Ѕид на смртта

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Ѕид на смртта (српски: Зид смрти) - роман на српскиот писател Живојин Павловиќ. За овој роман, авторот ја добил НИН-овата награда за роман на годината.

Содржина[уреди | уреди извор]

Во кафеаната „Тимок“ во Белград, пред неколку познаници, Будимир Видаковиќ раскажува за неговата семејна лоза. Меѓу слушателите е Стеван Арсенијевиќ, стар човек кој живее во Белград, е поранешен партизан, учесник во НОВ и поранешен глумец во театарот во Врановац. Тој се сеќава на случките од своето минато: Пред една година, кога работел како глумец во театарот во Врановац, Стеван бил избран да ја игра насловната улога во „Кралот Лир“, но во последен миг претставата била откажана поради снимањето на филмот за партизанското движење во Тимочка Краина. За таа цел, него го посетил (режисерот на филмот, неговиот воен другар Уча кој во последните денови од војната му го спасил животот. Поради тоа, поради големиот хонорар и по одобрението добиено од легендарниот партизански командант Вук Бабиќ, кого требало да го глуми, Стеван не можел да ја одбие понудената улога. Најпрвин, Стеван бил оженет за Ванда, по потекло од Полска. Нивниот син Зоран умрел мал, по некое време, брат му Коста извршил самоубиство во затворот, а набргу, за време на породувањето умрела Ванда. Така, Стеван останал со малата ќерка Јелица и се оженил со Слободанка. За време на снимањето, Стеван се спријателил со младото момче Тадија Шарац (Теди), кој го потсетувал на мртвиот. Кога се повредила при снимањето на една сцена, Стеван поминал неколку дена во болницата, очекувајќи дека ќе го посети Теди. При една посета на Уча, Стеван го искажал своето незадоволство од филмот и донесол одлука да го напушти родниот град и да замине во Белград. Притоа, тој се вратил во хотелот, а таму ја затекнал Јелица во собата на Теди и тоа го повредило уште повеќе. Кога пристигнал во Белград, Стеван го побарал Теди, но без успех. Откако ја гледал претставата „Кралот Лир“ во режија на Бергман, тој ги сретнал својата колешка од театарот во Врановац, Бранка, и нејзиното момче, режисерот Ведран, кои го поканиле да им се придружи во нивниот алтернативен театар. Веднаш по премиерата на претставата, театарската дружина се распаднала и Стеван почнал да живее во кафеаната „Тимок“ во која се собирале луѓето со потекло од Источна Србија. По некое време, него го совладала носталгијата и еден ден се вратил во Врановац. Таму, Стеван го посетил театарот, каде дознал дека умрел неговиот пријател Јеленко и дека продолжиле пробите за претставата „Кралот Лир“. Излегувајќи од театарот, тој фатил ретка пеперутка, а потоа отишол во куќата во која живеел неговиот брат Коста. Таму, случајно видел докази дека неговата сакана сопруга Ванда го изневерувала со Коста. Разочаран, Стеван се вратил во Белград.[1]

Во паркот пред кафеаната „Тимок“, Стеван понекогаш среќевал непознат човек кој често шетал бесмислено низ паркот. Тој бил Љубинко Манчиќ, научник кој дознал дека е добитник на Октомвриската награда за еден свој изум. При една посета на Везув, тој ја запознал музичарката Силвија Форетиќ која станала предмет на неговата фантазија, но тој немал храброст да ѝ пријде, иако редовно ги посетувал нејзините концерти. Подоцна, Силвија била тешко повредено во авионска несреќа и престанала да се бави со музика. Во една прилика, Љубинко добил напад на астма и заминал на лекување на еден остров во близината на Корчула. Таму, случајно ја сретнал Силвија, а потоа ја посетил во нејзиниот дом. Додека разговарале, тие слушнале бебешки плач, а потоа пронашле напуштено бебе. Силвија и нејзиниот татко отишле да го однесат бебето на соодветно место, а кога Љубинко повторно отишол во нивната куќа, татко ѝ на Силвија му рекол дека таа веќе два месеца не е дома. Оттогаш, Љубинко никогаш повторно не ја видел Силвија. Еден месец по таа средба, Љубинко ѝ напишал писмо на Силвија со предлог да го посвојат бебето, но не добил одговор на писмото. На денот на празникот, тој дознал дека, наспроти неговото очекување, Октомвриската награда не ја добил тој, туку неговиот директор. Целиот во бунило, Љубинко дошол дома, а во меѓувреме, еден кат подолу лежело мртвото тело на мајка му на Теди, која ненадејно умрела. Додека стоеле околу ковчегот, Теди и брат му Павле забележале капки вода како паѓаат од таванот. Набрзина влегле во станот на Љубинко и виделе дека станот е целиот поплавен, а во водата лежел Љубинко, гол и мрморејќи нејасни зборови.[2]

По смртта на мајка им, браќата Павле и Теди Шарац се вратиле на снимањето на филмот. Таму, Павле ја сретнал Мерсиха која одамна ја имал забележано во Белград. Во разговорот со снимателот Девериќ, Павле се запознал со минатото на Мерсиха, а потоа заедно со неа и со другарот Баљак, тргнал на пат за Белград. Меѓутоа, како последица на големото невреме, автомобилот се отпревртил, а тие се засолниле во блискиот планинарски дом. Вечерта, Павле бил сведок на групниот секс во кој учествувале Мерсиха, Баљак и чуварот на домот, а таа сцена кај него предизвикала одвратност. Утреднета, тој и Мерсиха го напуштиле домот, а Баљак останал со намера да го извлече својто автомобил од долот. Два дена подоцна, во Белград, Павле дознал дека Баљак погинал и таа вест силно го погодила. Кога случајно ја сретнал Мерсиха, тој ѝ кажал за смртта на Баљак, а потоа него го нападнал снимателот Девериќ, но во последен миг Мерсиха му го спасила животот.[3]

Во кафеаната „Тимок“, Будимир Видаковиќ, кој бил сведок на сцената во која еден човек (Девериќ) трча по некоја девојка (Мерсиха), им раскажува на присутните за минатото на својата сопруга за која малку подоцна открил дека го изневерувала. На улицата, тој сретнал непозната девојка (Мерсиха) на која ѝ удрил шлаканица. Подоцна, заедно со сопругата, Будимир отишол во стоковната куќа „Белграѓанка“ каде видел мотоцикл кој му ги разбудил спомените од младоста. Вечерта, во својот дом, тој посакал да води љубов со сопругата, но таа не му дозволила.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Živojin Pavlović, Zid smrti. Beograd: Prosveta i BIGZ, 1988, стр. 7-201.
  2. Živojin Pavlović, Zid smrti. Beograd: Prosveta i BIGZ, 1988, стр. 201-259.
  3. Živojin Pavlović, Zid smrti. Beograd: Prosveta i BIGZ, 1988, стр. 259-306.
  4. Živojin Pavlović, Zid smrti. Beograd: Prosveta i BIGZ, 1988, стр. 306-319.