Јордан Цеков - Дане

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Јордан Цеков - Дане.jpg
Роден Јордан Цеков
15 јули 1921
Куманово, Македонија
Националност Македонец
Занимање партизан и публицист

Јордан Цеков - Дане (Куманово, 15 јули 1921) е македонски публицист, учесник во НОБ од 1941 година, командант на Третата македонска ударна бригада и пратеник во Собранието на Народна Република Македонија.[1] Носител е на „Партизанска споменица 1941“ и други воени одликувања.

Рани години[уреди | уреди извор]

Роден е во Куманово, во тогашното Кралство СХС, како трето дете на Денко и Вета Цекови. Член на СКОЈ од средината на 1938, а на КПЈ и КПМ од февруари 1943 година.

Во септември 1941 е еден од организаторите на познатиот штрајк на учениците во Кумановската гимназија. Автор е на Резолуцијата со барања на учениците, која почнува со зборовите: „Ние синовите на македонскиот народ...“. Поради тоа е уапсен од бугарската полиција, но поради недостиг на докази, по едномесечна тортура во затворите во Куманово и Скопје е ослободен кон крајот на октомври 1941. Во учебната 1942/43 година завршил гимназија и положил матура.

НОВ[уреди | уреди извор]

Во јули и август 1941 година со Апостол Зордумис-Толи работи на партиска техника. Во септември 1941, со брат му Стојко и Панче Пешев прибира и засолнува оружје во семејната куќа во Куманово. Од вкупно 35 пушки кои партиските активисти ги прибраа во градот, 28 пушки и 2 пушко-митралези со 6 сандаци муниција, беа засолнети во куќата на Цекови. На 12 октомври 1941 вечерта, оружјето било изнесено и употребено за вооружување на партизаните на Козјачкиот и Карадачкиот партизански одред, чии две борби против бугарската војска во селата Белановце и Малотино на 12 и 17 октомври, заедно со акциите на партизаните на Прилеп и Скопје, го означија почетокот на анти-фашистичкото востание на македонскиот народ.

Во 1942 година, со Бојан Зафировски и Благоја Стефановски - Гојчо, е член на редакцијата на „Октобрис“, весник на кумановската партиска организација, во кој објавува статии. Бил технички уредник на шест броја на весникот, кој е печатен во неговата куќа.

Во март 1943 година е член на Месниот комитет на КПМ на Куманово, а од 1 мај и секретар на МК на СКОЈ. Во јуни 1943 година, заедно со Панче Пешев и Христијан Тодоровски-Карпош, е организатор на јадрото од 11 партизани, кои на 26 јуни вечерта излегоа од градот и стапија во Вториот јужномораски партизански одред. Во јули јадрото се зголеми на 18 партизани и на 2 август 1943 се формира Кумановскиот партизански одред, под команда на Христијан Тодоровски-Карпош. Во НОВ е од 26 јули 1943 година. Бил назначуван на должностите: командир на чета во Кумановскиот партизански одред и Кумановскиот баталјон „Јордан Николов“, командир на чета во III Македонска ударна бригада, командант на баталјон, заменик-командант на III Македонска ударна бригада, командант на XI Македонска бригада, а во септември 1944 е назначен за командант на III Македонска ударна бригада. На 25 април 1944 во борбата за ослободување на Кратово, тешко е ранет со огностерлно оружје во пределот на ’рбетниот столб. На 1 декември 1944 добива чин мајор.

Од јануари до декември 1945 завршува Виша артилериска школа во Ленинград, а потоа е назначен за командант на артилерија на пешадиска и тенковска дивизија[2].

Повоен период[уреди | уреди извор]

Од 1951 до 1953 завршува Воена академија на ЈНА во Белград, а потоа е назначен за командант на артилериски полк во Бјеловар. Пензиониран кон крајот на 1956 година во чин полковник.

Од април 1962 до септември 1967 е директор на Републичкиот фонд за научна работа, а од септември 1967 до јуни 1969 стручен соработник во Институтот за национална историја на Социјалистичка Република Македонија.

За пратеник е избран во првото свикување на Собранието на Народна Република Македонија од 1946 до 1950 година. Републички пратеник е и во II, IV, V и VII (1970-1974) свикување на Собранието. Во 1971 подносител е на амандманот за изградба на патот: с. Младо Нагоричино – с. Пелинце – манастир “Св. Прохор Пчињски“ во должина од 23 км, што на 2 август 1974 е пуштен во употреба[3].

Предвремена пензија[уреди | уреди извор]

Поради политички несогласувања со тогашната власт, во 1975 година е пензиониран на 54-годишна возраст. Член на Советот на Републиката. Во 1986 година, подносител е на барањето до IX Конгрес на СКМ за постхумна партиска рехабилитација на Панче Пешев, прва ваква иницијатива во Македонија и една од првите во поранешна СФРЈ.

На покана на Британската Кралска Легија на 13 ноември 2005 учествува на парадата на воените ветерани во Лондон.

Трудови[уреди | уреди извор]

Автор е на 18 научни трудови и 122 статии објавени во весници и списанија. Со свои научни трудови учествувал на научни собири за Народно-ослободителната и антифашистичка војна во Велес, Куманово, Скопје, Битола и Кавадарци.

1. Кумановско во НОБ 1941-1945 книга прва
2. Кумановско во НОБ 1941-1945 книга втора
3. Кумановско во НОБ 1941-1945 книга трета
4. Христијан Тодоровски-Карпош, народен херој на Македонија
5. Панче Пешев- казна што обвинува
6. Панче Пешев- Македонски Драјфуз
7. Загинаа за слободата на Македонија
8. Отворено писмо до Вера Ацева
9. Кумановски партизански одред и Кумановски батајон „Јордан Николов„, јуни 1943 - фебруари 1944
10. Критички приказ за книгата „Патоводна ѕвезда„
11. Мојата вистина за ослободителната војна
12. Трајко Стојковски - Бузо хероизам и привитизам
13. Бојан Зафировски - Бојчо
14. Благоја Стевковски - Гојчо
15. Импровизации и измисли на Тодор Атанасовски
16. Учество на Цекова Вета, Денко и Стојко во ослободителната војна
17. Како беше ослободено Скопје
18. Куманово и Козјачијата во ослободителната воја 1941 - 1945 година

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Цеков, Дане (2009). Како беше ослободено Скопје. Академски печат. 
  2. Цеков, Дане (2005). Мојата вистина за ослободителната војна. ДИГИ Принт. 
  3. ЗА НИКОЛА МИНЧЕВ „ФЕНИ“ БЕШЕ ПОВАЖЕН ОД „ПРОХОР ПЧИЊСКИ, „Глобус“

Надворешни врски[уреди | уреди извор]