Прејди на содржината

Семјуел Бекет

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Самуел Бекет)
Семјуел Бекет
Samuel Beckett
Бекет во 1977 г.
ПсевдонимЕндрју Белис (Скорешна ирска поезија)[1]
Занимањероманописец, раскажувач, драматург, поет, есеист
Јазиканглиски, француски
НационалностИрец
Жанрдрама, проза, поезија, филм
Книжевно движењеВисок модернизам
Значајни наградиНобелова награда за литература (1969)

Семјуел Бекет (англиски: Samuel Beckett; 13 април 190622 декември 1989) — ирски писател, драматург, романописец и поет и претставник на т.н. „театар на апсурдот“. Добитник е на Нобеловата награда за литература во 1969 година за творештвото кое, во новите форми на романот и на драмата, мизеријата на човекот ја претвора во радост.[2].

Животопис[уреди | уреди извор]

Семјуел Бекет, околу 1970 година

Семјуел Бекет е роден во Фоксрок, во близината на Даблин, Ирска во 1906 година. Во 1923 година се запишал во Тринити колеџот во Даблин, каде што изучувал современи јазици (француски и италијански), а дипломирал во 1927 година. Во 1928 година станал лектор по англиски јазик во Еколнормал во Париз. Во тоа време, со посредство на еден ирски пријател, се запознал со Џејмс Џојс. Во 1930 година се вратил во Даблин, каде се вработил како асистент по романски јазици на Тринити колеџот. Меѓутоа, не бил заинтересиран за професорската работа и го напуштил универзитетот по само четири одржани часови и заминал во Германија каде живеел неколку години, без постојана работа и селејќи се од место во место. Во 1933 година се вратил во Даблин, потоа одредено време живеел во Лондон, па пак се вратил во Даблин, а во 1937 година се преселил во Париз. Почетокот на Втората светска војна го затекнал во Ирска, но веднаш се вратил во Франција и му се придружил на движењето на отпорот. Поголемиот дел од војната го минал во слободниот дел на Франција. Бекет умрел во 1989 година.[3] [4]

Гробот на Самуел Бекет на Гробиштата Монпарнас

Творештво[уреди | уреди извор]

Алеа 'Семјуел Бекет, Париз, Франција

Творештвото на Бекет претставува поглед врз човековата култура на формален и филозофско минималистички начин. Како ученик, асистент и пријател на Џемс Џојс, Бекет се смета за еден од доцните модернисти; како вдахновение за многу подоцнежни писатели, тој понекогаш се смета и за еден од првите постмодернисти. По познанството со Џојс, Бекет напишал еден есеј за Џојсовиот роман „Финегановото бдеење“, а од тоа време потекнува и обемниот есеј „Пруст“ (неговиот магистерски труд), објавен во 1931 година. Во 1935 година ја објавил првата збирка раскази, „Повеќе бодежи отколку клоци“ (More Pricks than Kicks), а истата година се појавила и неговата прва поетска збирка, „Ехините коски и други преципитати“. Помеѓу 1934 и 1937 година го пишувал романот „Марфи“, издаден во 1938 година, со финансиска помош на богатата филантропка Пеги Гугенхајм која ги поддржувала авангардните сликари и писатели. По преселбата во Париз во 1937 година, почнал да пишува и на француски јазик. Периодот од 1946 до 1950 година е најплодниот дел од неговиот живот зашто тогаш настанале неговите најважни дела: романите „Мерсие и Камие“ (објавен дури во 1970 година), „Молоа“ (1951), „Малон умира“ (1951), „Безимениот“ (1953), „Вот“ (1953). расказите кои подоцна биле објавени во збирката „Новели и текстови за ништо“, како и драмите „Чекајќи го Годо“ (1952) и „Крајот на партијата“ (1956), кои му донеле светска слава и Нобеловата награда во 1969 година. Следните пиеси: „Краповата последна нишка“ 1959, „Среќни денови“ 1961 и „Игра“ (1963) го зацврстуваат како водечка фигура во театарот на апсурдот. По овој период, Бекет пишувал претежно поезија и кратки прозни текстови, како: „Како што е“ (1961), „Замисли мртва фантазија“ (1965), „Друштво“ (1981), „Лошо видено, лошо речено“ (1983), радио-драми и едно филмско сценарио. Некои од своите пиеси ги поставувал самиот во Лондон и во Западна Германија.[3] [5]

Портрет на Семјуел Бекет од Реџиналд Греј, насликан во Париз, 1961 година (од колекцијата на Кен Вајт, Даблин).
Чекајќи го Годо на Семјуел Бекет се смета за суштината на Театарот на апсурдот. Двајцата протагонисти на претставата, Владимир и Естрагон (на сликата, во продукција од 2010 година во Училиштето Доон, Индија, го потенцираат апсурдот на егзистенцијализмот кај Бекет.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Fathoms from Anywhere - изложба за Семјуел Бекет“. Архивирано од изворникот на 2007-10-13. Посетено на 2009-01-22.
  2. „Нобеловата награда за литература 1969“. Архивирано од изворникот на 2009-01-08. Посетено на 2009-01-22.
  3. 3,0 3,1 Проект- превод на книжевни дела од автори кои добиле Нобелова награда, НИД „Микена, Битола, 2009
  4. „Предговор“, во: Семјуел Бекет, Чекајући Годоа. Завод За уџбенике и наставна средства, Београд, 1996, стр. 5-6.
  5. „Предговор“, во: Семјуел Бекет, Чекајући Годоа. Завод За уџбенике и наставна средства, Београд, 1996, стр. 5-6.