Духовден

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Педесетница)
Духовден
Педесетница
Духовден Педесетница
Икона на слегувањето на Светиот Дух од црквата „Св. Димитриј“ од Битола (помеѓу 1730 и 1739 година)
Го празнува(ат)христијанските и нехристијански земји
Видхристијански
ЗначењеСлегување на светиот Дух
Датум50 дена по Велигден
Обичаиобредно пеење, ритуали

Духовден (Дуовден) или Педесетница (грчки: πεντηκοστή, латински: pentecoste) — подвижен празник, еден од најголемите 12 христијански празници — еден од најсветите празници во христијанството во кој се слави слегувањето на Светиот Дух врз апостолите на педесеттиот ден од Христовото воскресение. Овој настан претставува исполнување на старозаветните месијански пророштва.

Педесетницата се нарекува уште и „крај на празниците“, ден преку кој се довршува историјата на Спасението остварено преку Исус Христос токму поради тоа што православното учење како една службите на Месијата го назначува токму крштевањето преку Светиот Дух, односно Негово излевање врз човештвото. Иако Духот делува и пред и по Педесетницата, на овој ден Тој се покажува во Својот ипостас, а сѐ со цел самата историја на Спасението да се направи совршена. На овој ден започнува икономијата на Светиот Дух, Тој е Оној Кој го собира Божјиот народ во телото Христово, односно Црквата.

Обичаи за Духовден кај Јужните Словени[уреди | уреди извор]

Овој празник како и Велигден се празнува три дена. Во црногорското и хрватското приморје овие денови се нарекуваат и Русаље или Русаљи, а во Македонија и кај останатите Јужни Словени со православна вероисповед првиот ден од Духовден е и ден на Св. Троица.

На Духовден се внесувале билки во храмовите, од нив верниците плетеле венчиња кои ги носеле како заштита од демоните, но и како практична заштита од молците и другите штеточинки во своите куќи. Гробовите се прекривале со листови од орев, а некаде се кителе само крстовите.

На Духовден во Македонија не се спиело ноќе, на гробиштата луѓето седеле цела ноќ и раздавале храна за душата на покојните. Задолжително е носење на цреши во земјани садиња кои според верувањата со симболично давање на блиските преминуваат граница на оној свет и им служат на покојните во тој задгробен живот.

Во Јужна Србија се верува дека човек роден на Духовден,секоја година на таа ноќ во стаклото на шишето во кое има вино може да ги види мртвите и да комуницира со нив, но пред да го стори тоа мора да помине низ обредни елементи меѓу кои е и отиде до гробот без да се сретне со некого, да појде од домот и да стигне до гробот во глуво доба, да пости седум дена пред Духовден и др. Некаде пак се верувало дека детето родено на тој ден нема да има среќа во животот.[1]

Учење[уреди | уреди извор]

Дупки на Светиот Дух
Црквата „Св. Вид и Катерина“ во Пелинг
Црквата „Св. Власиј“ во Дилинген на Дунав
Црква „Св. Петар и Павле“ Сел
Витраж во евангелиско-лутеранската црква „Св. Матеј“ во Чарлстон, Јужна Каролина на кој е прикажан Пламенот како слегува над апостолите

Св. Јован Златоуст укажува дека на денот на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, Синот ги принесува „даровите на помирението“ на Бога на верните, преку Неговата жртва. Помеѓу Синот и Светиот Дух се остварува не само обична размена преку која Синот во залог ја зема нашата природа која истовремено преку Воскресението ја вознесува на небото, туку ни Го праќа и прославениот Христос и Светиот Дух покажувајќи го помирувањето помеѓу нас и Бог Отецот. Слегувањето на Светиот Дух е вистински знак на помирување, како што Неговото допирање било знак за гневот Божји. Св. апостол Јован тврди дека Светиот Дух не пребивал на земјата пред Христа, затоа што сѐ уште не можело да станува збор за помирување со Бога без Неговата жртва: „А ова го рече за Духот, Кого ќе Го примат оние, кои веруваат во Него; оти Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен.“ (Јован 7.39) Поради тоа и самиот Спасител вели дека Неговото Вознесување е потребно за Духот да биде испратен како знак и дар на нашето помирување со Бога преку Неговата жртва: „Но Јас вистината ви ја кажувам; подобро е за вас Јас да си отидам, оти, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам.“ (Јован 16.7) Според тоа, Духот сведочи дека сме преку Христос синови Божји по благодат: „Самиот Дух му сведочи на нашиот дух, дека ние сме чеда Божји.“ (Рим 8.16)

Педесетницата и Црквата[уреди | уреди извор]

Педесетницата претставува не само роденден и темел на Црквата, туку и нејзин пример, дека околу апостолите, во заедница, биле присутни и првите христијански ученици и верници. Светиот Дух бил даруван на првата апостолска заедница (Дела 4,31) и преку Него тие биле дарувани со сѐ она што било потребно за христијанскиот организам: проповедањето на Евангелието, Свети тајни, харизма и ѓаконство. Куќата во која тие пребиваат еднодушни одеднаш е преисполнета со шум од небото, сличен на силен ветар, а разделени јазици, како огнени, се спуштаат врз секого од учениците. Од ова тие се исполнуваат со Дух Свети и почнуваат да го благовестат Евангелието на разни јазици, онака како што Светиот Дух им давал да изговараат. За разлика од мистиката на Успението на Пресвета Богородица, на пример, при доаѓањето на славата на Господ и другите одондестрани и чудесни појави кое им се открива како видение на некои од присутните, настаните на Педесетница стануваат очигледни за сите, не само за достојните. За да ги видат, на ерусалимците не им бил неопходен духовниот вид. Значи, зборувањето на сите јазици на кои луѓето од Ерусалим зборувале било едно од чудата кои биле видливи за сите. Св. апостол Петар вдахновено го објаснува настанот и ги упатува на пророштвата за овој настан до избраниот народ дојдени преку пророкот Јоил. Благовеста негова допрела до срцата на многубројните луѓе што го слушале и тие го примиле покајанието заради името на Исуса Христа. Во тој ден се крстиле и присоединиле кон црквата Христова околу три илјади души. Оттогаш наваму Педесетница се смета за роденден на црквата Божја. Постоењето на Црквата, воспоставување на апостолскиот континуитет и секое дејство на Црквата зависи од повикувањето на Светиот Дух. Црквата својот внатрешен живот го црпи токму од постојаното актуелизирање на Педесетницата и повикувањето на Светиот Дух. Токму затоа Св. Јован Златоуст во неговите дела вели дека „ние можеме да ја прославуваме Педесетницата во секое време“.

Значењето на Педесетницата се состои во тоа што од тогаш Светиот Дух конечно влегува во историјата, во која времето и просторот не постојат без личното присуство, вистинското доаѓање и активното Божјо делување.

Обичаи во Македонија[уреди | уреди извор]

Зачуван запис за цветниот триод од преспанскиот регион XIII или почетокот на XIV век

Во Скопје и Скопско домаќинките во петок пред зори месат мали благи лепчиња, кои пред да се раздени се носат на соседите и на пријателите. Тие треба да се изедат на гладно за да им се најде на тие што не се живи. Лепчињата треба да бидат меки, благи и топли како душата. Потоа попладне се посетуваат гробовите на починатите членови од семејството каде што се носат посни раздавки. Во сабота наутро, освен производите за раздавање, кои се делат за да му се најде на покојникот, се носи и пченица и вино. В недела, пак, по полноќ, на гробишта се носат млади гранки од оревово дрво, со кои се поминува целото гробно место.[2] Порано се носеа бардачиња и каленици од глина, кои се полнеа со јагоди и цреши. Сега тие се заменети со стаклени или керамички садови кои може да држат вода, а се даваат на најдобриот пријател на покојникот. Важно е еден од производите што се даваат за душа на покојникот да биде домашен, односно да е замесено лепче или пита или нешто што многу го претпочитал покојникот.

Обичаите и верувањата на битолчани за време на духовденските празнувања се раздавање храна за душа на покојните, бдеење на гробовите до пред изгрејсонце и коленичење за време на црковната служба зашто веруваат дека духовите на покојните одат на причесна. Постарите битолчани раскажуваат дека подготовките за празникот почнуваат уште пред Спасовден кога се купуваат дарови за душа на покојните. Кај луѓето во овој крај од дамнина останало верување меѓу народот дека на Спасовден излегуваат духовите, па затоа претходно се купуваат чаши, маици, крпи, шолји. Во петокот пред Духовден се опеваат покојните, а другиот ден, во саботата, на Задушница се раздаваат даровите. На гробишта се носат храна, лепче, маслинки, сирење, кашкавал, јагоди и цреши и купените предмети кои се раздаваат на блиски. 8 недела на Духовден пред да изгрее сонцето уште во темнината ги мијат гробовите на покојните со гранки од маслинки и ореви. На тој начин симболично се мијат починатите роднини. В недела се служи во црквата голема литургија, подот во храмот е послан со лисја од ореви и маслинки.

Духовден како мотив во уметноста[уреди | уреди извор]

  • „Духовден“ - песна на македонскиот поет Наум Целакоски од 1997 година.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Гордана Стојковска, Речник на јужнословенска митологија, Издавачки центар Три, Скопје, 2004, стр. 110 - 111.
  2. Танас Вражиновски, Речник на народната митологија на Македонците, Матица Македонска, Скопје,2000, стр. 156 - 157.
  3. Наум Целакоски, Пролог, 1998, стр. 29.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]