Љубе Цветановски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Љубе Цветановски
Роден 1949
Слоештица, Демирхисарско, НР Македонија СР Македонија
Починал 4 февруари 2013
Скопје, Македонија Македонија
Занимање писател, сценарист и патописец
Роднини Јордан Плевнеш (брат)
Владо Цветановски (брат)

Љубе Цветановски (Слоештица, Демирхисарско, 1949Скопје, 4 февруари 2013) — македонски писател, сценарист и патописец, професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, долгогодишен уредник и директор во Македонската телевизија. Нарекуван е доајен на македонскиот документарен филм.

Животопис[уреди | уреди извор]

Цветановски е роден во демирхисарското село Слоештица во 1949 година. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје, а магистрирал на Институтот за литература при УКИМ, на тема “Народната култура во документарниот филм”. Бил уредник на рубриката за култура на „Студентски збор“, новинар во Македонското радио, како и долгогодишен уредник, а во еден мандат и директор на Македонската телевизија. Во последните четири години од животот бил професор по Документарен филм на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА. Бил член на Друштвото на писатели на Македонија и на Сојузот на новинари на Македонија. Автор е на книгите поезија „Време е да се биде дома”, „Наталожен сомнеж” и „Престапна година”, а соавтор е на антологијата на млади македонски поети под наслов „Љубов и мајстори”. Заедно со својот брат Јордан Плевнеш, соавтор е на сценариото за играниот филм „Тајната книга”, во режија на неодамна починатиот брат Владо Цветановски. Во неговата богата телевизиска кариера реализирал педесетина патописи, од исто толку егзотични земји под наслов „Патуваме - сонуваме”, потписник е на многу сценарија за документарни и музичко-документарни емисии, а се јавува и како автор на десетина играно-документарни филма. За документарниот филм „Мојот татко Изет”, ја освоил наградата Гранд при на Југословенскиот телевизиски фестивал во Неум. Во 2012 ја објавил книгата „Детето во мене”, во која се сублимирани неговото творештво и неговата животна одисеја. По кратко биоледување починал во Скопје на 4 февруари 2013 година, каде и почива.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Почина сценаристот и филмаџијата Љубе Цветановски“. Дневник. 4 февруари 2013. Архивирано од изворникот на 2013-02-06. Посетено на 2013-02-04.