Прејди на содржината

Јад (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија
„Јад“
РежисерКирил Ценевски
СценаристКирил Ценевски
Главни улогиСабина Ајрула
Олег Видов
Нада Гешоска
Дарко Дамески
Марга Потоцка
Танасие Узуновиќ
Фабијан Шоваговиќ
Ристо Шишков
Ацо Јовановски
Илија Џувалековски
КинематографијаЉубе Петковски
Мишо Самоиловски
МонтажаВангел Чемчев
Премиера1975
Времетраење119 минути
ЗемјаНР Македонија СР Македонија
Јазикмакедонски

Јад — македонски филм од 1975 година режиран и напишан од македонскиот режисер Кирил Ценевски.[1]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Крај на XI-от век, Охрид, Византија. Силен духовен отпор на словенското население кон византиската власт и христијанската догма, искажан преку ересот на богомилското движење и автентичната самобитност на народот. Прогони, анатеми, убиства, чуми, несреќи... вител во кој ја следиме судбината на семејството на Аврам, како вековен симбол на човековото опстојување на балканските крстопати. Во селото на Аврам владее епидемија на големи сипаници. Сите болни ги фрлаат во вар. Аврам сè уште нема наследник, а тоа неизмерно го посакува. Ноќе, кога селаните изведуваат во шумата ритуали за изгонување на болестите и кажуваат молитви упатени кон природата, Аврам ја забележува младата и убава Далија со која посакува да има син. Правото на старешина тоа му го дозволува. Во исто време и жената на Аврам упатува паганска молитва кон Сонцето за да ја оплоди нејзината утроба. Се раѓаат два сина. Едниот, Вардан, и неговата мајка Далија се сместени во манастир, а другиот, Гаврил, ја има сета таткова љубов. Момчињата израснуваат и се запознаваат на еден црковен празник, кога Аврам со семејството и селаните доаѓаат во манастирот. Момчињата не знаат за роднинската врска и стануваат пријатели. Заедно одат да ги гонат крадците кои посегнале по стоката на Аврам. На тој пат сретнуваат богомили кои зборуваат за еднаквост и правда меѓу луѓето. Во селото се враќаат со девојката Галија, која во тие несигурни времиња останала без своето семејство. Гаврил се вљубува во неа. Неговата мајка претчувствува зло за синот и не ја одобрува неговата љубов. Во селото се случува помор на новороденчиња. Под обвинение дека се виновни, старите жени ги фрлаат во реката и тие се дават. Тоа значи дека се ослободени од обвинението.

Како последна останува мајката на Гаврил. Тој и татко му без милост ја фрлаат во реката. На настанот е присутен и Вардан, кој ја спасува од водата. Тоа што останува жива е доказ за нејзиното вештерство, па затоа синот и мажот ја убиваат каменувајќи ја. Вардан се враќа во манастирот. Ја наоѓа мајка си силувана од пијаните калуѓери. Таа умира. Вардан се одмаздува убивајќи неколкумина калуѓери и палејќи го манастирот. Дури тогаш, од еден ослепен Самуилов војник којшто живее во манастирот, Вардан ја дознава вистината за своето потекло. Потоа тој им се придружува на богомилите кои се гонети од византиските војници. При еден напад тој е заробен и нему му се суди. Во негова заштита застануваат двајца словенски свештеници кои ги осудуваат и односот и лажните проповеди на свештениците, коишто на народот му се обраќаат со туѓ јазик. Поради тоа, владиката ги исклучува од црквата. Гаврил го спасува Вардана. Тој бега низ мочуриштето. Ги слуша зурлите и тапаните кои ја најавуваат свадбата на Гаврил. Тоа е последната ергенска вечер на младоженецот. На веселбата се придружува и Вардан, кој му кажува на Гаврил дека тие се браќа. Само еден од нив може да биде наследник на Аврам. Испиваат чаши со вино. Во едната од нив има отров. Започнува церемонијата на венчавката. Гаврил блед и немоќен стои покрај својата невеста. Наеднаш паѓа мртов. Започнуваат тажачки. Телото завиткано во бел чаршав се положува на клада. Аврам ја пали. Мажите околу огнот играат немо оро. Аврам ја знае причината за смртта на саканиот син. Сака да му се одмазди на другиот. Го наоѓа Вардан, кој - клечејќи до татковите нозе - ја очекува пресудата. Аврам го крева ножот подготвувајќи се да го убие. Но, тоа не се случува, затоа што племето Аврамово мора да се продолжи.