Јован Лествичник

Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети Јован Лествичник
Икона од XIII век
Роден(а) 525, Сирија
Починал(а) 30 март 606(606-03-30), Синајска Гора
Почитуван(а) во Римокатоличка црква
Источни католички цркви
православие
Древноисточни цркви
Слава 30 март

Јован Лествичник е христијански светец од VII век.

Животопис[уреди | уреди извор]

Познат е по тоа што ја напишал познатата книга „Лествица“. дошол во Синајската Гора како шеснаесетогодишно момче и тука останал, најпрво како послушник, потоа како отшелник и најпосле како Синајски игумен до својата 80 година. Неговиот животописател, монахот Данил, за него вели: „се вознесе со телото на Гората Синајска, а со духот на Гората Небесна“. Кај својот духовен отец, Мартириј, поминал во послушание 19 години. Свети Анастасиј Синајски, видувајќи го еднаш младиот Јован, прорекол за него дека ќе биде игумен Синајски. По смртта на својот духовник, Јован се повлекол во една пештера каде живеел 20 години.

Лествицата на Јован Лествичник

Според христијаните неговиот ученик Мојсеј заспал еден ден во ладовината на еден голем камен. Јован на молитва во својата келија видел дека неговиот ученик e во опасност и почнал за него да се моли на Господ. Кога подоцна дошол Мојсеј, паднал на колена и му заблагодарил на својот духовен отец што го спасил од сигурната смрт. И раскажал како во сонот слушнал Јован кај што го викал, па скокнал и во тој миг оној камен паднал. Да не скокнел, каменот би го убил. На навалувањето на браќата, Јован се нафатил за игумен.

Еднаш слушнал прекор од некои дека e многуглаголив. Не лутејќи се ни малку, Јован замолкнал и цела година не проговорил ни збор, додека браќата не го измолиле да проговори и да продолжи да ги учи со својата благодатна мудрост. Еднаш дошле 600 поклоници во Синајскиот манастир. При трпезата сите виделе едно подвижно момче во еврејска облека коешто служело и на другите слуги им заповедало и распоредувало. Наеднаш тоа момче го снемало. И кога сите се обѕирале и се распрашувале, Јован рекол: „Не барајте го, тоа пророкот Мојсеј послужи на своето место“.

За време на своето молчание во пештерата, Јован напишал многу корисни книги, од кои најславна, и денес многу читана e „Лествицата“, во која се опишува методот на вознесување на душата кон Бога како по некоја скала. Пред смртта, Јован го одредил за игумен својот брат по тело, Георгиј. Но овој тагувал многу поради разделбата со Јована. Тогаш Јован му рекол дека, ако тој се удостои на близината Божја во оној свет, ќе моли и тој, Георгиј, да биде земен на небото. Така и се случило. По 10 месеци и Георгиј се успал и се вселил меѓу граѓаните небесни како и великиот му брат Јован[1].

Православната црква неговиот ден го чествува на 30 март.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Охридски пролог“ стр. 132