Јосип Јурај Штросмаер

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Јосип Јурај Штросмајер)
Јосип Јурај Штросмаер
Josip Juraj Strossmayer
Портрет на Јосип Јурај Штросмаер од 1871 г.
Роден4 февруари 1815
Осиек
Починал8 мај 1905
Ѓаково
ПогребалиштеЃаковска катедрала
ЖивеалиштеЗагреб
НационалностХрват
ОбразованиеВиенски универзитет
Занимањебискуп
ПартијаНародна партија
Вероисповедримокатолик

Јосип Јурај Штросмаер (хрватски: Josip Juraj Štrosmajer, германски: Joseph Georg Strossmayer; 4 февруари 1815 - 8 мај 1905) — римокатолички епископ, добродетел и политичар од Хрватска.[1]

Рана возраст и свештеничка кариера[уреди | уреди извор]

Штросмаер е роден во Осиек, произлегува од хрватско семејство со германско презиме бидејќи прадедо му бил етнички Германец, емигрант од Штаерска, кој зел Хрватка за жена. Штросмаер го завршил средното образование во Осиек, а дипломирал теологија во католичката богословија во Ѓаково. На дваесетгодишна возраст докторирал филозофија во врховната богословија во Будимпешта.[1]

Во 1838 започнал да работи како викар во Петроварадин, потоа во 1840 година се префрлил во Виена во Августиниумот и во Виенскиот универзитет каде во 1842 се здобил со уште еден докторат по филозофија и канонско право. Во 1847 година бил назначен дворски поп на хабсбуршката династија (функција која ја вршел сè до 1859 година). Тој исто така и станал еден од пасторите на Августиниумот.[1]

На 18 ноември 1849 година, Јосип бил назначен бискуп на Босна и Срем со седиште во Ѓаково. Назначувањето било направено од страна на Франц Јосиф I по препорака од хрватскиот бан Јосип Јелачиќ. На 20 мај 1850 папата Пиј IX ја одобрил кралската одлука. На 8 септември 1850 година, Јосип бил прогласен бискуп и официјално поставен во Ѓаково на 29 септември истата година. Кога станал бискуп најавил дека неговото мото ќе биде Сè за верата и татковината. Штросмаер наследил богата епархија: имала над 70.000 хектари (280 км2) шуми, пасишта, обработлива земја и лозја, со развиени капацитети за стока и коњи, кое сè заедно носело годишен приход од 150.000 до 300.000 форинти.

Хрватска политика[уреди | уреди извор]

Во 1860 станал водач на Народната партија сè до 1873. Претходно веќе се имал спријателено со Јан Колар во Пешта, а и соработувал со чешките политичари Франтишек Палацки и Франтишек Риегер кон културна и политичка соработка меѓу сите словенски народи. Исто како бан Јелачиќ, Јосип ја поддржувал австриската хабсбуршка династија, меѓутоа тој сепак се стремел да им овозможи повеќе права на Словените во династијата. Тој препорачувал федерализација (соединување) на Далмација и Хрватска, како и воведувањето на хрватскиот јазик во јавната администрација и училиштата.

Во 1861 година, Штросмаер одржал влијателен говор пред хрватскиот парламент на тема на односите меѓу Хрватска и Унгарија, во кој навел дека се стреми кон федерализација и дека го поддржувал соединувањето на Меѓимурска жупанија и градот Риека со Хрватска. Во 1866 година, парламентот го изгласал него за претседател на хрватската регниколарна делегација (регниколарна, онаа која ги застапува интересите на луѓето во кралството), која требала да ги преговара условите на сувереност со Унгарија, но тие не успеале успешно да ја склопат зделката. Хрватско-унгарскиот договор, кој стапил во сила во 1868 година, не ги застапувал хрватските интереси целосно — на кое Штросмаер протестирал поради намалената автономија во областите на буџетот и финансиите.

Во 1872 година парламентот формирал уште една регниколарна делегација чија цел било да изврши ревизија на договорот. Штросмаер повторно бил назначен како член, но делегацијата повторно била неуспешна во својата задача. Ова го натерало Штросмаер да се повлече од политичкиот живот и да отстапи како водач на Народната партија. Подоцна ѝ се придружил на опозиционата Народно независна партија која протестирала против владеењето на бан Куен Хедервари (1883–1903) и инсистирала сите хрватски земји да се соединат со Унгарското Кралство. Во 1888 година, откако императорот го прекорил за тоа што ги претпочитувал Русите и им се спротивставувал на Унгарците, Јосип се пензионирал од активната политика.

Културна стратегија[уреди | уреди извор]

Во 1867 Штросмаер имал важна улога во создавањето на Хрватската академија на науките и уметностите, како и во повторното воспоставување на Загрепскиот универзитет во 1874.[2][3] Тој го иницирал градењето на Академската палата (завршена во 1880), на Академската галерија (1884) во Загреб,[4] а и помогнал во создавањето на печатница во Цетиње. Тој исто така помогнал во основањето на Словенската матица и активно ја поддржувал Српската матица (национално културолошки здруженија на Словенците и Србите). Во 1861 тој дозволил да се испечати Зборникот на браќата Миладиновци во Загреб, но без песните и белешките на Наум Миладинов [5]. Бидејќи тој многу го ценел трудот на Св. Кирил и Методиј, Јосип исто така наредил да се испечатат неколку требници на глаголица со цел да се исцелат словенските литургии кои ги поврзувале двете јужнословенски христијански религии.

Католичка дипломатија[уреди | уреди извор]

Штросмаер го поддржувал обединувањето на сите јужнословенски народи под покровителството на хабсбуршската династија и ја поттикнувал религиозната унификација преку употребата на словенски обреди како и во католичките така и во православните цркви. Тој служел како српски нунциј на папата и во таа служба ја има посетено Србија неколкупати во текот меѓу 1852 и 1886 година. Во 1866 тој исто така помогнал во воспоставувањето на договор меѓу Светата столица (Sancta Sedes) (Ватикан) и Црна Гора.

Во 1869 и 1870 година, Јосип присуствувал на Првиот ватикански совет во Рим. Тој се истакнал со тоа што бил еден од оние кои јавно ја доведувале во прашање неограничената моќ на Папата и доктрината papal infallibility (папата е безгрешен). Одржал тричасовен говор на Латински јазик, кое на времето многумина го сметале за еретично, и потоа си заминал од Советот.[6] Подоцна попуштил на темата за papal infallibility[1]. Во 1881 и 1888 тој ги предводел словенските делегациите во Рим каде успеал да го убедат Папа Лав XIII да им дозволи на јужните Словени во Хрватска и Далмација да го задржат словенскиот јазик како и во римските црковни обредни литургии така и во византиските обреди.

Личен живот[уреди | уреди извор]

Уште од раните денови како поп тој бил близок пријател на д-р Фрањо Рачки, најпознатиот хрватски историчар на времето. Кога Академијата била основана во 1867 Штросмаер бил именуван главен спонзор, а Фрањо за претседател. Во 1894, кога Фрањо починал, Штросмаер напишал: Го загубив мојот најдраг пријател... загубив дел од себе... поголемата половина од сè што создадов беше негова идеја, негова заслуга и негова слава. Нивното пријателство е документирано во серија од четири книги, напишани од страна на историчарот Фердо Шишиќ, кои ги содржат нивните писма.[7]

Јосип Јурај Штросмаер починал во Ѓаково на 90 годишна возраст.

Наследство[уреди | уреди извор]

Парите кои ги добивал од својата епархија Штросмаер редовно ги употребувал во финансирање на изградба на училишта, галерии и цркви. Најзначајна била украсната катедрала во Ѓаково, чија конструкција тој ја надгледувал од 1866 до 1882[1] и која ја посветил на Славата Божја, единство на црквите, слога и љубов меѓу луѓето. Катедралата во Ѓаково била највеличествениот објект изграден од страна на Штросмаер во текот на неговите 55 години како бискуп. Тој исто така отворил печатница во Ѓаково, машка богословија во Осиек, ја поддржувал главната теолошка богословија и пристигнувањето на калуѓерќите во Ѓаково кои требале да помогнат во обучувањето на женската младина, основал нови парохии низ целата епархија, организирал мисии за светите лица, има одговорено на стотици ако не и илјадници пасторски писма како и од епархијата така и од другите делови на Хрватска и подалеку.

Josip Juraj Strossmayer

Штросмаер има пружено финасиска и организаторска поддршка во изградбата на најразновидни јавни градби во Хрватска: училишта, гимназии, библиотеки, помагање на сиромашните во запуштени делови, дури и градење патишта и донирање градежен материјал за изградбата на Базилика Свети Петар во Ватикан.

Универзитетот во Осиек и крстен по него, а во паркот на Хрватската академија на науки и уметности има голема статуа на Штросмаер. Во 1991 граѓаните на Ѓаково му имаат изградено меморијален музеј.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Klemens Löffler (1912). „Catholic Encyclopedia: Joseph Georg Strossmayer“. The Catholic Encyclopedia Vol. 14. Robert Appleton Company, New York. Посетено на 2010-04-18.
  2. „History of the University of Zagreb“. University of Zagreb. 2005. Посетено на 2010-09-30. Bishop Josip Juraj Strossmayer in 1861 proposed to the Croatian Parliament that a legal basis be established for the founding of the University of Zagreb. During his visit to Zagreb in 1869 the Emperor Franz Joseph signed the Decree on the Establishment of the University of Zagreb.
  3. Josip Juraj Strossmayer (1861-04-29). „Akademija znanosti - put prema narodnom obrazovanju“. Speech in the Croatian Parliament (хрватски). Wikisource. Посетено на 2010-09-30.
  4. „Croatian Academy of Sciences and Arts - The Founding of the Academy“. Croatian Academy of Sciences and Arts. 2007. Посетено на 2010-04-18.
  5. „Why the collection of folk-songs by the Miladinovi did not appear under the name of the three brothers“. http://www.struga.org. Moreover, because of his loyalty to the Patriarchate of Constantinople, not only were the songs (that he collected) together with their notes (that he prepared) not to be inserted in the collection, at Strossmayer's request, but also the book-collection itself was to be published only under the name of the two brothers Dimitar and Konstantin. Надворешна врска во |publisher= (help)
  6. Joseph Kirch (1912). „Catholic Encyclopedia: Vatican Council“. The Catholic Encyclopedia Vol. 15. Robert Appleton Company, New York. Посетено на 2010-04-18.
  7. Šišić, Ferdo (1928–1931). архивски примерок. Korespondencija Rački-Strossmayer. Zagreb: Jugoslavenska akademija znanosti i umjetnosti. Архивирано од изворникот на 2011-07-21. Посетено на 2010-04-18.CS1-одржување: датумски формат (link)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]