Јазици во Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Македонија Јазици во Македонија Македонија
Официјален јазикмакедонски
Национален јазикмакедонски
Малцински јазикалбански, босански, влашки, ромски, српски и турски
Главен странски јазиканглиски, германски, француски, руски, италијански и српскохрватски
Знаковен јазикмакедонски знаковен јазик
Демографија на Македонија
Јазична карта на Македонија, Попис 2002.

Јазиците во Македонија е поим којшто ги опфаќа јазици кои се зборуваат на територијата на Македонија. Официјален, национален и најголем јазик во државата е македонскиот јазик, кој е мајчин јазик за две третини од населениети и втор јазик за сите народности кои живеат во државата. Покрај македонскиот, во државата се зборуваат и уште неколку јазици кои сочинуваат една третина од населението.

Службен јазик[уреди | уреди извор]

Службен јазик во Македонија е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Во општините каде малцинската заедница е застапена од 20 %, тогаш, јазикот на малцинската заедница е службен јазик покрај македонскиот. Уставот на Македонија, со член 7 го дефинира ова како[1]:

Во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Во единиците на локалната самоуправа во кои како мнозинство живеат припадниците на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, се и јазикот и писмото на националностите на начин утврден со закон.

Во единиците на локалната самоуправа во кои како значителен број живеат припадниците на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, се и јазикот и писмото на националностите, под услови и на начин утврдени со закон.

Според тоа, албанскиот, ромскиот, турскиот, влашкиот и српскиот се користат како службени со општините каде има значителен број Албанци, Роми, Турци, Власи и Срби.

Македонски јазик[уреди | уреди извор]

Македонскиот јазик е национален, најголем и единствен службен јазик во Македонија. Јазикот го зборуваат 1.344.815 македонски граѓани според пописот од 2002 година.[2]. Македонскиот јазик се пишува на кирилица, односно македонска азбука, која е официјално писмо на територијата на државата. Јазикот е втор јазик на сите малцинства во државата.

Македонскиот јазик е јужнословенски јазик и службен јазик во Македонија. Македонскиот јазик е исто така официјално признат како регионален службен јазик во Горица и Пустец во Албанија каде што живее бројно македонско население, но и во Србија како официјален во општините Јабука и Пландиште, Романија и Косово. Македонски се зборува и во Австралија, Бугарија, Грција, Канада, САД, Црна Гора, Турција, во некои земји−членки на Европската Унија и останатата македонска дијаспора. Вкупниот број на македонски говорници е тешко утврдлив поради несоодветни пописи, но бројката се движи од околу 2,5 до 3 милиони луѓе.

Според почитуваниот лингвистички извор Etnologue, македонски се зборува и во југозападниот дел на Бугарија[3][4] и северна Грција, но нема податоци за бројот на луѓето. Сличен став имаат и BBC, Britannica Архивирано на 24 декември 2007 г. и UNESCO.

Македонскиот јазик е службен во целата територија на државата и во сите општини на Македонија.

Малцински јазици[уреди | уреди извор]

Според пописот од 2002 година, признати малцински јазици во Македонија се албанскиот, турскиот, ромскиот, влашкиот, српскиот и босанскиот јазик. 19.241 македонски граѓани се изјасниле дека зборуваат други јазици.[2].

Албански јазик[уреди | уреди извор]

Албанскиот јазик во Македонија е најголем малцински јазик кој го зборуваат 507.989 македонски граѓани според пописот од 2002 година.[2] Јазик воглавно се зборува во Западна Македонија во општините каде македонските граѓани со албанско потекло се мнозинско население. Истовремено, неговата официјална употреба е дозволена во некои институции на државната власт, вклучувајќи го собранието.[5] Албанскиот јазик е индоевропски јазик кој сочинува своја посебна група во индоевропското јазично семејство. Албанскиот јазик се пишува во латиница, односно со албанската азбука. Албанците во Македонија имаат можност да се образуваат на албански јазик, па така има албански паралелки во средното и основното образование, како и високи образовни институции на албански јазик.

Денешниот албански јазик како стандардна форма го има дијалектот на Тоските, наспроти дијалектот на Гегите кој и покрај стандардизацијата сè уште масовно го користат гегскиот дијалект во Косово и делови на Македонија. Впрочем, сè уште постои несогласување околу стандардизацијата на албанскиот јазик, а некои бараат повторна стандардизација во која би биле вклучени повеќе елементи од гегскиот дијалект. Постои и залагање во Косово да се земе како стандардна форма гегскиот дијалект со што албанскиот јазик би станал еден јазик со два официјални дијалекти. Инаку, лексичкиот фонд е главно латински, италијански, романски, грчки, македонски, српски и турски.

Турски јазик[уреди | уреди извор]

Турскиот јазик во Македонија го зборуваат 71.757 македонски граѓани според пописот од 2002 година[2]. Јазикот воглавно се зборува од македонски граѓани со турско потекло, но и од Македонците-муслимани. Турскиот јазик се пишува на турска азбука, која е заснована на латиницата. Во Македонија, Турците имаат можност да се образуваат на мајчиниот јазик, односно има турски паралелки во основното и средното образование.

Турскиот јазик е дел од западната гранка на огуските јазици. Првите записи на турскиот јазик датираат од централна Азија од пред 1.200 години. Претходник на турскиот јазик бил отомански турски јазик и бил пишуван со отоманска азбука (арапска азбука). Со реформите на Кемал Ататурк, денес турскиот јазик се пишува со латиница. Турската јазична асоцијација денес се стреми да ги отстрани странските зборови од турскиот јазик и да ги воведе старите турски зборови. Реченичкиот состав на турскиот е подмет-предмет-прирок и нема род на именки.

Ромски јазик[уреди | уреди извор]

Ромскиот јазик во Македонија се зборува од 38.528 македонски граѓани според пописот од 2002 година[2]. Јазикот воглавно се зборува од македонски граѓани со ромско потекло.

Ромскиот јазик [6] е дел од групата на индоариски јазици, поточно се класифицира или во централните индоариски јазици или во северозападни индоариски јазици. Доста често се класифицира и како своја посебна јазична гранка поради поголемиот број на сродни јазични варијанти.

Српски јазик[уреди | уреди извор]

Српскиот јазик во Македонија се зборува од 24.773 македонски граѓани според пописот од 2002 година[2]. Српскиот јазик воглавно се зборува од македонски граѓани со српско потекло. Јазикот се пишува и на кирилица и на латиница, поточно со српска азбука.

Српскиот јазик е јужнословенски јазик и една од стандардните норми на српскохрватскиот јазик. Српскиот е службен јазик во Србија, Косово и Република Српска (Босна и Херцеговина), а се користи и во делови на Црна Гора и Хрватска и населениет места кои се сметаат за српска дијаспора.

Одлика на српскиот јазик е што тој се пишува на две азбуки: кирилица и латиница. Двете азбуки се речиси еднакви, а единствена разлика е во користењето на буквите. Ова е последица на историски причини, имено делот од српската популација кој бил под влијание на Австроунгарија пишувал на латиница, а другиот дел кој бил под влијание на Византија пишувал на кирилица. Денес, сите образовани луѓе ги познаваат и двете азбуки.

Босански јазик[уреди | уреди извор]

Босанскиот јазик го зборуваат 8.560 македонски граѓани според пописот од 2002 година[2]. Јазикот воглавно го зборуваат македонски граѓани со бошњачко потекло. Јазикот се пишува и на кирилица и на латиница (босанска азбука), исто како и српскиот јазик. Овој јазик е втор најмал признат малцински јазик во Македонија.

Босански јазик е јужнословенски јазик и една од стандардните норми на српскохрватскиот јазик. Јазикот е најмногу зборуван во Босна и Херцеговина, во регионот Санџак во Србија и Црна Гора, каде е зборуван од страна на Бошњаците. Дел е од западната група на јужнословенските јазици каде српскохрватскиот јазик е предоминантен и стандарден. Српски, хрватски и босански јазик (и сегашниот црногорски), мора да се напомене, се многу слични, скоро идентични јазици кои имаат многу малку разлики меѓу себе. Сите три варијанти биле познати како српскохрватски јазик до 1990 година.

Влашки јазик[уреди | уреди извор]

Влашкиот јазик во Македонија го зборуваат 6.884 македонски граѓани според пописот од 2002 година[2]. Јазикот воглавно го зборуваат македонски граѓани со влашко потекло. Јазикот е најмал признат малцински јазик. Јазикот се пишува на латиница, односно со влашка азбука.

Влашкиот јазик е јазик од источната подгрупа од романските јазици кои се зборуваат на Балканот. Истиот термин се користи за дијалектите на романскиот јазик кои се зборуваат во Србија. Овој јазик е формиран по латинизацијата на Балканскиот Полуостров со мешање на локалните јазици на античките народи на Балканот, особено на трако-илирскиот, епирскиот и тесалискиот. Во текот на вековите, ароманскиот јазик под влијание на грчката култура и јазик која била во подем на Балканот пред и по доаѓањето на Римјаните така што голем дел од лексичкиот состав на јазикот доаѓа од овој јазик. Основниот морфолошки и граматички состав на јазикот е секако сроден со останатите нео-латински (романски) јазици а во однос на лексиката, огромен број од латинската основа е еднаква.

Останати малцински јазици[уреди | уреди извор]

Покрај националниот македонски, и малцинските јазици, во републиката се зборуваат и уште неколку јазика. Сите тие јазици имаат под 1.000 говорници и такви јазици се: хрватски, црногорски, бугарски, грчки, балкански гагауско-турски, ладино и други.

Знаковен јазик[уреди | уреди извор]

Македонскиот знаковен јазик е јазичен систем за комуникација на глувите и наглувите лица во Македонија. Јазикот се заснова на гестикулации како основни елементи на комуникација, со развиена знаковна азбука и има специјален заштитен законски статус во Македонија. Македонската знаковна азбука може да биде изведена со една или со две раце. Точната бројка на корисници на овој јазик не е сосема позната, но се проценува дека е над 6.000 лица.[7]

Странски јазици[уреди | уреди извор]

Најголем странски јазик кој се изучува во Македонија е англискиот јазик. Англискиот се изучува од прво одделение основно образование па сè до универзитетско ниво. Втор најголем јазик кој се изучува во државата е германскиот јазик. Германскиот јазик се изучува од шесто одделение основно образование па сè до втора година средно образование. Покрај овие два јазика, во Македонија како странски јазици се зборуваат и францускиот, рускиот и српскохрватскиот јазик.

Загрозени јазици[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Устав на Република Македонија, член 7 на Викиизвор.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 „Македонски попис: јазик и религија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. Посетено на 2012-05-17.
  3. Јазици во Бугарија:Ethnologue
  4. Minority Rights in Bulgaria, The Bulgarian Helsinki Committee, September 1999
  5. „ЗАКОН ЗА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (член 42)“. Собрание на Република Македонија.
  6. „Ромски јазик“ - Британика (англиски)
  7. „Околу 6.000 глуви лица бараат од МТВ вести со знаковен јазик“. Архивирано од изворникот на 2011-07-27. Посетено на 2012-05-17.

Поврзано[уреди | уреди извор]