Јован Боцевски
| Јован Боцевски | |
|---|---|
| Роден/а | 15 април 1938
Горно Врбени, Кралство Грција |
| Занимање | Писател |
| Националност | Македонец |
Јован Боцевски (Горно Врбени, Леринско, 15 април 1938 ) – поет за деца и романсиер.[1]
Животопис
[уреди | уреди извор]Роден е во селото Горно Врбени, Леринско, Егејска Македонија, на 15 април 1938 година. Основното образование го завршил во училиштето „Даме Груев“, средното во Економското училиште „Јане Сандански“, а се запишал и на Вишата педагошка академија на предметна настава по македонски и српскохрватски јазик. Се вработил на 1 февруари 1959 година во Градски кина т.е. Претпријатие за прикажување на филмови – Битола каде останал до 31 март 1977 година, а од 1 април 1977 па сè до неговото пензионирање (2002) работел во Службата за општествено книговодсто, подоцна Завод за платен промет. Твори и работи во Битола, а пишува подеднакво поезија и проза како за деца така и за возрасни.
Објавуван е во повеќе весници и списанија, како кај нас така и во поранешните југословенски републики: „Другарче“, „Развигор“, „Наш свет“, „Детето и сообраќајот“, „Колибри“, „Веселе свеске“ – Сараево и многу други, а за возрасни објавува во: „Нова Македонија“, „Млад борец“, „Студентски збор“, „Стремеж“, „Браничево“, „Просветен работник“, „Белези“, „Изгрев“, „Трибина“ (каде што добива награда за проза), „Патеки“ - Куманово, 1968 година (каде што добива награда за поезија) и др. Учествувал на многу книжевни средби и добитник е на повеќе награди и признанија за неговите песни и раскази, како на пр.: втора награда за расказот „Едно умирање“ во „Студентски збор“, откупените раскази во „Нова Македонија“ и „Студентски збор“, како и наградите за песни во: „Курирче“ - Кичево (II награда), „Мегленски средби“ (I и II награда, неколку години по ред), потоа признанијата за литература од „Развиток“, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, „Народно здравје“, пофалница за учество на Изложбата на книги од роднокрајни автори: „Битолско книжевно наследство“ одржана од 1 јуни 2007 до 14 јуни 2007 во Културно-информативниот центар на Република Mакедонија во Софија, Република Бугарија.[1]
Творештво
[уреди | уреди извор]Негови дела за деца се:[1]
- „Црвените чевлички“ (раскази, 1971),
- „Чудниот крадец“ (раскази, 1985),
- „Јанко Врбјанко“ (раскази, 1987),
- „Есента на моето детство“ (раскази, 1990),
- „Дивите рогушки“ (раскази, 1993),
- „Кој ја скрши вазната“ (раскази, 1995),
- „Мојата втора љубов“ – роман, негово прво дело напишано за возрасни,
- „Проклетство“ – втор негов роман.