Кирил Ценевски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кирил Ценевски
Роден 28 јануари 1943
Крива Паланка, денешна Македонија Македонија
Починал 17 јуни 2019
Скопје, Македонија Македонија
Националност Македонец
Познат по режијата на:
Црно семе
Јад
Оловна бригада
Занимање режисер
сценарист

Кирил Ценевски (Крива Паланка, 28 јануари 1943 - Скопје, 17 јуни 2019) — македонски филмски режисер и сценарист.

Животопис[уреди | уреди извор]

Студирал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје. Со киноаматеризам се занимавал уште од студентските денови. Првпат на игран филм професионално бил ангажиран како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот „Цената на градот“ (1970).

Во 1971 година Ценевски го режира филмот „Црно семе“, за којшто добива повеќе награди: „Златна арена“ за режија на фестивалот во Пула[1], „Златен венец“ за најуспешно деби, „11 Октомври“ и др. Починал во Скопје на 17 јуни 2019 година.[2]

По филмот „Јазол“, Ценевски не застанал зад камерата повеќе од три децении, неснимајќи ни еден игран филм.

Го нарекувале бунтовникот на македонската кинематографија, човекот кој поместил многу граници во филмската уметност и ги надминал современиците.[се бара извор]

Творештво[уреди | уреди извор]

Рускиот критичар и истражувач на филмот Мирон Черњенко во неговата книга „Македонскиот филм“ ја скицира појавата на Ценевски со овие одбрани зборови: „Во седумдесет и првата година на екраните ќе се појави едно од најзначајните филмски остварувања во македонскиот филм за целата негова историја на постоење, вклучувајќи го и денов денешен. Тоа е првиот обид, овенчан со апсолутен успех, да се завладее жанрот на античката трагедија врз материјал речиси современ, тоа е филмот со зачудувачки заокружен стил, расположба, аскетизам на режијата и на глумечката игра. Збор е за филмскиот првенец на Кирил Ценевски, ЦРНО СЕМЕ (1971 година), кој на прв поглед како да е уште еден филм за логорска тема, што одамна му беше позната на југословенскиот филмски творец, а мошне добро му е позната и на филмот во светот, како еден од најуспешните модели за истражувања на естетските, психолошките, идеолошките мотиви на човековото поведение во крајни, гранични ситуации – да го споменеме погодниот термин на егзистенцијалистите – пред лицето на неминовната смрт во затворен простор, меѓу слични на себе затвореници, кои ги преживуваат истите маки и страдања, истите внатрешни конфликти.“[3].

Во филмот „Јад“, кој бил само навидум филм со историска тематика од крајот на 11 и почетокот на 12 век, кога на урнатините на Самоиловото царство словенското население во Охрид силно им се спротивставувало на византиската власт и на христијанската догма. Тој отпор бил искажан преку богомилското движење. Посочувајќи дека Ценевски насловот на филмот го зел од вистински напис во таканаречениот Битолски триод (триптих), од 12 век, на кој непознат уметник ги исцртал чудните зборови Мир, Зараза, Јад (Покој, Р’ци, Јад), а потоа уште Простете ми, Черњенко во трагичниот раскол – со кој тукушто распространетото христијанство на Балканот ќе се раздели на ортодоксната (православна) црква и на богомилската секта – гледа идеолошки судир. Богомилите имаат манихејско-комунистичка ориентација со која ѝ се спротивставуваат на феудално-клерикалната хиерархија под паролите за социјална праведност, сеопшта еднаквост и братство („Македонскиот филм“). Всушност, иако во минатото филмот бил своевидна алегорија за „хипиците од 11 век“.

Главно дискурзивните критериуми со кои овој филм бил пречекан и проценуван во времето на своето појавување, се чини останаа без вистинска аргументација во однос на естетските потенцијали што филмот ги содржи, а на места и ги остварува со силина на едно класично доживеано дело[4].

Во филмот „Оловна бригада“ (1980 година) била обработена темата на осумдесеттите години на минатиот век кои често биле означувани како климакс на „оловните времиња“, посебно во Европа, тогаш блоковски поделена и растргната меѓу комунизмот кој не ги испорача ветените резултати и замаецот на неолиберализмот. ОЛОВНА БРИГАДА, за разлика од рамките на подалечната или поблиската историја во претходните два филма, и следниот, ЈАЗОЛ, е со (тогаш) актуелна тематика за конфликтните ситуации на рударите и условите во кои живеат. Повеќето критичари се чуделе зошто еден од најталентираните македонски режисери на своето време се зафатил со „производствен филм“ што ѝ припаѓал на тврдата фаза на соцреализмот од педесеттите години или, пак, зошто барем во филмот не направил еден драматуршки „твист“ на социјалистичката идеологија, со кој ОЛОВНА БРИГАДА би го ставил во редот на ЧОВЕК ОД МЕРМЕР (1977 година) на Анджеј Вајда (оценка на Черњенко во „Македонскиот филм“). Всушност и овој филм и понатаму не е доволно анализиран, со оглед дека во неговата творечка структура има одредени наговестувања за суштинските проблеми кои ќе се појават една деценија подоцна, проблеми кои од сите можни аспекти, особено суштински егзистенцијални денес стануваат се посуштински па дури и пофатални[5].

Последниот филм на Ценевски „Јазол“ (1985 година) е филм со психолошка сторија од Втората светска војна, поточно фашистичката окупација на Македонија и депортацијата на Евреите во логорите на смртта, во која се преплетуваат судбините на жртвите и џелатите.

Критиката во „Јазол“ виде премногу компликувани драматуршки линии, доволни за неколку филма. Можеби Черњенко е во право кога посочува дека некаде во потсвеста на авторите во малите кинематографии, скудни со финансии, секој нареден филм им изгледа како „последен на неопределено време“, па затоа во нив ги втиснуваат сите идеи што ги имаат.

Со своите филмови Кирил Ценевски бил бунтовник. Бунтовноста ја насочил не кон човекот, ни кон луѓето, туку кон системите. Кон прагмите, кон конвенциите. Неговите филмови се отпор кон рамките на уметноста и животот.

Кирил Ценевски по многу параметри е единствена појава во македонската кинематографија. Уште со првиот филм, „Црно семе“, ги освоил не само најбитните награди на фестивалите во тогашна Југославија, туку бил и прв македонски игран филм кој учествувал и бил наградуван на интернационални филмски фестивали.[6]

Филмографија[уреди | уреди извор]

Награди[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „18. Festival igranog filma u Puli“ (хрватски). Pula Film Festival. Посетено на 24 May 2010.
  2. IN MEMORIAM: КИРИЛ ЦЕНЕВСКИ (1943-2019)
  3. Мирон Черњенко, „Македонскиот филм“, Кинотека на Македонија, Скопје, 1997.
  4. ЈАД е само навидум филм со историска тематика
  5. филмови на Кирил Ценевски
  6. Кирил Ценевски (1943-2019)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]