Време, води (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија
„Време, води“
РежисерБранко Гапо
СценаристЈован Стрезовски
Главни улогиБорис Дворник
Душко Костовски
Лидија Плетл
Петре Прличко
Мето Јовановски
Петар Арсовски
Милан Штрљиќ
Благоја Чоревски
Ненад Милосављевиќ
Гоце Тодоровски
Шишман Ангеловски
Кирил Псалтиров
Сабина Ајрула-Тозија
Младен Крстевски
Кирил Андоновски
Соња Каранџуловска
Ристо Шишков
Кире Печијаревски
Александар Шехтански
Салаетин Билал
Катина Иванова
Ѓорѓи Тодоровски
Сузан Максут
МузикаТома Прошев
ДистрибутерВардар филм
Премиера1980
Времетраење139 мин.
ЗемјаСФРЈ СФР Југославија
Јазикмакедонски

Време, води — македонски игран филм по сценарио на Јован Стрезовски, а во режија на Бранко Гапо. Монтажер бил Олга Донкиќ, а музиката ја компонирал Ристо Аврамовски.[1]

Премиерата била одржана во 1980 година.

Кратка содржина[уреди | уреди извор]

Животната приказна на Петар Ќушко и неговите соселани од селото Сушево судбински е поврзана со недостигот на вода неопходна за живот. Со благослов на попот, селаните од Сушево го свртуваат течението на реката и ја крадат водата на селаните од селото Каменово. Во тепачката што следи учествуваат селаните од двете села заедно со нивните попови. Заради нарушување на јавниот ред и мир, селаните се предадени на судот. Судијата е поткуплив и тој пресудува во полза на оние што ќе платат поголем поткуп. Така водата ја добиваат селаните од Каменово. Во Сушево проблемот за вода кулминира и селаните не сакаат да го плаќаат данокот за вода кога веќе ја немаат. Меѓу нив е и Петар Ќушко, воденичар без вода. Селаните сакаат да демонстрираат пред началството во Струга, но жандармите ги растураат уште на излезот од селото. Доаѓа и веста за атентатот врз кралот. Телалот ги соопштува и сите - со наредба - предвидени почести по повод смртта на кралот. Спротивно на тоа, учителот наоѓа повод да го започне предавањето за Русија. Во 1940 година во селото има епидемија на тифус. Многумина умираат, меѓу кои и многу деца. Пресушуваат и последните извори, а жандармот Жика ја наплатува водата за пиење. Селаните со молитви и со различни пагански ритуали се обидуваат да дојдат до вода. Селанецот Ќушко, не гледајќи друг начин да се дојде до вода, заедно со своите три сина гимназијалци, вооружен се судира со селаните од Каменово. Притоа, еден од неговите синови гине. Во тие мигови на тага му се раѓа последното дете, единствената ќерка. Телалот ја соопштува веста за општа мобилизација. Мажите заминуваат во војска. Настаните брзо се сменуваат. Набргу телалот ја соопштува веста за капитулацијата на Југославија. Жандармите заминуваат од селото. Мажите се враќаат. Следуваат денови на италијанската окупација. Италијанскиот офицер наредува водата да му припадне на Сушево. Воденицата проработува. Од селото заминуваат во партизани многумина од селаните. По еден судир со партизаните, во селото доаѓаат фашистички италијански одреди. Тие вршат колеж во селото. Меѓу загинатите е и еден од синовите на Петре Ќушко, кој случајно бил во селото. Партизаните доцна пристигнуваат од планината и не успеваат да им помогнат на настраданите. Доаѓа и денот на слободата. За Петре тоа е уште еден трагичен ден. Ја добива веста за смртта на третиот син. Проблемот со водата треба да го решава и новата власт. Се донесува соломонско решение таа да му припаѓа три дена на едното, а потоа на другото село. Доаѓа и денот кога во селото се појавува последниот син на Ќушко. Радоста на таткото е кратка бидејќи неговиот син сака да се ожени со ќерката на неговиот непријател од селото Каменово. По расправијата синот Теофил заминува од дома. Новата власт донесува решение да се направи акумулационо езеро на теренот на двете села. На селаните им се нуди можност да се преселат во градот или да живеат во нови куќи, во близина на езерото. Ќушко останува сам во намерата да се спротивстави на ваквото решение. Тој се повлекува во бачилото, високо во планината. Браната на акумулацијата е направена. Водата се собира во клисурата. Куќите се урнуваат... Селото исчезнува во длабочините на водата. Високо над езерото, на карпата која се надвисува над него, Петре Ќушко ја гледа долината исполнета со вода. Како човек кој не може да поднесе да биде победен, тој скока во езерото.

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]