Јован Шангајски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети
Јован Чудотворец
Св. Јован при неговото пристигнување во Шангај
Шангајски епископ, архиепископ на Западна Европа, Архиепископ на Сан Франциско
Роден(а) 4 јуни 1896(1896-06-04), Адамовка, Изјумски Уезд, Харковска Губернија, Руско Царство
Починал(а) 2 јули 1966(1966-07-02) (возр. 70), Сиетл, Вашингтон, САД
Почитуван(а) во Источна православна црква
Канонизација 19 јуни/2 јули 1994, Сан Франциско, Калифорнија, САД од Светиот синод на Руската православна задгранична црква
Главно светилиште Соборна црква Света Богородица, Сан Франциско, Калифорнија, САД
Слава 19 јуни (с.с.)/2 јули (н.с.) (најблиската сабота до датумот)

Свети Јован Шангајски и Санфранцискански (руски: Иоанн Шанхайский и Сан Францисский; световно име Михаил Борисович Максимович, руски: Михаил Борисович Максимович); (Адамовка, Харковска Губернија, 4 јуни 1896Сиетл, 2 јули 1966) — истакнат источноправославен подвижник и архијереј на Руската православна задгранична црква кој бил активен во средината на 20 век. Бил свештеник и духовен отец со висок углед и познат чудотворец кому му се припишуваа моќ на пророштво, јасновидство и исцелување. Тој често се нарекува „Свети Јован Чудотворец“.

Животопис[уреди | уреди извор]

Младост[уреди | уреди извор]

Михаил Максимович е роден во 1896 година во селото Адамовка во Изјумскиот Уезд на Харковската Губернија во Руското Царство (во денешна источна Украина).

Како дете Михаил бил болезлив, длабоко побожен и собирал икони и црковни книги. Бил обземен од животите на светците, па и во игрите за него војниците-играчки биле монаси, а тврдините биле манастири. Неговата побожност толку многу ја импресионирала неговата француска дадилка што таа од католицизам преминала во православно христијанство.[1]

Од 1907 до 1914 година Михаил го завршил Полтавскиот кадетски корпус. Подоцна се запишал на право и дипломирал на Кралскиот универзитет во Харков во 1918 година. Учел добро и редовно одел в црква во Харков, каде што бил вдахновен од митрополитот Антониј Храповицки да навлезе подлабоко во неговите духовни учења.

Кога во Русија избила Октомвриската револуција, официрот Максимович се вклучил во војната на страната на царот борејќи се против болшевиците. Бил ранет во десната ноба и останал куц до крајот на животот.

Подоцна се присетил дека локалниот манастир му станал поважен во неговиот живот од световните установи. Максимович бил патриот и бил длабоко разочаран од она што го гледал како човечка слабост и непостојаност за време на трагичните настани од револуцијата во 1917 година. Како резултат на тоа, донел одлука својот живот да го посвети на служење на Бога.

Југославија[уреди | уреди извор]

Неговото семејство побарало засолниште во Југославија и дошло во Белград во 1921 година. Во 1925 година дипломирал теологија на Белградскиот универзитет.[2] За да го издржува своето сиромашно семејство, продавал весници.

Во 1926 година бил пострижен (замонашен) и ракоположен за јероѓакон од рускиот митрополит Антониј (Храповицки), кој му го дал името Јован по неговиот свет роднина Свети Јован Тоболски.

Подоцна истата година, бил ракоположен за свештеник од рускиот епископ Гаврил (Чепур) од Чељабинск. Откако бил ракоположен Свети Јован повеќе не спиел во кревет. Дремел на стол или клечел пред иконите, молејќи се. Јадел само еднаш дневно. Неколку години работел како инструктор и тутор во Југославија. Работел како вероучител во гимназијата во Велика Кикинда помеѓу 1925 и 1927 година.[3] Во 1929 година, Светиот синод на СПЦ го назначил за суплент во Битолската богословија кога Николај Велимировиќбил владика на Охридската епархија.[4] Јован ја стекнал почитта и посветеноста во семинаријата каде што предавал. Неговиот углед уште пораснал кога почнал да посетува болници, да се грижи за пациентите со молитва и причест.

Шангај[уреди | уреди извор]

Во 1934 година бил ракоположен за епископ на Руската православна задгранична црква од страна на митрополитот Антониј и назначен во Шангајската епархија.[4][5] Во Шангај, епископот Јован нашол недовршена соборна црква и православна заедница длабоко поделена по етнички линии. Воспоставувајќи контакт со сите различни групи, тој брзо се вклучил во месните добротворни установи и исто така основал сиропиталиште и дом за децата на сиромашните.

Се зафатил со обновување на црковното единство, воспоставување врски со месните православни Срби и Грци. Тука првпат станал познат по чудата што ѝ се припишувале на неговата молитва.

Како јавна личност, било невозможно целосно да го сокрие својот подвижнички (аскетски) начин на живот. За време на јапонската окупација, дури и кога тој рутински го пренебрегнувал полицискиот час во извршување на неговите свештенички дејствија, јапонските власти никогаш не го тормозеле.

Како единствен руски архијереј во Кина кој одбил да се потчини на авторитетот на советско доминираната Руска православна црква под патријархот Московски Алексиј I, тој во 1946 година бил издигнат во архиепископ на Кина од Светиот синод на Руската православна задгранична црква.[2]

Кога комунистите ја презеле власта во Кина во 1949 година, руската заедница била принудена да бега, прво во бегалски камп на островот Тубабао на Филипините, а потоа главно во Соединетите Американски Држави и Австралија. Архиепископот Свети Јован лично отпатувал во Вашингтон, за да се осигура дека на неговите луѓе ќе им биде дозволен влез во САД.

Западна Европа[уреди | уреди извор]

Во 1951 година, Јован бил назначен во Архиепископијата на Западна Европа со негово прво седиште во Париз, а потоа во Брисел.

Благодарение на неговата работа во составувањето на житијата на светците, бројни западни светци пред расколот станале познати во православието и продолжуваат да се почитуваат до ден-денес. Неговата добротворна и пастирска работа продолжила како во Шангај, дури и меѓу многу пошироко расеаното стадо.

Сан Франциско[уреди | уреди извор]

Во 1962 година Јован бил назначен од Светиот синод во седиштето на Сан Франциско. И овде затекнал поделена заедница и недоизградена црква. Иако ја завршил изградбата на соборната црква Света Богородица и воспоставил одреден мир во заедницата, тој станал мета на клевети од политичките непријатели. Тие поднеле тужба против него за наводно неправилно работење со финансиите поврзани со изградбата на соборната црква. Бил ослободен, но ова било голема причина за тага за него во неговиот подоцнежен живот.

Длабоко почитувајќи го Свети Јован Кронштатски, Јован одиграл активна улога во подготовката на неговата канонизација во 1964 година.[6]

Моштите на Свети Јован

Смрт и почит[уреди | уреди извор]

На 2 јули 1966 година (19 јуни според јулијанскиот календар), Свети Јован починал при посетата на Сиетл, во време и место за кое се вели дека самиот го претскажал. Бил погребан во гроб под олтарот на Соборната црква Света Богородица што ја изградил во Сан Франциско.

Во 1994 година, бил свечено прогласен (канонизиран) за светец на 28-годишнината од неговата смрт. Неговите небалсамирани, нераспаднати мошти се сместени во светилиште во наосот на соборната црква. Неговиот празник се слави во саботата најблиска до 2 јули.

Тој е сакан и славен ширум светот, со делови од неговите мошти во Србија, Русија, Света Гора, Грција (Црквата Света Ана во Катерини), Јужна Кореја, Бугарија, Романија, САД (Црквата Свети Јован Максимович, Јуџин, Орегон и Православната црква Св. Невин, Редфорд, Мичиген), Канада (Српска православна црква Света Троица, Киченер), Англија (Соборна црква Успение на Руската православна црква, Лондон) и други земји во светот.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Perekrestov, Peter (1994). A Brief Life of St. John of Shanghai and San Francisco. reprint - San Francisco, " Russian Shepherd. стр. 10–13.
  2. 2,0 2,1 "Archbishop John, Wonder-worker of shanghai and San Francisco", Holy Virgin Cathedral, San Francisco
  3. Le Karo, Bernard (2013). Свети Јован Шангајски - чудотворац последњих времена [Saint John of Shanghai - the Wonderworker of the Late Times]. Belgrade: Православна мисионарска школа при храму Светог Александра Невског. ISBN 978-86-86555-64-9.
  4. 4,0 4,1 „Crkva danas slavi svetog Jovana Šangajskog“ [Saint John of Shanghai Celebrated Today]. Radio Televizija Vojvodine. 2 July 2009. Посетено на 28 May 2016.
  5. Metropolitan Anthony of Kiev and Galicia (1863-1936)
  6. Blessed John the Wonderworker: A Preliminary Account of the Life and Miracles of Archbishop John Maximovitch. Platina: St. Herman of Alaska Brotherhood, 1987.(ISBN 0938635018)

Литература[уреди | уреди извор]

  • Dunlop, John B. (2017). Exodus: St. John Maximovitch Leads His Flock out of Shanghai. Yonkers: St Vladimir's Seminary Press. ISBN 978-0-88141-580-3
  • Perekrestov, Archpriest Peter. (1994). Man of God: Saint John of Shanghai & San Francisco. Redding: Nikodemos Orthodox Publication Society. ISBN 1-879066-05-X
  • Rose, Fr. Seraphim & Abbot Herman. (1987). Blessed John the wonderworker: A preliminary account of the life and miracles of Archbishop John Maximovitch (Third, revised ed.). Platina: St. Herman of Alaska Brotherhood. ISBN 0-938635-01-8.
  • Father Seraphim: His Life and Work ISBN 1-887904-07-7.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]