Станислав Лем

Од Википедија — слободната енциклопедија
Станислав Лем
Станислав Лем во 1966 г.
НационалностПолјак
Период1946–2005
ЖанрНаучна фантастика, филозофија, сатира
мрежно место
http://www.lem.pl

Станислав Херман Лем (полски: Stanisław Herman Lem; Лавов, 12 септември 1921Краков, 27 март 2006) — полски писател, сатиричар, филозоф и футуролог. Тој е еден од најпознатите писатели и теоретичари на научна фантастика и најпреведуваниот полски писател.[1] Делата му се преведени на 41 јазик и продадени во над 27 милиони примероци и со тоа е најпреведуваниот автор на научна фантастика од едно неанглиско говорно подрачје. Во нив средишно место имаат филозофските теми, односно рефлексиите за технологијата, за природата на интелигенцијата, за неможноста од меѓусебна комуникација и разбирање, како и длабокиот песимизам поради ограничувањата што произлегуваат од природата на човекот и од неговото место во вселената.

Животопис[уреди | уреди извор]

Станислав Лем е роден на 12 септември 1921 во (тогаш полскиот) град Лавов, Украина, каде што го минал и детството. И покрај еврејското потекло на неговото семејство, Лем бил воспитуван во либерален дух, а тој лично се сметал за атеист.[2]

Во текот на советската окупација од 1940 до 1941 година, студирал медицина на Медицинскиот универзитет во Лавов. За време на германската окупација ги прекинал своите студии и, користејќи лажни документи, работел како автомеханичар и заварувач. Тогаш соработувал со полското движење на отпорот. Своите студии ги продолжил во 1944 година, кога советските сили повторно влегле во Лавов. Во 1946 година со семејството заминува од Лавов, кој бил присоединет кон СССР, и се преселува во Краков, каде во 1948 година ги завршува студиите по медицина на Јагелонскиот универзитет. Во тоа време започнува да се занимава со литература. Своето прво дело „Човекот од Марс“ (Człowiek z Marsa) го објавувал во продолженија во списанието „Нов Свет на можности“ (Nowy Świat Przygód).

Од 1946 до 1948 година соработува со „Тигодник повшечни“ (Tygodnik Powszechny, Општ неделник), во кој му се печатат песни и раскази. Од 1947 до 1950 година работи како помлад асистент кај Мјечислав Хојновски во Научниот конзерваториум и соработува со месечникот „Живот на науката“ (Życie nauki). Во 1953 година се оженил со Барбара Лешнијак, а во 1968 им се раѓа синот Томаш. Во 1970 ја добива наградата на полското министерство за надворешни работи за популаризација на полската култура во странство. Две години подоцна станува член на комисијата на Полската академија на науките, „Полска 2000“.

Кон крајот на 1950-тите и почетокот на 1960-тите настануваат неговите најпознати романи „Еден“ (Eden), „Враќање од ѕвездите“ (Powrót z gwiazd), „Соларис“ (Solaris), „Непобедливиот“ (Niezwyciężony), „Гласот на господарот“ (Głos pana) и „Киберијада“ (Cyberiada).

Во 1973 година Лем е примен како почесен член на Американското здружение на писателите на научна фантастика (Science Fiction Writers of America), но по неговата остра критика на американската научно-фантастична литература, здружението во 1976 година решило да му го одземе почесното членство. Подоцна, здружението му нудело редовно членство, но Лем тоа го одбил.[3]

Кога во декември 1983 година била воведена воена состојба, Лем ја напушта Полска и се преселува најнапред во Западен Берлин, а подоцна во Виена. Во Виена ги напишал романите „Мир на Земјата“ (Pokój na ziemi) и „Фијаско“ (Fiasko), своето последно научнофантастично дело. Во Краков се враќа во 1988 година.

Од 1989 година престанал да пишува научна фантастика за да им се посвети на публицистиката, футурологијата и есеистиката. Во овој период настануваат делата Sex Wars, „Тајните на кинеската соба“ (Tajemnica chińskiego pokoju) и „Раса на грабливци. Останати текстови“ (Rasa drapieżców. Teksty ostatnie) каде што Лем го изразувал своето мнение како книжевен критичар и коментатор на современоста.

Починал во 2006 година во Краков во својата 85 година.

Во спомен на писателот, според неговото име е наречен планетоидот 3836 Lem, како и една улица во Краков.[4][5]

Станислав Лем, Краков, 30 октомври 2005

Теми[уреди | уреди извор]

Иако неколку специфични теми се појавуваат во сите негови дела, опусот на Лем најчесто се дели на два главни циклуси. Првиот вклучува донекаде традиционална научна фантастика каде како мотиви се јавуваат технолошкиот напредок, патувањето во вселената и туѓинските светови, какви што се Eden (1959; Еден), Powrót z gwiazd (1961; Враќање од ѕвездите), Solaris (1961; Соларис), Niezwyciężony (1964; Непобедливиот), Głos pana (1968; Гласот на господарот), и Opowieści o pilocie Pirxie (1968; Сказни за пилотот Пиркс). Вториот циклус го сочинуваат мрачни алегориски раскази или сказни какви што се Dzienniki gwiazdowe (1957; Ѕвездени дневници), Pamiętnik znaleziony w wannie (1961; Сеќавања пронајдени в када), и Cyberiada (1965; Киберијада).

Една од основните теми на Лем е неспособноста за комуникација меѓу човековата и длабоко туѓинските цивилизации. Неговите туѓински цивилизации најчесто се неразбирливи за човековиот ум, вклучувајќи го тука ројот од механички муви (во Непобедливиот) или огромниот плазматски океан (во Соларис). Многу негови книги како Фијаско или Еден го опишуваат неуспехот на првиот контакт. Романот Враќање од ѕвездите говори за приспособувањето на еден астронаут на длабоко променетото општество откако минал 100 години во вселената. Во романот Гласот на господарот Лем е критичен во однос на човековата интелигенција и неговите намери при дешифрирањето и одгатнувањето на порака од вселената.

Тој се занимава со човекот и проблемот на човековото постоење во свет во кој технолошкиот напредок ги обезвреднува неговите биолошки пориви, правејќи ги дури опасни (слично на Олдос Хаксли во неговото прочуено дело, Храбриот Нов Свет). Лем бил критичен во однос на научната фантастика, како во Гласот на господарот, така и во филозофските есеи Fantastyka i futurologia (Фантастика и Футурологија) и интервјуата [6] Во деведесеттите Лем се откажува од научната фантастика и се враќа кон футуролошката прогностика, што е најочигледно во „Мигновеност“ (Okamgnienie). Во својот подоцнежен живот тој станува изразито скептичен кон современата технологија, критикувајќи ги изумите каков што е Интернет.[6]

Во многу негови романи, луѓето стануваат неразумни или емоционално зависни од нивните автомати, кои и самите се несовршени. Темите на технолошката утопија се јавуваат во „Мир на земјата“ (Pokój na Ziemi), во „Оглед на лице место“ (Wizja lokalna), и, во помала мера, во „Киберијада“.

Лем честопати ги сместува своите ликови - како вселенскиот патник Ијон Тихи од „Ѕвездените дневници“, Пиркс пилотот од „Сказни за пилотот Пиркс“, или астронаутот Хал Брег од „Враќање од ѕвездите“ во чудни, нови средини. Отфрлени во непознатото, тој нив ги употребува за да ги персонифицира различните аспекти на можните иднини, честопати ставајќи ги на тенката линија која ги разделува вербата во вродената добрина на човештвото од неговиот длабок песимизам поради човековите ограничености.

Делата на Лем изобилуваат со интелектуален хумор, неологизми, каламбури, и, воопшто, со семожни алузии. Неговата необична смисла за хумор провејува во описите дури и на најмрачните човечки ситуации - што е најизразено во „Конгрес на футуролозите“ и во „Мемоари пронајдени в када“. Во таа смисла е понекогаш споредуван со Курт Вонегат или Франц Кафка. Од неговите поведри раскази се оние за Ијон Тихи, вселенскиот патник во неговиот едночлен вселенски брод, чии авантури на еден сатиричен и ироничен, а сепак несомнено логичен начин, претставуваат предизвик на општо усвоените идеи какви што се временското патување, природата на душата и потеклото на вселената. На пример, во „Конгрес на футуролозите“ дава сатирична претстава за институциите на државата и академиците. На конференцијата која се одржува во еден хотел во Костарика се предлагаат решенија за проблемот на пренаселеноста и тоа во услови кога во светот преовладуваат насилството и тероризмот. Низ еден кафкијански пресврт и самата конференцијата набргу се претвора во анархија, откако хотелските водоводни инсталации се затруени со халуциноген.

Од неговиот опус најпознати и најславни се три романи. Дејствието на „Соларис“ - кој двапати е екранизиран - е сместено на една оддалечена вселенска станица која се наоѓа во орбитата на планетата Соларис. Овој роман претставува длабоко филозофско дело кое говори за контактот со целосно туѓински облик на живот, океан кој ја преплавува сета планета. „Гласот на господарот“ е уште еден класик од традиционалните научнофантастични теми. Исто така многу филозофски - уште повеќе од „Соларис“ - тој говори за напорите на научниците да ја дешифрираат, преведат и разберат пораката од вселената, критички гледајќи на човековата интелигенција и нејзините мотиви во дешифрирањето и вистинското разбирање на пораката на вонземјаните. Трето од големите дела на Лем е „Киберијада“ со поднаслов „Сказни од кибернетската ера“ и претставува збирка на вселенски приказни за два интелигентни роботи кои патуваат низ галаксијата, решавајќи инженерски проблеми; но нивното подлабоко читање ни открива цело богатство од длабоки согледби за состојбата на човештвото.

Влијанија[уреди | уреди извор]

Според самиот Лем, врз неговото творештво најголемо влијание извршиле следните автори:

Во 1981. филозофите Даглас Хофштатер и Даниел Денет вклучија три извадоци од Лемовите книжевни дела во нивната значајна и влијателна антологија The Mind's I. Во неа Хофштатер тврди дека „Лемовиот книжевен и интуитивен приод... делува поубедливо во усвојувањето на неговите стојалишта кај читателите отколку што тоа би можела да го стори каква и да било опстојна научна статија“.[7]

Влијанието на идеите на Лем не е ограничено само на литературата, тоа се протега и во доменот на науката и технологијата. Во романот „Враќање од ѕвездите се споменува изумот „оптон“, кој обично се наведува како прво објавено споменување на идејата за електронска хартија.

Лемовите дела се дури употребувани како нагледни содржини во студиите по филозофија.[8]

Гробот на Станислав Лем во Краков

Награди[уреди | уреди извор]

  • 1957. Награда за литература на градот Краков
  • 1965. Награда на министерот за култура и уметност
  • 1973. Награда на министерот за надворешни работи за популаризација на полската култура во странство
  • 1973. Награда за литература на министерот за култура и уметност
  • 1976. Државна награда за литература
  • 1981. Докторат honoris causa на Техничкиот факултет во Вроцлав[9]
  • 1985. Австриска државна награда за европска литература
  • 1991. Награда Франц Кафка за литература
  • 1994. Награда Јан Парандовски на полскиот ПЕН клуб[10]
  • 1996. Order Orła Białego (Орден на белиот орел)[11]
  • 1997. Почесно граѓанство на градот Краков и Докторат honoris causa на Универзитетот во Ополе[12]
  • 1998. Докторат honoris causa на Јагелонскиот универзитет[13] и универзитетот во Лавов
  • 2003. Докторат honoris causa на универзитетот во Билефелд[14]
  • 2004. Член на академијата за уметност во Берлин

Дела[уреди | уреди извор]

Романи и збирки раскази[уреди | уреди извор]

  • 1946. Człowiek z Marsa (Човекот од Марс -прво книжевно дело на Лем, објавено во продолженија во полското списание Nowy Świat Przygód, a во 1994. и како самостојна книга)
  • 1951. Astronauci (Астронаути)
  • 1955.
    • Obłok Magellana (Магелановиот облак)
    • Szpital Przemienienia (Болница на преобразбата)
  • 1957. Dzienniki gwiazdowe (Ѕвездени дневници)
  • 1959.
    • Eden (Еден)
    • Inwazja z Aldebarana (Инвазија од Алдебаран)
    • Śledztwo (Истрага)
  • 1961.
    • Pamiętnik znaleziony w wannie (Мемоари пронајдени в када)
    • Powrót z gwiazd (Враќање од ѕвездите)
    • Solaris (Соларис)
    • Księga robotów (Книга на роботите)
  • 1963. Noc księżycowa (Ноќ на полната месечина)
  • 1964.
    • Niezwyciężony i inne opowiadania (Непобедливиот и други раскази)
    • Bajki robotów (Бајки на роботите)
  • 1965.
    • Polowanie (Лов)
    • Cyberiada (Киберијада)
  • 1968.
    • Głos Pana (Гласот на господарот)
    • Opowieści o pilocie Pirxie (Сказни за пилотот Пиркс)
    • Wysoki zamek (Високиот замок, автобиографски)
  • 1971. Bezsenność (Несоница)
  • 1976.
    • Katar (Настинка)
    • Maska (Маска)
  • 1979. Powtórka (Повторување)
  • 1981. Golem XIV (Голем XIV)
  • 1982. Wizja lokalna (Оглед на место)
  • 1987.
    • Pokój na Ziemi (Мир на земјата, најнапред објавено во 1986. во германски превод)
    • Fiasko (Фијаско, најнапред објавено во 1986. во германски превод)
  • 1993. Pożytek ze smoka (Добивка од змејот)
  • 2008. Посмртно е пронајдено необјавено Лемово дело, детективска сторија во стилот на Рејмонд Чендлер, сатира на Сталин.

Рецензии на непостојни книги[уреди | уреди извор]

  • 1971. Doskonała próżnia (Совршена празнина)
  • 1973. Wielkość urojona (Замислена величина)
  • 1984. Prowokacja (Провокација)
  • 1986. Biblioteka XXI wieku (Библиотека на XXI век)

Философски дела и есеистика[уреди | уреди извор]

  • 1957. Dialogi (Дијалози)
  • 1962. Wejście na orbitę (Пат во орбитата)
  • 1964. Summa technologiae
  • 1968. Filozofia przypadku (Филозофија на случајот)
  • 1970. Fantastyka i futurologia (Фантастика и футурологија)
  • 1975. Rozprawy i szkice (Расправи и скици)
  • 1987. Rozmowy ze Stanisławem Lemem (Разговори со Станислав Лем)
  • 1995. Lube Czasy (Омилените времиња)
  • 1996.
    • Sex Wars
    • Tajemnica chińskiego pokoju (Тајните на кинеската соба)
  • 1997. Dziury w całym (Влакно во јајце)
  • 1999. Bomba megabitowa (Мегабитна бомба)
  • 2000. Okamgnienie (Мигновеност)
  • 2002.
    • Dyktanda czyli… (Диктати кои...)
    • Listy albo opór materii (Со букви против материјата)
    • Tako rzecze Lem (Така велеше Лем) - Интервјуи со Лем.
  • 2003.
    • Dylematy (Дилеми)
    • Mój pogląd na literaturę (Мојот поглед на литературата)
  • 2004. Krótkie zwarcia (Куси споеви)
  • 2005. Lata czterdzieste. Dyktanda (Четириесеттите години. Диктати)
  • 2006. Rasa drapieżców. Teksty ostatnie (Раса на грабливци. Останати текстови)

Екранизации[уреди | уреди извор]

Музички адаптации[уреди | уреди извор]

  • 1970. Киберијада (втора верзија во 1985), опера на Кшиштоф Мејер; емитирано на Полската национална телевизија (прва изведба во 1971), поставено во Вупертал (Германија) (1986)
  • 1982. Музика на текстови од Лем во пиесата на Еса-Пека Салонен Floof (1982)
  • 2012. Соларис, опера на Детлеф Гланерт, според стихови на Рајнхард Палм, поставено во Брегенц (Германија) (2012)

Белешки[уреди | уреди извор]

  1. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2007-04-23. Посетено на 2007-05-17.
  2. „An Interview with Stanislaw Lem“. Архивирано од изворникот на 2007-09-27. Посетено на 2007-05-17.
  3. Why was Stanislaw Lem expelled from the SFWA in 1976? Архивирано на 12 април 2007 г. Stanislaw Lem and SFWA Архивирано на 11 јануари 2008 г.
  4. „Polska.pl, 2007-03-21“. Архивирано од изворникот на 2012-03-07. Посетено на 2008-10-13.
  5. „UCHWAŁA NR VIII/122/07 Rady Miasta Krakowa z dnia 14 marca 2007 r. w sprawie nazw ulic. Par.1, pkt.1“. Архивирано од изворникот на 2009-11-19. Посетено на 2008-10-13.
  6. 6,0 6,1 „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2006-02-09. Посетено на 2007-05-18.
  7. „Stanislaw Lem“. The Times. 2006-03-28. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  8. За проблематиката на природното и вештачкото мислење на Факултетот за математика и физика при Карловиот Универзитет, или Philosophy in sci-fi на Масариковиот универзитет
  9. http://www.pwr.wroc.pl/14784.xml
  10. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2007-06-14. Посетено на 2007-05-17.
  11. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2009-04-17. Посетено на 2007-05-17.
  12. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2007-06-08. Посетено на 2007-05-17.
  13. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2008-12-12. Посетено на 2021-09-23.
  14. http://bis.uni-bielefeld.de/infomanager/SilverStream/Pages

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Посмртници:

Посмртници од печатот:

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Станислав Лем“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).