Прејди на содржината

Љубовникот на лејди Четерли

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Љубовникот на лејди Четерли“ (англиски: Lady Chatterley's Lover) — роман на англискиот писател Д. Х. Лоренс, првобитно објавен во 1928 година во Фиренца.

Содржина

[уреди | уреди извор]

Романот се состои од 19 глави:

  • 1-9 глава: Констанс (Кони) е образована девојка од угледно семејство, која заедно со сестра ѝ Хилда студира во Дрезден, Германија, каде го има првото љубовно искуство. Кога започнува Првата светска војна, сестрите се враќаат во Британија. Набргу, Кони го запознава Клифорд, баронот од Четерли и во 1917 година тие стапуваат во брак. Веднаш по венчавката, Клифорд заминува на фронтот, каде е тешко ранет и останува неподвижен. По завршувањето на војната, во 1920 година, брачниот пар се сели во селската куќа на Клифорд во малото место Регби кое се наоѓа во мрачен, индустриски крај. Таму, Клифорд започнува да пишува раскази и набргу станува славен. Клифорд има навика да кани бројни гости во својата куќа. Така, Кони се запознава со ирскиот писател Микаелис (Мик) и тие стануваат љубовници, но по некое време, Кони сфаќа дека не го сака Мик и ја прекинува врската со него. Во меѓувреме, Клифорд ѝ предлага да забремени со некого со цел да му роди наследник. Еден ден, таа го запознава Оливер Мелорс, шумарот на имотот во Регби, кој веднаш го привлекува нејзиното внимание, иако тој не покажува никаков интерес кон неа, зашто сака да живее повлечен и осамен живот. Кони е потиштена и незадоволна и поради тоа почнува да пропаѓа телесно така што ја повикува сестра ѝ Хилда на помош. По нејзиниот наговор, Кони ја ангажира госпоѓата Болтон за да го негува Клифорд. По почетната одбивност, Клифорд ја прифаќа госпоѓата Болтон и целото време го минува со неа, а како последица на добрата нега, тој целосно се менува: го напушта пишувањето и им се посветува на рудниците кои се во негова сопственост. Ослободена од грижата за Клифорд, Кони има повеќе слободно време за да се посвети на себеси и често шета низ шумата. Истовремено, таа чувствува големо незадоволство од животот во Регби и одбивност кон Клифорд, сфаќајќи дека никогаш вистински не го сакала. За време на своите редовни прошетки низ шумата, Кони ја открива шумската куќарка која ја користи шумарот Мелорс.[1]
  • 10-16 глава: Кони сè почесто ја посетува шумската куќарка каде шумарот Мелорс одгледува фазани и во една прилика тие водат љубов. Така, Кони започнува нова љубовна врска која целосно ја исполнува, а и Мелорс почнува да покажува интерес кон неа. Еднаш, поттикнат од страста, тој доаѓа кај куќата на брачниот пар Четерли и тогаш го здогледува госпоѓата Болтон, која веднаш сфаќа дека тој ѝ е љубовник на Кони. Веднаш по тоа откритие, таа шири гласови низ околината дека Кони е бремена. За време на една прошетка низ шумата, на Клифорд му се расипува моторната количка, така што Мелорс е принуден, во присуство на Кони, да ја турка количката на угорницата, што предизвикува голема загриженост кај неа и омраза кон Клифорд. По расправата со него, ноќта, Кони тајно излегува од куќата и преспива кај Мелорс, водејќи повеќепати љубов, а тој ѝ раскажува за своите љубовни врски и за пропаднатиот брак. Во меѓувреме, Клифорд се вознемирува поради долгото нејзино искуство и ја испраќа госпоѓата Болтон да ја побара, а таа ги пресретнува Кони и Мелорс во шумата и така се уверува дека тие се љубовници, но не му кажува ништо на Клифорд. Утредента доаѓа Хилда да ја земе Кони со цел да заминат на пат во Италија. Меѓутоа, по напуштањето на Регби, Кони ја убедува Хилда да ја остави во куќата на Мелорс, каде двајцата страсно водат љубов.[2]
  • 17-19 глава: Кони и Хилда заминуваат во Лондон, каде се среќаваат со татко им, а потоа преку Париз и Швајцарија пристигаат во Венеција. За време на целото патување, Кони не покажува никаков интерес, туку постојано мисли на Мелорс. Во Венеција, таа се уверува дека е бремена. Еден ден, таа добива писмо од Клифорд кој ја известува дека сопругата на Мелорс се доселила кај него, дека тој отишол да живее кај мајка му, но дека подоцна успеал да ја избрка од куќата, дека таа ширела лоши гласови за него во кои се споменувало и нејзиното име, дека полицијата издала налог за нејзино апсење поради што таа побегнала од местото и дека Мелорс е отпуштен од работата. Овие непријатни вести предизвикуваат голема вознемиреност кај Кони и по завршувањето на одморот таа не се враќа дома, туку оди во Лондон, каде се среќава со Мелорс. Таму, тие кројат планови за идниот заеднички живот, а Мелорс се среќава и со татко ѝ на Кони. За да може да добие развод, Кони предлага нејзиниот стар познаник, сликарот Данкан Форбс лажно да го признае татковството на нејзиното дете, а истовремено и Мелорс да се разведе при што некое време би живееле одделно за да не предизвикаат скандал во јавноста. Кони му испраќа писмо на Клифорд, известувајќи го дека нема да се врати во Регби и дека бара развод. Потресен од веста, тој паѓа во очај и целосно ѝ се препушта на госпоѓата Болтон со која стапува и во интимни односи. Истовремено, наспроти неговата внатрешна ранливост, во деловните односи станува уште понемилосрден. Госпоѓата Болтон, пак, му посветува големо внимание и нега, но далбоко во себе го мрази. Еден ден, Кони го посетува Клифорд и му признава за љубовната врска со Мелорс и за бременоста. Клифорд се разбеснува и не ѝ дава развод, така што Кони заминува кај сестра ѝ во Шкотска, а Мелорс се вработува на една фарма. Романот завршува со писмото што ѝ го испраќа на Кони во кое ги изразува својата голема љубов кон неа и уверувањето дека никој нема да ја спречи нивната заедничка среќа во иднина.[3]
  1. D. H. Lawrence, Ljubavnik lady Chatterley (treće izdanje). „Otokar Keršovani“, Rijeka, 1961, стр 11-144.
  2. D. H. Lawrence, Ljubavnik lady Chatterley (treće izdanje). „Otokar Keršovani“, Rijeka, 1961, стр 145-328.
  3. D. H. Lawrence, Ljubavnik lady Chatterley (treće izdanje). „Otokar Keršovani“, Rijeka, 1961, стр 329-394.