Алфред Бине

Од Википедија — слободната енциклопедија
Алфред Бине
Роден(а)11 јули 1857
Ница, Франција
Починал(а)18 октомври 1911
Париз, Франција
ПолињаПсихологија
Влијаел врзТеодор Симон

Алфред Бине (француски: Alfred Binet; 11. Јули, 1857 – 18. Октомври, 1911) бил француски психолог. Се смета за пионер во тестирањето на интелигенцијата и основач на опитната психологија во Франција.

Роден е во Ница, Франција, во 1857 година. Студирал право и медицина во Париз и докторирал на природни науки. Остручувањето во психологијата Бине во најголем дел го стекнал во болницата Салпетриер каде се занимавал со проучување проблеми од областа на абнормалната психологија. Од 1895 година па сè до неговата смрт во 1911 г., Бине бил директор на првата француска психолошка лабораторија на Сорбона при Парискиот универзитет. Уште од 1880-те Бине се интересирал за психолошките аспекти и поединечните разлики на интелигенцијата и издал членоци за емоциите, меморијата, вниманието и решавањето проблеми. Во 1899 г. отворил специјална лабораторија каде што развил серија тестови и ги искористил за евалуација на интелектуалниот развој на неговите две ќерки. Книгата L’Étude expérimentale de l’intelligence што ја издал во 1903 г. била заснована токму на проучувањата што ги направил со нив.

Во 1905 г. Бине заедно со Теодор Симон го создале првиот тест на интелигенција со цел да и’ помогнат на француската влада да развие програма за специјална настава за децата со интелектуална попреченост. Три години подоцна, тие го ревидирале тестот проширувајќи го од единечна скала во батерија тестови за деца од различни возрасни групи пренасочувајќи го фокусот од идентификување на интелектуалната попреченост кон општо мерење на интелигенцијата. Во 1911 година, тестовите се повторно ревидирани при што е воведен поимот ментална возраст.

Во 1916, американскиот психолог Луис Терман ја искористил Бине-Симоновата скала од 1908 г. како основа за конструирање на Станфорд-Бине скалата на интелигенција – еден од најпознатите и најистражуваните тестови на интелигенција во САД.

Алфред Бине е еден од основачките уредници на часописот L’Année psychologique во 1895 г. којшто обработува теми за развојот на психологијата и сè уште се печати еднаш годишно.

Умрел во Париз, во 1911 година.

Трудови[уреди | уреди извор]

Користена литература[уреди | уреди извор]

  • Strickland, B. (Ed.) (2001) The Gale Encyclopedia of Psychology, 2nd ed. Gale Group ISBN 0-7876-4786-1