Цапарско Поле

Цапарско Поле (во минатото познато како Ѓават-Кол или Ѓаваткол) — мал висорамнински предел во Македонија, западно од Битола, во горниот тек на реката Шемница. Од југ е заградено со Баба Планина со врвот Пелистер (2.601 м.), а од североисток со Бел Камен (1.431 м.) од запад со планината Бигла, со превојот Ѓавато (1.167 м.) од каде западно се префрла на соседната Преспанска Котлина со Преспанското Езеро и градот Ресен. Интересно е да се наведе дека преку превојот Ѓавато и Цапарско Поле поминувал римскиот пат Вија Егнација.
Истовремено, Цапарско Поле или Ѓаваткол претставува мала мала историско-географска област во југозападниот дел на Македонија.[1]
Географија
[уреди | уреди извор]
Цапарско Поле се состои од три одделни мали котлини во источното подножје на планината Бигла.
- Јужната котлина се наоѓа во горниот тек на реката Шемница и за центар го имало село Ѓавато, бидејќи за време на османлиското ропство тоа село било најголемо. Покрај него во котлината влегуваат селата Маловиште, Кажани, Доленци, Лера, Рамна, Српци, Ротино и Цапари.
- Средната котлина се наѓа во средниот тек на реката Шемница, кој денес во најголем дел е зафатен Стрежевското Езеро. Најголемо село тука, порано било влашкото село Гопеш. Покрај него во котлината влегуваат Метимир, Свиниште кое сега е делумно потопено во водите на езерото Стрежево, но како сведок денес постои само црквата кај гробиштата и селото Стрежево кај кое денес е изградена браната на акумулацијата.
- Северната долина е на реката Мраморица (Смилевска Река) односно горниот тек при што само едно село влегува во котлината - Смилево.
Историја
[уреди | уреди извор]
Во почетокот на XX век, Ѓаваткол е посебна нахија во Битолскиот Вилает за време на административната поделба на Отоманското Царство.
Денес, оваа област е вклучена во Општина Битола, а само селото Смилево е дел од Општина Демир Хисар.
Традиционално во оваа област е населена со мешано население — Македонци, Власи и нешто Албанци.
Села
[уреди | уреди извор]Во Цапарско Поле има 13 села, меѓу кои најголеми се Цапари и Ѓавато.[2]
Другите села се: Ротино, Српци, Рамна, Лера, Свиниште, Стрежево, Метимир, Гопеш, Доленци, Кажани и Маловиште.
Во некои извори се изоставува селото Смилево од оваа област.
Население
[уреди | уреди извор]На табелата е прикажан бројот на население во селата во Цапарско Поле низ сите пописни години:[3]
| населено место | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1994 | 2002 |
| 1. Гопеш | 243 | 214 | 97 | 98 | / | 3 | / |
| 2. Доленци | 428 | 433 | 434 | 482 | 466 | 281 | 265 |
| 3. Ѓавато | 1 554 | 1 502 | 1 116 | 829 | 523 | 162 | 122 |
| 4. Кажани | 138 | 178 | 134 | 180 | 165 | 104 | 75 |
| 5. Лера | 442 | 485 | 395 | 378 | 444 | 153 | 122 |
| 6. Маловиште | 504 | 446 | 334 | 309 | 257 | 121 | 98 |
| 7. Метимир | 184 | 194 | 143 | 128 | 87 | 14 | 10 |
| 8. Рамна | 310 | 325 | 299 | 285 | 256 | 86 | 61 |
| 9. Ротино | 575 | 598 | 573 | 566 | 513 | 193 | 113 |
| 10. Свиниште | 235 | 235 | 218 | 164 | 139 | / | / |
| 11. Стрежево | 366 | 361 | 356 | 263 | 366 | / | / |
| 12. Српци | 634 | 650 | 548 | 497 | 547 | 111 | 65 |
| 13. Цапари | 1 807 | 1 809 | 1 618 | 1 468 | 1 871 | 565 | 493 |
| ВКУПНО | 7.420 | 7.430 | 6.275 | 5.647 | 5.634 | 1.793 | 1.424 |
Највисоката бројка на население областа го имала во 1953 година, по што следуваат масовни миграции во Битола, но и во прекуокеанските земји, а најмногу во Австралија, за во 2002 година да брои само 1.424 жители или 80,8 % помалку во споредба со 1953 година.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ АЛУШЕВСКИ, Илија. – Народни верувања во вампири во селата од Ѓаваткол; 2004
- ↑ Годишен зборник на Земјоделско-шумарскиот факултет на Университетот-Скопје: Земјоделство; Земјоделско-шумарски факултет - 1954
- ↑ Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година) *Државен завод за статистика http://makstat.stat.gov.mk Архивирано на 3 февруари 2020 г..