Spin

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Оваа статија се однесувата на музичко списание. За останати значења видете Спин.

Spin
Главен уредник Даг Брод
Категории Музика
Фреквенција месечно

Издавач

Spin Media LLC
Тираж 450,000 (2007)
Година на основање 1985
Прво издание мај 1985
Земја САД
Јазик англиски
Веб страница spin.com

Spin (Спин) е американско музичко списание. Основано во 1985 од издавачот Боб Гучионе (помладиот), Spin е главен конкурент на лидерот на пазарот, списанието Rolling Stone. Мадона се појавува на насловната страница на првото издание.

Во неговите рани години, списанието е карактеристично поради тоа што врши широко покривање на музичката сцена со нагласување на колеџ рокот и тогашниот подем на хип-хопот. Списанието било разнолико и храбро, и понекогаш непредвидливо. Американскиот пазар во Spin препознал алтернатива за конзервативниот Rolling Stone. Spin нагласено поставувал нови музичари како R.E.M., Принс, Run-D.M.C., Eurythmics, Beastie Boys, и Talking Heads на насловните страни, истовремено правејќи огромни осврти на веќе етаблирани фигури како Боб Дилан, Кит Ричардс, Мајлс Дејвис, Aerosmith, Лу Рид, Том Вејтс и Џон Ли Хукер. Статијата на Барт Бул за Хукер на списанието ќе му ја донесе првата поголема награда.

Поставувањето на црни музичари и на женски музичари на насловната страница во тоа време се сметало за ризик кој може да влијае негативно на продажбата на списанието. Понатаму, списанието било посветено и на долгорочно истражување на кризата со СИДА, во време кога дури и хомосексуалните списанија се дистанцирале од проблемот плашејќи се да не го изгубат приходите од компаниите за реклами. На културно ниво, списанието посветило многу внимание на покривање на жанровите како хардкор панк, кантри и алтернативно кантри, реге и етно музика, експериментален рок, џез со експериментална нишка, сцените во подем, како колеџ рок и андерграунд сцената во 80тите, како и голем број на маргинални жанрови.

Текстуални придонеси од страна на музичари и фигури во културата како Лидија Ланч, Хенри Ролинс, Дејвид Ли Рот, Двајт Јокам, и други се сметале за иновација во тоа време. Списанието исто така известувало за сцените во Остин, или пак, Глазгов, Шкотска, во време кога тие градови не биле препознаени како културни инкубатори. Една статија во 1990 за современиот кантри блуз придонело целата американска јавност да се запознае со музиката на Р.Л. Бурнсајд. Раните години на списанието биле и во знакот на покривање на алтернативните културни феномени како на пр. американската стрип сцена, јапонската манга култура, Твин Пикс, огромни камиони (monster trucks) и сл.

Кон крајот на 1987, таткото на Боб Гучионе - Боб Гучионе (постариот), нагло го затворил списанието, иако 2-годишната дотогашна работа на списанието се сметала за успешна. Гучионе помладиот сепак успеал да регрутира најголем дел од кадар, да обезбеди нови инвеститори и канцеларии, и по едно месечна пауза, Spin се вратил со комбиниран ноемвриско-декемвриски двоброј.

Во 1997, Гучионе го продал списанието на Miller Publishing (Милер Паблишинг). Во февруари 2006, Miller Publishing го продал списанието за помалку од 5 милиони американски долари на McEvoy Group LLC, компанија основана во Сан Франциско, и сопственик на Chronicle Books (Кроникл Букс). [1] Оваа компанија ја основала денешната Spin Media LLC како холдинг компанија. Новите сопственици го смениле уредникот (од 2002) Саја Мишел, со Енди Пембертон, поранешен уредник на музичкото списание Blender. Првото и единствено издание во кој тој е главен уредник, е изданието од јули 2006, со Бијонсе на насловната страница. Веднаш потоа, неговото место го зазема денешниот главен уредник, Даг Брод.

За 20 годишнината на Spin, издадена е книга која претставува хроника на последните две декади во музиката. Книгата има есеи за Бритпопот, гранџот, емо и многу други видови на музика, како и текстови за групи како Marilyn Manson, Nirvana, Weezer, Nine Inch Nails, Limp Bizkit, и The Smashing Pumpkins.

Во февруари 2008, Spin издава дигитално издание достапно преку Texterity.

Некои поважни соработници на списанието се Дејв Егерс, Чак Клостерман, Бајрон Коли, Ким Френс, Тад Френд, Елизабет Гилберт, Енди Гринволд, Вилијам Т. Волман, Вил Хермес, Дејв Ицкоф, Дејвид Буржуа, Џон Лиленд, Барт Бул, Грејл Маркус, Мет Грејнинг, Глен О'Брајен, Норман Мејлер, Р. Мелцер, Карен Шемер, Вилијам Бароуз, Антон Корбејн, Боб Груен, Роберта Бејли, Џон Долан, Џонатан Ејмс, Строубери Саројан, Пол Бехан (основач на Manimal Vinyl), Mајкл О'Донохју, Бенц Малоун, и Марк Спиц.


Наводи[уреди]

  1. George Raine. „S.F. group buys 20-year-old rock music magazine Spin“, San Francisco Chronicle, 1 март, 2006 (конс. 17 октомври 2007).