал да работи во Солун, но настрадал кога отишол по селата. Милетиќ сметал дека состојбата е „десет пати полоша“ од времето на Облак. Тој изјавил дека веднаш би отишол да ги изучува македонските дијалекти ако се спроведат реформи. Според него, во тогашните услови истражувањата можеле да успеат само ако ги врши странец, по можност да не е Словен, со силни препораки од конзул.

Милетич добро ја знаел и ја анализирал ситуацијата во Македонија, иако не престојувал во оваа османлиска област. Членувањето на Милетич во ВМК, како дел од големата македонска емиграција во Бугарија, но и интересот кон случувањата во неговата родна Македонија, придонеле тој кон крајот на 1890-те да започне да пишува критики за книги, памфлети и статии кои се однесуваат на Македонија, на тамошните состојби и на македонското прашање. Во Брисел во 1900 година била издадена една книшка A propos d'un mouvement en Macedoine на А. Брутус, што било псевдоним на велешанецот Антон Драндар. Милетич во списанието Български преглед се осврнал на книшката на Драндар. На самиот почеток од критиката, тој забележува дека Брутус е уште еден кој ѝ посакувал добро на Македонија, но само во книга. Милетич се чудел на идејата на Брутус на чело на автономна Македонија како гувернер да биде младиот син на султанот Абдул Хамид II, Бурханедин ефенди. Иако му заблагодарува на авторот што се заложил за македонското дело, Милетич го критикува Брутус зошто поопширно не се задржал на жалната и тешка состојба во Македонија, бидејќи тоа повеќе би ги интересирало и би им користело на западните читатели отколку целата историја на Источното прашање. Милетич ја завршил критиката со констатација дека македонскиот проблем го усложнувале интригите и меѓусебната завист на европските сили, а не разните националности во Македонија. Критиките во однос на Македонија и македонското прашање постепено станале дел од пишаниот збор на Милетич, што посебно ќе дојде до израз во списанието Македонски преглед.

Ректор на Софиската висока школа

[уреди | уреди извор]

Во времето кога првпат бил ректор на Софиската висока школа, во 1901 година, по неколкугодишни напори, конечно било дозволено на школата да можат да студираат и жени. Оваа дозвола била добиена со силно залагање на професорот Милетич и во зимскиот семестар на учебната 1901/1902 година биле примени првите студентки на Софиската висока школа. Тој бил човекот кој добил решение од Министерството за народна просвета по тоа прашање. Неколку години претходно, Милетич повторно покажал дека е на страна на студентите. Во 1897 г., по погребот на големиот бугарски писател Алеко Константинов, студентите демонстрирале против партиско-политичките сили во земјата, но и против авторитетот на Академскиот совет во Високата школа. Голем дел од нив ја бојкотирале наставата и барале промена во правилникот на Високата школа и да се додаде во него дека студентите надвор од школата се граѓани, дека тие имаат право да прават општи студентски собранија во и надвор од школата итн во протест против политиката и Академскиот совет. Ректорот ги казнил, но тие барале промени во правилникот и се заканувале со напуштање. Откако поминал последниот рок за упис на 23 мај, ректорот пред Академскиот совет, предложил дополнителен рок за запишување, кој важел до 28 истиот месец. Оваа постапка имала големо влијание и добар дел од студентите се запишале за следната година, дури и оние кои веќе ги зеле документите за да го напуштат студирањето. Сепак, 15 студенти останале незапишани. Милетич побарал ублажување на казните и за оние кои претходно биле отстранети од наставата, што довело до нивно намалување со отстранување од наставата само на еден семестар. Милетич со своето прашање придонел проблемот да се реши во полза на студентите, а истовремено и ректорот да не се почувствува повреден.

Во 1901, за време на прославата на 25-годишнината од Априлското востание и поставувањето камен-темелник на споменикот на Александар II, 104 студенти потпишале Протест против рускиот монархизам и неговата улога во Македонија. Здружението Наука испратило слично писмо. Академскиот совет на 24 април го укинал здружението и казнил студенти. Милетич објавил соопштение со предупредување, но подоцна казните за многумина биле намалени. Околу 80 студенти биле привремено отстранети. Во писмо до Јагиќ, Милетич напишал: „Се случија студентските демонстрации, кои ми создадоа вистински грижи и тоа такви што скоро нервно се разболев...Требаше да отстраниме околу 80 од нив, а уште малку ќе требаше да го затвориме Високото училиште, доколку поголемиот дел од децата не беа разумни“.

Ректорската позиција не му пречела во издавањето нови научни публикации. Во 1902 година во Софија била објавена една поголема студија на Милетич, која се однесувала на старото бугарско население во североисточна Бугарија. Зошто Милетич се нафатил да го истражува овој проблем? Одговорот на ова прашање може да го најдеме во воведот на оваа интересна студија на софискиот професор. Според него, и покрај постојаното иселување на турското население и доселувањето на бугарско население во североисточните делови на Бугарија, сепак бугарскиот елемент сè уште бил слаб. Професорот сметал дека тоа се должело на големите промени во тој дел од земјата по османлиското освојување на Бугарија. Тој факт бил очевиден уште по првиот попис на населението во слободна Бугарија. Милетич признава дека со своето дело ја продолжува работата на познатиот бугарски научник Марин Дринов.

Иницијатива за помирување на комитетите

[уреди | уреди извор]

Професорот на крајот од септември 1902 година се вратил од своите патувања по Родопите кои биле поврзани со неговите истражувања за тамошните дијалекти. Само што пристигнал во Софија тој, од страна на македонската емиграција, бил замолен во нејзино име да одржи говор пред грофот Игнатјев, кој тие денови бил во посета на Бугарија. Рускиот дипломат, веќе во поодминати години, во меморијата на Бугарите останал запаметен по неговата улога во создавањето на Егзархијата во 1870 година, но и во неговиот удел во преговорите при склучувањето на прелиминарниот Санстефански договор. Во периодот од 15 до 22 септември во Бугарија биле одржани прослави по повод 25 години од епопејата на Шипка. На 22 септември, Милетич одржал говор пред рускиот гостин во кој говорел за лошата состојба во Македонија. Развојот на ситуацијата во Македонија се поклопил со неговиот говор пред Игнатиев. Како што самиот забележал, веднаш штом ги испратиле руските гости, во оваа османлиска област дошло до нов заплет на ситуацијата. Причина за тоа било Горноџумајското востание. Секоја вооружена акција предизвикувала страдање, особено на невооруженото население. Милетич самиот се ангажирал во организирање на помош за настраданите и за ранетите. Милетич дал најголем придонес во ВМК со иницијативата за помирување на двата врховни комитета по судирот Сарафов–Цончев, предизвикан од Горноџумајското востание. Во ноември 1902, заедно со Иван Георгов и група интелектуалци (Ризов, Љапчев, Генадиев, Урумов и др.), предложиле единствен Врховен комитет и спогодба со ВМРО, со цел да дејствуваат како арбитри. Милетич, заедно со Георгов, најпрво се сретнале со Гоце Делчев во Софија, изложувајќи планови за помирување и заедничко дејство, со цел напролет да може да се излезе со заедничко дејствување. Делчев, скептичен кон Цончев, не се спротивставил, и за таа цел како претставник на организацијата го испратил Сава Михајлов, иако не бил убеден оти може да дојде до помирување помеѓу двата врховни комитета и внатрешната организација. Во текот на ноември Милетич, заедно со Георгов, имал состанок на кој присуствувале Матов, Татарчев, Владимир Руменов, Никола Иванов и Димитар Ризов, на кој било разгледувано прашањето дали може да дојде до обединување и што може да се очекува понатаму. На овој состанок било забележливо дека МРО била воздржана околу целата активност на софиските професори. При една средба со Евтим Спространов, при крајот на ноември 1902 година, Љубомир, во разговорот со својот собеседник, забележал дека народот е со внатрешната организација и дека без нејзина согласност, другите групи повторно би биле слаби.

Кога е генералот Цончев во прашање, Милетич се соочил со она што му го спомнал Делчев – карактерот на високиот бугарски офицер. При една нивна средба, Цончев бил согласен за предлозите на помирувачката комисија. Меѓутоа, на негово инсистирање, дошло до средба на членовите на комисијата со него и со неговите соработници Николов, Белев и Стојчев, при што тој се согласил со ставот на своите истомисленици дека постоел комитет и дека секој можел да работи со него, освен Христо Станишев. Тоа предизвикало шок кај Милетич, кој паднал во очај и помислил дека нема ништо да има од помирувањето. И покрај разочарувањето, на 4 декември 1902 година, Милетич заедно со Георгов, Д. Ризов, А. Љапчев, Н. Генадиев, Н. Иванов, В. Руменов, Г. Стрезов, П. Урумов, И. Каранџулов, Ж. Шивачев и Г. Паунчев, со едно доверливо писмо, се обратиле кон македонско-одринските здруженија во Бугарија, со цел да се постигне помирување помеѓу двата врховни комитета. Во писмото на членовите на комисијата за помирување, предводена од професорите Милетич и Георгов, до македоно-одринските здруженија во Бугарија била објаснета целта на оваа комисија. Комисијата предложила новиот комитет да се состои од седуммина личности, од кои тројца бил биле од Комитетот на генералот Цончев, тројца од Внатрешната организација и еден од комитетот на Станишев, да се свика вонреден конгрес на 6 декември, кој требало до го санкционира ова решение. Комитетите не можеле да се согласат околу бројот на членови. Ова било премногу за Милетич и останатите членови на Комисијата и, како што е наведено во писмото, „ние веќе ги сметавме какви било понатамошните преговори за бесцелни и еднодушно решивме да го предадеме прашањето за помирување во рацете на самите македоно-одрински здруженија, кои ја сочинуваат Македоно-одринската организација во кнежеството и имаат право на суверенитет во однос на ВМК“. Тоа бил крај на обидот за помирување. Дејствувањето на оние кои сакале да дојде до помирување предизвикало обратен ефект – поточно до засилување на расцепот. Имено, приврзаниците на тандемот Станишев–Карајовов биле за свикување еден вонреден конгрес за обединување, но со тоа не биле согласни приврзаниците на групата Михајловски–Цончев.

Во јануари 1903 во Софија пристигнал рускиот министер за надворешни работи, грофот Ламсдорф. Тоа било искористено од страна на тамошната македонска емиграција да се организираат манифестации со цел да повлијаат врз чувствата на Ламсдорф, односно царот, врз руското јавно мнение за нивното подинамично ангажирање околу спроведувањето реформи во Македонија. Ламсдорф на делегацијата во чиј состав бил Милетич, како и на онаа на Врховниот комитет на Станишев, ѝ рекол дека мора да бидат трпеливи. И покрај ладниот однос на шефот на руската дипломатија, македонските делегати во руското конзулство во присуство на бугарскиот премиер Данев, му врачиле еден меморандум, во кој било побарано формирање на една автономна област од Солунскиот, Битолскиот и Скопскиот вилает, со христијански гувернер назначен од европските сили, собрание, локална милиција, која би му била потчинета на гувернерот, повеќе службени јазици, покрај турскиот, како и давање на општа амнестија. Во овој меморандум било побарано слични реформи да се воведат и во Одринскиот вилает, од кој требало да се направи посебна област. Значи, не било предвидено обединување на Македонија и на Одринско во една автономна област. Милетич отпрво бил оптимист, но потоа бил разочаран од руската поддршка за запазување на status quo во регионот и за наложување реформи во османлиската држава.

Милетич во времето на Илинденското востание

[уреди | уреди извор]

Помирителната акција на Милетич и неговиот колега Георгов завршила без резултати, а решението за почеток на востанието во Македонија во 1903 година придонело овие контакти да престанат. Набрзо и бугарската влада ја забранила дејноста на ВМК. Солунските атентати и репресалиите врз недолжното население кои следеле по гемиџиските акции предизвикале возбуда кај Милетич. Самиот тврдел дека тоа што го слушал влијаело врз неговите предавања, а и студентите на факултетот каде што предавал биле под силно влијание на настаните во Македонија. Тој дури сметал дека една војна со османлиската држава речиси била неизбежна, иако новата бугарска влада на Рачо Петров се обидувала да ги смири односите со соседот. На 23 април 1903 година во Софија било формирано Добротворното друштво за помагање на настраданите од турскиот режим во Македонија и Одринско. Милетич бил активен член на ова здружение, чиј претседател бил Никола Червениванов од Кукуш. По создавањето на друштвото, приврзаниците на поранешниот комитет Михајловски–Цончев создале ново здружение со иста намена на чело со Васил Дијамандиев. За разлика од моментите кога Милетич се обидувал да ги помири раскараните македонски групи и паднал во очај од однесувањето на генералот Цончев, во моментите кога овој се обидел да формира паралелно здружение за помош на настраданите во османлиската држава, Милетич со неговиот пријател Георгов отворено застанале зад друштвото на чие чело бил Червениванов. Во весникот Софиски ведомости на 3 јуни 1903 година се појавило соопштение потпишано од 13 истакнати универзитетски професори и поранешни членови на ВМК, меѓу кои и Милетич во кое се отфрла секаква можност за нова поделба меѓу емиграцијата, ги обвинила иницијаторите за создавањето на второто здружение дека сакаат нов расцеп, а на бугарската јавност ѝ препорачала својата помош да ја упатува на здружението чиј претседател бил Червениванов. Во екот на подготовките за започнување на Востанието во Македонија, во Софија се подготвувала изградба на зградата на Бугарскиот народен театар. Министерот за народна просвета, универзитетскиот професор, Иван Шишманов, на 14 јули 1903 година издал една наредба за назначување Привремена комисија за определување место за изградба на Народниот театар, на чело со Илија Миларов, во која бил вклучен и Милетич. Така, Љубомир малку можел да се оттргне од македонските проблеми, кои очигледно го оптоварувале и го загрижувале.

Во Крушево, во согласност со решенијата на Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ, на 2 август започнало Востанието. Една недела по почетокот на Востанието, во Софија, во една од салите на Високата школа, бил одржан состанок на кој присуствувале претставници на сите политички партии во Софија, со кој претседавал Љубомир Милетич. На него била избрана комисија, која почнала да се нарекува добротворна комисија за помош на настраданите Македонци, на чие чело бил универзитетскиот професор Димитар Агура. Оваа Комисија, во која активно учествувал Милетич, покажала голема активност за време на Илинденското востание. Димитар Агура, во еден разговор со Григор Начович, вели дека Комисијата собрала 900 000 лева, кои биле им дадени на „македоно-одринските организации и чети“. Покрај споменатата Комисија, била формирана уште една, која ги обединувала емигрантските групи од разни делови на османлиска Македонија. Таа била наречена Врховна комисија. И двете комисии соработувале.

Македонската емиграција во Бугарија решила во европските престолнини да испрати делегација со цел да го запознае европското јавно мислење и владите за состојбите во Македонија. Иницијативата за праќање делегати била на Добротворната комисија на Димитар Агура. Било договорено Делегацијата да биде составена од митрополитот Симеон, професорите Милетич и Георгов, како и д-р П. Нејчев. Помеѓу делегатите се водела дискусија по прашањето која да биде првата дестинација на оваа делегација – Русија или Западна Европа? Одлучено е прво да се посети Русија; ако се добијат ветувања, да се вратат во Бугарија, инаку да продолжат во Западна Европа. Русија одбила да го прими митрополитот Симеон, па тој отпаднал од делегацијата. Милетич, Георгов и Нејчев заминале за Санкт Петербург, каде биле примени од дипломатот Хартвиг. Тој бил љубезен, но критички настроен кон Востанието. За време на престојот на Милетич и Георгов во руската престолнина, тие двајца дале неколку интервјуа. Во интервјуто, објавено во весникот Новое время, Милетич објаснил дека главната цел на нивното доаѓање во Санкт Петербург било собирање помош за настраданото население во Македонија и во Одринско. Според него, Востанието не било организирано отстрана, туку било дело на месните сили, а масовната поддршка на Востанието од страна на населението во Бугарија се должела на фактот што во таа земја живеела бројна македонска емиграција. Милетич и неговиот пријател имале намера да побараат средба и со рускиот цар Николај II, но, за нивна жал, оваа желба не им била остварена. Оваа нивна намера била и претерана, имајќи го во предвид фактот што и Хартвиг имал критички став кон Востанието. Резултатите на мисијата во руската престолнина во која учествувал Милетич биле далеку под очекувањата.

Милетич и Георгов пристигнале во Лондон на 7 октомври 1903 г. Веднаш започнале активности, и имале вечера со група политичари во Уајтхолкорт. Во британската престолнина се сретнале со видни британски дејци од јавниот и политичкиот живот, како браќата Бакстон, Едвард Греј, Брајлсфорд и со други. Дале интервју за Daily News, нагласувајќи дека турските уништувања во Македонија се далеку поголеми од познатото, но избегнувале коментари за бугарската влада, нагласувајќи дека нивната мисија има хуманитарен карактер. На 12 октомври во дневниот весник The Times објавиле апел, изразувајќи благодарност за сочувството на британската јавност. Целта била да се анимира јавноста и да се собере помош, но испратиле и политичка порака преку влијателни весници. Во Британија веќе имало силна поддршка. Така, во септември 1903 г. биле усвоени 143 резолуции за Македонија, во октомври 210, во ноември 81, а во декември 61 резолуција. Балканскиот комитет организирал повеќе митинзи, од кои најпознатиот во „Сен Џејмс Хол“ на 29 септември, на кој присуствувале познати јавни личности од Велика Британија. Бискупот од Ворчестер во емотивниот настап забележал дека никој не ги бранел членовите на македонските револуционерни комитети, туку безбројните селани на Македонија кои биле предмет на турските репресалии. Пратеникот Брајс побарал Македонија да биде изземена од власта на султанот. Биле организирани и акции за собирање помош за настраданите во Македонија. Само во октомври 1903 година во Велика Британија биле собрани околу 25 000 фунти стерлинзи. Овие средства биле собрани од страна на Балканскиот комитет кој оформил и една помошна мисија „The Macedonian Relief Committee“. За претседател на оваа мисија бил избран Хенри Ноел Брејлсфорд, а за секретар Т. Бакстон. Оваа мисија од октомври 1903 година, шест месеци по ред, во загрозените региони на Македонија ја организирала и ја разделувала собраната помош од британските граѓани. Под притисок на јавноста и сопствените интереси, британската влада на 29 септември испратила инструкции на амбасадорот во Виена, сер Ф. Планке за потребата од поефикасни мерки за подобрување на состојбите во Македонија. Според предлогот на британската влада требало да се разгледаат две можни решенија по прашањето за гувернер на Македонија: „а) поставување христијански гувернер без врска со Балканскиот Полуостров и со Силите-потписнички на Берлинскиот договор; б) задржување муслимански гувернер, помаган од европските заменици. Би се задоволиле ако тие заменици бидат избрани од страна на двете сили“. Владата во Лондон, исто така, побарала повлекување на резервните и задржување на регуларните османлиски сили во Македонија, како и реорганизирање на жандармеријата. Некои од овие барања биле прифатени од страна на Русија и Австро-Унгарија и биле вметнати во Мирцштегската програма за реформи, која била објавена на 2 октомври 1903 година.

Двајцата професори од Лондон заминале во Париз, каде што биле примени од страна на директорот на Канцеларијата за политички прашања на Француското министерство за надворешни работи. Таму, тие присуствувале на еден промакедонски собир кој се одржал во театарот Сара Бернар на 25 октомври, на кој говореле истакнати интелектуалци како Франси де Пресансе, Пјер Кијар, Виктор Берар, кој одлично ја познавал состојбата во Македонија, познатиот англиски археолог Артур Еванс, Ноел Бакстон, Жан Жорес и др. Во Париз нивната мисија немала таква среќа како во британската престолнина. Додека весникот Daily News за неколку денови собрал 900 лири стерлинзи, француските весници не отвориле никаква сметка. Додека во Лондон работеле два балкански комитети – едниот за помош, а другиот за политички проучувања, во Париз не бил создаден ниту еден. Францускиот новинар Морис Кан подоцна напишал дека Милетич и Георгов тешко го криеле разочарувањето. Милетич ја посетил и Прага, каде што дал интервју во весникот Politika и присуствувал на Заседанието на посебната седница на тамошниот Народен совет, каде што детално ги објаснил состојбите поврзани со македонското прашање и побарал од чешките пратеници да го постават прашањето за настаните во Македонија во Виенскиот парламент. Постигнал одреден успех во намерата да предизвика некаква активност во Чешка, но тој бил задоцнет поради внатрешни чешко-австриски конфликти. Во декември 1903 се одржале митинзи и вечери во Прага, каде се собирала парична и материјална помош за настраданите Македонци. Кога станува збор за прашањето околу тоа колку средства собрале Милетич и Георгов, интересен е податокот што го дава бугарскиот историчар Гребенаров. Тој смета дека над 600 000 лева биле собрани како помош, која била искористена за храна и облека за населението во Битолско по задушувањето на Востанието. Во Софија со големо внимание се следела нивната мисија по европските престолнини, очекувајќи одредени резултати.

Јужнословенски дијалектолошки студии II: Источнобугарски. Виена, 1903.

Ангажманите околу Македонија не влијаеле на неговата научна работа. Милетич во 1903 година објавил една поголема студија за бугарските Павликијани, која предизвикала голем интерес во науката. Самиот напишал дека имал погрешна претстава за тоа колку му требало да ја напише оваа негова обемна студија. Имено, кога стигнал до делот за павликијанската писменост заклучил дека има толку многу материјал со којшто располагал, и затоа би било штета за темата доколку таа се обработи брзо и лесно. Откако тоа го увидел, тој се соочил со нови непредвидени празнини кои ја развлекле целата работа на оваа студија. Сепак, во август 1903 година, Љубомир го предал својот готов ракопис на печатење. Треба да се спомене дека во тоа време Павликијаните се уште живееле, во делови од северна и јужна Бугарија.

По Востанието

[уреди | уреди извор]

Востанието во Македонија, иако било задушено, не значело крај на револуционерната борба. По поразот, многу учесници пребегале во Бугарија за да се консолидираат. Професорот Милетич тогаш започнал да ги запишува спомените на водачите собрани во Софија. Во писмо до Јагиќ, тој опишал дека до февруари ќе собере раскази од 50–60 водачи за да состави историја на ослободителното движење, што ќе се реализира задоцнето дури во 1920-те, најверојатно заради настаните во Македонија и развојот на македонското прашање.

Милетич бил разочаран од руската дипломатија, која не ја помагала борбата поради интереси во Кина и војната со Јапонија (1904). Коментирајќи ја оваа војна, Милетич забележал дека македонското прашање заспало како последица на таа војна. Според неговите зборови, македонските борци, откако слушнале за војната, изјавувале дека немале среќа. Тој своите мислења за можните последици од оваа војна по македонското прашање му ги изнел и на Иречек. Од 1904, Македонија станала арена за чети организирани од балканските монархии. Членот 3 од Мирцштешките реформи предвидувал промена на границите на вилаетите во Македонија според етничкиот состав на населението. Поразот на четите на МРО им овозможил на четите организирани од страна на балканските држави послободно дејствување. Србија, по доаѓањето на Петар I (1903), започнала со испраќање чети во Македонија, кои биле составени и од локално население, станала опасен конкурент на бугарските интереси во северните делови на овој регион. На 30 март 1904 Србија и Бугарија потпишале Договор за пријателство, проследен со Царински сојуз (1905) и културни размени. Токму дејствувањето на Србите било забележано од страна на Милетич. Тој, како што самиот пишувал, се радувал на приближувањето помеѓу двете земји. Сепак, бил видно разочаран од српските акции во османлиска Македонија. Тоа било логично и очекувано, имајќи го предвид неговото гледиште и став за оваа област, која тогаш била во центарот на европското внимание.

Во 1904, Милетич го потврдил угледот кога Високата школа прераснала во универзитет. Кога во бугарското собрание се носел законот со кој Високата школа во Софија требало да прерасне во прв универзитет во Бугарија, името на Милетич било споменувано како една од гаранциите дека оваа високообразовна институција е достојна на името кое требало да го носи во иднина. Во овој период имал семејни проблеми: смрт на мајката (1904), таткото (1905) и болест на ќерката. Кон крајот на јануари 1905, дошло до студентски бунт против правилникот за дисциплина, во кој било предвидено студентите да можат на Универзитетот да се формираат само на академска, но не и на политичка основа. На 30 март во театарот Бугарија било свикано едно општо студентско собрание на кое присуствувале 750 студенти. Било решено доколку не биде повлечен Правилникот – тие нема да дозволат професорите да ги држат своите предавања. Потоа, на полноќ, студентите прошетале низ софиските улици и се задржале пред живеалиштата на некои од повлијателните професори на Универзитетот, меѓу кои била и куќата на Милетич. Најверојатно, врз однесувањето на студентите имале влијание и настаните во Русија. Наредниот ден со решение на Академскиот совет, Универзитетот бил затворен на два месеца. Милетич, како професор, основоположник на Софискиот универзитет, не можел да остане индиферентен на овие појави и барања. Тој сметал дека социјализмот е во мода меѓу студентската младина, а тоа, според неговите размислувања, било штетно и си го поставил прашањето каква ќе биде иднината на Јужните Словени кога младината ќе се воспитува во социјалистичкиот дух. Неговата одбојност кон социјализмот била голема и очигледна. Таа нема да се промени до крајот на неговиот живот. Студентите нема да успеат во своите намери. Академскиот совет во октомври и ноември 1905 година донел решение за мали измени на спорните делови од Правилникот, кои воопшто нема да бидат во насока на задоволување на студентските барања.

Во истата година професорот имал ангажмани поврзани со науката. Во рамките на Бугарското министерство за народна просвета, била формирана Археографска комисија. Целта на оваа Комисија било издавање стари пишани споменици. Тоа ќе биде направено во едицијата Български старини, чиј прв том излегол во 1906 година. Археографската комисија во која Милетич бил избран за претседател, вклучила еминентни бугарски научни дејци: Б. Цонев, В. Златарски и Ст. Аргиров. Семејните проблеми на професорот и кон крајот на 1905 година влијаеле врз него и неговата работа. Милетич со големо внимание ги следел случувањата во Македонија, а продолжил и со активностите во рамките на македонската емиграција во Бугарија. Тој учествувал на некои заседанија на кои се разгледувало македонското прашање. Во бугарскиот главен град во 1905 година бил одржан собир на македонската и одринската емиграција. На тој собир легалните братства од Македонија и Одринско се обединиле во Совет на здружените македонско-одрински добротворни братства. На оваа конференција, Милетич бил избран за делегат од градот Софија. Според неговите зборови, цел на ова обединување била помошта за Македонците и работата во правец на автономија на Македонија. На собирот, според Станишев и Романски, Милетич бил избран за претседател на Советот, на чие чело останал до април 1912 година.

Универзитетската криза

[уреди | уреди извор]

Во 1907 г., по еден инцидент со исвиркување на кнезот Фердинанд на отворањето на Народниот театар во Софија, бугарската влада, на чело со премиерот Димитар Петков жестоко реагирала: на 4 јануари го затворила Софискиот универзитет на 6 месеци и ги отпуштила сите професори. Образложението било дека универзитетот, наместо да ги воспитува студентите во граѓански дух, тој ги расипувал. Министерот за просвета Иван Шишманов, кој исто така бил и професор на универзитетот, поднел оставка бидејќи не можел да го прифати таквото решение. На 10 јануари, 34 професори, вклучувајќи го Милетич, објавиле манифест во кој ја обвинуваат владата за настанатата криза која може да доведе до затворање на единствениот универзитет во Бугарија. Тие се изјасниле против мешањето во автономијата, бидејќи универзитетот не може да биде единствената институција која е одговорна за однесувањето на студентите и барале враќање на Универзитетот. Милетич го сметал Петков лично одговорен за кризата. Истиот период за Милетич бил трагичен – неговиот втор син починал од менингитис. Тој со семејството заминал во Женева, но и од таму активно се борел за универзитетот. Тој праќал текстови за дневниот весник Ден во кои, во полза на Универзитетот, отворено се повикувал на авторитети какви што биле Ватрослав Јагиќ и Франтишек Пастрнек.

Владата се обидела да ја реши кризата со една понуда. Имено, според Милетич, новиот министер, Никола Апостолов, му понудил на наставниот кадар да го врати стариот закон доколку се согласат на работа да не бидат вратени професорите кои не биле по мера на владата во Софија, но оваа понуда била одбиена од страна на професорите. На 11 јули 1907, Универзитетот бил отворен, со нови, делумно странски професори, меѓу кои и поранешни соработници на Милетич од Галиција, што дополнително ги разочарало отпуштените. Кризата траела цела година. Милетич, и покрај личната тага, продолжил да уредува научни изданија и да се бори. Конечно, по формирањето на новата влада на Александар Малинов (16 јануари 1908 г.), кризата била решена во полза на професорите, отпуштените биле вратени и била обновена автономијата на универзитетот. На изборот за нов ректор Милетич добил најмногу гласови, но ја одбил функцијата поради семејната трагедија. Наставата продолжила на 3 март 1908 г. – случајно или не, симболично на годишнината од Санстефанскиот договор.

Независност на Бугарија

[уреди | уреди извор]

Втората половина на 1908 г. била пресвртна за Бугарија и Балканот. Младотурската револуција (јули 1908) се обидела насилно да создаде единствена „отоманска нација“, што предизвикало остра реакција кај нетурските народи и го забрзала распаѓањето на империјата. Бугарија веднаш ја искористила ситуацијата. На 22 септември 1908 во Трново кнезот Фердинанд се прогласил за цар, а Кнежеството Бугарија за независно Царство. Милетич, како и секој граѓанин на Бугарија, ја поддржувал независноста на Бугарија. Меѓутоа прогласувањето на независноста не било проследено без проблеми. Големите сили не брзале со признавањето на објавената независност. Дури и Австро-Унгарија порачала дека бугарската влада треба прво да го реши проблемот со Источните железници. Од друга страна, ниту власта во Истанбул не била подготвена да ја признае независноста без соодветна компензација. Бугарија испратила свој преговарач во османлиската престолнина, кому цариградските власти му испорачале една сметка од 429 000 000 лева како услов за признавање на независноста. Токму ова барање предизвикало шок кај бугарската јавност. Самиот Милетич сметал дека „како што изгледа, независноста, која ни беше обезбедена за секој поволен момент во иднина, сега многу скапо ќе нè чини. И тоа точно затоа што нашиот кнез побрза да се нарече цар во неповолно време и освен што нè претстави како орудие на германската политика и со тоа ги оттурна за нас важните влади на западните сили и на Русија“. Бугарската држава била подготвена да плати одредена компензација за признавање на независноста, но со далеку помала сума пари. Во играта влегува Русија која предлага да исплати 125 000 000 франци како компензација за признавање на бугарската независност. Санкт Петербург предложил оваа сума пари да биде платена од османлискиот долг како дел од репарациите кои Цариград морал да ги плати за војната од 1877/78 година. Многу брзо се согласиле со руските предлози за решавање на финансиското побарување на отоманската влада од Бугарија за признавање на нејзината независност. Милетич со големо внимание ги следел настаните поврзани со Анексионата криза околу Босна и Херцеговина. Тој во едно свое писмо до Иречек забележал дека во Бугарија не можеле да ѝ се израдуваат на независноста, бидејќи постоела голема загриженост дали ќе има војна во регионот. Професорот со право бил загрижен. Имено, според тоа што било планирано, воениот буџет требало да биде зголемен за сметка на останатите области, меѓу кои биле и образованието и науката.

Како дел од изданијата на Археографската комисија, чиј член бил и професорот, тој во 1908 година во Бугарски старини го објавил текстот на Копривштенскиот дамаскин од XVII век како еден новобугарски споменик. Милетич во воведот нагласил дека неговото решение за објавување на овој дамаскин се должел на ползата која можела да биде извлечена од него за историјата на бугарскиот јазик. Научната дејност на професорот Милетич била следена од страна на познати европски слависти. Неговите трудови биле ценети, па било очекувано да пристигнат и признанијата. Во 1909 година тој добил едно големо признание од меѓународната славистика. Главниот уредник на познатото и признато списание Архив на словенската филологија, Ватрослав Јагиќ му испратил покана на Милетич за да се вклучи во ова списание како редовен соработник во редакцискиот одбор. Тоа, несомнено, било големо признание за софискиот професор, особено ако се има предвид дека во него биле сите тогаш познати слависти. Така, Милетич во редакцискиот одбор на ова списание, со мали прекини, учествувал сè до 1929 година, односно да неговиот последен том. Тоа значи дека шест години по смртта на Јагиќ, славистот кој го основал ова списание, софискиот професор продолжил да биде член на редакцијата.

Кон крајот на декември 1909 година, во бугарската престолнина бил одржан еден поголем митинг на кој се критикувала политиката на младотурската власт кон македонското население. На него говореле истакнати личности од јавниот живот во Софија „на чело со професорот д-р Љ. Милетич“. На митингот била искажана загриженоста на македонската емиграција во Бугарија од состојбите во соседната земја. Од бугарската влада било побарано да прекине со своето пасивно однесување кон османлиското беззаконие. Младотурската револуција не ги оправдала очекувањата на балканските христијански народи кои сè уште живееле во рамките на османлиската држава, но некои можности кои претходно биле незамисливи сега станувале реални. Така, во мај 1910 година, Милетич конечно имал можност да ја посети родната Македонија. Професорите Златарски, Агура, Кацаров и Иширков организирале екскурзија на 15 студенти на Света Гора. Професорот сметал дека оваа екскурзија е добра можност за да може подоцна да направи посериозна посета на Македонија и на Света Гора, најверојатно за научните цели. Милетич ги посетил Хилендарскиот манастир, Солун, Битола, Прилеп, Велес и Скопје. Во Солун Милетич заедно со своите колеги и студентите ја посетиле и тамошната егзархиска гимназија. Оваа екскурзија била добра можност да се запознае со Македонија за која дејствувал. Во текот на посетата тој разговарал со претставници на локалното население, од кои слушал поплаки за нивните проблеми со младотурските власти. Исто така, Милетич разговарал и со битолскиот и со солунскиот валија, и на тој начин можел да ги согледа вистинските намери на младотурскиот режим во Македонија.

Посетата на Милетич во Македонија се совпаднала со Словенскиот собор во Софија во јуни 1910 година. Тој бил ангажиран во Редакционата комисија, но потоа морал да се грижи и за руската изложба, што му одзело многу време. Соборот се фокусирал на словенското единство, со дискусии за размена на публикации, универзитетски професори и формирање здружение на преведувачи за литература на словенски јазици. Милетич предложил словенските универзитети безусловно да ги примаат словенските студенти врз основа на матурските свидетелства и да им признаваат семестри од било кој словенски универзитет. Настанот ја истакнал солидарноста, но имал проблеми, вклучувајќи недоразбирања меѓу Русите, Украинците и Полјаците, како и меѓу Јужните Словени. Македонските членови во бугарската делегација го искористиле соборот за да го актуелизираат македонското прашање и да бараат пансловенска поддршка. Тие издале Изјава од македонските емигранти во Софија, нагласувајќи дека над половина од населението во Македонија е бугарско, критикувајќи ја српската пропаганда по Берлинскиот конгрес и сојузот со Цариградската патријаршија, што предизвикувало раздор меѓу Јужните Словени. Изјавата предупредувала дека таквите акции штетат на словенското единство и повикувала на запирање на пропагандата штетна за јужнословенските интереси. Милетич, кој веројатно учествувал во изјавата, во писмо до Иречек забележал дека младите во Македонија повеќе не се плашат од Турците, но српската пропаганда предизвикувала омраза, што ги попречува јужнословенските сојузи. Тој се сомневал во ефикасноста на таквите собори. Интересно е да се забележи дека на овој собор некои од руските учесници имале малку подруга визија за Македонија и Македонците. Професорот П. Е. Казански од Одеса во својот извештај за општословенскиот Собор во бугарската престолнина дал некои размислувања за дејствувањето во иднина. Меѓу другото, тој забележал дека на Соборот не се претставени сите политички партии, но и понеразвиените „словенски племиња (Македонци, Лужичани)“. Македонците имале свои претставници на овој голем сесловенски настан, но нивното национално чувство не било македонско.

Младотурската револуција од 1908 година не довела до долготрајни реформи во Османлиското Царство, што предизвика обновени немири, особено во Македонија, поради одбивањето автономија и судирот на интересите на балканските држави и европските сили. Љубомир Милетич, како еден од најистакнатите бугарски интелектуалци кој што цел живот го посветил на македонското прашање, внимателно ги следел овие настани. Во декември 1909 година тој зборувал на собир во Софија за тешката положба на Бугарите во Македонија. По акцијата за разоружување на населението во 1910 година, која дополнително ја влошила ситуацијата, тој и група професори од Софискиот универзитет во ноември 1910 година упатиле протестно писмо до владите на Големите сили, барајќи спроведување на член 23 од Берлинскиот договор и одлуките од средбата во Ревал (1908) за решавање на македонското прашање. Во текот на 1910 година Милетич учествувал во анкета на списанието Съвременна мисъл за македонското и балканското прашање, објавена во ноември истата година. Во анкетата учествувале истакнати бугарски политичари и интелектуалци како Михаил Маџаров, Васил Радославов, Стојан Данев, Димитар Тончев, Димитар Михалчев, Кирил Коларов, како и дејци на македонското револуционерно движење – Христо Татарчев, Христо Матов, Пејо Јаворов и други. На учесниците им биле поставени пет прашања: 1. Како го оценувате Јулскиот преврат во Турција?  2. Како го цените младотурскиот режим?  3. Каде води младотурската политика?  4. Какви треба да бидат односите на Бугарија кон Турција во најблиска иднина?  5. Каква е посакуваната и каква е можната иднина на Балканот? Милетич во своите одговори истакнал дека младотурскиот преврат бил извршен со цел да се зачува турската хегемонија над другите народи во империјата и изразил сомнеж во искреноста на режимот да им даде поголеми права на христијаните. Тој остро го критикувал односот на младотурската власт кон Македонија и нагласил дека единствен излез од ситуацијата е исполнување на ветената автономија од Берлинскиот договор, бидејќи Македонците не сносат одговорност за бугарското обединување од 1885 година и свеченото ветување на силите останало на сила. Милетич експлицитно изјавил: „Автономијата треба да ѝ се даде на Македонија – друг исход нема“. Тој сметал дека автономна Македонија е единствен начин регионот да остане неподелен меѓу балканските држави – став што го задржал до почетокот на Балканските војни. За односите со Турција, тој препорачал Бугарија да се приклучи кон сојузот на силите предводен од Русија, со цел да се изврши поголем притисок врз Османлиското Царство да ги исполни обврските кон Македонија и Одринско. Како посакувана иднина на Балканот ја гледал балканска конфедерација, но истакнал дека таа е невозможна додека македонското прашање не се реши задоволително за бугарската страна. Одговорите на Милетич во анкетата од 1910 година ги сумираат неговите долгогодишни ставови по македонското прашање и биле јавно достапни во бугарскиот печат.

Формирање на Бугарската академија на науките

[уреди | уреди извор]
Седиштето на Бугарската академија на науките во Софија

Во 1911 г., Милетич го остварил сонот за создавање научна академија во Бугарија. Тој како претседател на историско-филолошкиот оддел на Книжевното друштво, подолг период се залагал и се борел ова здружение да прерасне во академија, а за поткрепа на својата идеја ги користел сличните искуства во странство, поточно во Санкт Петербург, Будимпешта, Виена, Брисел, Краков и Лондон. Кон крајот на декември 1910 година, Милетич работел на изработката на Уставот на новата Бугарска академија на науките. Бројот членови на Книжевното друштво од кое требало да биде создадена новата Бугарска академија на науки изнесувал повеќе од 70 луѓе, што било преголем број за да можат сите тие да станат редовни членови на БАН. За да се реши прашањето со бројот на членовите на старото Книжевно друштво, во Уставот било предвидено бројот на академиците да изнесува најмногу 36 до 42 члена, а останатите станале вонредни членови на Академијата, по примерот на создавањето на Академијата на уметноста во Краков. Во Бугарското собрание на 6 март 1911 бил изгласан закон со кој била создадена Бугарската академија на науките, чија основна задача била организирање и објавување на изданија претежно за Бугарите, бугарските земји, бугарскиот јазик и бугарската книжевност и уметност. Милетич станал нејзин потпретседател и во тоа својство истата година учествувал како нејзин делегат при создавањето на Сојузот на словенските академии и научни друштва. Инаку, за прв претседател на БАН бил избран Иван Гешов, кој речиси истовремено станал и претседател на бугарската влада. Милетич до крајот на својот живот бил активен член на Бугарската академија на науките.

Ангажираноста на Милетич во формирањето на Бугарската академија на науките (БАН) не ја намалила неговата активност за Македонија. На почетокот на 1911, тој одржал говор на собрание на македонските здруженија во Софија, критикувајќи ја младотурската политика на национализам и насилство врз македонското население, предупредувајќи за ризици за Бугарија. Говорот го објавил како „Младотурската политика спрема Бугарите во Македонија во минатата 1910 година“. Истата година, во календарот на Радикално-демократската партија, објавил студија „Македонското прашање“, каде ја осудил бугарската политика кон младотурците. Тој сметал дека властите во Цариград требало да бидат задоволни од однесувањето на Бугарија по превратот од 11 јули 1908 година. Според него, во тешките услови за младотурскиот режим, парите кои Бугарија ги уплатила за својата независност – 40 000 000 лева, ја пополниле празната османлиска каса. Тој се приклучил кон новата Радикално-демократска партија за да ја придобие за македонското дело, но ја напуштил по конгресот на партијата во Плевен (јули 1911) кој бил одржан под негово претседателство, поради резолуција за Балканска федерација со Турција, што било спротивно на неговите убедувања дека со Турците нема договор за Македонија.

Во 1911, Милетич ја завршил книгата за родопските говори на бугарскиот јазик – едно од неговите позначајни дела. Како потпретседател на БАН, се ангажирал за зачленување на Академијата во сојузот на словенските академии, но тоа било одложено за мај 1912 и предложил издавање бугарски енциклопедиски речник во 10 тома за етнографија, историја, литература и др. кај Бугарите и другите балкански народи. Од октомври 1911, Милетич пишувал во весникот „Вардар“, неофицијален орган на ВМОРО. Неуспехот на младотурскиот режим да ја стабилизира состојбата во европскиот дел од државата им дозволил на структурите на оние кои се сметале за ВМОРО повторно да се заканат со вооружени дејства. Во октомври 1911 година, ЦК ВМОРО објавил еден мемоар со кој најавил дека ќе ја обнови нелегалната и вооружена дејност. Мемоарот им бил врачен на генералните конзули на Големите сили во Скопје, Битола, Солун и Одрин, односно во вилаетските центри. Во мемоарот се наведувале причините за ваквото решение на организацијата и за состојбите во Македонија се обвинувале властите во Цариград.

Настаните во Османлиската империја, како и војната со Италија ја зајакнале определбата на балканските држави за сојуз против Турција. Со доаѓањето на Гешов на чело на бугарската влада, Бугарија забрзано преговарала за склучување на сојуз со Србија. На 19 септември 1911 година, Димитар Ризов, како пратеник на Гешов, во Белград се сретнал со српскиот министер за надворешни работи Милован Миловановиќ. Разговорите траеле неколку денови, завршувајќи со договор прашањето за разграничување помеѓу двете страни да се решава преку арбитража на рускиот цар. Понатаму преговорите ги воделе двајцата премиери – Гешов и Миловановиќ. Бугарскиот премиер го прифатил српскиот предлог, според кој Србија ѝ го признава правото на Бугарија на Одринскиот вилает, а Бугарија ѝ го признава правото на Србија на Косовскиот вилает северно од Шар Планина. Кога е во прашање територијата на Косовскиот вилает, јужно од Шар Планина, како и на Битолскиот и Солунскиот вилает, доколку двете страни не можеле да се договорат, тогаш тие се согласни да го замолат рускиот цар да посредува и да пресуди, а неговата одлука би се почитувала без никакви услови и барања. Набрзо бил потпишан Договорот за сојуз помеѓу двете држави, кој бил надополнет и со Воена конвенција. Двете држави, со спротивни интереси околу Македонија, станале сојузнички.

Софија преговарала не само со Белград, туку и со Атина. Елефтериос Венизелос, како нов грчки премиер, покажал интерес за регионот и, иако не сакал војна со Османлиите, не ги оставал работите на случајност. Британскиот новинар Џејмс Баучер (дописник на „Тајмс“ од Атина, а потоа и од Софија) во својот дневник запишал дека Венизелос на 26 февруари 1910 г. му ја споменал идејата за сојуз со Бугарија. Во пролетта 1911 г., тој план бил изложен пред грчкиот крал кој се согласил, и предлогот бил пратен Софија. Грција барала сојузници за своите аспирации. Во пролетта 1912 г., Венизелос и Баучер разговарале детали. На 27 април 1912 г., Грција ѝ презентирала еден нацрт-договор на бугарската влада. Гешов побарал Грција да не се спротивставува на бугарското барање за автономија на Македонија и Одринскиот вилает со еднакви права за националностите. Венизелос одбил автономија, гледајќи ја како бугарски трик сличен на припојувањето на Источна Румелија во 1885 г. Венизелос во време на преговорите со Бугарија околу склучување на договорот за сојуз, одбивал да се согласи на исцртување линија која би ги означувала териториите кои би им припаднале на Грција или на Бугарија. Според Венизелос, доколку Грција би барала да се исцрта една линија за поделба на територијата, тогаш, најверојатно, до договорот за сојуз немало ни да дојде. На 16 мај 1912 г., потпишале одбранбен договор и воена конвенција, со декларација дека Бугарија нема да помогне ако Грција биде нападната поради Крит од страна на османлиската држава како резултат на приемот на критски пратеници во грчкото собрание, кое Венизелос го сметал за веќе решено прашање, бидејќи Крит само формално бил во рамките на османлиската држава. Овие преговори и состојби на Балканот влијаеле врз дејствувањето на македонската емиграција во Бугарија.

На 28 февруари 1912 г., Милетич и Георгов тргнале на двомесечна турнеја низ европските престолнини за да ја пропагираат автономијата на Македонија преку средби со влијателни луѓе и статии во печатот. Целта била укажување на состојбите во Македонија и апел за реформи до автономија. Бугарската јавност покажала интерес; весници како „Реч“ објавиле позитивни очекувања. Прва дестинација бил Санкт Петербург. Таму имале интензивни активности, биле примени во министерството за надворешни работи, каде што побарале интервенција кај турските власти поради лошите состојби во регионот. Се сретнале и со претставници на политички партии. Милетич и Георгов добро знаеле да ги искористат чувствата на живите руски офицери, учесници во Руско-османлиската војна од 1877-1878 година. Професорите сметале дека овие луѓе, заедно со нивните семејства, имале голема улога во анимација на руската јавност за состојбите во Македонија. Двајцата делегати дале декларација за медиумите, критикувајќи ја младотурската политика и барајќи автономија. Милетич ја сметал посетата успешна, но во еден тамошен весник имало негативен коментар за нивната посета.

По Санкт Петербург, Милетич и Георгов тргнале кон Лондон – британската престолнина, каде што ги повториле истите апели за Македонија. Бугарскиот печат со нетрпение очекувал контакти со влијателниот Балкански комитет, кој често ја кревал свеста за балканските проблеми. Милетич отворено признавал дека англискиот јазик им бил пречка, но тоа не ги спречило да ги изнесат ставовите со полна сила. Таму се сретнале со бугарскиот амбасадор Маџаров, кој јавно нагласил дека ги смета за приватни лица – без никаква врска со официјалната Софија. И професорите возвратиле: тие не ја претставуваат владата, која има свои канали. Нивното пристигнување се поклопило со Велигден, па морале да го продолжат престојот за да стигнат до клучните фигури во британската политика и јавност. Во Форин офис, по извесно чекање, ги примил приватниот секретар на министерот – внимателен и симпатичен слушател. Во разговорите Милетич добил впечаток дека и во Лондон владеело разочарување од односот на османлиските власти во Македонија, но дека во тие моменти не било вистинско време за отворање на македонското прашање. Сепак, двајцата не се предале – сакале да ја разбудат британската јавност, како во 1903 година. Нивната посета се совпаднала со активност на Балканскиот комитет, кој на конференција објавил манифест во полза на автономијата за Македонија и Албанија. Двајцата биле поканети на една негова сесија во британскиот парламент, и пред присутните детално ги изнеле барањата за смирување на состојбите во Македонија: назначување на христијански гувернер, создавање на покраинско собрание, реформи во судството и жандармеријата, локални даноци за локални потреби, повлекување на турските гарнизони. По нив следеле излагања на Ноел Бакстон, Артур Еванс, сер Едвин Бојл и други – сите разочарани од младотурците, но никој не ветил брзо британско вмешување. За да го засилат влијанието, се сретнале со редакторот на новинската агенција Reuters и, на 12 април 1912, објавиле напис во The Times насловен „Ситуацијата во Македонија“ во кој ги изложиле своите погледи, но и оние на ВМРО за состојбите во Македонија, неуспехот на реформите и односот на младотурските власти по превратот од 1908 година, како и за тешката позиција на тамошното население. Овој текст дошол по средбата со познатиот новинар Вилијам Томас Стед, кој ги поканил дома на долг разговор. Разочаран од виденото во Турција, тој им рекол: „Ние, Англичаните, сме виновни за тешкотиите на таа клета земја. Вие имате право да нè колнете, да сакате да потонеме најдлабоко во дното на океанот.“ Неколку дена подоцна, Стед загинал на Титаник. Како што забележал Вардар, професорите ја дознале трагедијата токму по тој разговор. Задоволни од симпатиите и од ветувањето дека, ако Османлиите не се подобрат, Македонија повторно ќе биде во фокусот, Милетич и Георгов ја напуштиле британската престолнина.

Од Лондон, двајцата професори својот пат, преку Ла Манш, го продолжиле во градот на светлината, исто како и во востаничката 1903 година. Во Париз исто така биле примени во Министерството за надворешни работи, каде што ги изложиле своите погледи за македонските состојби. Нивното патување, како што видовме и погоре, не било само со цел да ги запознаат дипломатите и владините претставници во европските престолнини со состојбите во Македонија, туку тоа да го направат и во весниците со цел да го анимираат европското јавно мислење. Така било во Санкт Петербург, така било и во Лондон, па така морало да биде и во француската престолнина. Во весникот Le Temps се појавил еден текст во кој биле изложени погледите на софиските професори за состојбите во Македонија. Според нивното мислење, османлиската влада не само што не ги спречува конфликтите во Македонија, туку ги поттикнува со цел да страда невиното население, како што се случило со масакрот во Штип во декември 1911 или во Кочани во јануари 1912 година. Слично како и во написот во лондонски The Times, и во Le Temps било нагласено дека внатрешната организација, која се борела против еден варварски режим, била убедена дека големите европски сили, кои учествувале во реформската акција во Македонија, можеле да се заложат за олеснување на состојбата на христијанското население со обновување на реформските активности и нивно разработување во согласност до решенијата од Ревал. Покрај објавувањето текст во весникот Le Temps, двајцата професори се сретнале со директорот на споменатиот весник, како и со директорот на весникот Matine. Во разговорите со професорите, двајцата директори ветиле дека ќе го кренат својот глас во полза на една нова реформска акција во Македонија кога за тоа ќе дојде време.

Европската турнеја на Милетиќ и неговиот колега завршила во Рим, каде што добиле срдечен прием поради италијанско-турската војна. Повториле активности од другите престолнини и се вратиле во Софија со позитивни впечатоци, истакнувајќи осуда на младотурскиот режим од европските личности. Двајцата професори не ги посетиле Берлин и Виена. Според Милетич, двете престолнини биле заобиколени, бидејќи написите во тамошните весници ги натерале да сметаат дека посетата на овие два града би била излишна. Инаку, впечатокот на Милетич дека нивната посета била успешна не бил само негов. Во францускиот весник Paris centre, во воведниот коментар, било забележано дека посетата на двајцата видни професори од Софискиот универзитет на европските престолнини не била залудна. Според коментарот, веднаш по завршувањето на италијанско-турската војна, нивните забелешки ќе бидат сериозно разгледани. Веднаш по враќањето од турнејата, Милетич и Георгов на 28 април во една од салите на Софискиот универзитет учествувале на едно заседание. Тука, пред присутните, пратениците, врз база на тоа што го слушнале низ Европа, изјавиле дека на треба да се очекува некаква дипломатска акција однадвор, доколку не се даде однатре повод за такво нешто. Затоа, според нив, имајќи предвид дека на некаква акција од страна на бугарската влада не можело да се смета, единствен начин за предизвикување странско вмешување, било македоно-одринската емиграција да го преземе делото во свои раце. Најверојатно Милетич не знаел дека владата во Софија веќе договорила сојуз со Србите, а при крај бил и договорот за сојуз со Грција за поделба на европска Турција. Одгласот во европските весници продолжил и по завршувањето на нивната турнеја. Така, во францускиот Correspondance d’Orient накратко бил направен осврт на нивната посета на европските престолнини. Според објавеното, „делегатите на македонската организација, професорите Милетич и Георгов“, ги посетиле Санкт Петербург, Лондон, Париз и Рим, каде што побарале интервенција на силите во прилог на Македонците кои страдале од младотурскиот режим. Во текстот било правилно забележано дека австроунгарската престолнина Виена и германската, Берлин, не биле вклучени во нивната агенда, бидејќи таму немале што да соопштат. Германскиот амбасадор во Санкт Петербург во еден извештај, веднаш по започнувањето на Првата балканска војна, анализирајќи ја политиката на Русија во однос на новата состојба во регионот, забележал дека пред воениот судир видни личности, духовни лица и професори од Србија и Бугарија со успех вршеле отворена пропаганда. Ова само покажува дека нивната турнеја постигнала одредени резултати во поглед на анимирањето на европската јавност за состојбите во Македонија. Молчењето на европската дипломатија во однос на македонските несреќни состојби наскоро ќе биде запрено, но не од нови турнеи на софиските професори. Во Бугарија во текот на април и мај во весниците се водела дискусија дали Македонија требало да добие автономија или да биде припоена кон царството. Милетич бил запрашан што мисли по тоа прашање. Според него, тие моменти биле последни кога можело да им се помогне на браќата од другата страна на границата. Самиот бил свесен дека во Бугарија има многу структури кои не сакаат автономија на Македонија. За тоа особено станал свесен за време и по завршувањето на турнејата по европските престолнини, кога еден бугарски дипломат отворено му рекол: „Ние всушност не сакаме автономија на Македонија“, а истото го слушнал и од еден бугарски политичар. Милетич сметал дека е лесно да се сака една целосно слободна Македонија во границите на санстефанска Бугарија, но притоа морал секој да биде свесен на опасностите кои ги носи агитацијата против автономијата. Според неговите размислувања, автономијата на Македонија била единствениот начин да се зачува нејзината целокупност. Затоа Бугарија морала енергично да се застапи во полза на автономијата. Во спротивно делбата би била неизбежна, а големо прашање би било и дали на Бугарија би ѝ било дозволено да излезе на Егејското Море. Во летото на 1912 година некои структури од македонската емиграција во Бугарија се заинтересирале за можноста од обединување на разните здруженија и групи. Една таква Комисија, во состав: д-р Димитар Владов, мајорот Петар Дрвингов, Георги Попхристов и Константин Ѕеков, била составена со цел да најде можност за организационо обединување на разните македонски групи. Тие во периодот од 11 јуни до 5 јули се сретнале со не-колкумина истакнати претставници на македонската емиграција во Бугарија, меѓу кои бил и професорот Милетич. Ним им биле поставени две прашања: дали сметаат дека е време сите групи на ослободителното движење да се обединат со цел да спроведат посилна револуционерна дејност и дали биле согласни дека е неопходно да се состави едно управно тело со пропорционално претставување на сите групи и фракции со цел да се воведе единствено раководење, кое недостасувало. На 18 јуни, членовите на Комисијата го посетиле професорот во неговиот дом во Софија и со него воделе тричасовни тешки разговори. Милетич сметал дека „не треба да се прави обединување, бидејќи Европа би кажала дека има расцеп и дека сме се слаби“. Оваа акција нема да донесе резултат, но Милетич веќе бил личност која не можела да биде заобиколена по одредени прашања за македонската емиграција, а и самиот имал некакво искуство во однос на обединувањето на македонските групи во Софија, иако тоа било негативно.

Покрај политиката, во 1912 Милетиќ добил академско признание „Зборник во чест на проф. Љ. Милетич по повод 25-годишнината од неговата книжевна дејност (1886–1911)“ со трудови од врвни бугарски научници. Непосредно пред Првата балканска војна, група бугарски интелектуалци (вклучително Љубомир Милетиќ, Иван Георгов и други) под раководство на Симеон Радев се собрала во Министерството за надворешни работи за да даде препораки за бугарската пропаганда во странство. Според историчарот Иван Илчев, тие предложиле формирање комитет за информации во странство, но чиновниците инсистирале на директна контрола од Министерството. Идејата не се реализирала, што покажува слабости во бугарската дипломатија, иако интелектуалците имале добро чувство за моментот. Покрај со активностите поврзани со Македонија, Милетич продолжил и со својата научна работа. Во текот на 1912 година во Виена му била објавена книгата која се однесувала на родопските говори. Книгата била резултат на повеќегодишните истражувања на софискиот професор, извршени во текот на 1902 и 1903 година и кои биле потпомогнати од Австриската царска академија. Затоа и не е чудно што таа академија ја печатела оваа книга на Милетич. Предговорот кон ова најново дело на професорот од Софија го напишал неговиот виенски пријател Ватрослав Јагиќ.

Балкански војни

[уреди | уреди извор]

Милетич со големо внимание ги следел воените операции на балканските сојузници, и секако оние на бугарската армија. Самиот признал дека деновите му биле долги во постојаните исчекувања на резултатите од фронтовите, посебно поради цензурата која била присутна во неговата земја. Првата фаза од војната тој ја минал во Софија. Професорот бил дел од доброволечки баталјон кој, во тие моменти, останал во бугарската престолнина со задача да ги извршува гарнизонските обврски на регуларните воени сили кои биле на фронтовите во Македонија и во Тракија. Милетич, иако сè уште не ги посетил линиите на фронтот, бил свесен за тешките битки. Имено, неговата сопруга, синот и двете ќерки работеле во болницата на Военото училиште, каде што постојано пристигнувале ранети војници од борбите со османлиските сили. Тоа секако влијаело на неговото расположение, а кон тоа треба да се додаде и фактот дека неговиот зет бил офицер во Бдинската дивизија.

Етнографска карта на Тракија составена од Љубомир Милетич, 1912.

Во воените дејства, како дел од бугарската армија, свој придонес дале и студентите и наставниот кадар на Софискиот универзитет. Милетич на 20 ноември заминал за Солун, каде што пристигнал на 3 декември 1912 година. Не бил воодушевен од тамошните состојби, гледајќи дека во градот имало далеку повеќе грчки отколку бугарски војници. Милетич брзо го променил своето воодушевување од сојузот со Србите и Грците во разочарување од него. Тој, во Солун, бил заедно со професорите Јордан Иванов, Иван Георгов, Анастас Иширков, Александар Балабан и др. Тука тие учествувале во редактирањето на весниците Бугарија, Беломорец и Бугарин, во кои биле објавувани ставови што одговарале на службената бугарска политика во однос на балканските прашања, вклучително и македонското. Милетич бил активен и во изработка на еден мемоар на оние кои се сметале за ЦК ВМОРО, кој бил пратен до бугарскиот цар. Во него, а тоа е и став на Милетич, било нагласено дека крајната цел на револуционерната борба е ослободување на татковината. Во меморандумот остро се напаѓа анулирањето на Санстефанскиот прелиминарен мировен договор, бидејќи Македонија останала надвор од бугарските граници, но се нагласува дека Организацијата дејствувала за автономија на Македонија. Исто така се укажувало на активностите на српските и грчките окупациони власти во Македонија. Во мемоарот било побарано бугарскиот цар со сите средства да избегне распарчување на Македонија. Сличен мемоар бил пратен и до бугарскиот премиер Иван Гешов.

Македонските кругови во Софија внимателно ги следеле состојбите на теренот и односите меѓу балканските сојузници за време на Балканските војни. Бугарскиот дипломат Тома Карајовов предложил испраќање делегација од научници и дејци во европските држави за да информираат за настаните во Македонија и Одринско. Првата делегација, која била составена од Милетич и Георгов заминала во март 1913 г. кон Русија и Западна Европа. Милетич добро ја познавал состојбата во Македонија, бидејќи ги посетил нејзините јужни делови кон крајот на 1912 година, а најверојатно во постојан контакт со луѓе кои му давале корисни информации за тамошните состојби. Инаку, тој сè повеќе бил разочаран од состојбите во Македонија и односот на балканските сојузници на теренот. Тој посебно бил погоден од написите во српските весници во кои се говорело против можноста Србија да ѝ ги отстапи на Бугарија – Охрид, Битола, Прилеп, Велес итн. Според Милетич, овие македонски градови требало да ѝ припаднат на Бугарија, според српско-бугарскиот договор од 1912 година, но тука професорот прави една грешка, бидејќи, како што забележала и бугарската историчарка Румјана Божилова, инаку истражувач на неговото дело, во споменатиот договор нема јасни гаранции за Бугарија дека ќе ги добие овие македонски градови. Инаку, уште по српското освојување на Битола, станало јасно дека Србија нема намера лесно да ги отстапи оние територии кои нејзината војска ги освоила со оружје. Кога е во прашање Грција и нејзината желба да заземе што поголем дел од Македонија, Милетич забележал: „За Грција и не треба да се говори – таа е несловенска држава којашто сака да земе колку што може поголем дел од Македонија и на која не можеме толку многу да ѝ се чудиме поради тоа“. Милетич реагирал на еден напис во весникот Самоуправа, каде што било напишано дека Јагиќ заедно со Нидерле, Драганов и Барбулеску докажале дека Македонците се Срби. Како реакција на ова пишување, но и говорот на српскиот славист Александар Белиќ, кој тврдел дека договорот со Бугарија не можел да биде исполнет, на 30 март БАН пратила една декларација до словенските академии до словенските научни друштва во која се жалела на српското однесување кое е проткаено со еден антибугарски дух во однос на Македонија. Засилувањето на антибугарските чувства во Србија не било забележано само од бугарска страна. На почетокот на март 1913 година, во еден извештај на германскиот амбасадор во Белград, било нагласено дека јавното мислење во Србија сè повеќе било огорчено спрема Бугарија поради бугарските активности поврзани со Македонија.

Додека Милетич се занимавал со тешкотиите кои се јавиле меѓу балканските православни сојузници, го погодила трагедија. Неговиот единствен брат загинал како офицер во бугарската армија кај Чаталџа. Кон средината на април 1913, повторно се навратил на идејата за посилна пропаганда во европските земји, со цел да се прикаже бугарската вистина или поглед за настаните на Балканот. Бил еден од потписниците на писмото упатено до премиерот Гешов во кое се говорело за грчките и српските пропагандни активности. Потписниците на писмото предлагале основање на весник на француски јазик во Софија, создавање на информационен уред во тесна врска со Бугарската телеграфска агенција, како и претставници во странство за влијание врз европскиот печат. Собранието донело одлука за издавање на весникот L’echo de Bulgarie на француски јазик, во чија редакцијата во почетокот влегле видни бугарски интелектуалци, како Милетич, Иван Георгов, Иван Шишманов, Григор Начович, Димитар Мишев, Христо Силјанов, Велчо Велчев. Првиот број на весникот излегол на 1/14 мај 1913 година, а Милетич веќе во вториот број имал своја статија во овој весник.

Во јуни 1913 година, професорот Љубомир Милетич повторно патува во Санкт Петербург каде што, на собир на Правничкото друштво и во присуство на македонската колонија, остро се залага за присоединение на Македонија кон Бугарија и за возобновување на Санстефанска Бугарија. Неговите ставови се судираат со оние на Димитрија Чуповски и Александар Везенков, кои ја бранат македонската посебност. Ристовски забележува дека во својот говор Димитрија Чуповски им забележал на Милетич и на Георгов „за тоа што тие на своите патувања по цела Европа и во настапите го уверуваа општественото мислење дека Македонците сакаат да се присоединат кон Бугарија, кога всушност ништо слично немало“. Милетич објавува пропагандна статија „Словени со несловени против Словени“ во руското списание „Вестник мира“ против српско-грчкото сојузи против Бугарија. По налог на бугарската влада, тој полемизира со српските интелектуалци во Петербург. Во истиот период избувнува Тиквешко востание (19–26 јуни 1913), кое српската војска жестоко го задушува.

По нападот на генералот Савов врз српските и грчките позиции (29/30 јуни 1913), започнува Втората балканска војна, катастрофална за Бугарија. За време на војната, Милетич и група истакнати Бугари (митрополити, политичари, професори) објавуваат протест во европскиот печат против грчките злосторства во Солун и Македонија. По телеграмата на атинскиот ректор со обвинувања против бугарската армија, Софискиот универзитет возвраќа со контра-обвинувања. Милетич објавува книга со документи, фотографии и сведоштва за грчките масакри, како и палењата на градовите Кукуш и Струмица и др., директно полемизирајќи со грчката брошура. Книгата предизвикува реакции – дури и критика од Јагиќ дека е „новинарска“, на што Милетич се брани дека е научен одговор на грчките лаги. Иако оваа книга не предизвикала промени на теренот, Милетич станал интересен за меѓународните набљудувачи на балканските, особено на македонските состојби. Примерок од оваа книга Милетич му испратил на својот колега и пријател Јагиќ во Виена. Последниов пред некои луѓе, меѓу кои бил и познатиот бугарски медијавист Златарски, забележал дека книгата на Милетич за грчките злосторства можела да биде напишана и од новинар. Овие зборови го погодиле професорот. Тој во писмо до својот пријател од Виена напишал дека не е во право со својата забелешка и дека неговото дело е чисто историско, кое ќе остане како веродостоен извор за иднината.

Статија во Македонски глас посветена на доаѓањето на бугарската делегација во Петербург (бр.5, септември 1913)

По Букурешкиот договор (1913) и поразот на Бугарија, македонските емигранти во Софија формираат делегации (во кои се Милетич, Георгов, Балабанов и др.) кои патуваат низ Европа барајќи автономна Македонија (како втор најдобар исход по невозможноста за присоединение кон Бугарија). Најголема поддршка добиваат во Виена поради австро-унгарските интереси против Србија. Посетата на Милетич и на Георгов на руската престолнина била забележана и од страна на тамошната македонска колонија, предводена од Димитрија Чуповски, кој бил главен уредник на весникот Македонски глас. Во бројот од 5 септември 1913 година се објавени две статии за посетата на бугарската делегација предводена од професорите Георгов и Љубомир Милетиќ. Таа делегација официјално барала ревизија на договорот и автономија за Македонија, но авторот на текстовите (под псевдоним Диоген) јасно укажува дека автономијата за нив била само втор најдобар избор – прифатлива единствено откако станало очигледно дека припојување кон Бугарија е невозможно. Парадоксално, токму ваквото „присилно“ залагање за автономија дополнително го зајакнувало македонскиот политички сепаратизам. Во Петербург делегацијата наишла на извесна симпатија, но руското Министерство за надворешни работи им дало само нереално ветување за Кавала. Во Берлин пак биле многу подиректни: Германија ќе помогне само ако Бугарија сама се бори. По враќањето во Софија, врз основа на извештајот на професорите, Централниот комитет на ВМОРО во крајот на август 1913 година издал директива за активирање на мрежата во деловите на Македонија под српска и грчка власт и за подготовка на востание. Востанието избувнало на почетокот на септември во Битолско, Охридско и Дебарско, во соработка со албански чети, но било брзо задушено од српската војска, слично како и Тиквешкото востание. Во Бугарија воениот пораз предизвикал огромен револт и барање виновници. На 3 ноември 1913 година во Софија, министерот Никола Генадиев јавно ја обвинил бугарската дипломатија дека направила низа катастрофални грешки и дека буквално не пропуштила можност да ѝ наштети на земјата. Ова расположение на тага, гнев и чувство на предавство силно се одразило и кај Милетиќ и кај целото бугарско општество. Авторката Јура Константинова забележува дека токму од тој период кај Бугарите се создава митот за забивање нож в грб и идејата за катастрофа на историските случувања „кај бугарскиот народ го изградуваат „комплексот на жртва...“.

По завршувањето на Балканските војни, во зимата 1913/1914 професорот Љубомир Милетич ги истражувал новоприпоените територии во Тракија, каде што биле сместени илјадници бегалци од Македонија и Источна Тракија. Тој систематски собирал сведоштва за нивните страдања и злосторствата врз нив, кои подоцна ги објавил во капиталниот труд „Уништувањето на тракиските Бугари во 1913 година“. Неговите материјали и книгата за грчките злосторства во Македонија привлекле големо внимание и биле обилно користени од Карнегиевата комисија. Комисијата јавно ја изразила довербата во темелноста на Милетичевата работа. Милетич бил официјално назначен од бугарската влада да ѝ помага на Комисијата. Сведоштвата што ги слушнал и гледал само ја зајакнале неговата увереност за бесмисленоста на балканските судири, кои од „ослободителна војна“ прераснале во војна за анексија, а завршиле како војна за истребување, како што точно ќе забележи британскиот министер Едвард Греј. Поразот на Бугарија во Меѓусојузничката војна и поделбата на Македонија предизвикале длабоко разочарување и очај кај Милетич. Наспроти неговата куќа во Софија, во една стара зграда на поранешно училиште, престојувале 150 бегалски семејства. Неговата сопруга, како што самиот пишувал, им помагала на несреќните бегалци толку колку што можела. Тој не останал пасивен ниту политички: на 11 мај 1914 година бил меѓу потписниците на заедничко протестното писмо на македонското доброволство и на македоно-одринската организација во Бугарија упатено до Едвард Греј како претседавач на Лондонската мировна конференција, до претседателот на бугарската влада Васил Радославов и до амбасадорите на Големите сили во Софија, со кое се барало ревизија на Букурешкиот договор и автономија за Македонија. Ова писмо покажува дека Милетич, иако една година порано се залагал за присоединување кон Бугарија, повторно се вратил кон идејата за автономна Македонија – позиција меѓу која ќе продолжи да осцилира и во наредните години.

Прва светска војна

[уреди | уреди извор]

Македонската емиграција во Бугарија со голем интерес го следела почетокот на Првата светска војна, имајќи ги предвид искуствата од Балканските војни. Во август 1914 година, во Софија се одржала средба со Љубомир Милетич, Иван Георгов, Христо Матов, Тодор Александров и други, каде се разговарало за поддршка на ВМОРО кон завојуваните страни. Поради свежите порази од 1913 година, тие се навалиле кон Централните сили, но одлуката не била апсолутна и зависела од западната политика. Во јануари 1915 година, ВМОРО испратила петчлена делегација (вклучувајќи ги Милетич, Георгов, Балабанов, Кушев и Точков) во европските престолнини за да го испитаат ставот за македонското прашање. Во Виена и Берлин, добиле ветувања за решавање во полза на Бугарија со поддршка на Централните сили, додека во Санкт Петербург, Лондон и Париз одговорите биле нејасни. Делегацијата се вратила и Милетич бил тој што го напишал извештајот за сознанијата која делегацијата ги добила за време на европската турнеја, кој бил презентиран на 25 април 1915 година пред 60 претставници на македонското движење во Софискиот универзитет. По дискусија, Милетич се залагал за неутралност на Бугарија, но ако е неопходно – да влезе во војната на страната на Централните сили. Милетич, Георгов и Балабанов на 12 март 1915 испратиле една петиција во која се укажувало на тешката позиција на, како што стоело во текстот, Бугарите во делот на Македонија кој бил во рамките на грчката држава, укажувајќи на забрани за бугарскиот јазик. Покрај во посетата на европските престолнини, Милетич бил вклучен и во преговoрите на ВМОРО со Германците за заедничка соработка. Германската страна ја претставувал Лудвиг Розелиус, трговец, а македонската организација Милетич, Георгов, Д. Точков и Владов. Според овој договор, било предвидено двете страни да не бидат непријтелски расположени едни спрема други и, доколку е можно, заемно да се помагаат. На 24 мај 1915 година во бугарската престолнина Милетич се сретнал со Тодор Александров, Александар Протогеров и Христо Матов, со кои се согласил заедно да работат за да влезе Бугарија во војна на страната на Централните сили. Како резултат на проект-договорот со Германците, како поддршка биле префрлени 580 000 марки за вооружување на четите.

Царот Фердинанд на 14 октомври објавил манифест, со кој ѝ се објавува војна на соседна Србија. Одговорот од другата страна бил брз. Земјите на Антантата ги прекинале дипломатските односи со Бугарија. Објавувањето војна од страна на Бугарија на нивната сојузничка Србија, значело и објавување војна од нивна страна на новиот сојузник на Централните сили. Така, на 16 октомври 1915 година, Велика Британија и Франција ѝ објавиле војна на Бугарија, а три дни подоцна тоа го сторила Русија. Во ноември 1915 година, Милетич веќе бил во германската престолнина. Тој се сретнал со германскиот државен потсекретар Цимерман и со началникот Розенберг. Во разговорот со Цимерман биле разгледувани грчките претензии кон Битола, како можна компензација за нивното учество во војна на страната на Централните сили. Двајцата се согласиле дека уште тогаш требало јасно да им се стави до знаење на Грците дека не можат да ја добијат Битола. Од Розенберг дознал дека тамошниот грчки дипломатски претставник често говорел за Битола. Германецот му нагласил на Милетич дека би било добро, во тие моменти, да не го покренува прашањето за Серез и за Кавала. Милетич се согласил со него, нагласувајќи оти Бугарија ќе ги има предвид добрите германски совети. Сепак, софискиот професор му предочил на својот соговорник дека во моментот кога Грција ќе добие големи територијални проширувања во Албанија, прашањето за отстапување на Серез и на Кавала на Бугарија самото по себе ќе се наметне. Милетич сметал дека од интерес на Грција е да се реши прашањето на овие два града, со што можел да настапи траен мир меѓу двете држави. Во Берлин, Милетич со големо внимание ги следел операциите на бугарската војска против Србите во Македонија. Тој бил воодушевен кога бугарските воени единици го зазеле Прилеп, очекувајќи дека Битола многу брзо ќе падне во нивни раце. Имало и причина за желбата на Милетич за брзо заземање на Битола. Професорот редовно го следел и германскиот печат. Во некои од германските весници прочитал дека бугарските војски не брзаат да ја заземат Битола, бидејќи таа ќе ѝ припадне на Грција, а со тоа и бугарската окупација на градот би била привремена. Милетич се чудел зошто цензурата дозволувала појавување на вакви текстови кога договорот на Бугарија со Германија, од септември 1915 година, гарантирал добивање на Битола. Случајно му се укажала можност својот став да му го искаже на уредникот на еден влијателен германски весник, во кој се појавиле написи дека Битола ќе ѝ припадне на Грција. Во Берлин со одржала свечена средба на Германското азиско друштво, на која присуствувале личности од јавниот и политичкиот живот на земјата, како и дипломати. Милетич се сретнал со уредникот на весникот Vossische Zeitung, со кого започнал дискусија за написите во весникот околу Битола. На нивниот разговор им се придружил и бугарскиот пратеник во Берлин, Димитар Ризов, роден токму во Битола. Уред-никот на германскиот весник, откако ги ислушал нивните аргументи, особено за тоа дека Битола не ѝ била ветена на Грција, се извинил за објавеното, ветувајќи дека повеќе нема да дозволи објавување на каква било информација по тоа прашање. Запознавањето и состанокот на Милетич со уредникот на Vossische Zeitung се покажало како полезно за софискиот професор. Нему му се укажала можност да објави нешто во овој весник. Тоа нема да биде поврзано со филологијата, туку со неговата преокупираност со Македонија. Милетич во овој весник објавил една статија со наслов „Македонија секогаш била бугарска“. Тој бил задоволен од укажаната можност, бидејќи, како што самиот го информирал Христо Матов, овој дневен лист бил најчитан германски весник во тој момент. Објавениот текст на Милетич всушност била содржина која тој заедно со Христо Матов ја подготвиле во Софија непосредно пред неговото заминување за германската престолнина. 170 Кога е во прашање неговиот престој во Берлин, може да заклучиме дека професорот во германската престолнина работел на промоција и на заштита на бугарските интереси во Македонија.

Картата на Анастас Иширков од 1915 год., на чие изработување учествувал и Милетич во делот за Тракија.

Во втората половина на 1915 г., по влегувањето на Бугарија во Првата светска војна, во германското списание Petermanns Mitteilungen е објавена етнографската карта „Das Bulgarentum“ (бугарска етнографска територија) на проф. Анастас Иширков. На нејзино изработување соработувале повеќе истакнати бугарски научници: Јордан Иванов (во делот за Македонија), Љубомир Милетич (за Тракија), Бењо Цонев (областите околу Морава и Тимок) и Стојан Романски (Добруџа). Целта на картата била да ги поддржи бугарските територијални аспирации и да ги оспори границите од Букурешкиот договор (1913). Во истиот период се појавуваат и карти од другите заинтересирани страни во однос на Македонија, како што се картата на Николаидис од 1914 год., картата на професорот од Атинскиот универзитет, Георгиос Сотиријадис, од 1918 год., како и картите на Станоевиќ и Дероко (1915), Зупаниќ (1915) и Јован Цвииќ (1918).

Милетич бил приврзаник на бугарско-германското зближување и пријателство. Тоа, најверојатно, се должело на бугарскиот пораз во Втората балканска војна, бидејќи во претходниот период, како што можевме да забележиме, при мисијата со Георгов по европските престолнини во 1912 година, Берлин беше заобиколен. Исто така, во неговите погледи за македонското прашање од 1910 година, тој сметал дека Бугарија требало да се поврзе со оној сојуз каде што била нејзината ослободителка – Русија, а тоа сигурно не бил Сојузот на Централните сили каде што главна улога имала Германија, но војната од 1913 година и Букурешкиот мировен договор си го направиле своето. Забележавме дека по обиколката на европските престолнини, тој во својот извештај предложил доколку Бугарија биде принудена да влезе во војна, тогаш таа требало да им се придружи на Централните сили, што впрочем и се случило. Тој бил член на Германско-бугарското друштво кое било основано под претседателство на херцогот од Шлезвиг–Холштајн Ернст Гинтер и кое на почетокот на февруари 1916 година го одржало своето прво заседание токму во германскиот Рајхстаг. Имено, на 16 февруари 1916 година во Берлин било објавено формирањето на Германско-бугарското друштво. Оваа информација, преку весникот Народни права, веднаш била пренесена и во Софија. Според написот во весникот, во новото друштво влегле и „софиските професори Милетич и Михајлов, а бугарскиот ополномошен министер во Берлин Д. Ризов е избран за почесен член на друштвото“. Според напишаното, Милетич бил избран во раководството на ова друштво. На едно од неговите заседанија на 25 март 1916 ковина, на кое присуствувал и професорот од Софија, бил изгласан Уставот на овој институт. Во текот на мај 1916 година, неколку бугарски парламентарци ја посетиле Германија, каде што им била укажана голема чест. Во текот на јуни, неколку германски пратеници ја посетиле Бугарија. Домаќините го возвратиле гостопримството. Професорот бил еден од тие кои им укажал чест на германските гости. На 27 јуни 1916 година, тој заедно со професорите Георгов, Шишманов и др. се сретнал со германските гости. Милетич со Георгов и Тодор Александров ги пречекал високите германски гости во Јунион Палас, каде што македонските братства организирале закуска. Најверојатно оваа чест која ја направиле македонските емигрантски здруженија во Софија кон германските гости се должела на настаните во Македонија во текот на Првата светска војна.

Во 1916 година, неколку месеци по заземањето на деловите од Македонија кои биле во составот на Кралството Србија од страна на бугарската војска, Штабот на бугарската војска организирал научна експедиција составена од водечки бугарски универзитетски професори. Целта била систематско истражување на новоосвоените територии во три главни насоки: 1. Да се истражуваат во однос на географијата поважните и неистражените делови од новоосвоените земји; 2. Да се изучуваат дијалектот и етнографијата, како на Бугарите, така и на другите елементи од населението во Македонија (албанскиот, грчкиот влашкиот, турскиот) и земјите на север. За Бугарите покрај јазикот и етнографијата требало да се вршат и проучувања и од историско и државно-правно гледиште. 3. Да се проучат и економските односи во новоосвоените земји. Во експедицијата биле поканети 12 видни научници (Иширков, Златарски, Цонев, Иванов, Младенов, Романски, Арнаудов, Филов, Бончев и др.). Подоцна им се приклучил и академик Љубомир Милетич, кој во тоа време бил отсутен од Бугарија. Тој престојувал во Македонија од 1 август до 15 септември 1916 година заедно со фотографот Георги Трајчев и поднел подробен извештај од 29 страници насловен „Патешествие од Македонија“. Милетич, иако светски познат дијалектолог, намерно не ги проучувал подлабоко македонските говори во 1916 година, оставајќи ги за повоени, помирни времиња (според сведоштвото на колегата Романски). Експедицијата имала јасна политичко-пропагандна и асимилаторска цел: да собере „научни“ докази дека Македонија е бугарска земја, но извештаите на самите учесници (Милетич, Филов) откриваат и тешки проблеми на бугарската окупациска власт – глад, корупција и отпор на дел од населението.

Во текот на 1916–1917 година бил ангажиран од македонски кругови во Софија да дејствува во Швајцарија меѓу младите македонски емигранти, особено во Женева, каде организирал три академски здруженија против грчката и српската пропаганда за Македонија. Тој активно учествувал во активностите на бугарските интелектуалци за заштита на државните интереси, вклучително и формирањето на „Сојузот на бугарските научници, писатели и уметници“ во февруари 1917 година, каде бил еден од основачите и втор потпретседател. Целите на сојузот биле сплотување за просветна работа, запознавање на светот со Бугарија и одбрана на бугарските стремежи. Милетич бил вклучен и во други здруженија: како претседател на „Друштвото за културни и стопански односи со Австро-Унгарија“ (јуни 1917) и член на слично друштво со Германија (јули 1917), под покровителство на владата на Радославов. Во јули 1917, сојузот испратил делегации во странство; Милетич отишол во Германија, каде се сретнал со видни личности како Густав Стреземан, одржал говори и објавил статија во Vossische Zeitung за бугарските права врз Добруџа, Македонија и Моравската Долина. Неговите активности предизвикале критики од српски интелектуалци како Балканикус и Тихомир Ѓорѓевиќ, кои го опишувале како србофоб и носител на бугарската пропаганда.

Застапувањето на бугарските ставови подразбирало и издавање книги во кои би се докажувал бугарскиот карактер на Македонија, Тракија, Добруџа и Поморавието. Така, во зборникот посветен на Добруџа, Милетич бил задолжен за тема која би се однесувала на културната историја. Во делот за кој тој бил задолжен, Милетич изнесува интересни моменти за поводот зошто седнал да го напише тој текст. Тој сметал дека до пред неколку години Романците биле единствениот бугарски сосед со кој Бугарите не воделе војна. И уште нешто. Тој забележал дека порано не било невозможно поради заедничките интереси двете земји да влезат и во потесно политичко дружење. Милетич, најверојатно врз база на своите истражувања, сметал дека и покрај тоа што Романците биле сметани за туѓи на Бугарите, поради нивното потекло, сепак тие имале културно и етнички многу заедничко со Бугарите. Тој, на пример, споменал дека во романскиот јазик имало многу бугарски зборови. Меѓутоа, по Големата источна криза, работите се промениле. Романците започнале да се мислат дека се нација со висока култура, која можела да игра прва улога во судбината на Балканот, заборавајќи на своето скромно историско минато. Затоа тој решил накусо да даде еден преглед во однос на културно-историското минато на романскиот народ, со цел да станело појасно што биле Романците во минатото, до каде се простирала нивната државна власт и што ѝ должат на бугарската култура. Овој Зборник бил отпечатен во почетокот на 1918 година, а статијата на Милетич, како составен дел од зборникот, била објавена под наслов „Бугарите и Романците во нивните културно-историски односи“. Всушност, оваа статија била дел од истражувањата поврзани со бугарската експедиција во споменатата област во 1917 година. Инаку, Зборникот бил објавен во тираж од 15 000 примероци, од кои 10 000 биле на бугарски, 3 000 на француски и 2 000 на германски јазик. Како дел од своите активности, на 26 мај 1917 година, раководството на ова Здружение донело одлука за подготовка и издавање на книга чиј наслов требало да биде „Етнографска Бугарија“. Професорот Милетич требало да пишува за Бугарите во Тракија и во Унгарија. Милетич веќе ги имал проучувано банатските Бугари, а во Балканските војни вршел истражувања и во Тракија, паралелно со собирањето на податоците за страдањата на тамошното бугарско население во текот на Втората балканска војна. За разлика од зборникот посветен на Добруџа, оваа книга нема да биде издадена. Најверојатно во прашање биле финансиските средства.

Многу подобра судбина имала една книшка на Милетич. Ова Здружение, како дел од своите активности, решило да објави и една мала книшка за Македонија. Штипјанецот бил соодветен за нејзино пишување. Пред крајот на Првата светска војна, Здружението на бугарските интелектуалци успеало да ја објави малата книга на професорот Милетич под наслов „За Македонија. Културно-историски поглед (по повод 15 години од Илинденското востание)“. Оваа книшка не била голема по број на страници, а најверојатно тоа и не било целта. Таа имала 35 страници, на кои во кратки црти биле опишани некои прашања што се однесувале на историјата на регионот Македонија. Милетич регионот Македонија го опишува како бугарска област: „Оваа војна треба да заврши со обединување на Македонија со мајка Бугарија, чиишто стари традиции – јазик, карактер, обичаи, силен дух, кој се појавува и беззаветно татковинско сакање и стремеж кон културен напредок во сите насоки – се запазени и до ден денешен со полна чистота. Македонија, како што била едно време и сега е, класична земја на бугарштината“. На тој начин Милетич го дополнил својот придонес кон целите на Здружението во кое имал истакната улога. Тука треба да споменеме дека издавањето на оваа книшка на Милетич било помогнато од страна на Тодор Александров. Книгата на професорот се појавила и на француски јазик со малку изменет наслов. Имено, во француското издание, печатено во Софија, насловот на брошурата е „La Macedoine Bulgare“ или „Бугарска Македонија“. И во ова издание на француски јазик, во воедот е истакнато дека Македонија била бугарска земја, а Илинденското востание дека било бугарско. Милетич, кога е во прашање Илинденското востание, во овој период објавил уште една работа која предизвикала интерес. На 2 август 1918 година, во весникот Вестник на вестниците, професорот го објавил протоколот на Тајниот конгрес на ВМОРО, одржан во Солун од 2 до 4 јануари 1903 година, на кој било донесено решението за кревање востание во Македонија. Оваа постапка на софискиот професор, според Гребенаров, придонела некои спорови на учесниците на Солунскиот конгрес да се стивнат „поради аргументот на силата, т.е. на изворот“. Колку бил влијателен Милетич во ова Здружение, најдобро ни говори фактот што по заминувањето на Иван Шишманов на функцијата бугарски претставник во Украина, неговото место претседател на Сојузот на бугарски научници, писатели и уметници го зазел токму софискиот професор со штипски корени. Како дел од активностите на Здружението на бугарските интелектуалци во насока на докажување на бугарскиот карактер на Македонија било и објавувањето на книгата на Симеон Радев. Излегувањето на оваа книга на француски јазик имала јасна цел.

Во 1917 год., како дел од Централните сили, Бугарија учествувала во преговорите во Брест-Литовск со Русија. На 27 декември, премиерот Васил Радославов го именувал Милетич (заедно со А. Иширков, Јордан Иванов и Никола Милев) за советник во бугарската делегација, по препорака на Тодор Александров. На преговарачката маса било прашањето за присоединување кон Бугарија на областите кои тогаш биле контролирани од нејзината војска, како дел од Македонија, Добруџа и Поморавието. Договорот бил потпишан на 3 март 1918 год. Милетич продолжил со дипломатски ангажмани. Во пролетта 1918 год., во Букурешт учествувал во преговорите со поразената Романија, како дел од бугарските преговарачи предводени од Радославов. Неговото име е во преамбулата и потписниците на Мировниот договор од 7 мај 1918 год., со кој Бугарија ја вратила Добруџа (отстапена на Романија во 1913 год.). Договорот набрзо бил анулиран од Антантата. Во 1918 година, професорот Љубомир Милетич конечно ја објавил книгата „Уништувањето на тракиските Бугари“. Нејзиниот текст тој го завршил уште во јуни 1915 година, по посетата на Тракија веднаш по Втората балканска војна.

Повоени години

[уреди | уреди извор]

Додека Милетич објавувал брошури и статии за Македонија со цел да покаже дека овој регион требал да ѝ припадне на Бугарија, на 14 септември 1918 г. силите на Антантата (француски и српски) започнале напад на бугарските позиции на Македонскиот фронт. Битката кај Добро Поле во Пелагонија траела три дена и завршила со пробив на бугарската одбрана, што довело до колапс на бугарската армија, бунтови, а во Радомир Рајко Даскалов прогласил република. На 29 септември 1918 г. бугарска делегација (вклучително Симеон Радев и Андреј Љапчев) во Солун потпишала примирје со неповолни услови: повлекување на бугарските војски од Србија и Грција, демобилизација, предавање на оружје, ослободување на заробеници и рок од четири недели за повлекување на германски и австроунгарски воени единици од Бугарија. Поразот довел до абдикација на царот Фердинанд на 2 октомври 1918 г. во корист на синот Борис III, завршувајќи го неговото 30-годишно владеење, кое донело прогрес, но и два големи порази. Белград, Атина и Букурешт имале свои сметки и побарувања. На земјата немало кој да ѝ помогне – Париз и Лондон, омилените дестинации на Милетич за македонското прашање, биле престолнини на противнички држави, Санкт Петербург бил во хаос, Берлин и Виена биле пред пораз. Милетич зел активно учество во работата на македонските емигранти во Бугарија. Тоа и било очекувано, имајќи ја предвид неговата посветеност и активност околу македонското прашање. На 18 октомври 1918 година, во салата бр. 30 на Софискиот универзитет, бил одржан собир на истакнати македонски емигранти. Целта на иницијаторите на оваа средба била избегнување на старите поделби и затоа на неа биле поканети повеќе од 30 дејци на различни групи и идеологии, а меѓу присутните биле и Милетич, Тодор Александров, Иван Хаџиниколов, Александар Протогеров, Петар Ацев, Ѓорче Петров, Ефтим Спространов, Кирил Прличев, Симеон Радев, Иван Георгов, Анастас Лозанчев и др. Групата која произлегла од опкружувањето на покојниот Јане Сандански, позната како серчани, во која биле Димо Хаџи Димов, Таската Серски, Ст. Хаџиев, Александар Бујнов одбила да присуствува на оваа средба. На некој начин нивното одбивање да земат учество на овој состанок било логично, ако се има предвид нивниот став за автономија на Македонија, кој бил различен од погледите на голем број од поканетите дејци. На средбата, поканетите требало да разгледаат две прашања и да се обидат да дадат одговор на нив. Според замислата, двете основни прашања за дискусија биле: 1) Какви барања да претстават македонските Бугари; и 2) Кое тело да ги претстави тие барања на идната мировна конференција. Два дни подоцна била одржана нова средба, на која било решено идејата за присоединување на Македонија кон Бугарија да биде основа на барањето. Исто така било решено кој да ја претстави таа идеја на Мировната конференција. Тоа требало да биде идниот Извршен комитет на македонските братства. На 23 октомври, во салата бр. 8 на Софискиот универзитет, била одржана средба на која се одбележала 25-годишнината од создавањето на ВМОРО. Главен предавач на оваа средба бил Љубомир Милетич. Тој направил еден приказ на дејноста на ВМОРО, во кој ги истакнал причините за борбите во Македонија. Професорот сметал дека борбата во Македонија и хероизмот кој таму бил покажан биле ограбени од страна на Грција и Србија. Милетич констатирал дека во моментите кои следеле по Илинденското востание и по Балканските војни, се поставувало прашањето „дали сме оделе по вистинскиот пат“ и „дали жртвите не ни отишле напразно“. Според него, македонските Бугари било најважно да не покажат некоја слабост и да извршат национално самоубиство, откажувајќи се од својата борба за слобода. Тие можат, сметал професорот, да изјават само дека ќе се борат за слободата на Македонија сè додека таму имало туѓо ропство. По говорот на Милетич, свои размислувања за состојбите во и околу Македонија изнеле Тодор Александров, Георги Баждаров, Симеон Радев, Петар Дрвингов и др., во кои било нагласено дека треба да биде обновено вооруженото дејствување, доколку Антантата им даде делови од Македонија на Грците и на Србите. Милетич на ова Заседание ги повикал македонските дејци да заборават на партиските и личните разлики и амбиции, и во името на Македонија да го задржат единството кое го покажале во времето на војната. Професорот ова го изјавил, бидејќи сметал дека претстоела нова и потешка борба за судбината на Македонија.

Извршниот комитет на Македонските братство во Бугарија, Софија, 1919.

Во периодот по капитулацијата на Бугарија во ноември 1918 година, македонската емиграција во Софија, во која активно учествувал и Љубомир Милетич, продолжувала интензивно да се бори за решавање на македонското прашање. На 22–24 ноември 1918 година, на големиот собир на македонските братства и студентите на Софискиот универзитет била донесена резолуција со која се бара неделива Македонија и нејзино присоединување кон Бугарија. Иако земјата била окупирана од силите на Антантата и целосно изолирана, Милетич заедно со колеги се залагал за олеснување на тешката ситуација, па дури и лично се среќавал со францускиот генерал Форту. Во 1919 година тој водел дипломатска преписка со чешки политичари (Крамарж и Нидерле) барајќи поддршка. Пред почетокот на Париската мировна конференција по прекинувањето на воените дејства во Првата светска војна, Милетич заедно со Јордан Иванов и Н. Милев заминал за Париз и Лондон, каде што лобирал кај влијателни интелектуалци за Македонија да остане во Бугарија или барем да добие автономија според Вилсоновите принципи. Милетич директно учествувал и во изработката на мемоарот на ВМРО од 1 март 1919 година, испратен до претседавачот на Париската мировна конференција, во кој македонското население се означувало како бугарско и се барало право на самоопределување.

Во периодот по Првата светска војна (1918–1919), во македонската емиграција се појавиле повеќе левоориентирани струи кои сакале да го претставуваат македонското прашање на Париската мировна конференција, различно од десничарското ВМРО и македонските братства во Бугарија. Најистакната била групата на приврзаниците на Јане Сандански („серчани“), предводена од Димо Хаџи Димов. Тие во октомври 1918 објавиле Декларација со која барале независна Македонија во нејзините географски граници, организирана по примерот на Швајцарија. Подоцна, во 1919 година, поранешни членови на ВМРО се обединиле со серчаните во Привремено претставништво на поранешната Внатрешна организација. На 9 март 1919 испратиле Апел до македонскиот народ во кој бараат: самостојна Македонија во природните граници, еднакви права за сите народи и вероисповеди и меѓународна заштита додека Македонија не стане способна за целосна независност. Овој апел бил во јасна спротивност со барањата на десничарското ВМРО, што предизвикало тензии и обиди за обединување (но без позната улога на Љубомир Милетиќ во овој процес). Паралелно, македонската емиграција низ цела Европа и светот (Швајцарија, Романија, Цариград, САД) испраќала свои меморандуми и апели до Големите сили со исто барање – самостојна македонска држава. И покрај големиот патриотизам и распространетоста на идејата за независност, на македонското движење му недостасувало единствено раководство и единствена стратегија. Тоа го забележале и американските дипломати на Конференцијата, констатирајќи дека Македонците се „без лидери со реални способности“ и дека хетерогениот состав на населението го оневозможува заедничкото јавно мислење.

Милетич, во мај 1919 година во Софија објавил албум „Македонија во слики“ со свој предговор во кој тврди дека Македонците се најкултурното бугарско племе, дека Македонија отсекогаш била бугарска земја и дека старобугарскиот јазик од IX век е доказ за тоа. Како претставници на Извршниот комитет на македонските братства во Бугарија, заедно со Никола Милев, во 1919 година заминале во Рим каде што се сретнале со претставници на тамошното министерство за надворешни работи и со членови на генералштабот на италијанската армија. Во тоа време, иако Италија и Србија биле сојузници во Првата светска војна, новата држава Кралство на Србите, Хрватите и Словенците, имала територијални спорови со Италија. Италија ветила финансиска и дипломатска поддршка за акциите на ВМРО против Кралството СХС и за автономна Македонија, со цел да се попречи југословенската консолидација и да се собори владата на Стамболиски. Под притисок на емиграцијата, во октомври 1919 година македонските братства го напуштиле барањето за припојување кон Бугарија и официјално се свртеле кон идејата за автономна, а потоа и за целосно самостојна Македонија. Тој став ќе го застапуваат и оние кои сметале дека Македонците се посебни во однос на другите балкански народи, посебно на бугарскиот, како и оние кои сметале дека Македонците се Бугари. Кон крајот на 1919 година Милетич влегол во пропагандниот оддел на ЦК на ВМРО и станал еден од нејзините главни застапници во странство. Во 1920 година ги поддржувал македонските студенти во Софија (здружението „Вардар“ на Иван Михајлов), на чија библиотека им подарил многу книги. Заедно со Милев во март 1920 предал тајни петиции во име на ВМРО до италијанското и австриското претставништво во Софија со барање за поддршка на автономијата и најава за нова вооружена борба. Во нивните одговори се поздравува ВМРО за нејзината готовност да продолжи со борбата за извојување на малцинските права и за едно идно поправедно решение на македонското прашање. Милетич бил член и на Бугарската лига за самоопределување на народите, која барала ревизија на мировните договори, но набрзо згаснала. Исто така активно се залагал и за Тракија: на големите митинзи во Софија во мај 1920 година говорел против одземањето на тракискиот брег и на излезот на Егејско Море, барајќи автономија на Тракија под протекторат на Антантата и истакнувајќи дека неправдата кон Бугарија ги надминала сите граници. Така, во годините 1918–1920 Милетич бил меѓу најистакнатите интелектуалци и дипломатски посредници кои ја бранеле бугарската теза за Македонија, Тракија и Добруџа, истовремено станувајќи важен соработник на ВМРО и поддржувач на идејата за автономна и сè повеќе за целосно независна Македонија.

Владата на Александар Стамболиски, обидувајќи се да спроведе радикални реформи во бугарското општество, влегла во конфронтација и со професорите од Софискиот универзитет во периодот 1921–1922 година. Милетич во 1921 година по вторпат станал ректор на највисоката образовна установа во Царството Бугарија. Министерот за просвета Стојан Омарчевски без консултација со Академскиот совет пензионирал професори, затворил катедри, ги зголемил студентските такси и наметнал правописна реформа која научната заедница ја сметала за произволна. Тој дури барал од ректорот Љубомир Милетич да ги отстрани од управата професорите со политички функции и индиректно да ги принуди да го напуштат Универзитетот. На оваа постапка на бугарската влада се спротивставил ректорот на универзитетот, Милетич. Тој сметал дека Министерството си дозволувало да дејствува спротивно на педагошките и научни принципи од кои се раководело универзитетското образование. Милетич, кој веќе имал искуство од судирот во 1907 година, решително ги одбил сите барања. Во јуни 1921 година од страна на владата била наложена правописна реформа, која воопшто не била разгледана во научните средини. Кога Милетич објавил некролог за починат професор по стариот правопис, Омарчевски го казнил со одземање дел од платата и запечатил дел од универзитетските каси, директно кршејќи ја автономијата на установата. Ова предизвикало силен отпор: Академскиот совет испраќал протесни писма, универзитетската заедница и БАН продолжиле да печатат по стариот правопис, а во Софија се формирал Граѓански комитет за заштита на Универзитетот кој организирал масовни протести предводени од Милетич. Во март 1922 година, универзитетската управа и БАН решаваат да продолжат со печатење на своите изданија според стариот правопис. Конфликтот кулминирал во април 1922 година кога самиот Универзитет се затворил во знак на протест – за разлика од 1907 кога го затворила државата. Јавниот притисок станал неподнослив за владата. Конечно, по неколкумесечна криза, Стамболиски попуштил: Омарчевски бил отстранет и испратен во дипломатска служба во Бразил, а на 16 август 1922 година Милетич и новиот министер за просвета потпишале протокол со кој се укинати казните, вратена автономијата и надминати недоразбирањата. Милетич повторно ја одбранил независноста на Софискиот универзитет и покажал дека во одбрана на научните и академските принципи нема место за компромис.

Милетич, и покрај судирите со бугарската влада, активно се вклучил во протестите за враќање на Западна Тракија. Во февруари 1922 година во Софија раководел голем митинг на кој се барало откинатата тракиска територија да се врати на Бугарија и западните сили да ги земат предвид бугарските интереси при решавањето на грчко-турскиот конфликт. Во истата 1922 година во списанието „Македонија“ објавил обемна статија во која, повикувајќи се на најугледните слависти (Јагиќ, Миклошич, Облак, Флорински, Селиштев, Нидерле и други), докажувал дека јазикот на македонските Словени е бугарски, а со тоа и нивната народност бугарска. Ова било директен одговор на српските и грчките обиди да ја негираат бугарската припадност на населението во Македонија и на тврдењата на Јован Цвијиќ дека Македонците се „неопределени македонски Словени“ без јасна национална свест. Во 1923 година политичката криза во Бугарија се продлабочува. Владата на Стамболиски презема остри мерки против ВМРО и се обидува да се доближи до Кралството СХС преку Нишката спогодба, што предизвикува жестока реакција кај македонската емиграција. Изјавата на Стамболиски во весникот Радничке новине дека „не ја сака Македонија“ и дека Македонците му „дојдоа до гуша“ дополнително ги разјарила македонските кругови и ВМРО, која ѝ објавува војна на владата и индиректно го поддржала нејзиното соборување на 9 јуни 1923 година. По државниот удар, на Милетич му било понудено да стане премиер, но тој категорично одбил со образложение дека тоа би значело војна со Србија, која мора да се избегне. Сепак, непосредно по превратот тој заедно со Тодор Александров и други македонски дејци учествувал во преговорите за формирање нова влада. По падот на Стамболиски, веднаш се враќа стариот Иванчовски правопис, а Милетич е ставен на чело на комисијата што го потврдува неговото задржување. Паралелно со сета политичка активност, Милетич продолжува со научна работа – во 1921–1923 година го препишува и во 1923 објавува важниот Свиштовски дамаскин, значаен споменик на источните бугарски дијалекти.

Македонски научен институт

[уреди | уреди извор]

Формирањето на Македонскиот научен институт (МНИ) во Софија во 1923 година било тесно поврзано со активностите на Љубомир Милетич и македонската емиграција во Бугарија. Идејата ја дал Спиро Константинов (од Штипското добротворно братство) на собрание на македонската интелигенција на Софискиот универзитет. Првично замислувал организација на бегалците, која би ја бранела бугарската кауза во Македонија преку културни средства. Љубомир Милетич првично се противел на идејата на Константинов, што предизвикало забуна, бидејќи многумина мислеле дека предлогот бил претходно одобрен од страна на ВМРО и Тодор Александров. И покрај противењето на Милетич, собранието ја одобрило идејата, се формирал Привремен управен совет од 12 члена, кој требало да ја подготви неопходната документација за создавање и регистрирање на Институтот, во рамки на времето од два месеца. Финансирањето првично требало да доаѓа од Софискиот универзитет и БАН. По предлог на Никола Ризов, конечно се прифатило Институтот да биде чисто научна, а не културно-политичка институција. Основачкото собрание се одржало на 21 декември 1923 година во универзитетска сала бр. 10. Присуствувале околу 50-тина поканети професори, научници и јавни дејци (според Ефтим Спространов, од 51 поканети дојшле само 24. На собранието бил усвоен Уставот, избран Управен совет, а за прв претседател бил избран проф. Иван Георгов од Велес. Првиот претседател Иван Георгов веднаш почнал да го популаризира МНИ во странство. Еден месец по основањето испратил писма до познати европски научници (Едвард Бојл, Густав Вајганд, Леон Ламуш и др.), објаснувајќи ја лошата положба на Бугарите во Вардарска и Егејска Македонија и потребата од научна институција. Добил позитивни одговори, а нивните трудови подоцна ќе бидат објавувани во списанието „Македонски преглед“. Покрај активностите поврзани со Македонија и македонското прашање, Милетич во текот на школската 1923/1924 година не заборавил и на своите професорски обврски. Во текот на учебната година тој, на одредено време, заминал за Полска и Чехословачка. Милетич по неколку седмици минал во тамошните универзитетски центри како што биле Лавов, Краков, Варшава, Познањ и Прага, каде што се сретнал со своите колеги, со кои разменил мислења по различни теми. Најверојатно отсуството на професорот од Бугарија придонело тој да не присуствува на основачкото собрание на Македонскиот научен институт.

По основањето на Македонскиот научен институт во 1923 година веднаш започнала тесна соработка со ВМРО. Уште на 17 јануари 1924 година било договорено институтот да објави брошури на странски јазици за да се спротивстави на српската и грчката пропаганда, па набрзо излегле делата „Српските и грчките ѕверства на Бугарите во Македонија по 1912 г.“ од Иван Георгов, и „Македонското прашање – вчера и денес“ од Георги Баждаров. Професор Љубомир Милетич, близок соработник на ВМРО и противник на социјализмот, играл клучна улога во пропагандните и дипломатските активности на организацијата. Во мај 1924 година во Рим тој ја иницирал првата прослава на Свети Кирил и Методиј како бугарски национален празник, со поддршка на бугарската амбасада и со свој свечен говор. Иако ВМРО во истиот период (април-мај 1924) склучила привремен сојуз со СССР и го објавила Мајскиот манифест за независна македонска држава, Милетич не ги поддржувал левичарските идеи, но продолжил да работи за каузата. Тој често го придружувал Тодор Александров на патувања во странство, вклучително и во Лондон, каде заедно ги претставувале ставовите на ВМРО пред британската влада. По убиството на Александров на 31 август 1924 година, Милетич бил длабоко потресен. Во ноември истата година, заедно со Иван Карајовов, патувал низ Виена, Будимпешта, Рим, Берлин и Лондон за да ги информира европските влади за новото раководство на Ванчо Михајлов и да бара поддршка за правата на Македонците во Вардарска и Егејска Македонија. Милетич активно се залагал и за македонската емиграција во Бугарија, учествувајќи на состаноци против грчката асимилација и протерувањето по грчко-турската размена на население. Поддржувал формирање на Сојузот на македонските студентски друштва во странство со седиште во Виена (јануари 1925) и објавувал биографски текстови за македонските револуционери во изданијата „Про Македонија“.

Во 1925 година, македонската емиграција во Бугарија (пред сè Националниот комитет на братствата од Софија) остро се спротиставила на извештајот на британскиот полковник Молони, кој бил изнесен во Брисел на сесијата на Меѓународниот сојуз на здруженијата за Лигата на народите. Молони го опишал населението во Вардарска Македонија како неопределно, изложено на силна асимилација прво од бугарска, а потоа од српска страна, без малцинска заштита и често принудено на разбојништво или бегство, најчесто во Бугарија. Македонските емигранти го сметале извештајот за просрпски и нереален. Како контрамерка, на конференцијата во Варшава, Љубомир Милетич прочитал мемоар со спротивни тврдења; конференцијата го отфрлила извештајот на Молони и одлучила да го проучува малцинското прашање во Македонија. Милетич бил избран во Комисијата за малцинства. Во септември 1925, Милетич и Иван Георгов биле испратени во Лозана и Женева да ја бранат тезата за бугарскиот карактер на македонското население. Во Женева не им било дозволено да учествуваат на состанокот на Комитетот за малцинства. Српската страна будно го следела и критикувала нивниот настап. Иако не им било дозволено да зборуваат, тие дистрибуирале брошура, „Мемоар за состојбата на бугарските малцинства во српска и грчка Македонија“ од Константин Станишев и оствариле бројни контакти со европски интелектуалци. По враќањето, емиграцијата им изразила голема благодарност. Во истата 1925 година, Милетич ја објавил книгата „Македонија и македонските Бугари“, прва во Македонската библиотека на МНИ, во која повторно ја истакнува тезата дека Македонија и Бугарија се неразделни, дека македонското население е бугарско и дека без Македонија бугарскиот национален развој е загрозен.

Во 1925 година, по смртта на Иван Гешов, Љубомир Милетич станал претседател на Бугарската академија на науките (БАН), каде што се ангажирал за проширување на зградата со обезбедување заеми од владата преку средби со премиерот Љапчев. Во 1926 година, тој учествувал на конгресот на Унијата на Лигата на народите во Лондон (25–28 јуни) и Аберсвејт (29 јуни–4 јули), каде 20 делегации дебатирале. Бугарската делегација, вклучувајќи го Милетич, зборувала за правата на македонското население (наречено македонски Бугари) во соседните земји и дистрибуирала брошура на француски јазик „Македонија под српско владеење и правата на малцинствата“ како одговор на југословенската брошура „Јужна Србија по 1918 година“, која тврдела дека Македонците се Срби. Отсуството на југословенска делегација помогнало. Милетич објавил две брошури со ист наслов „Македонското прашање на Конгресот на Унијата на Лигата на народите“: првата на бугарски со впечатоци од Лондон и Аберсвејт, втората на француски (двојно поголема) за меѓународна јавност, со споредба на извештаите на Рујсен од Лозана (1925) и Лондон (1926). Тој го критикувал Рујсен за некомпетентност (незнаење на јазикот), колебливи заклучоци, поддршка на асимилација на малцинства, сметање дека македонското прашање е само политичко и пофалби за југословенските власти во Вардарска Македонија. Напротив, Милетич го поддржал извештајот на Бове, кој истакнувал дека угнетувањето спречува лојалност, а различноста е вредност; резултат бил Правилник за заштита на малцинства, препорачан на Лигата на народите со можност за посредување од Хашкиот суд.

Името на српскиот политичар Никола Пашиќ било крајно непопуларно во Бугарија по Балканските и Првата светска војна поради неговата политика кон Македонија и Бугарија. По неговата смрт во 1927 година, Љубомир Милетич во софискиот весник „Македонија“ објавува жесток некролог во кој Пашиќ го обвинува за српски шовинизам, за поттикнување на Меѓусојузничката војна од 1913 и за оставено тешко наследство полн со гревови, иронично потсетувајќи дека токму Бугарија му го спасила животот во 1880-тите кога пребегнал од Србија. Во истиот период Милетич остро полемизира со српскиот печат околу тврдењата дека јазикот на Кирил и Методиј е старословенски од српско-хрватска област, докажувајќи дека српските новинари ги извртуваат ставовите на рускиот славист Кулбакин. Тој продолжува со силна активност во одбрана на бугарштината на Македонија: предава за уништувањето на Кукуш од грчката војска, жестоко ги критикува српските тези дека Македонците се „неопределени Словени“ кои можат да станат било што, ги нарекува српските власти „непоправливи“, учествува во протестите на Софискиот универзитет против апсењето на македонските студенти во Скопје 1927 година, настапува пред меѓународни тела на Лигата на народите за правата на Бугарите во Југославија и Грција, во 1929 година објавува обемна збирка документи за српските и грчките злосторства во Македонија за време на Балканските војни со цел да докаже дека Бугарија не била виновна за Меѓусојузничката војна, а истовремено учествува на научни конгреси и ја промовира тезата за старобугарскиот карактер на црковнословенскиот јазик.

По Првата светска војна се одржувале редовни конгреси на словенските географи и етнографи. Кога во 1930 година Третиот конгрес требало да се одржи во Југославија, дел од сесиите да бидат во Скопје, бугарските научници предводени од Љубомир Милетич масовно го бојкотирале и на 25 април 1930 година испратиле декларација дека не можат да учествуваат во земја која го негира бугарскиот карактер на македонското население и не дозволува слободна научна дискусија. Во истиот период Милетич станал претседател на Македонскиот научен институт (МНИ) во Софија, го реорганизирал раководството и со голема енергија ја туркал напред изградбата на сопствената зграда – Македонскиот културен дом. По долги напори, Софиската општина во 1927 година подарила парцела, во 1930 бил избран проект, а на 2 август 1930 симболично биле удрени темелите на идната зграда, која за Милетич требало да стане вистински народен дом и културен центар на македонската емиграција. Милетич продолжил активно да ја брани бугарската кауза: во 1930 година го прогласил францускиот новинар и поддржувач на бугарските ставови Десбон за почесен член на МНИ, поддржувал студентски списанија во странство и во Бугарија, објавувал текстови со кои повикувал македонската родољубива идеја постојано да се негува и шири.

Во 1932 година, членовите на Македонскиот научен институт (МНИ) започнале проект за печатење на карта на Македонија во нејзините природни граници. Љубомир Милетич побарал помош од Географскиот институт при Бугарското министерство за војна, и во 1933 година била објавена картата на Јаранов во размер 1:300.000. Овој проект бил поттикнат од издавањето на српска и грчка карта на делови од Македонија; географот А. Иширков ја критикувал грчката за масовни промени на топонимите за да се избрише словенскиот карактер, додека ги пофалил Србите што не ги промениле имињата на населените места. Милетич ја презентирал книшката со картата на Јаранов во „Македонски преглед“, истакнувајќи ја потребата од точни имиња поради промените по Балканските војни и ја осудил Грција за преименувањата. Истовремено, претставниците на Илинденската организација во Бугарија испратиле покана до бугарски интелектуалци за една средба, вклучувајќи го Милетич, со цел да се разменат мислења за јубилеен зборник по повод 30-годишнината од Илинденското востание, но тој не бил објавен поради недостаток на средства и време. 1932 била успешна година за Милетич, кој бил прогласен за почесен доктор на Универзитетот во Братислава. Во 1933, во „Илустрација Илинден“, тој напишал емотивна статија за 25-годишнината од убиствата на Борис Сарафов и Иван Гарванов, обвинувајќи ја групата на Јане Сандански за нивната смрт.

Во 1933 година, македонската емиграција во Бугарија одржала голем собир во Горна Џумаја (12 февруари), на кој присуствувале претставници на сите поголеми македонски организации (Македонски национален комитет, Илинденска организација, Македонскиот женски сојуз, Македонскиот младински сојуз, Студентски друштва, Македонскиот научен институт, парламентарна група итн.). На соборотот била донесена декларација со која се бара целосна независност на Македонија во нејзините природни географски граници како единствено решение на македонското прашање и услов за мир на Балканот. Проф. Љубомир Милетич не присуствувал на собирот, но морално ја поддржал идејата за независна Македонија. Тој бил еден од 43-цата истакнати Бугари (научници, писатели, уметници) со македонско потекло кои потпишале повик до светот да не се занемари праведната кауза на Македонија при евентуална ревизија на мировните договори. Ова за Милетич претставувало враќање на неговата стара идеја од пред Балканските војни – автономна/независна Македонија како начин да се сочува нејзината целост (по 1918–1919 тој привремено се залагал првенствено за присоединување кон Бугарија). Декларацијата од собирот на Македонските емигрантски здруженија не била едногласно прифатена. ВМРО (Обединета) остро ја критикувала во весникот „Македонско дело“ (25 февруари 1933), тврдејќи дека идејата за независност е само маска на Михаиловистичката ВМРО за присоединување кон Бугарија и дека вистинското револуционерно движење отсекогаш се залагало за вистинска независност. ВМРО (протогеровисти) не ја прифатила независноста како единствена опција, туку ја фаворизирала идејата за федеративна Југославија со Македонија како посебна единица. Југословенскиот дипломат Вукчевиќ сметал дека зад повикот за независна Македонија стои цар Борис III, кој би го отстапил Пиринскиот дел со надеж дека подоцна целата Македонија ќе ѝ припадне на Бугарија.

Последни години

[уреди | уреди извор]

Во 1933 година, по повод 70-годишнината од раѓањето на академик Љубомир Милетич, во Бугарија било организирано големо чествување кое ја одразувало неговата огромна научна и општествена важност. Македонскиот научен институт објавил посебен Зборник со преку 60 труда од врвни слависти од цела Европа (СССР, Полска, Чехословачка, Франција, Германија, Југославија итн.). Стојан Романски во предговорот истакнал дека чествувањето на Милетич е истовремено чествување на полувековниот развој на бугарската филологија и наука. Милетич бил почесен доктор на науки на универзитетите во Братислава и Харков, и дописен член на руската, полската и југословенската академија на науките, на Унгарското и Чешкото етнографско друштво, на Рускиот археолошки институт во Истанбул, на научното здружение „Шевченко“ во Лвов итн. Интересно е што Милетич лично го спречил Романски да спомене во предговорот српско потекло на неговото семејство и улогата на чинот му Светозар Милетиќ, за да не ги „дразни“ Србите. Во Софија, весникот „Македонија“ (орган на македонската емиграција) му посветил цел број на 23 декември 1933, со фотографии, биографија и текстови од Христо Силјанов и Кирил Мирчев. На 24 декември во големата сала на БАН се одржала свечена академија во присуство на принцот Кирил, премиерот Мушанов, митрополитот Неофит, странски гости и над 200 угледни личности. Царот Борис III го одликувал Милетич со највисокиот орден за наука и уметност. Прочитани се честитки од европски универзитети и академии, а ВМРО испратила посебно поздравно писмо. Чествувањето продолжило и во 1934. Во „Илустрација Илинден“ (орган на Илинденската организација) била објавена статија од Христо Шалдев, кој посебно ја нагласил улогата на Милетич во собирањето и објавувањето на спомените на илинденските дејци и неговата верба во иднината на слободна Македонија. Во 1933 година, по повод 70-годишнината на Милетич, професорот Јоцов пишува статија во новото списание "Завети", фалејќи го како клучна фигура во бугарскиот духовен живот по ослободувањето, истакнувајќи ја неговата трезвеност, научна свест и влијание.

Во Бугарија во текот на 1933 и во почетокот на 1934 година политичката состојба не била многу поволна. Неколку години порано, во 1927 година, била формирана организацијата „Звено“ од страна на интелектуалци како Димо Казасов, офицери како Кимон Георгиев и Дамјан Велчев. Во оваа Организација учествувале луѓе кои му се спротивставувале на ВМРО, а од друга страна не ги поддржувале ниту комунистите. Во ноември 1933, на нивниот конгрес се одлучува за воен преврат, доколку внатрешната состојба продолжи да се влошува. Надворешно, на 9 февруари 1934 е потпишан Балканскиот пакт меѓу Југославија, Грција, Турција и Романија, што ја изолира Бугарија. Царот Борис III се обидува да ги подобри односите со Југославија преку средби со кралот Александар, договарајќи безбедност на границите и растурање на ВМРО. На 15 мај 1934, владата на Мушанов поднесува оставка. На 19 мај, "Звено" ја презема власта во земјата, тивко и без пролевање крв, формирајќи влада под Кимон Георгиев. Новата власт забранува партии (14 јуни), пензионира 6.000 службеници, донесува закон против терористички организации (првенствено наменет за ВМРО), кое е растурено, а Ванчо Михајлов побегнал. Образованието, каде што работел и професорот, било дел од промените кои ги правела новата власт во Бугарија. Својот ангажман на Универзитетот, Милетич го завршил во 1934 година, кога со една владина наредба за буџетот, му било наложено поради возраста да замине во пензија. Така, Милетич на 15 септември 1934 година заминал во пензија. Пензионирањето на Милетич најверојатно му паднало тешко, но тој продолжил со своите активности поврзани со Македонскиот научен институт.

Во 1935 година, Македонскиот научен институт (МНИ) донесе нов Устав, сличен на првиот. Во 1936 година, професорот Љубомир Милетич ја објавил своја последна поголема студија – препис на средновековен роман за Александар Македонски од 1810 година, подготвен од Павел Хаџиски Банку Хаџи Кирјаков. Во предговорот, Милетич ја истакнува популарноста на темата кај Бугарите поради влијанието на грчката литература. Милетич, како претседател на МНИ, се ангажирал за завршување на Македонскиот културен дом во Софија. На 28 март 1936 година, МНИ апелираше за средства и најави заем од 5.000.000 лева за 10 години. Домот бил завршен, но Милетич не го дочекал осветувањето на 23 јануари 1938 година, каде неговото име било обележано со крст, како и на Спиро Константинов, човекот кој бил еден од оние кои ја дале идејата за основање на МНИ. Милетич се разболел на 3 мај 1937 година, меѓутоа привремено закрепнал. На 30 јуни на Милетич повторно му се влошила здравствената состојба. На 1 јуни 1937 година згаснал животот на професорот Љубомир Милетич.

Објавени дела

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Професионални и академски асоцијации
Претходник
Никола Добрев
Ректор на Високата школа во Софија
1900 – 1901
Наследник
Георги Златарски
Претходник
Методиј Попов
Ректор на Софискиот универзитет
1921 – 1922
Наследник
Захари Караогланов
Претходник
Иван Гешов
Претседател на Бугарската академија на науките
1926 – 1937
Наследник
Богдан Филов