Ѓорѓи Крстевски (сликар)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
За други значења видете на појаснителната страница за Ѓорѓи Крстевски

Ѓорѓи Крстевски (Битола, 1923 - Скопје, 1985) бил македонски сликар, припадник на првата повоена генерација македонски уметници, кој со своето творештво оставил значаен белег во современото сликарство[1].

Биографија[уреди | уреди извор]

Крстевски е роден во Битола и до 1941 година учел во Средната трговска гимназија, а во 1951 година во Скопје го завршил Средното уметничко училиште. Во Загреб дипломирал на Академијата за ликовни уметности кај професорот Жељко Хегедушиќ, а во истиот град завршил и курс за конзервација на икони при Заводот за конзервација, а соработувал и со мајсторската работилница за витраж и мозаик на професорот Плевнер. Во неговата творечка биографија се забележани 17 самостојни изложби реализирани во дел од градовите на поранешната СФРЈ, како и податоците дека работел во Музејот на град Скопје, краток период бил и слободен уметник, а се пензионирал како професор по ликовно образование во Средното сообраќајно училиште „Боро Петрушевски“ во Скопје. Негова специјалност била ѕидното сликарство, мозаикот, реставрацијата на иконите, но работел и со многу други техники. Тој го фрескоживописал наосот (бродот) на црквата „Св. Ѓорѓи“ од Охрид[2]. Работел во масло, графика и е внесен во енциклопедија како единствен мајстор кој се бави со интарзија. Во почетокот Крстевски создавал реалистички насликани платна, еволуирајќи прво во графиката кон пастилизирана форма, обработувајќи разновидни теми - пејзажи, староградска архитектура, фигуративни моменти. Катастрофалниот скопски земјотрес долго време бил негова преокупација и низ тие дела може да се воочи неговата врска со својот народ и минатото на својата земја.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Nadica Boškovska (2000). Bibliografija na makedonskata likovna umetnost (2 издание). Narodna i Univerzitetska Biblioteka "Kliment Ohridski". 
  2. „Петта охридска парохија - црква „Св. Ѓорѓи“ - Охрид“ (македонски). Дебарско-кичевска епархија. конс. 2011-01-09. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]