Хенри Ноел Брејлсфорд

Од Википедија — слободната енциклопедија
Хенри Ноел Брејлсфорд
Роден 25 декември 1873
Мирфилд
Починал 23 март 1958
Лондон
Занимање новинар, публицист, писател
Корицата на делото на Брејлсфорд [1]

Хенри Ноел Брејлсфорд (Мирфилд, 25 декември 1873 - Лондон, 23 март 1958) – виден британски лабуристички новинар, публицист, писател, универзитетски професор и стручњак за Балканот.

Животопис[уреди | уреди извор]

По завршувањето на високото образование во Глазгов, извесно време предава на Колеџот на Кралицата Маргарита во Глазгов, но ја напушта универзитетската кариера и станува новинар и политички коментатор. Како доброволец во Филхеленската легија се бори во Грчко-турската војна (1897) што му дава мотив за единствениот роман „Метлата на богот на војната“ (1898). Од 1899 година доаѓа во Лондон како новинар на весникот „Морнинг водач“, станува водечки коментатор на весникот „Дејли њус“ и соработник на „Стар“ и „Нејшн“. По Илинденското востание, како секретар на Помошниот комитет на Балканскиот комитет во Лондон, застанува на чело на петмесечната англиска хуманитарна мисија во Битолскиот Вилает во Македонија (1903–1904). Врз основа на собраните факти и сознанија од теренот, покрај извештајот во весникот „Манчестер гардијан“ (25. Ⅳ 1904), ја објавува во Лондон и документираната обемна публикација „Македонија, нејзините народи и нејзината иднина“ (1906). Како експерт за Балканот, вклучен е во четворицата членови на Истражниот поткомитет на Меѓународната комисија на Карнегиевата фондација за истражување на причините и последиците од Балканските војни (1912–1913) и автор на трите (од седумте) поглавја на публикуваниот Извештај на Карнегиевата балканска комисија (1914). Учествува и во анкетата на Редакцијата на виенската „Балканска федерација“ (1925–1929) на европските интелектуалци за осуда на поделбата и состојбите во Македонија. Во 1950 година бил двомесечен гостин на македонската влада и по враќањето ја запозна англиската и меѓународната јавност со вистината за културно-националниот развиток на македонскиот народ во НРМ во рамките на ФНРЈ.[2]

Творештво[уреди | уреди извор]

  • Macedonia: its Races and their Future, London, 1906;
  • Report of the International Commission. To Inquire into the Causes and Conduct f the Balkan Wars, 1914;
  • Поранешните балкански војни (1912–1913). Извештај на Карнегиевата балканска комисија, Скопје, 2002.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Brailsford, Η. Ν (1906). Macedonia: Its Races and Their Future. London: Methuen & Co.
  2. Македонска енциклопедија, том I. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 210. ISBN 978-608-203-023-4.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]