Јакутскиот или познат како сахаски јазик е туркиски јазик од подгрупата на североисточни туркиски јазици. Јазикот го зборуваат околу 460,000 лица во Јакутија, Русија. Народот што го зборува јазикот е познат како Јакути или Сахаци. Јакутскиот јазик е службен јазик во руската република Јакутија покрај федералниот руски јазик.
Јакутскиот јазик е дел од подгрупата североисточни туркиски јазици од групата на туркиски јазици. Во таа група, покрај јакутскиот, се и шорскиот, туванскиот и долганскиот јазик. Сите овие јазици, заедно со туркиските јазици, се сметаат за дел од семејството на алтајски јазици, јазично семејство кое е оспорено од голем број јазичари.[1] Како и унгарскиот, финскиот, турскиот и чувашкиот, јакутскиот јазик има хармонија на самогласки, нема граматички род и и е дел од групата на аглутивни јазици. Исто така, заедничка особина со турските јазици е зборовниот ред, што значи речениците во јакутскиот се во следниот редослед: подмет-предмет-глагол.
Јакутскиот јазик воглавно се зборува во Јакутија. Исто така има јакутски заедници во Хабаровскиот регион и мала дијаспора во останатите делови на Русија, Турција и останати земји. Јакутскиот јазик е „лингва франка“, покрај рускиот, на различните етнички заедници во Јакутија, како што се Долганци, Евенки, Евени и Јукагири. Така, околу 8% од населението кое не е од јакутско потекло тврдело дека знае јакутски на пописот во Русија во 2002 година.[2]
Јакутското писмо е засновано на кирилицата. Модерното јакутско писмо е основано во 1939 година во СССР и е засновано на руската азбука, но има плус пет дополнителни букви кои се вметнати поради јакутскиот фонолошки систем.
Како што веќе наведовме, хармонијата на самогласки е изразита особина на јазикот. Ова значи дека сите самогласки во еден збор мора да се од ист вид, односно било тоа да е преден, заден, среден или кој било друг вид на самогласки.