Јарослав Хашек

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Јарослав Хашек (24 април 1883, Прага, Австро-Унгарија3 јануари 1923, Липница, Чехословачка) бил чешки писател и есеист.

Јарослав Хашек

Биографија[уреди | уреди извор]

Јарослав Хашек е роден во 1883 година, во Прага, во учителско семејство. Во младоста, ја напуштил гимназијата, па учел во трговска академија. Подоцна, станал сопственик на еден сомнителен кинолошки институт, а работел и како новинар во повеќе прашки весници и бил уредник на бизарното списание „Светот на животните“. Хашек бил легендарна личност на кафеанскиот и ноќниот живот во Прага, познат како скандал-мајстор и шегаџија. Така, тој ја основал фиктивната Партија на умерениот напредок во рамките на законот, која одржувала собири, па дури и учествувала на парламентарните избори во 1911 година. Всушноста, неговата „партија“ била пародија на тогашниот полтронски либерализам во Чешка.[1] [2]

Хашек, октомври 1922 година.

Штом избувнала Првата светска војна, Хашек бил мобилизиран во австро-унгарската војска и бил испратен на фронтот во Галиција, но таму веднаш пребегал на спротивната страна, приклучувајќи се на „Чехословачката легија“, каде работел како уредник на списанието „Чехословак“. Во 1918 година, по Октомвриската револуција, Хашек станал член на руската комунистичка партија и на Црвената армија, борејќи се во Сибир, во состав на Шестата армија на Источниот фронт.[3] Во 1920 година, руската комунистичка партија го испратила Хашек на револуционерна работа во Чехословачка, каде што бил пречекан со воодушевување од левицата, но истовремено, бил остро нападнат од бројни кругови, кои го нарекувале болшевик и предавник на татковината. На тие напади, Хашек им се спротивставил со духовитата парабола „Мојата исповед“, објавена во списанието „Руде право“. Хашек умрел во 1923 година, во Липница, Чехословачка.[4]

Гробот на Хашек.

Творештво[уреди | уреди извор]

Хашек е автор на голем број раскази (околу 1.500), хуморески, цртички и есеи. Своите кратки хумористични раскази започнал да ги пишува уште на осумнаесетгодишна возраст,[5] а набргу се стекнал со локална слава благодарение на своите смешни анегдоти, хуморески и политички сатири. Светската слава ја постигнал со хумористично-фарсичниот роман „Доживувањата на добриот војник Швејк“ (кој останал недовршен), а од расказите, најпозната му е збирката „Командантот на градот Бугулма“. Избор од неговите куси раскази е објавен на македонски јазик под насловот „Шашави раскази“ (Темплум, 2011).[6]

Денес, Хашек се смета за најголемиот чешки хуморист и сатиричар, како и еден од најпознатите светски мајстори на хуморот. Во своите дела, тој ги исмевал и критикувал малограѓанштината, вечните човекови маани, бирократијата и авторитативните и конзервативните елементи во општеството. На почетокот, неговото творештво било остро критикувано и исмејувано од страна на сериозната книжевна критика, која му замерувала за вулгарноста и употребата на уличниот говор. Под влијание на острата критика, дури и самиот Хашек се сомневал во вредноста на своите дела. Исто така, неговиот роман „Војникот Швејк“ бил една од првите книги кои нацистите ги запалиле во средината на 1930-тите како пример за „лошата литература“,[7] а книгата била забранета и во Чехословачка.[8]

Споменик на Хашек во Прага.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јарослав Хашек, Шашави раскази, Скопје: Темплум, 2011, стр. 157-158.
  2. „Beleška o piscu“ во: Jaroslav Hašek, Doživljaji dobrog vojnika Švejka u Prvom svetskom ratu. Beograd: Mandala, 2016, стр. 605.
  3. „Beleška o piscu“ во: Jaroslav Hašek, Doživljaji dobrog vojnika Švejka u Prvom svetskom ratu. Beograd: Mandala, 2016, стр. 605.
  4. Јарослав Хашек, Шашави раскази, Скопје: Темплум, 2011, стр. 158-159.
  5. „Beleška o piscu“ во: Jaroslav Hašek, Doživljaji dobrog vojnika Švejka u Prvom svetskom ratu. Beograd: Mandala, 2016, стр. 605.
  6. Јарослав Хашек, Шашави раскази, Скопје: Темплум, 2011, стр.
  7. Јарослав Хашек, Шашави раскази, Скопје: Темплум, 2011, стр. 154-159.
  8. „Beleška o piscu“ во: Jaroslav Hašek, Doživljaji dobrog vojnika Švejka u Prvom svetskom ratu. Beograd: Mandala, 2016, стр. 605.