Англиска книжевност

Од Википедија — слободната енциклопедија

Англиска книжевносткнижевно творештво напишано на англиски јазик, вклучувајќи ги творбите на автори од неанглиско потекло. Имено, Џозеф Конрад е роден во Полска, Роберт Бернс бил Шкотланѓанец, Џејмс ЏојсИрец, Дилан ТомасВелшанец, Едгар Алан ПоАмериканец, В. С. Најпол е роден во Тринидад, Владимир Набоков бил Русин. Со други зборови, англиската книжевност е исто онолку разновидна колку и дијалектите на англискиот јазик кои се зборуваат ширум светот. И покрај разновидноста и големата бројка на автори на англиска книжевност, делата на Вилијам Шекспир остануваат како најпознатите дела од оваа област во светот.

Во оваа статија главно се разгледува англиската книжевност пишувана во Велика Британија.

Староанглиска книжевност (500 — 1150)[уреди | уреди извор]

  • Поезија: The Dream of the Rood
  • Епика: Beowulf
  • Драма: -

Првите дела на англиски јазик (староанглиски јазик) се појавиле во раниот среден век (најстариот текст е „Химната“ на Кедмон). Усната традиција била многу застапена во раната англиска култура и повеќето книжевни дела биле пишувани за потоа да бидат изведувани. Еповите биле многу популарни и некои од нив, вклучувајќи го и „Беовулф“, се зачувани. Беовулф е најстариот еп во англиската книжевност, напишан пред X век, во алитеративен стих.

The Dream of the Rood е една од најстарите христијански поеми, напишана околу 700. година, во наизменичен стих.

Средновековна книжевност (1150 — 1500)[уреди | уреди извор]

Џефри Чосер

Во XII век се развила нова форма на англискиот јазик — средноанглиски. Книжевноста напишана на средноанглиски е првата која денешни читатели можат да ја разберат, но со потешкотии.

Оваа книжевност се дели во три категории: религиозна, љубовна и артуровска. Меѓу најдобрите дела од овој период се сметаат „Орачот Пирс“ (Piers Plowman) од Вилијам Ленгленд, „Кантербериски приказни“ (The Canterbury Tales) од Џефри Чосер и „Сер Гавејн и Зелениот Витез“ (Sir Gawain and the Green Knight)

Најзначајниот автор од ова време е Џефри Чосер, кој пишувал кон крајот на XIV век. Чосер често се смета за таткото на англиската книжевност и за прв автор кој ја покажал уметничката сила на народниот англиски јазик, наспроти францускиот или латинскиот. „Кантербериски приказни“ му се најважното дело.

Дека имало повеќејазична читателска публика во XIV век може јасно да се покаже со примерот на Џон Гауер, кој пишувал на латински, средноанглиски и англонормански.

Ренесансна книжевност (1500 — 1649)[уреди | уреди извор]

По воведувањето на печатарската машина во Англија од страна на Вилијам Кекстон во 1476, народниот јазик доживеал развиток. Реформацијата довела до богослужба на народен јазик, што, пак, довело до објава на молитвеници на англиски јазик, со што се утврдила положбата на англискиот литературен јазик. Во ренесансна книжевност се сметаат поезијата, прозата и драмите напишани за време на владеењето на Елизабета Прва и Џејмс Први.

Елизабетанско доба[уреди | уреди извор]

Книжевноста за време на елизабетанското доба доживува процут, особено на полето на драмата. Старогрчкиот и староримскиот театар биле тема на интерес во италијанската ренесанса, и ова било клучно за развитокот на драмата, која тогаш почнала да се развива одделно од старите миракули, мистерии и моралитети во средниот век. Најистакнатиот поет и драмски писател од овој период е Вилијам Шекспир. Шекспир не бил многу учен. Не бил адвокат, ниту аристократ, ниту еден од „универзитетските умови“, кои го монополизирале англискиот театар кога Шекспир почнал да пишува. Но тој бил многу талентиран и неверојатно плодотворен и ги надминал „професионалците“ како Роберт Грин кој го исмевал поради неговото сиромашно потекло. Иако повеќето негови драми биле успешни, тој во подоцнежниот период од неговиот живот (за време на владеењето на Џејмс Први) ги напишал драмите што се сметаат за негови ремек дела: „Хамлет“, „Ромео и Јулија“, „Отело“, „Крал Лир“, „Макбет“, „Антонио и Клеопатра“ и „Бура“. Шекспир го направил популарен и англискиот сонет како поразличен модел од оној на Петрарка. Инаку сонетот во англиската книжевност го вовел Томас Вајат во почетокот на XVI век.

Кристофер Марлоу

Други значајни имиња од елизабетанскиот театар се Кристофер Марлоу, Томас Декер, Џон Флечер и други. Кристофер Марлоу е роден неколку недели пред Шекспир и сигурно добро го познавал. Темите на Марлоу се разликуваат од оние на Шекспир; тој пред сè се интересира за моралот на луѓето во тоа време. Во Англија го воведува д-р Фауст, научник и магионичар кој е опседнат да знае што повеќе и да дојде до границите на човековата технолошка моќ. Се здобива со натприродни способности кои дури му дозволуваат да се врати во времето на Елена Тројанска, но кога по 24 години му истекува договорот со ѓаволот, тој мора да му ја предаде душата. Марлоу бил атеист, живеел распуштено, имал многу љубовници. Загинал при тепачка во таверна.

Во подоцнежниот период од XVI век, во англиската поезија преовладувале возвишен јазик и алузии на класични митови. Најважните поети од ова време се Едмунд Спенсер и Филип Сидни. И самата Елизабета понекогаш пишувала поезија.

Јакобинска книжевност[уреди | уреди извор]

Бен Џонсон

По смртта на Шекспир, водечка личност во јакобинската доба (времето на владеењето на Џејмс Први) била Бен Џонсон, поет и драматург. Тој се навраќа кон средновековието; неговите ликови ги создава според теоријата на темпераментите. Според оваа медицинска теорија, разликите во однесувањето се резултат на тоа која течност доминира во телото. Овие темпераменти се совпаѓаат со четирите елементи: воздух, вода, оган и земја. Употребувајќи ја оваа теорија, Џонсон создал типови на ликови. Џонсон е мајстор за драми, како и одличен сатирист.

Бомонт и Флечер, двајца помалку познати драматурзи, го следеле стилот на Џонсон. Во флечеровата извонредна комедија The Knight of the Burning Pestle („Витезот со пламениот толчник“ [бук. прев.]), тој ја исмева средната класа која е во подем, особено новите аристократи кои зборуваат за добра книжевност без да имаат познавање од книжевноста. Во драмата, двајца бакалничари се расправаат со професионални глумци за да го примат нивниот неписмен син да глуми главна улога во претстава. Тој станува витез-скитник на чиј штитник, многу соодветно, има нацртано толчник што гори. Сакајќи да го освои срцето на принцезата, момчето го исмеваат на сличен начин како што го исмевале Дон Кихот. Една од главните заслуги на Бомонт и Флечер е што забележале дека феудализмот и витештвото се претвораат во малограѓанштина и снобизам, и дека нови социјални класи се во подем.

Уште еден популарен жанр била т.н. одмаздничка трагедија. Позначајни писатели се Џон Вебстер, Томас Кид и Џорџ Чепмен, иако најглавната заслуга на последниот е неговиот познат превод на Хомер, којшто ќе има влијание врз идната англиска книжевност и дури ќе послужи како инспирација за еден од најдобрите сонети на Џон Китс.

Библијата на кралот Џејмс е еден од најголемите преведувачки проекти во англиската историја, започнат во 1604 и завршен во 1611. Со ова кулминира традицијата на библиски преводи што започнала уште со Вилијам Тиндејл. Оваа Библија станува официјална на Англиската црква, а како книжевно дело, некои ја сметаат за едно од најдобрите на сите времиња и уште ја претпочитаат, и покрај тоа што поточни преводи се подоцна направени.

Покрај Шекспир, кој веќе во XVII век станува величествен, меѓу позначајните имиња се вбројува и името на Џон Дан, како и други т.н. метафизички поети. Метафизичката поезија била под влијание на барокот. Како теми се јавуваат христијанскиот мистицизам и еротика, а се користат неконвенционални или „непоетски“ фигури и предмети, како на пример компас или комарец. На пример, во поемата A Valediction: Forbidding Mourning на Џон Дан, тој пишува за компас кој е претставник на двајца љубовници. Парадоксот и оксиморонот се постојано присутни во оваа поезија. Таа зборува за свет во кој духовните сознанија веќе не се центарот на универзумот, туку географијата и науката.

Каролинска (1625-1642) и кромвелска книжевност (1642-1660)[уреди | уреди извор]

Џон Милтон

Поради турбулетната средина на XVII век, времето на владеењето на Чарлс Први, како и подоцнежната република и протекторат, во Англија се раѓа политичката литература. Симпатизери и на едната и на другата страна од англиската граѓанска војна пишувале летоци во кои меѓусебно се напаѓале, полемизирале, се рекламирале, а некои и правеле осмислени шеми за реформа на нацијата. Од последниве е најпознат „Левијатан“ на Томас Хобс, кој ќе стане едно од најважните дела на британската политичка филозофија.

За време на владеењето на Чарлс Први (1625-1642), театарот ги доживува последните успешни денови. По последните драми на Бен Џонсон и другите значајни имиња на тогашната драма (Џон Форд, Филип Масинџер, Џејмс Ширли и Ричард Брум), избива граѓанската војна во 1642 година и театрите се затвораат сè до 1660, времето на реставрацијата.

Политиката има потполно влијание врз литературата во овој период. Таканаречените поети-Кавалјери, активни главно пред граѓанската војна. Најважните поети од времето на Оливер Кромвел се Ендру Марвел и Џон Милтон, кои, меѓу другото, пишувале и пофалби за новата влада. И покрај тоа што биле Републиканци, за време на реставрацијата на Чарлс Втори не биле казнети. Во овој период, Милтон ќе ги напише своите највеличествени поетски дела.

Реставрација (1660–1700)[уреди | уреди извор]

По крајот на кромвелската Република, театрите се возобновуваат. Првата англиска писателка, Афра Бен, ги пишува првите романи, меѓу кои најпознат ѝ е „Ороноко“.

Августинска книжевност (поч. на XVIII век - 1740-те)[уреди | уреди извор]

Александар Поуп
Џонатан Свифт

Се нарекува „августинско доба“ периодот на владеењето на кралицата Ана и кралевите Џорџ Први и Втори, од првата половина на XVIII век до 1740-те. Во оваа литературна епоха како жанр се развил романот, сатирата достигнала кулминација, драмата мутирала од политичка сатира во мелодрама, а поезијата се осврнала кон човековото самоистражување. Во филозофијата, во ова доба владеел емпиризмот. Овој период исто така се нарекува и Неокласицизам или Enlightenment (Просветителско доба)

Најзначајниот поет од ова време е Александар Поуп. Што се однесува на прозата, прво на почетокот се развил есеизмот, главно поради весникот The Spectator на Џозеф Адисон и Ричард Стил, а потоа романот, кој се претворил во важен уметнички облик. Даниел Дефо од новинар станал писател на фикција („Роксана“, „Мол Фландерс“). Патописите на Александар Селкерк му послужиле да го напише фиктивниот роман „Робинзон Крусо“ (1719).

Исто значаен писател е Џонатан Свифт, чиј стил се разликува од оној на Адисон и Стил – тој е директен и прецизен како ретко кој негов современик. Свифт бил скептик за модерниот свет, но истовремено и не ѝ верувал многу на носталгијата. Неговото најзначајно дело е „Гуливеровите патувања“ (Gulliver's Travels) (1726), сатира на човековата природа и пародија на авантуристичкиот роман кој тогаш бил популарен.

Романтизам (1780–1837)[уреди | уреди извор]

Вилијам Вордсворд
Семјуел Тејлор Колриџ
Бајрон
Шели
Китс

Промените во британското општество предизвикани од парната машина довеле до: Индустриска револуција, со тоа проширувањето на градовите, а со тоа и депопулација на селата како резултат на приватизацијата на имотите. Голем број селани се доселиле во градовите за да работат во фабриките.

Овие нагли промени може да се забележат и преку промените на значењето на пет клучни зборови: индустрија (што порано значело „креативност“), демократија (што порано било омаловажувано и значело „охлократија“), класа (сега веќе имало општествена конотација), уметност (што некогаш значело „занает“), култура (што некогаш се употребувало само за земјоделство).

Но лошите услови за живеење на работниците, новите конфликти меѓу класите, загаденоста на природата и индустријализацијата ги води поетите кон повторно откривање на убавините и вредноста на природата. На Мајката Земја гледаат како на единствен извор на мудрост, на единствено решение на грдотијата создадена од машините.

Жан Жак Русо говорел за супериорноста на природата и инстинктот над цивилизацијата и неговата порака ја прифаќаат речиси сите европски поети. Првите во Англија се една мала група пријатели, меѓу кои се Вилијам Вордсворт и Семјуел Тејлор Колриџ. Овие рани романтичари го создаваат романтичарскиот манифест во предговорот на збирката Лирски балади. Во оваа збирка има најмногу поеми од Вордсворт, но и Колриџ придонел со долгата и значајна трагична „Балада за стариот морнар“ (The Rime of the Ancient Mariner).

Но Колриџ и Вордсворт имале различни ставови за романтизмот: Колриџ сакал натприродното да го направи реално (како научно-фантастичните филмови што сакаат да постигнат со специјални ефекти), додека пак Вордсворт сака да ја разбрани имагинацијата на читателите преку неговите реални ликови.

Втората генерација романтичари се Џорџ Гордон Бајрон, Перси Биш Шели и Џон Китс. Бајрон бил уште под влијание на сатиристите од XVIII век и е најмалку во духот на романтизмот од сите овие поети. Бегајќи од лицемерното општество, патува низ Европа и ги пишува првите две пеења од „Странствувањето на Чајлд Харлод“, наративна поема за авантурите на еден млад човек во Европа, но и остра сатира на лондонското општество.

Перси Шели бил избркан од факултет зашто се декларирал како атеист. Една од најважните поеми на Шели е „Ода за западниот ветер“ (Ode to the West Wind). Иако одбива да верува во Бог, се смета дека во оваа поема оддава почит на пантеизмот, односно признавање дека во природата има духовно присуство.

Мери Шели, сопругата на Перси Шели, во овој период го пишува својот роман „Франкенштајн“ (Frankenstein), готски роман кој е меѓу првите од жанрот научна фантастика.

Џон Китс немал револуционерни идеали како Бајрон или Шели, но неговиот култ кон пантеизмот е исто важен колку и оној на Шели. Китс бил вљубен и ја опевал Стара Грција: убавината на убавината на слободни, млади, заљубени парови тука со убавината на класичната уметност. Во „Ода на грчката урна“ (Ode on a Grecian Urn) покажува колку тој ја цени уметноста и оваа новина во романтизмот подоцна ќе послужи како инспирација за ставот на Волтер Патер, а потоа и на Оскар Вајлд, дека уметноста е независна од естетиката.

Многумина сметаат дека најпопуларниот романописец од романтизмот е Волтер Скот, чии историски романси послужиле како инспирација за генерација сликари, композитори и писатели ширум Европа. Најпознато дело му е „Ајванхо“ (Ivanhoe).

Џејн Остин ја почнува традицијата љубовни романи. Најпознатото нејзино дело, „Гордост и предрасуди“ (Pride and Prejudice) ќе послужи како модел за сите следни љубовни романи. Но делата на Остин се сметаат за реалистични, а не романтичарски.

По обичај, меѓу англиските романтичари се вклучува и поетот и сликар Вилијам Блејк.

Викторијанска книжевност (1837–1901)[уреди | уреди извор]

Чарлс Дикенс
Алфред Тенисон

Во викторијанското доба (1837-1901), романот станува водечка книжевна форма. Повеќето писатели сакаат да го задоволат вкусот на големата средна класа отколку на аристократската. Меѓу најпознатите романи од овој период се емоционално моќните дела на сестрите Бронте, сатирата „Панаѓур на суетата“ (Vanity Fair) од Вилијам Мејкпис Текери, реалистичните романи на Џорџ Елиот и романите на Ентони Тролоп, во кои дава портрети на животите на земјопоседниците.

Чарлс Дикенс се појавува на книжевната сцена во 1830-те и го започнува трендот на серијализирано објавување. Дикенс живописно пишува за животот во Лондон и маките на сиромашните, но употребува весел тон, прифатлив за сите класи.

Сестрите Бронте пишувале во 1840-те и 1850-те. Нивните романи ги издавале под псевдонимите Курер, Елис и Ектон Бел. Иако на почеток не биле популарни и добро прифатени, подоцна им се оддава признание и го добиваат заслуженото место во светската книжевност. Во 1847, Шарлота ја објавува „Џејн Ер“ (Jane Eyre), Емили – „Оркански височини“ (Wuthering Heights). Во 1848, Ен Бронте ја објавува „Станарката на замокот Вајлдфел“ (The Tenant of Wildfell Hall).

Во романите на Томас Харди, Елизабет Гаскел и Џорџ Елиот се забележува интерес за руралните предели и социјалните и економски промените во селскиот живот.

Водечки поети се Алфред Тенисон, Роберт Браунинг, Елизабет Берет Браунинг, Метју Арнолд, Данте Габриел Росети и Кристина Росети.

Едвардијанска книжевност (1901–1914)[уреди | уреди извор]

Модернизам (1914–1945)[уреди | уреди извор]

Т. С. Елиот
Џејмс Џојс

Модернистичкото движење во англиската книжевност се појавува под влијание на идеите од романтизмот, политичките идеи на [[Карл Маркс]] и психоаналитичките теории за потсвеста на Зигмунд Фројд. Импресионизмот и подоцна Кубизмот послужиле како инспирација за писателите од модернизмот.

Иако модернизмот го достигна врвот во периодот меѓу двете светски војни, најраните примери од ова движење се појавуваат кон крајот на XIX век. Џерард Менли Хопкинс, А. Е. Хаусман и поетот и романописец Томас Харди ги напишале најраните модернистички ракописи во Англија за време на викторијанското доба.

Во првите декади на XX век се објавуваат значајни дела од модернизмот: збирката раскази „Даблинци“ (Dubliners) од Џејмс Џојс, „Срце на темнината“ (Heart of Darkness) од Џозеф Конрад, и поезија и драма од Вилијам Батлер Јејтс.

Меѓу најважните романописци во периодот меѓу двете светски војни се: Вирџинија Вулф, Е. М. Форстер и Д. Х. Лоренс. Од овој период е најистакнат поетот Т. С. Елиот. Неговата поема „Пуста земја“ (The Waste Land) (1922) се смета за една од најважните модернистички поеми. Преку Атлантикот, Вилијам Фокнер, Ернест Хемингвеј и поетите Валас Стивенс и Роберт Фрост го развиваат модернизмот во Америка.

Друга важна личност во развитокот на модернизмот е Езра Паунд, кој ги „открил“ Т. С. Елиот и Џејмс Џојс, чиј роман „Улис“ (Ulyses) го основа „текот на свеста“ во англискиот роман и се смета за едно од најголемите книжевни достигнувања во XX век.

Постмодернизам (по 1945)[уреди | уреди извор]

Поимот „постмодерна книжевност“ се користи за да се опишат некои тенденции во книжевноста по Втората светска војна. Некои позначајни имиња се:

Поврзано[уреди | уреди извор]

Користена литература[уреди | уреди извор]

  • Andrew Sanders: The Short Oxford History of English Literature. Claredon Press, Oxford 2004, ISBN 0-19-9263388.
  • Émile Legouis: A Short History of English Literature. Claredon Press, Oxford 1934,

Надворешни врски[уреди | уреди извор]