Дејвид Џејсон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Дејвид Џејсон (Дел Бој), аматерски цртеж со молив

Сер Дејвид Џејсон (англиски: David Jason) (2 февруари 1940, Лондон) е британски глумец, најпознат по улогата на Дел Бој од серијата „Сплетки“.

Животопис[уреди | уреди извор]

Дејвид Џејсон е роден како Дејвид Џон Вајт, на 2 февруари 1940 година, во сиромашно семејство во квартот Финчли, северен Лондон. Во училиштето бил еден од тројцата најлоши ученици во својата генерација. Дејвид бил еден од најниските ученици, што му задавало непријатности, т.е. поголемите деца често го тепале, а тој изигрувал училиштен кловн и ги имитирал професорите. Еднаш, директорот го забележал неговиот талент и му дал главна улога во училишната претстава. Така го забележал водителот во локалната аматерска театарска група „Инкогнито“, кој го поканил да им се придружи. На 15 години го напуштил училиштето и работел како помошник во автомеханичарска работилница, а потоа учел за електричар. Играл во низа аматерски претстави, со кои не постигнал никаков забележителен успех. Пресврт во неговиот живот била врската со згодната Силвија Канингам, која мечтаела да живее со маж со сигурна работа, по што тој ја раскинал врската и цврсто решил да стане професионален глумец.[1] Во 1977 година, Дејвид ја запознал велшката глумица Мифанви Талог со која живеел 18 години, иако никогаш нивната врска не била озаконета со официјален брак. На почетокот на 1990-тите, Мифанви се разболела од рак на дојката и починала во 1995 година. За време на снимањето на серијата „Фростовиот пристап“, Дејвид ја запознал Џил Хинчклиф, помошничка на продуцентот. Таа останала трудна и во 2001 година ја добиле ќерката Софија Меј. Во 2005 година, Дејвид ја добил титулата „Витез на Британската Империја (сер)“ и дури тогаш се оженил со Џил. Есента 2013 година, Џејсон ја објавил автобиографијата „Мојот живот (My Life)“[2]

Кариера[уреди | уреди извор]

Неговиот пат бил многу тежок: не можел да добие ангажман во професионалните театри, зашто не бил член на глумечкото сдружение, а во него не можел да се зачлени ако немал искуство во професионален театар. Присуствувал на над триесет аудиции накои не сакале ниту да му ја разгледаат пријавата, а првата улога во една политичка комедија ја добил благодарение на брат му Артур Вајт, кој веќе бил признат глумец. Така, Дејвид станал член на глумечкото здружение, со што можел да се пријавува на аудициите. На почетокот, претежно глумел во театарски претстави, но почнал да добива и телевизиски понуди. Некое време настапувал во популарната серија „Крстопат“, во која имал епизодна улога на боксерски менаџер, а по снимањето на 15 епизоди, продуцентите го повикале да се врати назад и да биде дел од постојаната глумечка екипа. На тој начин, само по една година професионално глума, тој бил дел од најгледаната британска тв-серија и добивал плата од 75 фунти неделно.[3]

Сепак, Џејсон пак му се вратил на театарот и добил улога на пират во претставата „Петар Пан“, што бил негов прв поголем ангажман на театарската сцена. Потоа му предложиле да биде дел од екипата на новата детска програма на „Би-би-си (ВВС)“, заедно со Тери Џонс, Мајкл Палин и Ерик Ајдл. Потоа, тројцата ја формирале групата „Летачкиот циркус на Монти Пајтон“, но него не го повикале да им се придружи. Во тоа време, тој го постигнал првиот поголем успех со претставата „Без секс, молам, ние сме Британци“, а на телевизијата имал успех со серијата „Отворено 24 часа“, која започнала да се прикажува во 1975 година, а во која играл симпатичен продавач во мал дуќан. На почетокот на 1980-тите, Џејсон добил понуда да игра во серијата „Сплетки (Trotters)“, во која требало да ја игра улогата на дедото, но тој ја одбрал улогата на постариот брат Дерек Тротер (Дел Бој). „Сплетки“ започнала да се прикажува во 1981 година и во првите две сезони, серијата имала гледаност од само 9 милиони луѓе, па продуцентите размислувале да ја прекинат. Но, во 1983 година, за време на големиот штрајк на „Би-би-си“, програмата се пополнувала со репризи на серијата, која стекнла голема популарност и се снимала до 1990 година. Во 2004 година, таа била прогласена за најдобра британска комедија на сите времиња. Подоцна, Џејсон добил улога во многу популарната серија „Фростовиот пристап“, каде до 2010 година го играл инспекторот Џеки Фрост. Потоа, тој снимил и неколку документарни филмови. За своите телевизиски улоги, Џејсон има добиено три награди на „БАФТА“.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јосип Јурчиќ, „Татко, витез и измамник“, ТЕА Модерна, број 689, година XIV, среда, 18 декември 2013, стр. 73.
  2. 2,0 2,1 Јосип Јурчиќ, „Татко, витез и измамник“, ТЕА Модерна, број 689, година XIV, среда, 18 декември 2013, стр. 74-75.
  3. Јосип Јурчиќ, „Татко, витез и измамник“, ТЕА Модерна, број 689, година XIV, среда, 18 декември 2013, стр. 73-74.