Јован Калаузи

Од Википедија — слободната енциклопедија
Јован Калаузи
Роден 29 октомври 1919
Битола,  Кралство Југославија
Починал 3 септември 1989
Битола, НР Македонија СР Македонија
Занимање примариус, д-р специјалист, интернист кардиолог

Јован Атанасов Калаузи (Битола, 29 октомври 1919 - Битола, 3 септември 1989) — македонски здравствен работник - примариус, д-р специјалист, интернист кардиолог, еден од основоположниците на интензивна нега и терапија при кардијални кризи во Македонија. Се одликувал со голема стручност и хуманост.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Калаузи е роден на 29 октомври 1919 година во Битола, каде го завршил основното и средното образование. Во 1949 година дипломирал на Медицинскиот факултет во Белград. Во 1950 година во Битола ја започнал специјализацијата по интерна медицина, a ја завршил 1954 година во Белград. За време на специјализацијата во Белград во исто време, т.е. во 1950 бил и на студиски престој во Институт за хематологија и трансфузиологија. Во тој период интензивно се занимавал со клиничка хематологија, ја изучувал ревматичната треска и хроничниот ревматизам во Битола и Битолско. Во контекс на тие истражувања публикувал повеќе стручни трудови од тие области. Во 1951 година во Битола ја формирал првата Станица за трансфузија на крв во внатрешноста на Македонија. Во 1959 година специјализирал кардиологија во Париз. Неговите усовршувања во областа на електро и фонокардиографијата, како и во дијагностиката и терапијата на коронарната болест ги публикувал во повеќе негови трудови. Од 1963 до 1978 година ја обавувал функцијата началник на Интерното одделение и Службата за внатрешни заболувања. Д-р Јован Калаузи бил голем ентузијаст и неговите пионерски зафати и интервенции дале видни резултати во намалувањето на процентот на смртноста при акутен инфаркт на миокардот АИМ. Од 1978 година до неговото пензионирање во 1984 година бил виш здравствен советник во Медицинскиот центар. Истовремено обавувал и бројни стручни и општествено-политички функции: двапати бил претседател на Лекарскиот актив во Битола, потпретседател на Интернистичката и Кардиолошката секција на МЛД - Скопје, претседател на Советот за народно здравје на Општина Битола, претседател на комисијата за трансфузија на крв при Околискиот одбор на Црвениот крст во Битола, член на Управниот одбор на ДНУ - Битола, главен и одговорен уредник на весникот на Медицинскиот центар „Трифун Пановски" - Битола, „Здравствена трибина" и др. Бил редовен член на Југословенското кардиолошко друштво. Добитник е на голем број дипломи и благодарници од разни организации и асоцијации. Од 1966 година како резултат на неговата стручност и хуманост, големиот број трудови е носител на звањето примариус. Во 1967 година ја добил „4-то Ноемвриската награда" на градот Битола. Починал на 3 септември 1989 година во Битола. Средното медицинско училиште во Битола е именувано во негова чест.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. ЗНАЧАЈНИ ЛИЧНОСТИ ЗА БИТОЛА; составувачи: Ленче Андоновска, Науме Горгиевски, Благој Николов, Трајко Огненовски, Гордана Пешевска, Анета Стефановска, Светлана Талеска; превод на англиски Весна Милевска; Национална Установа Универзитетска Библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола