ЈСП Скопје
![]() |
|
Тип | јавно претпријатие |
---|---|
Oснована | 1948 |
Седиште | бул. Александар Македонски бр. 10 |
Клучни личности | Мишо Николов (ген. дир.) Муса Јакуп (прет. на УО) |
Дејност | јавен превоз |
Производи | автобуски превоз, маркетинг, сервисирање на автобуси |
Вработени | 1,339[1] (2014) |
Подружници | ЈСП Турс |
Портал | www.jsp.com.mk |
Јавно сообраќајно претпријатие Скопје (скрат. ЈСП Скопје или само ЈСП) — претпријатие за јавен превоз во Скопје, главно во таа дејност во градот, а и најголемото во Република Македонија со 70 милиони патници превезени во 2006 г. и 1.400 вработени. Во рамките на препријатието спаѓа и подружницата ЈСП Турс (препријатие за туристички и меѓуградски превоз) и жичницата „Милениумски крст“ на планината Водно.
Покрај тоа, претпријатието има и Музеј на стари автобуси, сместен во автобазата во населбата Ѓорче Петров. Основан е во јануари 2014 г.[2]
Содржина
Историја[уреди | уреди извор]
Пред основањето на ова препријатие, автобускиот превоз во Скопје се одвивал од автобуското претпријатие на браќата Поповиќ (основано 1925 г.), а во 1934 г. било основано поголемото Вардарско автобуско претпријатие (ВАП)[3].
ЈСП Скопје е основано по решение на Извршниот народен одбор на град Скопје од 1947 на 17 јануари 1948 г. како „Градско сообраќајно претпријатие“. Работата започнала со седум автобуси и од марката ГАЗ и 15 возачи. Во првата година на работење биле превезени 375.000 патници.

Работење[уреди | уреди извор]
Претпријатието го покрива како градот Скопје, така околниот реон со преку 100 градски и приградски линии[4], дење и ноќе. ЈСП Скопје располага со две автобази кои се сместени на спротивните краеви на градот. На источната страна се наоѓа автобазата „Автокоманда“, сместена во индустрискиот дел на истоимената населба, а на западната страна е автобазата „Ѓорче Петров“ и тие опслужуваат подеднаков број на возила и се релативно автономни во своето работење.
Автобаза Автокоманда[уреди | уреди извор]
Автобазата „Автокоманда“ располага со вкупна површина од околу 40.150 м2 од што околу 7.740 м2 изградени објекти, а останатото е коловоз, паркиралиште простор и зеленило. Во оваа автобаза е сместена дирекцијата на ЈСП Скопје и најголемиот дел од стручните служби. Исто така тука е сместен и Диспечерскиот центар. Меѓу поважните објекти во автобазата се Стар сервис, Нов сервис, Перална, Ремонт, Сервис за зглобни возила, Магацин за делови, Бензинска пумпа, Компресорска станица за природен на гас и други. Покрај ова, на почетокот на 2013 е направен и нов автоматизиран центар за одржување на возилата.
Автобаза Ѓорче Петров[уреди | уреди извор]
Автобазата „Ѓорче Петров“ има поголема површина од првата автобаза и зафаќа простор од околу 52.350 м2 од што 7.170 м2 изградени објекти. Оваа автобаза е изградена 1980 година и има многу поголема функционалност што се однесува до паркирањето и движењето на возилата во кругот. Опремена е со комплетна опрема и капацитети за целосно тековно и инвестициско одржување на возилата. Од објектите најзначајни се Дневна нега, Сервис, Линија за репарирање на возила, Хала за зглобни возила, Браварско, Фарбарско и други.
Возен парк[уреди | уреди извор]

ЈСП Скопје располага со голем возен парк од 312 автобуси. Од нив, 202 се двокатни автобуси од марката „Јутунг“, посебно изработени во скопски ретро-стил, 80 се нископодни еднокатни автобуси од марката ЛАЗ и 16 минибуси (исто така Yutong). Покрај ова, меѓу двокатните има 15 „панорамски“ автобуси со откриен покрив за туристичко разгледување.
Персонал[уреди | уреди извор]
Во ЈСП Скопје работат околу 1.400 работници, од кои мал дел се во управата, околу 600 се возачи на автобус распоредени во 4 работни единици. Покрај ова, претпријатието има стручен кадар што ги извршува сите зафати на возилата, каросерија, мотор, долен построј. Истите се овластени сервисери за возилата МАН, РАБА-МАН, Мерцедес, ФАП и минибус Ивеко 4910 ХДКП
Дел од процесот на одржување на возилата и нивна подготовка за вклучување во сообраќај се разни одделенија:
- Моторно
- Менувачко
- Ремонтно
- Хидропневматско
- Електрично
- Бошово
- Арматурно
- Лемачко
- Тапетарско
- Фарбарско
- Ковачко
- Заварувачко
- Гумарско
- други
Покрај двата главни сегменти, возачите и механичарите, препријатието има и стручни служби, меѓу кои се: Служба за складирање на резервни делови и материјали, Служба за набавка, Служба за продажба, Финансова служба, компјутерски центар и други.
Други услуги[уреди | уреди извор]
Освен градски превоз на патници, ЈСП врши и други услуги како: посебен линиски превоз, превоз за лица со посебни потреби (нископоден автобус), слободен (туристички) превоз на патници, поставување на реклами на своите возила и одржување и поправка на автобуси како и овластено сервисирање на типовите на возила кои ги поседува претпријатието.
Тарифен систем[уреди | уреди извор]
Наплатата на превозните услоги на ЈСП-Скопје се врши со бесконтактни картички наречени „Скопска“[5], кои постојат во персонализирана и неперсонализирана варијанта, а воедно важат и за приватните превозници. Наплатата се врши на бесконтактен апарат во автобусите, а самите картички се набавуваат на продажни места низ градот и автомати за самоиздавање.
Поврзано[уреди | уреди извор]
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ „Извештај за следењето на примената на начелото на соодветна и правична застапеност за 2014 година“. Народен правобранител на Република Македонија. април, 2015. http://ombudsman.mk/upload/documents/SPZ/Izvestaj%20-SPZ-2014%20-zbirna.pdf. посет. 18 август 2015 г.
- ↑ Музејот на автобуси поставен во Ѓорче Петров — „Курир“
- ↑ Качева, Алла (2002). „Животот во Скопје 1918-1941 - Автобуси“. Музеј на град Скопје. http://www.staroskopje.vestel.com.mk/sites/c12/c125.html. посет. 29 август 2010 г.
- ↑ „Линии“. Транс Инфо - ЈСП Скопје. http://info.skopska.mk/lines. посет. 2 февруари 2017 г.
- ↑ „За кртичките „Скопска““. Скопска.мк. http://skopska.mk/. посет. 4 септември 2015 г.
Надворешни врски[уреди | уреди извор]
- Официјална страница на ЈСП Скопје
- Транс Инфо — интераквитен портал за линиите, станиците и времињата на сообраќање на ЈСП Скопје
|