Карлхајнц Штокхаузен

Од Википедија — слободната енциклопедија
Карлхајнц Штокхаузен, 2005

Карлхајнц Штокхаузен (германски: Karlheinz Stockhausen, се родил на 22 август 1928 во Келн, починал на 5 декември 2007 во Куртен) бил водечки германски композитор на неговата генерација и една од водечките фигури во музиката од втората половина на XX и почеткот на 21 век. Некои критичари го препознаваат како „еден од најголемите визионери на 20 век“. Редефинирајќи го серијализмот во музиката, Штокхаузен ги прави првите чекори кон електронска музика, алеаториката и истражувањата во просторноста на звукот.

Животопис[уреди | уреди извор]

По завршувањето на Втората светска војна, Штокхаузен се запишува во средното музичко училиште во Келн и на Универзитетот во Келн. Во овој период учи композиција со Франк Мартин. Во 1951 година по препорака на Херберт Ајмерт го посетува Курсот за нова музика во Дармштат, каде се сретнува со студенти на Оливие Месијан. На летниот курс во Дармштад, ја слуша композицијата Mode de valeurs et d'intensités на Месијан, која ќе остави голем впечаток кај Штокхаузен. Во јануари 1952 година, оди во Париз на часови по композиција со Месијан и Дариус Мијо. Таму ќе се сретне со Пјер Булез и со Пјер Шефер, кои ќе го запознаат со француската авангарда и ќе добие можност да ги користи студијата за конкретна музика. Тука ќе го оствари првото дело за лента Konkrete Etüde. Во 1953 година, се враќа во Келн каде го отвора првото студио за електронска музика во Германија под водство на Херберт Ајмерт. Подоцна добива стипендија за докторски студии по фонетика и теорија на комуникации со Вернер Мејер-Еплер при Универзитетот во Бон. Иако никогаш нема да ги заврши, овие студии ќе имаат огромно влијание врз неговите дела во 1950-ти години. Овие години ќе ги посвети на истражувања во електронската музика, кога и ќе се прослави како нејзин пионер, заедно со Лујџи Ноно и Пјер Булез, но и личности како Готфрид Михаел Кениг, Франко Еванџелисти, поетот Ханс Хелмс, филозофот Хајнц-Клаус Мецгер, визуелниот уметник Нам Џун Пајк, Маурисио Кагел и Ѓерѓ Лигети. Од 1956 година, станува редовен предавач на Летната школа по композиција во Дармштат.

Во 1958 година, Штокхаузен го поканува Џон Кејџ, што ќе предизика бурни реакции, поради радикално различниот пристап во компонирањето од веќе стандардизираниот европски серијализам. Тоа ќе го заинтригира Штокхаузен да отпатува во САД, каде ќе се запознае со музичари како Корнелиус Кардју и Хју Дејвис.

До раните 1960-ти години, музиката на Штокхаузен ќе биде широко изведувана. Тие години ги користи за посети на различни места низ светот како Либан и Јапонија, каде во 1970 година на светскиот саем во Осака, Штокхаузен и неговите изведувачи ќе имаат настапи секој ден во период од шест месеци, во специјално дизајнираниот сферичен аудиториум. Шеесеттите години од 20 век се познати како години кога неговата музика излегува од авангардните кругови, со надминувањето на Стравински во продажба на плочи за Дојче Грамофон и соработката со Битлси за албумот Sgt. Pepper's.

Од доцните 1970-ти, се стабилизира во неговиот дом во Куртен, каде започнува да работи на едно од најамбициозните дела некогаш напишани од некој композитор, оперскиот циклус во седум дела Licht. Оттука, следуваат прекинувањето на договорот со неговата издавачка куќа “Universal Edition”, за да ја отвори неговата “Stockhausen-Verlag”, која ќе ги издава сите негови партитури, носачи на звук, книги итн. Во последните 30 години од неговиот живот, Штокхаузен се фокусира кон создавање на своја група на изведувачи, со кои ќе го изведува циклусот Licht.

Творештво[уреди | уреди извор]

По влијанието на музиката Месијан и изучувањето на музиката на Антон Веберн, во 1951 година Штокхаузен ја пишува Kreuzspiel за обоа, бас-кларинет, пијано и 4 перкусионисти (по ревизијата во 1959, за 3 перкусионисти), каде јасната фрагментација на материјалот кореспондира со изборот на инструментите, техника типична за Веберн. Ова и многу други дела од овој период Штокхаузен ги третира како „прелиминарни“, за да во 1953 година ја компонира Kontra-Punkte кога почнува да ги нумерира своите композиции. Од оваа година, Штокхаузен се фокусира кон електронската музика со која ќе биде преокупиран во наредните 18 месеци и претставувајќи ја како иднината на музиката. После двете Elektronische Studien, ја создава Gesang der Jünglinge, кое ќе остане во историјата како прво електро-акустично дело. Паралелно со ова дело, Штокхаузен ги пишува Klavierstücke, кои произлегуваат од искуството со првите електронски дела. Во овој циклус за пијано, искуствата од електронската музика се имплементирани врз начинот на компонирање за инструменти, употребувајќи за првпат и техники презентирани од Џон Кејџ и пијанистот Дејвид Тјудор, кому ќе му посвети дел од циклусот.

Веќе со Zeitmasze од 1956 година и Gruppen за три оркестри, Штокхаузен излегува од строгиот сериализам, без никогаш целосно да го напушти, туку да го имплементира врз разни димензии во формата. Еден екстремен одговор на „отворените форми“ на Кејџ е Klavierstücke XI, каде пијанистот спонтано го одредува редоследот на 19 прецизно запишани фрагменти. Овој вид на „варијабилни форми“ го продолжува и со Zyklus од 1959 и Refrain. Овој вид на нотација е исклучиво поврзано за формата во делата.

Повеќето од делата од 1964 до 1970 година користат електроника во живо. Во Mikrophonie I, звукот на инструментот там-там е активиран од дуо, кое во текот на делото го елаборира звукот во живо со помош на ринг-модулатори. Истите ги користи и во Mikrophonie II, каде хорот е модулиран од звукот на Хамонд органата. Во Mixtur, ринг-модулациите ги користи на пет различни оркестарски групи. Употребата на електронски уреди кои го модификуваат звукот во живо, доаѓа од Kontakte каде перкусионистите треба да „импровизираат“ на звуците на лентата.

Најконтроверзниот удар на традиционалната партитура се појавува во Аus Den Sieben Tagen, каде наместо музичка нотација, се појавуваат 15 текстови кои служат како упатства при изведувањето на делото.

Во 1968 година, Штокхаузен го компонира делото Stimmung за шест вокали, кое ќе ги отвори вратите на спектралната композиција. Целата композиција е заснована врз нонакорд на си-бемол, градејќи 24 хармоници на најниската си-бемол нота на пијаното.

По многуте одбивања да компонира опера, Штокхаузен се посветува на најголемиот проект во неговата кариера, циклусот Licht, кој го пишува од 1977 до 2002 година. Циклусот е поделен на седум дела, каде секој дел е посветен на еден ден од неделата. Употребата на електроника, визуелни уметности, театар, масовен број на инструменти, го прават овој циклус едно од најамбиционзните дела некогаш напишани од композитор. Еден од најкотроверзните моменти во него е Helikopter-Streichquartett за 4 хеликоптери и гудачки квартет.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Викицитат има збирка цитати поврзани со:

Аудио[уреди | уреди извор]