Јохан Готфрид Гале

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

 

Јохан Готфрид Гале
JohannGalle.jpg
Роден9 јуни 1812(1812-06-09)
Радис, Кралство Прусија
Починал10 јули 1910(1910-07-10) (возр. 98)
Потсдам, Германско Царство
НационалностГерманец
ПолињаАстрономија
УстановиБерлинска Опсерваторија
Универзитет во Бреслау
ОбразованиеБерлински Универзитет
Познат поОткривање на Нептун
Поважни наградиЛаландеова Награда (1839)
Потпис
Јохан Готфрид Гале, 1880 година
Спомен плоча во Витенберг

Јохан Готфрид Гале (9 јуни 1812 - 10 јули 1910) бил германски астроном од Радис, Германија, во Берлинската опсерваторија, кој на 23 септември 1846 година, со помош на студентот Хајнрих Луј д'Аре, бил прв човек што ја видел планетата Нептун и знаел во што гледа. Ирбен Леверје го предвидел постоењето и положбата на Нептун и му ги испратил координатите на Гале, барајќи од него да ги потврди.[1] Гале истата ноќ кога го добил писмото на Леверје го пронашол Нептун, на 1° од предвидената позиција. Откривањето на Нептун се смета за потврдување на небесната механика и е еден од највпечатливите моменти на науката од 19 век.

Ран живот[уреди | уреди извор]

Гале е роден во Папстхаус (2 км западно од Радис) во околината на Графенхајнихен, како прв син на Мари Хенриет моминско Паниер (1790–1839) и Јохан Готфрид Гале (1790–1853),[2] ракувач на печка со катран. Средно образование завршил во гимназијата во Витенберг, а студирал на Универзитетот Фридрих-Вилхелмс во Берлин од 1830 до 1833 година. По дипломирањето станал учител во Гимназијата во Губен, каде што предавал математика и физика. Подоцна, учителствувал во Гимназијата во Берлин.

Берлинска опсерваторија[уреди | уреди извор]

Во Берлинската Опсерваторија почнал да работи во 1835 година како асистент на Јохан Франц Енке, веднаш по изградбата на новата Берлинска Опсерваторија. Следните 16 години Гале ги поминува работејќи во оваа опсерваторија, при што често го користел Фраунхоферовиот рефрактор со отвор од 9 цола (~ 22,5 cm). Во 1838 година открил внатрешен, темен прстен на Сатурн. Во периодот од 2 декември 1839 до 6 март 1840 година открил три нови комети.

Во 1845 година Гале станал доктор на науки. Неговата докторска дисертација била на тема: редукција и критички осврт на Оле Ромеровото забележување на меридијански премини на ѕвезди и планети во деновите од 20 до 23 октомври 1706 година.

Откривањето на Нептун[уреди | уреди извор]

Речиси истовремено, во 1845 година, Гале испратил копија од својата дисертација до Урбен Леверје, но добил одговор дури по една година. Писмо испратено на 18 септември 1846 година, стигнало кај Гале утрото на 23 септември. Леверје ги истражуваше растројувањата на орбитата на планетата Уран и од ова ја извел местоположбата на сè уште неоткриена планета и побарал од Гале да пребарува во соодветниот дел од небото. Истата ноќ (откако Енке дал дозвола за пребарување, иако сметал дека проценката е погрешна), во соработка со својот помошник Хајнрих Луј д'Аре, Гале открил ѕвезда со 8-ма магнитуда, само 1° оддалечена од пресметаната позиција, која не е забележана во Ѕвездената Карта од Берлиската Академија. Следните две ноќи, правилно движење биле измерени 4 лачни секунди кај небесното тело, со што дефинитивно станувало збор за планета, за која Леверје го предложил името Нептун. Гале одбивал да биде сметан како човекот кој го открил Нептун; а неговото откритивање му го припишал на Леверје.

Во 1847 година Гале требало да го наследи Фридрих Вилхелм Бесел како директор на Опсерваторијата во Кенигсберг. Пред официјално да биде назначен за директор од страна на Фридрих Вилхелм IV, Гале на почетокот од 1848 година ја повлекол својата апликација поради нечесни игри против него претежно од страна на Карл Густав Јакоб Јакоби.[3]

Опсерваторијата во Бреслау[уреди | уреди извор]

Во 1851 година се преселил во Бреслау (денес Вроцлав) и станал директор во тамошната опсерваторија, а во 1856 година станал професор по астрономија на Шлесишен Фридрих-Вилхелмс Универзитетот во Бреслав. Во Бреслау работел повеќе од 45 години. Во учебната 1875/76 година е избран за ректор.[4] Во Бреслау се занимавал со точното определување на орбитите на планетите и развил методи за пресметување на висината на поларната светлина и патеката на метеорите и во едно дело (со помош на неговиот син) ги усогласил податоците за сите 414 комети откриени до 1894 година. . Исто така, се занимавал со магнетното поле на Земјата и климатологијата. Објавил преку 200 трудови.

Подоцнежни години[уреди | уреди извор]

Во 1897 година Гале се вратил во Потсдам, каде што починал во 1910 година на 98 годишна возраст.

Во Графенхајнихен, кој се наоѓа блиску до неговото родно место, во 1977 година е подигнат споменик во негова чест.

Исто така, во негова чест се именувани два кратери, еден на Месечината и „среќното лице“ на Марс, астероидот 2097 Гале и прстен на Нептун.

Во Бреслау (денешен Вроцлав) по неговото презиме била именувана на една од улиците - Галештрасе. Името на оваа улица останало до крајот на Втората светска војна. Денес улицата се вика Вапиена.[5] [6]

Оставштина[уреди | уреди извор]

Гугл го прославил јубилејот од 200 години од неговото раѓање со посебен Гугл Дудл. [7]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Urbain-Jean-Joseph Le Verrier“. Encyclopedia Brittannica. March 7, 2021. Посетено на June 27, 2021.
  2. Hockey, Thomas (2009). The Biographical Encyclopedia of Astronomers. Springer Publishing. ISBN 978-0-387-31022-0. Посетено на August 22, 2012.
  3. Diedrich Wattenberg: Nach Bessels Tod - Eine Sammlung von Dokumenten. Veröffentlichungen der Archenhold-Sternwarte Berlin-Treptow Nr.7. 1976
  4. Rektoratsreden (HKM)
  5. Małgorzata Kubiak-Wolf. „Glinianki, Huby i okolice. Historia naszych ulic“ (полски). стр. 19. Посетено на September 23, 2021.
  6. „Niemiecko-polski słownik nazw ulic“ (PDF). Wratislavia.net (полски). 2012. стр. 50 (Gallestr.). Посетено на September 23, 2021.
  7. https://www.google.com/doodles/johann-gottfried-galles-200th-birthday

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Некролози[уреди | уреди извор]

Астрономски слики[уреди | уреди извор]