Прејди на содржината

Јужен Шлезвиг

Од Википедија — слободната енциклопедија
Јужен Шлезвиг со германски, дански и севернофризиски топоними.
Замокот Гликсбург, дом на данските кралеви
Денешна Данска и поранешните дански покраини Јужен Шлезвиг, Сканија, Халанд и Блекинге.
Два шлезвишки лава како хералдичко обележје на Шлезвиг/Јужен Јитланд.

Јужен Шлезвиг (германски: Südschleswig, дански: Sydslesvig; севернофризиски: Söödslaswik) — јужната половина на поранешното Војводство Шлезвиг[1] во Германија на полуостровот Јитланд. Географската област денес опфаќа голема површина помеѓу реката Ајдер на југ и Фленсбуршкиот Фјорд на север,[2] каде се граничи со Данска. Северен Шлезвиг (во исти граници со поранешниот округ Јужен Јитланд) го образува најјужниот дел од Данска. Овој крај бил владение на Данската Круна сè додека Прусија и Австрија не ѝ објавиле војна во 1864 г. Данска сакала да ја предаде етнички германската област Холстен (Холштајн) и да ја повлече новата граница во реката Ајдер. Прускиот канцелар Ото фон Бизмарк заклучил дека ова е повод за војна, дури нарекувајќи ја „света војна“. За помош му се обратил на австрискиот цар Франц Јозеф I. Прусија не успеала во сличен обид во 1848 г. Но сега била опремена со современо оружје и со помошта од Австрија, а на чело со војсководецот Хелмут фон Молтке Постариот, данската армија била уништена и присилена да се повлече во неред. Пруско-данската граница била преместена од Елба во Јитланд до потокот Конгео.

По Првата светска војна се одржале два референдума за границата.[3][4] Северниот Дел ѝ бил вратен на Данска како Северен Шлезвиг. Средниот и јужниот дел останале во Германија, вклучувајќи го Фленсбург/Фленсборг, тогаш единствен град во областа. Загубата на градот во Данска ја предизвикала Велигденската криза (Påskekrisen) во 1920 г.[5][6] По Втората светска војна областа останала германска територија, и во 1948 г. заедно со Холштајн ја образувала новата покраина Шлезвиг-Холштајн како дел од СР Германија (Западна Германија).

Историја

[уреди | уреди извор]

Краиштата на Шлезвиг северно од реката Ајдер и Килскиот Залив биле феуд на Данската Круна уште од раното средновековие. Јужната област Холштајн ѝ припаѓала на Франкија, а подоцна на Светото Римско Царство, но станала царски феуд на данските кралеви со Рипскиот договор од 1460 г.[7]

Шлезвигхолштајнското прашање за првпат е доведено до критична точка за време на Револуциите од 1848 г. кога, од 1848 до 1851 г. побунетите етнички германските националлиберали потпомогнати од Прусија се бореле за одвојување на Шлезвиг и Холштајн од Данска во Првата шлезвишка војна. Иако состојбата останала непроменета, судирите продолжиле, и на 1 февруари 1864 г. пруските и австриските војски го преминале Ајдер, со што дошло до Втората шлезвишка војна, по која Данска морала да ги отстапи Шлезвиг и Холштајн по сила на Виенскиот договор од 1864 г. По Австриско-пруската војна од 1866 г. победничката Прусија воспоставила контрола врз целиот Шлезвиг и Холштајн, но согласно Прашкиот мир била обврзана да одржи референдум во Северен Шлезвиг, кој бил етнички дански. Сепак, референдумот не бил распишан.[8]

По поразот на Германија во Првата светска војна, Версајскиот договор од 1919 г. распишал референдуми со кои е исцртана денешната германско-данска граница. Новата поделба стапила на сила на 15 јуни 1920 г. и го поделила Шлезвиг на јужен и северен дел, со значителни дански и германски малцинства на секоја страна.[9][10]

Јужен Шлезвиг е дел од германската сојузна покраина Шлезвиг-Холштајн, но како област, а не административна единица. Сочинет е од окрузите Шлезвиг-Фленсбург, Северна Фризија, безокружниот град Фленсбург и северниот дел на Рендсбург-Екернферде (некогашниот округ Екернферде со историската стотка Хонер).

Покрај стандардниот германски, се говорат шлезвишки долносаксонски, дански (стандарден или јужношлезвишки) и неговата јужнојитландска варијанта, како и севернофризиски на запад.[11] Данскиот и севернофризискиот се службени малцински јазици. Многу од жителите кои говорат само германски не ја сметаат областа за различна од остатокот од Шлезвиг-Холштајн. Ова поимување го оспорува населението што се смета за Данци, Јужношлезвижани или Шлезвижани, особено историчарите и лицата што членуваат во установите на данското малцинство како Избирачкиот сојуз на Јужен Шлезвиг, политичка партија на данското и севернофризиското малцинство во Покраинското собрание на Шлезвиг-Холштајн која е изземена од изборниот цензус од 5 %. Многу презимиња во областа често имаат скандинавски облик со наставки како -сен.

Поважни градови во Јужен Шлезвиг се Фленсбург, Шлезвиг, Екернферде и Хузум.

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Библиографија

[уреди | уреди извор]
  • Lars Henningsen: Sydslesvigs danske historie, Flensborg 2013.
  • Lars Henningsen: Zwischen Grenzkonflikt und Grenzfrieden Архивирано на 18 октомври 2014 г., Flensburg 2011
  • Karen Margrethe Pedersen: Dansk sprog i Sydslesvig: det danske sprogs status inden for det danske mindretal i Sydslesvig, Institut for grænseregionsforskning Aabenraa 2000
  1. Kathrin Sinner: Schleswig-Holstein - das nördliche Bundesland: Räumliche Verortung als kulturelles Identitäskonstruk, стр. 86
  2. Sønderjylland A-Å, Aabenraa 2011, стр. 364
  3. 103982@au.dk (13 април 2018). „Vis“. danmarkshistorien.dk. Архивирано од изворникот на 2016-04-22. Посетено на 2026-05-23.
  4. German, Troels Fink: "Geschichte des schleswigschen Grenzlandes" Publisher: Munksgaard, Copenhagen 1958, стр. 178-192.
  5. „Påskekrisen 1920: HISTORIEFAGET“. Архивирано од изворникот на 7 мај 2016. Посетено на 8 април 2016.
  6. „Påskekrisen 1920 - Gyldendal - Den Store Danske“. denstoredanske.dk.
  7. „Region Sønderjylland-Schleswig: Politische Entwicklungen im Mittelalter.
  8. „Region Sønderjylland-Schleswig: Nationale Entwicklung im 19. Jahrhundert.
  9. „vimu - Det Virtuelle Museum: Genforening.
  10. „vimu - Das Virtuelle Museum: Volksabstimmung.
  11. „Region Sønderjylland-Schleswig: Sprachen und Dialekte südlich der Grenze.

54°44′N 9°05′E / 54.733°N 9.083°E / 54.733; 9.083