Американска црна мечка

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Ursus americanus)
Американска Црна Мечка
Период: early Pleistocene- recent
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Carnivora
Семејство: Ursidae
Род: Ursus
Научен назив
Ursus americanus
Pallas, 1780

Американската црна мечка (Ursus americanus) е најраспространетата мечка на териториите на Северна Америка. Ја среќаваме во географската зона која се протега од северот на Канада и Алјаска до северно од Мексико, и од бреговите на Атлантикот до бреговите на Тихиот Океан. Присутна е во голем број американски држави и во сите канадски области. Ова мечка живее во шумите и на планините. Во минатото популацијата на црните мечки изнесувала одприлика 2 милиони единки. Денес, овој вид е заштитен и се проценува дека има помеѓу 500 000 и 750 000 црни мечки на овој континент. Ова животно, кое е помало од Кафеавата и белата мечка, има крзно кое е со темна боја која варира во зависност од регионот во кој ги среќаваме (од црна до бела, преку црвеникава и сребрено сива). Постојат 16 подвида кои ги нарекуваме со името црни мечки. Црните мечки не хибернираат строго како останатите туку се наоѓаат во состојба на длабок сон (сомноленција) и преживуваат благодарејќи на мастите кои ги акумулираат за време на есента. И овој вид како и останатите мечки спаѓа во сештојади, иако во неговата исхрана доминираат растенијата. Црните мечки се одлични пливачи и многу успешно се качуваат на дрвјата за да избегнат опасност. Овие мечки долго време биле ловени поради нивното крзно, а денес се соочуваат со друг проблем – намалување на површините на нивното природно живеалиште.

Физички одлики[уреди | уреди извор]

Црните мечки вообичаено се со должина од 140–200 cm[1]. Нивната тежина зависи од возраста на единката, од полот и од годишното време: во есен, црните мечки се дебелеат за да создадат резерви на масти кои ги користат преку зимата. Женките тежат од 40 до120 кг (во просек 70-80 кг), додека мажјаците тежат помеѓу 115 и 275 кг (во пресек околу 120 кг[2]). Во Северна Каролина бил пронајден мажјак кој тежел дури 400 кг[3].

Бојата на крзното варира од црна до бела поминувајќи низ разни нијанси. Чоколадна, кафена, боја на ванила се најчестите бои во шумите во Западна Америка и Канада. На југот на Алјаска и во Британска колумбија живее Кермодовата мечка (наречена мечка-дух[4]), подвид на црната мечка која има кремасто-бела боја. На Алјаска живеат и мечки со сивкасто крзно[5]. Албино мечки се сретнуваат многу ретко. Некои единки поседуваат бели дамки на вратот или на градите. Густото крзно на овие мечки ги штити од убоди од инсекти и од студените зими.

Црните мечки се способни да се држат исправено и да одат на задните нозе кои се малку подолги (13–18 cm[6]) од предните. Секоја шепа има 5 прсти со нокти кои им служат кинење, копање и качување по дрвја. Еден удар со шепата е доволен да усмрти елен.

Овој вид на мечки поседуваат мали кафени очи, заоблени уши, долга зашилена муцка со кафеава боја, издолжени ноздри и релативно кратка опашка (8–14 cm). Видот не им е многу остар, но истражувањата покажуваат дека се способни да разликуваат бои[3]. За разлика од видот, слухот и осетот за мирис им се многу поразвиени. Формата на главата и шилестата муцка ги разликуваат од Гризлито кое исто така живее во Северна Америка[7]


Одлики на Белата, Кафеавата и Црната мечка
A : глава на Бела мечка B : предна шепа C : задна шепа
D : глава на Кафеава мечка E : предна шепа F : задна шепа
G : глава на Американска црна мечка H : предна шепа I : задна шепа

Живеалиште[уреди | уреди извор]

Црните мечки го зафаќаат просторот од Алјаска до Мексико и од Атлантикот до Тихиот Океан. Иако претпочитаат шуми, можат да се адаптираат на различни клими и природни средини: ги среќаваме во суптропските шуми на југоистокот на САД (Алабама, Флорида...), на високите планини на надморска висина од 900 до 3000 метри[1], но и во тундрите на Лабрадор[4]. Исто така, живеат и во мешаните шуми во југоисточна Канада и североисток на САД.

На крајот од зимата, црните мечки ги напуштаат нивните скривалишта и тргнуваат во потрага по храна во долините. Колку повеќе се приближува летото, тие се качуваат на повисоки надморски височини[8]. Шумите претставуваат одлично место каде овие мечки се кријат и го избегнуваат силното сонце.

Исхрана[уреди | уреди извор]

Црните мечки се сештојади: растенијата претставуваат 75% од нивната исхрана[4]. Се хранат со тревки, желади и различни плодови (лешници, бобинки, боровинки, шипинки, јаболки...). Исто така се хранат и со инсекти (термити, мравки, пчели, оси ...). Многу ретко се случува да нападнат глодачи или срни. Овој начин на исхрана го надополнуваат со лосос, пастрмка, краби, а исто така се и љубители на медот. Понекогаш се случува да се доближат до населби на човекот за да најдат храна. Се случува да нападнат овци или прасиња доколку не можат да најдат никаква друга храна. Мечките мораат да складираат резерви на масти за да ја преживеат зимата. Во есен, тие дневно конзумираат дури 20 000 калории[6].

Репродукција[уреди | уреди извор]

Млади мечиња (Ursus americanus)

Женките достигнуваат полова зрелост помеѓу 2 и 9 години, спротивно на мажјаците кај кои половата зрелост е 3 и 4 години[1]. Црните мечки се парат на две до три години, за време на мај и јуни[8] (до месец август за мечките кои живеат во источните шуми). Носењето на малечките трае 6 до 7 месеци[8]. Развитокот на ембрионот започнува 10 недели по оплодувањето, со што се избегнува раѓање на младите во ноември[9]. Младите мечиња се раѓаат во дувлото помеѓу крајот на ноември и февруари[8]. Мечката носи на свет едно или две мечиња. Секое тежи помеѓу 200 и 450 грама (350 грама во просек[4]) и е со големина од 15–20 cm. Младенчињата се раѓаат без крзно, со сини очи и слепи[3]. Се хранат со мајчино млеко, и остануваат во пештерата преку целата зима. Мечките се продуваат во седечка положба.

Кога на пролет ќе излезат од дувлото, младите тежат помеѓу 2 и 5 килограми. Тие прекинуваат да цицаат во 6-8 месец, но остануваат со мајката до возраст од 16 или 17 месеци[7] (понекогаш дури и 29). За тоа време, мајката ги учи да ловат, да бараат храна, но и да се качуваат на дрвјата за да ги избегнат грабливциите.

Мажјаците живеат одвоено и покриваат територии од 50 до 150 km2, опфаќајќи ги териториите на кои живеат женките. Мажјаците не учестуваваат во одгледувањето на младите.

Однесување[уреди | уреди извор]

Мечките се одлични пливачи

И покрај нивната големина, црните мечки се изненадувачко подвижни. Во зависност од сезоната се селат во потрага по храна. Овие мечки лесно се качуваат по дрвјата за да избегнат опасност, благодарение на нивните силни грбни мускули и канџите. Можат да трчаат со брзина од 55 километри на час[7], но се и одлични пливачи (можат да препливаат езерце за да стигнат до остров).

Црната мечка претежно е самостојно животно, освен во сезоната за парење и во случај на мајка со младенчиња. Мечките може повремено да се групираат во области каде има храна во изобилство.

Најчесто се движат дење, освен во зони каде има луѓе, тогаш ја претпочитаат ноќта за да ги избегнат. Спротивно на глобалното мислење, нападите од црна мечка се многу ретки: само 36 смртни напади се регистрирани за време на целиот 20 век[1].

Мажаците за време на сезоната за парење комуницираат со гребење на дрвјата со своите канџи. Истиот принцип на гребење но и својот мирис, ги користат за означување на територијата. Овие територии варираат помеѓу 20 и 100 km2[4], и опфаќаат територија на која живеат повеќе женки.

Во случај на опасност, младенчињата испуштаат крици слични на плачење. Мечките исто така комуницираат и со изрази на лицето и специфични позиции. Тие се исправаат на задните нозе доколку осеќаат опасност или специфичен мирис.

Овој вид на мечки спаѓаат во групата на најинтелигентните цицачи[3] и многу често се дресирани за циркуски изведби. Нивниот мозок е релативно голем во споредба со големината на нивното тело.

Црните мечки ја поминуваат зимата во состојба на длабок сон, што значи дека можат да реагираат доколку се нападнати од некое друго животно. Со намалувањето на денот, тие почнуваат да лачат хормон кој делува како средство за успивање. Срцевиот ритам поминува од 50 на 10 удари во минута[10]. Температурата на телото се намалува на помалку од 31 степен Целзиусов (6,8 степени помалку од телесната температура во летниот период[3]). Тие ја поминуваат целата зима без јадење, пиење, уринирање или дефекација. Овој период на преспивање трае 4 до 7 месеци, помеѓу октомври и мај. Должината зависи од климата: колку зимата е подолга толку се продолжува периодот на сон. Мечката губи до 30 % од тежината за време на зимата[7].

Опасности[уреди | уреди извор]

Историја[уреди | уреди извор]

Британската армија


Пред пристигнувањето на Европејците, Индијанците ги левеле мечките за време на зимскиот период. Од мечките се снабдувале со месо, маст и крзно. Воините носеле ланчиња од мечкини нокти околу вратот и поради суеверие никогаш не го изговарале името[11], а ловците морале да побараат прошка пред да убијат мечка. Ова животно го среќаваме на тотемите преку кои му се искажува огромна почит. За време на одредени церемонии бил изведуван и танц на мечките.

На крајот на 17 век, Хадсонс беј компани (Hudson’s bay company) ги поддржувала индијанците да почнат трговија со мечкино крзно[12]. Црните мечки биле убивани и поради производството на славните капи на британската гарда. Убивањето поради крзното, големата смтрност поради удари од автомобил и ловот се остро критикувани од асоцијацијата за заштита на животните ПЕТА.

Грабливци и смртност[уреди | уреди извор]

Во природата природниот век во просек изнесува 10 години, но некогаш достигнува максимум и до 30 години. Денес се проценува дека има помеѓу 500 000 и 750 000 црни мечки на американскиот континент. Малиот број на потомство и доцната полова зрелост се опасност за опстанокот на видот.

Главните причини за смртноста се судирите со автомобили или ловот. Овие мечки можат да бидат плен на волкот, пумата, рисот, којотот, кафеавите мечки и доколку има недостаток од храна – на мажјаци црни мечки. Младите мечки можат да умрат од глад или од пад од дрво. Младите кои се одвоени предвреме од својата мајка умираат за многу кратко време.

Ловот на црни мечки продолжува и денес, понекогаш само поради трофеј, но и поради нивното месо во Канада и Алјаска. Околу 30 000 црни мечки годишно[1] се убиваат во Северна Америка, но ловот е екстремно регулиран.

Главни паразити кои ги среќаваме кај овој вид се тенијата, глисти и тришела. Тие исто така можат да се разболат од туберкулоза, артритис или бронхо-пнеумонија[13]. Популациите во западен САД сѐ уште се многубројни, додека на истокот од земјата тие опасно се намалуваат. Последните мечки живеат претежно на планините и во националните паркови и резервати.

Ситуацијата на мечките зависи од подвидот и од регионот во кој живеат. Мечките на Флорида (Ursus americanus floridanus) е класифициран како загрозен вид[8]. Студиум направен во Калифорнија во 1998 проценува дека има помеѓу 17 000 и 23 000 црни мечки во земјата. Оваа популација моментално е стабилна.

Заштита во националните паркови[уреди | уреди извор]


Во националниот парк Јосемити во Калифорнија, популацијата на црни мечки е проценета на 300-500 единки[14]. Ренџерите проценуваат дека има околу петнаесетина во Долината на Јосемити, секторот најпосетен од туристите. Црните мечки лесно се привикнуваат на присуството на човекот. Тие може да влезат во кампинзите и во паркираните коли во потрага по храна. Најчестите напади се од мечки кои биле хранети од луѓето. Затоа, денес, постојат многу информациски табли на кои е означено дека строго се забранува хранење на диви животни.

Во Националниот парк Јелоустоун има околу 600 црни мечки[15]. На исток се наоѓа националниот парк Грејт Смоуки Маунтинс, со популација од 400-600 мечки[16].

Во Њу Хемпшир природонаучникот Кен Килијан отворил засолниште каде се згрижуваат повредени црни мечки и напуштени или изгубени младенчиња[17]. Слично искуство имаат и во Минесота каде 3000 мечки живеат во Националната шума Супериор[15].

На Флорида се поставени биолошки коридори и екодукти за да се спречи изумирањето на црните мечки.

Црните мечки се заштитени со закон во повеќе американски држави како Луизијана, Мисисипи и Тексас. Убиството на мечка е казниво со голема парична казна и казна затвор.

Класификација и подвидови[уреди | уреди извор]

Име[уреди | уреди извор]

На англиски овој вид се нарекува American Black Bear, Black bear или Cinnamon Bear (cinnamon значи цимет) за мечките со црвеникава боја. Исто така се нарекуваат и со името Барибал (Baribal).

Кермодова мечка

Подвидови[уреди | уреди извор]

Постојат 16 подвида на северноамериканскиот континент:

Занимливости[уреди | уреди извор]

Тотемот на индијанците од племето Ojibwés е црната мечка.

Во 1902, американскиот претседател Теодор Рузвелт бил на лов на ганицата помеѓу државите Мисисипи и Луизијана. За време на ловот тој одбил да застрела повредена црна мечка. Приказната била објавена во Вашингтон Пост. За кратко врме анегдотата станала популарна. Двајца руски емигранти, создале играчка плишено мече и го нарекле Теди, деминутив од името Теодор, во чест на случката на дваесет и шестиот американскиот претседател.

Црната мечка е една од трите маскоти на Зимските олимписки игри 2002 година во Солт Лејк Сити, наречена Коал.

Christopher Robin Milne му го дал името на Вини-д-Пу (Winnie-the-Pooh) по Винипег, црна американска мечка која заедно со татко му често оделе да ја видат во лондонската зоолошка градина.

Во август 2004, една црна мечка била пронајдена под дејство на алкохол откако испила 36 лименки пиво. Таа го отворила ладилникот на кампер во државата Вашингтон (северозапад на САД) и со помош на своите канџи успеала да ги отвори лименките.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 (англиски) „Ursus americanus“.
  2. (англиски) „Ursus americanus“. Архивирано од изворникот на 2016-03-06. Посетено на 2008-11-01.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 (англиски) „Факти за Американска црна мечка“. Архивирано од изворникот на 2007-09-28. Посетено на 2008-11-01.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Catherine et Rémy Marion, Cap sur les ours, Paris, Nathan, 1997, стр. 36
  5. Catherine et Rémy Marion, Cap sur les ours, Paris, Nathan, 1997, стр. 38
  6. 6,0 6,1 Catherine et Rémy Marion, Cap sur les ours, Paris, Nathan, 1997, стр. 41
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 (француски) „Американски црни мечки“. Архивирано од изворникот на 2007-10-09. Посетено на 2008-11-01.
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 (англиски) „WILDLIFE SPECIES: Ursus americanus“.
  9. Catherine et Rémy Marion, Cap sur les ours, Paris, Nathan, 1997, стр. 16
  10. Catherine et Rémy Marion, Cap sur les ours, Paris, Nathan, 1997, стр. 40.
  11. Catherine et Rémy Marion, Cap sur les ours, Paris, Nathan, 1997, стр. 39
  12. Catherine et Rémy Marion, Cap sur les ours, Paris, Nathan, 1997, стр. 21
  13. Catherine et Rémy Marion, Cap sur les ours, Paris, Nathan, 1997, стр. 17
  14. (англиски) « Bears » Архивирано на 26 јули 2008 г., официјална страна на паркот
  15. 15,0 15,1 Kiki Marmori, Les Ours, Paris, Nathan, 2003, стр. 16
  16. Catherine et Rémy Marion, Cap sur les ours, Paris, Nathan, 1997, стр. 53
  17. Kiki Marmori, Les Ours, Paris, Nathan, 2003, стр. 91

Надворешни врски[уреди | уреди извор]